Божјиот народ мора да ја сака љубезноста
„Што бара Јехова од тебе, освен да постапуваш праведно, да ја љубиш добротата и скромно да одиш со својот Бог?“ (МИХЕЈ 6:8, NW).
1, 2. а) Зошто не треба да нѐ изненади тоа што Јехова очекува од својот народ да покажува љубезност? б) Кои прашања во врска со љубезноста заслужуваат да ги разгледаме?
ЈЕХОВА е Бог на љубезноста (Римјаните 2:4; 11:22). Колку само мора да биле благодарни за тоа првите маж и жена, Адам и Ева! Во градината Еден, тие биле опкружени со видливи созданија што биле доказ за Божјата љубезност кон луѓето, кои можеле да уживаат во нив. А Бог и до ден-денес покажува љубезност кон сите, дури и кон неблагодарните и злобни луѓе.
2 Бидејќи се создадени по Божји лик, луѓето можат да ги одразуваат Божјите особини (Битие 1:26). Не изненадува тоа што Јехова очекува од нас да покажуваме љубезност. Како што стои во Михеј 6:8 (NW), Божјиот народ мора да ја сака добротата, која е тесно поврзана со љубезноста. Но, што е љубезност? Во каква врска е со другите Божји особини? Со оглед на тоа што луѓето можат да покажуваат љубезност, зошто светот е толку суров и груб? Зошто треба ние како христијани да настојуваме да постапуваме љубезно со другите?
Што е љубезност?
3. Како би ја дефинирал љубезноста?
3 Христијанската љубезност се покажува со активен интерес за доброто на другите. Може да се види во добрите дела и во обѕирните зборови. Да се биде љубезен значи да се прави добро, а не работи што можат да наштетат. Љубезниот човек е пријателски настроен, нежен, сочувствителен и мил. Тој има великодушен, обѕирен став кон другите. Апостол Павле ги опоменал христијаните: „Според тоа, како Божји избрани, свети и љубени, облечете се во нежна наклоност на сочувство, љубезност, понизност на умот, благост и долготрпеливост“ (Колошаните 3:12). Значи, љубезноста е дел од симболичната облека на секој вистински христијанин.
4. На кој начин Јехова прв покажал љубезност кон луѓето?
4 Јехова Бог прв покажал љубезност. Како што рекол Павле, „нашиот Спасител, Бог, ја покажа својата љубезност и љубовта кон човекот“ со тоа што „нѐ спаси преку капењето кое нѐ доведе во живот и со тоа што нѐ обнови преку светиот дух“ (Тит 3:4, 5). Бог ‚ги капе‘, односно ги очистува помазаните христијани во Исусовата крв, применувајќи ја вредноста на Христовата откупна жртва во нивна корист. Исто така, тие се обновени преку светиот дух, станувајќи „ново создание“ како Божји синови родени со дух (2. Коринќаните 5:17). Освен тоа, Бог покажал љубезност и љубов и кон „едно големо мноштво“ луѓе, кои ‚ги испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘ (Откровение 7:9, 14; 1. Јованово 2:1, 2).
5. Зошто оние што се водени од Божјиот дух треба да покажуваат љубезност?
5 Освен тоа, љубезноста е еден од плодовите на Божјиот свет дух, односно активна сила. Павле рекол: „Плодовите на духот се љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување. Против такви работи нема закон“ (Галатите 5:22, 23). Тогаш, зарем оние што се водени од Божјиот дух не треба да покажуваат љубезност кон другите?
Вистинската љубезност не е слабост
6. Кога љубезноста е слабост, и зошто?
6 Некои луѓе мислат дека љубезноста е слабост. Тие сметаат дека човек мора да биде строг, понекогаш дури и груб, за да можат другите да видат колку јак карактер има тој. Но, всушност, човек покажува дека има јак карактер баш кога е вистински љубезен и кога не покажува неисправна љубезност. Бидејќи вистинската љубезност е еден од плодовите на Божјиот дух, таа не може да биде еден слаб, попустлив став кон неисправното постапување. Од друга страна, неисправната љубезност е слабост што го тера човек да премине преку престапувањето.
7. а) На кој начин Илија постапил попустливо? б) Зошто старешините мораат да внимаваат да не покажуваат неисправна љубезност?
7 На пример, размисли за Илија, кој бил првосвештеник во Израел. Тој пропуштил строго да ги укори своите синови, Офни и Финес, кои служеле како свештеници во шаторот. Тие не биле задоволни со делот од жртвата што им следувал според Божјиот закон. Затоа му наредиле на помошникот да му побара на човекот што ја принесувал жртвата да му даде живо месо од неа уште пред да биде изгорено салото на жртвеникот. Освен тоа, синовите на Илија имале неморални односи со жените што служеле на влезот од шаторот. Но, наместо да ги отпушти од служба, Илија само благо ги прекорил Офни и Финес (1. Самоил 2:12—29). Не е никакво чудо што „во она време Господ ретко им зборуваше на луѓето“! (1. Самоил 3:1). Христијанските старешини мораат да внимаваат да не почнат да покажуваат неисправна љубезност кон престапниците што би можеле да ја загрозат духовноста на собранието. Вистинската љубезност не е слепа за злобните зборови и дела со кои се прекршуваат Божјите мерила.
8. На кој начин Исус покажал вистинска љубезност?
8 Нашиот Пример, Исус Христос, никогаш не покажувал неисправна љубезност. Тој бил олицетворение на вистинската љубезност. На пример, ‚се сожалил на луѓето бидејќи биле одрани и расеани како овци без пастир‘. Луѓето со искрени срца се чувствувале слободни да му пристапат на Исус, дури и да ги доведат кај него своите мали деца. Помисли само на сочувството и љубезноста што ги покажал кога ‚ги зел децата в прегратка и почнал да ги благословува‘ (Матеј 9:36; Марко 10:13—16). Но, иако Исус бил љубезен, тој сепак зазел цврст став за она што било исправно во очите на неговиот небесен Татко. Исус никогаш не преминувал преку злото; Бог му дал сила да ги осуди лицемерните верски водачи. Како што е запишано во Матеј 23:13—26, тој неколкупати ги повторил зборовите: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери!“
Љубезноста и другите Божји особини
9. На кој начин љубезноста е поврзана со долготрпеливоста и добротата?
9 Љубезноста е поврзана и со други особини што се плодови на Божјиот дух. Таа е наведена помеѓу ‚долготрпеливоста‘ и ‚добротата‘. Всушност, човекот што негува љубезност ја покажува оваа особина со тоа што е долготрпелив. Тој е стрплив дури и со оние што не се љубезни. Љубезноста е поврзана со добротата во тој поглед што честопати се покажува со добри дела во корист на другите. Понекогаш, грчкиот збор што во Библијата се користи за „љубезност“ може да биде преведен со „доброта“. Тоа што раните христијани ја покажувале оваа особина толку ги импресионирало паганите што тие, како што наведува Тертулијан, велеле дека следбениците на Исус се ‚чиста љубезност‘.
10. Како се поврзани љубезноста и љубовта?
10 Љубезноста е поврзана и со љубовта. Во врска со своите следбеници, Исус рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:35). А за оваа љубов, Павле рекол: „Љубовта е долготрпелива и љубезна“ (1. Коринќаните 13:4). Љубезноста е поврзана со љубовта и во изразот „лојална љубов“, кој често се користи во Писмото. Тоа е љубезност што извира од лојалната љубов. Хебрејската именка преведена со „лојална љубов“ вклучува повеќе отколку само нежна наклоност. Тоа е љубезност што со љубов се приврзува за нешто или за некого сѐ додека не се исполни нејзината намера во врска со тоа. Јеховината лојална љубов се манифестира на различни начини. На пример, се гледа во неговите дела на избавување и заштита (Псалм 6:4; 40:11; 143:12).
11. Каква гаранција ни дава Божјата лојална љубов?
11 Јеховината лојална љубов ги привлекува луѓето кон него (Еремија 31:3). Кога на Божјите верни слуги им треба избавување или помош, тие знаат дека тој навистина ќе покаже лојална љубов кон нив. Таа љубов нема да ги изневери. Затоа, можат да се молат со вера, како што се молел и псалмистот: „Јас се надевам на Твојата милост; моето срце ќе се радува во Твоето спасение“ (Псалм 13:5). Бидејќи Божјата љубов е лојална, неговите слуги можат да имаат целосна доверба во него. Тие го имаат следново уверување: „Господ нема да го отфрли Својот народ и не ќе го напушти Своето наследство“ (Псалм 94:14).
Зошто светот е толку суров?
12. Кога и како започнала да постои угнетувачката влада?
12 Одговорот на ова прашање е поврзан со она што се случило во градината Еден. Уште во почетокот на човечката историја, едно духовно суштество што станало себично и вообразено почнало да го спроведува својот план да стане владетел на светот. Како резултат на неговата сплетка, тој навистина станал ‚владетел на овој свет‘ — и тоа многу угнетувачки владетел (Јован 12:31). Станал познат како Сатана Ѓаволот, најстариот противник на Бог и на човекот (Јован 8:44; Откровение 12:9). Неговата себична завера со која сакал да воспостави своја влада, соперничка на Јеховиното љубезно владетелство, била разоткриена кратко по создавањето на Ева. Така, лошото владеење започнало кога Адам го избрал патот на независност од Божјата влада и сосема ја отфрлил Неговата љубезност (Битие 3:1—6). Наместо да владеат сами, како што си мислеле, Адам и Ева се нашле под себичното и гордо влијание на Ѓаволот и станале поданици на неговата влада.
13-15. а) Кои биле некои последици од отфрлањето на Јеховиното праведно владетелство? б) Зошто овој свет е толку груб?
13 Да разгледаме некои од последиците. Адам и Ева биле истерани од еден дел од Земјата што бил рај. Од еден раскошен предел каде што во секој момент имале на дофат хранливи растенија и плодови, тие се нашле во тешката ситуација што владеела надвор од градината Еден. Бог му рекол на Адам: „Затоа што го послуша гласот на својата жена, та јадеше од дрвото за кое ти заповедав велејќи: ‚Не ќе јадеш од него!‘ Земјата ќе е проклета заради тебе: во мака ќе се храниш од неа сите денови на својот живот! Ќе ти раѓа трње и троскот“. Проклетството што било изречено врз земјата значело дека ќе биде многу тешко таа да се обработува. Потомците на Адам толку многу ги чувствувале последиците од проколнатата земја, полна со трње и троскот, што Ламех, татко му на Ное, зборувал за „напорот на нашите раце, од земјата, која Бог ја проколна“ (Битие 3:17—19; 5:29).
14 Освен тоа, спокојството што го имале Адам и Ева било заменето со страдање. Бог ѝ рекол на Ева: „Ќе ти ги умножам многу маките на твојата бременост, во маки ќе ги раѓаш децата. Твојот копнеж ќе биде кон мажот твој, а тој ќе владее над тебе“. Подоцна, Каин, првородениот син на Адам и Ева, на суров начин го убил својот брат Авел (Битие 3:16; 4:8).
15 „Целиот свет лежи во власта на злобниот“, изјавил апостол Јован (1. Јованово 5:19). Исто како неговиот владетел, светот денес покажува злобни особини во кои спаѓаат себичноста и гордоста. Не е никакво чудо што е исполнет со грубост и суровост! Но, нема засекогаш да остане така. Јехова ќе се погрижи во неговото Царство да царуваат љубезноста и сочувството, а не грубоста и суровоста.
Во Божјето Царство ќе царува љубезноста
16. Зошто љубезноста е карактеристика на Божјето владетелство преку Христос Исус, и на што нѐ обврзува ова?
16 Јехова и Христос Исус, кој е поставен за Цар на Божјето Царство, бараат нивните поданици да бидат познати по својата љубезност (Михеј 6:8). Исус Христос ни помогнал да видиме во кој поглед љубезноста ќе го карактеризира управувањето што му го доверил Таткото (Евреите 1:3). Ова може да се види од Исусовите зборови со кои ги разобличил водачите на лажната религија, кои го оптоварувале народот со тешки товари. Исус рекол: „Дојдете кај мене сите кои се измачувате и кои сте оптоварени, и јас ќе ве освежам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум со благ нарав и понизен во срце, и ќе најдете освежување за своите души. Зашто мојот јарем е благ и мојот товар е лесен“ (Матеј 11:28—30). Голем е бројот на водачи во светот, верски или други, што ги исцрпуваат луѓето оптоварувајќи ги со бескрајни правила и неблагодарни задачи. Сепак, она што Исус го бара од своите следбеници е во склад со нивните потреби и способности. Тоа навистина е еден освежувачки и благ јарем! Зар не сме поттикнати да бидеме како Исус со тоа што ќе покажуваме љубезност кон другите? (Јован 13:15).
17, 18. Зошто можеме да имаме доверба дека оние што владеат со Христос на небото, како и неговите застапници на земјата, ќе покажуваат љубезност?
17 Впечатливите зборови што Исус им ги кажал на своите апостоли истакнуваат колку се разликува владеењето на Божјето Царство од човечкото владеење. Во Библијата стои: „Меѓутоа, меѓу нив [учениците] настана и вжештена препирка околу тоа кој од нив да се смета за најголем. Но тој им рече: ‚Царевите на нациите господарат над нив, и оние кои имаат власт над нив се нарекуваат Добротвори. Но, вие не треба да бидете такви. Туку најголемиот меѓу вас нека биде како најмладиот, а оној кој предводи нека биде како оној кој служи. Зашто кој е поголем, оној кој прилегнал до масата или оној кој служи? Зарем не е оној кој прилегнал до масата? Но јас сум во вашата средина како оној кој служи‘“ (Лука 22:24—27).
18 Човечките владетели се обидуваат да ја покажат својата големина ‚господарејќи над‘ луѓето и настојувајќи да добијат високи титули и сметаат дека тие титули ги прават подобри од оние над кои владеат. Но, Исус рекол дека вистинската големина на човекот е во тоа да им служи на другите — марливо и упорно настојувајќи да им биде од корист. Сите оние што ќе владеат со Христос на небото или што служат како негови застапници на земјата мораат да се трудат да го следат неговиот пример на понизност и љубезност.
19, 20. а) На кој начин Исус покажал колку е голема Јеховината љубезност? б) Како можеме да го имитираме Јехова во покажувањето љубезност?
19 Да разгледаме уште еден совет полн со љубов што го дал Исус. Покажувајќи колку е голема Јеховината љубезност, Исус рекол: „Ако ги љубите оние кои ве љубат вас, каква заслуга имате? Зашто и грешниците ги љубат оние кои нив ги љубат. И ако им правите добро на оние кои вам ви прават добро, каква заслуга всушност имате? Дури и грешниците го прават истото. Исто така ако им позајмувате без камата на оние од кои се надевате да добиете нешто, каква заслуга имате? Дури и грешниците им позајмуваат без камата на грешници за да добијат назад исто толку. Напротив, љубете ги своите непријатели и правете добро и позајмувајте без камата, не надевајќи се на ништо за возврат; и вашата награда ќе биде голема, и ќе бидете синови на Највишиот, бидејќи тој е љубезен спрема неблагодарните и злите. Бидете и понатаму милосрдни, како што вашиот Татко е милосрден“ (Лука 6:32—36).
20 Љубезноста што му е угодна на Бог е несебична. Таа не бара ништо и не очекува ништо за возврат. Јехова љубезно „дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд над праведните и над неправедните“ (Матеј 5:43—45; Дела 14:16, 17). Ако го имитираме нашиот небесен Татко, не само што нема да им правиме никакво зло на неблагодарните луѓе туку ќе им правиме добро, дури и на оние што постапувале како наши непријатели. Ако сме љубезни, им покажуваме на Јехова и на Исус дека сакаме да живееме под Божјето Царство, кога љубезноста и другите Божји особини ќе се проткајуваат во сите меѓучовечки односи.
Зошто да покажуваме љубезност?
21, 22. Зошто треба да покажуваме љубезност?
21 Многу е важно еден вистински христијанин да покажува љубезност. Тоа е доказ дека врз нас дејствува Божјиот дух. Освен тоа, кога покажуваме вистинска љубезност, го имитираме Јехова Бог и Христос Исус. Љубезност се бара и од оние што ќе бидат поданици на Божјето Царство. Затоа, мораме да ја сакаме љубезноста и да научиме да ја покажуваме.
22 Кои се некои практични начини на кои можеме да покажуваме љубезност во нашиот секојдневен живот? Во следната статија ќе ја обработиме таа тема.
Како гласи твојот одговор?
• Што е љубезност?
• Зошто светот е суров и груб?
• Од каде знаеме дека под Божјата влада ќе царува љубезноста?
• ошто е важно да покажуваат љубезност оние што сакаат да живеат под Божјето Царство?
[Слика на страница 13]
Христијанските старешини настојуваат да постапуваат љубезно со стадото
[Слика на страница 15]
Јеховината лојална љубов нема да ги разочара неговите слуги во тешките моменти
[Слики на страница 16]
Јехова љубезно дава сонцето да грее и дождот да паѓа над целото човештво