Вистинското христијанство цвета
СЛУЖБАТА на Исус Христос се појавила на светската сцена во првиот век. Неговата порака освежувала, просветлувала и подбудувала на начин што ги оставал луѓето вчудовидени. Мнозина од оние што го чуле како говори биле длабоко трогнати од неговите зборови (Матеј 7:28, 29).
Исус бестрашно одбил да се вмеша во угнетувачкиот црковен и политички систем во негово време, но бил пристаплив за обичниот човек (Матеј 11:25—30). Тој отворено потврдил дека злобните духови имаат распространето влијание над земјата и покажал дека има моќ над нив што му била дадена од Бог (Матеј 4:2—11, 24; Јован 14:30). Исус вешто ја разјаснил суштинската врска помеѓу страдањето и гревот, и на љубезен начин укажал дека Божјето Царство ќе донесе трајно ослободување (Марко 2:1—12; Лука 11:2, 17—23). Еднаш засекогаш го тргнал превезот на темнина што толку долго ја сокривал вистинската личност на неговиот Татко, објавувајќи им го Божјето име на сите што биле заинтересирани да имаат личен однос со Него (Јован 17:6, 26).
Затоа, не изненадува тоа што и покрај силното религиозно и политичко прогонство, учениците на Исус брзо ја ширеле неговата силна порака. За само 30-ина години, во Азија, во Африка и во Европа биле формирани напредни собранија (Колошаните 1:23). Едноставните вистини за кои поучувал Исус ги просветлиле срцата на понизните, чесни луѓе низ целата Римска Империја (Ефешаните 1:17, 18).
Меѓутоа, како ќе се собереле сите овие нови ученици од толку различно економско, културно, јазично и религиозно потекло во вистински обединета „една вера“, како што апостол Павле ја нарекол? (Ефешаните 4:5). Што ќе ги одржувало да ,зборуваат сложно‘ за да не се разединуваат? (1. Коринќаните 1:10). Со оглед на сериозната разединетост меѓу оние што денес се изјаснуваат како христијани, ќе биде добро да испитаме за што поучувал самиот Исус.
Темелот за христијанско единство
Кога бил изведен на суд пред Понтиј Пилат, Исус кажал кој е темелот за христијанско единство. Тој рекол: „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината. Секој кој е на страна на вистината, го слуша мојот глас“ (Јован 18:37). Според тоа, тоа што ги прифаќаат Исусовите учења заедно со остатокот од Божјата инспирирана реч, Библијата, има силно обединувачко влијание врз вистинските ученици на Христос (1. Коринќаните 4:6; 2. Тимотеј 3:16, 17).
Се разбира, меѓу учениците на Исус понекогаш ќе имало искрени прашања или несогласувања. Што тогаш? Исус објаснил: „Кога ќе дојде тој, духот на вистината, ќе ве упати во сета вистина, зашто нема да зборува на сопствен поттик, туку ќе го зборува она што го слуша, и ќе ви го објави она што доаѓа“ (Јован 16:12, 13). Според тоа, Божјиот свет дух требало да ги оспособи вистинските ученици на Исус да ја сфатат вистината додека Бог постепено ја разоткривал. Исто така, тој дух требало да создаде плодови, како што се љубов, радост и мир, кои, пак, од своја страна, унапредувале единство меѓу нив (Дела 15:28; Галатите 5:22, 23).
Исус не дозволил неслога или фракции меѓу неговите ученици; ниту, пак, ги овластил да ги толкуваат библиските вистини на тој начин што ќе ги ускладат со културните и религиозните традиции на оние на кои ќе наиделе. Наместо тоа, последната вечер со нив тој горливо се молел: „Не те молам само за нив, туку и за оние кои веруваат во мене преку нивната реч; за да бидат сите едно, како што ти, Татко, си во обединетост со мене и јас во обединетост со тебе, така и тие да бидат во обединетост со нас, за светот да верува дека ти ме испрати“ (Јован 17:20, 21). Значи, уште од почетокот, па сѐ до нашево време, вистинското единство во дух и во вистина требало да биде обележје на Христовите ученици (Јован 4:23, 24). Сепак, денешните цркви не се обединети туку поделени. Зошто е тоа така?
Зошто црквите се поделени
Наједноставното објаснување за големата разноликост од верувања и обичаи меѓу оние што денес се изјаснуваат како христијани е дека тие не се придржуваат за учењата на Исус. Еден писател забележал: „Како и во минатото, денешните нови христијани се склони да го прифатат од Библијата она што им одговара на нивните потреби — и да го игнорираат сето она што не е во склад со нивите изворни религиозни традиции“. Ова е токму она што Исус и неговите апостоли предвиделе дека ќе се случи.
На пример, апостол Павле под инспирација му напишал на својот пријател кој бил надгледник Тимотеј: „Ќе дојде период кога нема да го поднесуваат здравото учење, туку според своите сопствени желби ќе си насоберат учители да им ги скокоткаат ушите; па ќе ги одвраќаат своите уши од вистината, а ќе се свртат кон лажни прикаски“. Дали ова значи дека сите христијани ќе бидат заведени? Не. Павле продолжил: „Ти, пак, биди трезвен во сѐ, трпи зло, врши го делото на евангелизатор, потполно извршувај ја својата служба“ (2. Тимотеј 4:3—5; Лука 21:8; Дела 20:29, 30; 2. Петрово 2:1—3). Тимотеј и други верни христијани живееле според тој инспириран совет.
Вистинските христијани сѐ уште се обединети
Како Тимотеј, вистинските христијани денес се трезвени на тој начин што го отфрлаат човечкото резонирање и за своите доктринарни верувања го прифаќаат само авторитетот на Библијата (Колошаните 2:8; 1. Јованово 4:1). Имитирајќи ги христијаните од првиот век, Јеховините сведоци ја извршуваат својата служба во преку 230 земји и им ја носат на луѓето насекаде првобитната порака на Исус, добрата вест за Царството. Разгледај четири начини на кои обединето го имитираат Исус и практикуваат вистинско христијанство без оглед на тоа каде живеат.
Нивните верувања се темелат на Божјата реч (Јован 17:17). Еден парохиски свештеник од Белгија за нив напишал: „Една работа што можеме да ја научиме од нив [Јеховините сведоци] е нивната спремност да ја слушаат Божјата реч и нивната храброст да сведочат за неа“.
Се надеваат на Божјето Царство за ослободување од светските проблеми (Лука 8:1). Во Баранквила (Колумбија), еден Сведок разговарал со Антонио, кој цврсто поддржувал едно политичко движење. Сведокот не застанал на негова страна ниту, пак, се залагал за некоја друга политичка идеологија. Наместо тоа, му понудил на Антонио бесплатно да ја проучува Библијата со него и со неговите сестри. Наскоро Антонио сфатил дека Божјето Царство навистина е единствената надеж за сиромашните во Колумбија и во целиот свет.
Го слават Божјето име (Матеј 6:9). Кога Јеховините сведоци првпат ја посетиле Марија, искрена католичка што живее во Австралија, таа им дозволила да ѝ го покажат Божјето име во Библијата. Како реагирала? „Кога првпат го видов Божјето име во Библијата, заплакав. Бев толку трогната од спознанието дека всушност можам да го знам и да го користам личното име на Бог.“ Марија продолжила да ја проучува Библијата и за првпат во својот живот го запознала Јехова како личност и можела да изгради траен однос со него.
Ги обединува љубовта (Јован 13:34, 35). Во еден уреднички осврт во The Ladysmith-Chemainus Chronicle од Канада се коментира: „Без оглед на вашите религиозни уверувања, или недостигот од нив, морате да им оддадете признание на 4.500-те Јеховини сведоци кои дење-ноќе работеа во изминатава седмица и пол за да изградат Собирна сала од 2.300 квадратни метри во Касиди . . . Да се направи тоа со радост, без расправии, несогласувања или грабање по лична слава е обележје на вистинско христијанство“.
Значи, разгледај ги доказите. Додека теолозите, мисионерите и посетителите на црквите на христијанскиот свет продолжуваат да се борат со бурата од контроверзии што е на повидок во нивните цркви, вистинското христијанство цвета насекаде во светот. Навистина, вистинските христијани ја извршуваат својата доделена служба да проповедаат и да поучуваат за Божјата реч (Матеј 24:14; 28:19, 20). Ако си меѓу оние што „тажат и плачат“ поради одвратните работи што сега се случуваат и оние што се вознемирени од неединството меѓу религиите на христијанскиот свет, те покануваме да им се придружиш на Јеховините сведоци во обединето христијанско обожавање на единствениот вистински Бог, Јехова (Езекиел 9:4; Исаија 2:2—4).