Зајакнувајте се еден со друг
„Токму тие ми станаа зајакнувачка помош“ (КОЛОШАНИТЕ 4:11).
1, 2. Зошто пријателите го посетувале Павле в затвор и покрај опасностите?
МОЖЕ да биде опасно да му бидеш пријател на некого што чмае в затвор — дури и ако твојот пријател е неправедно осуден. Затворските службеници можеби те гледаат сомнително и внимаваат на секое твое движење за да се осигураат дека нема да направиш некој престап. Според тоа, потребна е храброст за да одржуваш редовни контакти со твојот пријател и да го посетуваш в затвор.
2 Сепак, токму тоа го правеле некои пријатели на апостол Павле пред 1.900 години. Тие не се колебале да го посетуваат Павле кога бил во затворски окови за да му ја дадат потребната утеха и охрабрување и за да го зајакнат духовно. Кои биле тие лојални пријатели? И што можеме да научиме од нивната храброст, лојалност и пријателство? (Пословици 17:17).
„Зајакнувачка помош“
3, 4. а) Кои се петте пријатели на Павле, и што му станале тие? б) Што е „зајакнувачка помош“?
3 Да се вратиме назад некаде во 60 година н.е. Апостол Павле лежи во затвор во Рим поради измислени обвиненија за бунт (Дела 24:5; 25:11, 12). Павле издвојува пет христијани што останале со него: Тихик, неговиот личен пратеник од областа Азија и „сороб во Господ“; Онисим, „верен и љубен брат“ од Колоси; Аристарх, Македонец од Солун и во еден период „созатвореник“ на Павле; Марко, писател на евангелието што го носи неговото име и братучед на Варнава, кој му бил придружник на Павле во мисионерските патувања; и Јуст, еден од оние што работеле „за Божјето царство“ заедно со овој апостол. За овие петмина Павле вели: „Токму тие ми станаа зајакнувачка помош“ (Колошаните 4:7—11).
4 Павле кажал силни зборови во врска со помошта што ја добил од своите лојални пријатели. Тој употребил еден грчки збор (парегорија) што е преведен со изразот „зајакнувачка помош“, кој во Библијата може да се најде само во овој стих. Овој збор има повеќе значења и се користел особено во медицината.a Може да се преведе со ‚успокојување, ублажување, утеха, олеснување‘. На Павле му требало баш такво зајакнување, и тие пет души му го дале токму тоа.
Зошто на Павле му требала „зајакнувачка помош“
5. И покрај тоа што бил апостол, што му било потребно на Павле, и понекогаш што ни е потребно на сите?
5 Можеби некој ќе се изненади од помислата дека на Павле, кој бил апостол, му требало зајакнување. Сепак, тоа му било потребно. Точно е дека Павле имал силна вера и останал жив и покрај големо физичко малтретирање, ‚преку мера добивал удари‘, ‚често бил близу до смртта‘ и трпел други маки (2. Коринќаните 11:23—27). Сепак, и тој бил човек, а кога-тогаш сите луѓе имаат потреба да добијат утеха и да си ја зајакнат верата со помош на другите. Тоа важело дури и за Исус. Во текот на својата последна ноќ, еден ангел му се појавил во Гетсиманија и ‚го зајакнал‘ (Лука 22:43).
6, 7. а) Кој го разочарал, а кој го охрабрил Павле во Рим? б) Какви услуги му правеле на Павле христијанските браќа во Рим, покажувајќи се на тој начин како „зајакнувачка помош“?
6 И на Павле му било потребно зајакнување. Кога пристигнал во Рим како затвореник, не бил баш срдечно дочекан од луѓето од неговиот народ. Општо земено, тие Евреи не биле приемливи за пораката за Царството. Извештајот во Дела вели дека, откако водечките луѓе меѓу Евреите го посетиле Павле во неговиот затвор, „некои почнаа да веруваат во она што беше речено; а други не веруваа. Така, поради тоа што меѓусебно не беа сложни, почнаа да се разотидуваат“ (Дела 28:17, 24, 25). Колку само мора да го болело Павле тоа што тие не ја ценеле Јеховината незаслужена љубезност! Од писмото што го напишал неколку години претходно до собранието во Рим може јасно да се види колку длабоко бил погоден од ова: „Имам голема жалост и непрестајна болка во моето срце. Зашто би сакал јас лично како проколнат да бидам одвоен од Христос во корист на своите браќа [Евреите], своите роднини по тело“ (Римјаните 9:2, 3). Сепак, во Рим тој нашол лојални, вистински пријатели чија храброст и љубов му помогнале да стекне душевен мир. Тие му биле вистински духовни браќа.
7 На кој начин тие пет браќа се покажале како зајакнувачка помош? Тие не го избегнувале Павле затоа што бил во затворски окови. Наместо тоа, спремно и со љубов му правеле лични услуги, вршејќи работи што тој не можел самиот да ги направи затоа што не бил на слобода. На пример, тие пренесувале пораки и ги носеле писмата и усните упатства што ги давал Павле до различни собранија. Исто така, му донесувале на Павле охрабрувачки извештаи за тоа како се браќата во Рим и на другите места. Веројатно му набавувале сѐ што му било потребно, како што се зимна облека, свитоци и прибор за пишување (Ефешаните 6:21, 22; 2. Тимотеј 4:11—13). Сите тие корисни дела го зајакнале и го охрабриле затворениот апостол за да може и тој да им биде „зајакнувачка помош“ на другите, вклучувајќи и цели собранија (Римјаните 1:11, 12).
Како да бидеме „зајакнувачка помош“
8. Каква поука можеме да извлечеме од тоа што Павле понизно признал дека му била потребна „зајакнувачка помош“?
8 Што можеме да научиме од овој извештај за Павле и за петте негови соработници? Да разгледаме посебно една поука: Потребна е храброст и самопожртвуваност за да им помогнеме на другите кога се во неволја. Понатаму, потребна е понизност за да признаеме дека и нам ќе ни биде потребна помош кога ќе се најдеме во неволја. Павле не само што признал дека му била потребна помош туку љубезно ја прифатил и ги пофалил тие што му ја дале. Тој не мислел дека е слабост или понижување да се прифати помош од другите, а и ние не треба да мислиме така. Ако речеме дека никогаш не ни треба зајакнувачка помош, на некој начин ние велиме дека сме повеќе од обични луѓе. Запомни, Исусовиот пример покажува дека е можно дури и еден совршен човек понекогаш да има потреба да вика за помош (Евреите 5:7).
9, 10. Каков добар исход може да има кога некој ќе признае дека му е потребна помош, и како може тоа да влијае врз другите во семејството и во собранието?
9 Кога оние што се на одговорни положби признаваат дека имаат ограничувања и дека се зависни од поддршката на другите, секогаш ќе има добар исход (Јаков 3:2). Кога ќе го признаат тоа, се зајакнува врската меѓу оние што имаат авторитет и оние што му се подложуваат на тој авторитет. Тоа придонесува за срдечна и отворена комуникација. Понизноста на оние што се спремни да прифатат помош служи како пример за другите што се во слична ситуација. Тоа покажува дека оние што предводат се луѓе како и сите други и дека се пристапливи (Проповедник 7:20).
10 На пример, кога децата се соочуваат со проблеми и искушенија може да им биде полесно да прифатат помош од родителите ако знаат дека и нивните родители се соочувале со слични предизвици кога биле деца (Колошаните 3:21). Така, помеѓу родителот и детето може да има отворена комуникација. Тогаш поефикасно можат да се дадат и поспремно можат да се прифатат библиски решенија (Ефешаните 6:4). Слично на тоа, членовите на собранието ќе бидат поспремни да прифатат помош од старешините ако сфатат дека и старешините се справуваат со проблеми, стравови и недоумици (Римјаните 12:3; 1. Петрово 5:3). И во овој случај може да следи добра комуникација, може да се даде библиски совет и може да биде зајакната нечија вера. Запомни, на нашите браќа и сестри денес им е потребна зајакнувачка помош повеќе од кога и да е порано (2. Тимотеј 3:1).
11. Зошто на толку многу луѓе денес им е потребна „зајакнувачка помош“?
11 Без оглед на тоа каде живееме, кои сме или на која возраст сме, сите ние понекогаш ќе се соочиме со стресови во животот. Тоа е нормална работа во денешниот свет (Откровение 12:12). Таквите ситуации што нѐ вознемируваат физички или емоционално, го ставаат на испит квалитетот на нашата вера. Можат да се појават тешки ситуации на работа, на училиште, во семејството или во собранието. Причина може да биде некоја тешка болест или траума од минатото. Колку само ни станува полесно кога брачниот другар, некој старешина или некој пријател љубезно ќе нѐ охрабри со обѕирни зборови и со добри дела! Тоа е вистински мелем на рана! Затоа, ако забележиш дека некој од твоите браќа е во таква состојба, биди му зајакнувачка помош. Или, ако те мачи некој особено тежок проблем, побарај помош од оние што имаат духовни квалификации (Јаков 5:14, 15).
Како може да помогне собранието
12. Што може да направи секој во собранието за да ги зајакне браќата?
12 Сите во собранието, вклучувајќи ги и младите, можат да сторат нешто за да ги зајакнат другите. На пример, твојата редовност на состаноците и во службата на теренот многу придонесува за да се зајакне верата на другите (Евреите 10:24, 25). Твојата постојаност во светата служба е доказ за твојата лојалност на Јехова и покажува дека остануваш духовно буден и покрај проблемите со кои се соочуваш (Ефешаните 6:18). Таквата постојаност може да ги зајакне другите (Јаков 2:18).
13. Зошто некои стануваат неактивни, и што може да се направи за да им се помогне?
13 Понекогаш, притисоците на животот или други проблеми можат да бидат причина некој да забави или да стане неактивен во службата на теренот (Марко 4:18, 19). Можеби неактивните ги нема на собраниските состаноци. Сепак, во своето срце тие веројатно сѐ уште имаат љубов кон Бог. Што може да се направи за да се зајакне нивната вера? Старешините можат љубезно да им понудат помош со тоа што ќе ги посетат (Дела 20:35). Можеби и други членови на собранието ќе бидат замолени да помогнат. Таквите посети полни со љубов можат, на некој начин, да бидат токму тој лек што е потребен за да им се врати силата на оние што се слаби во верата.
14, 15. Каков совет дава Павле во врска со зајакнувањето на другите? Дај пример за едно собрание што го применило неговиот совет.
14 Библијата нѐ опоменува ‚да им зборуваме утешно на депримираните души и да ги поддржуваме слабите‘ (1. Солуњаните 5:14). Можеби тие ‚депримирани души‘ ја губат храброста и не можат да ги совладаат препреките на кои наидуваат без некој да им помогне. Можеш ли ти да ја дадеш таа помош? Изразот „поддржувајте ги слабите“ е преведен со „цврсто да ги држи“ или „да се прилепува“ за слабите. Јехова ги цени и ги сака сите свои овци. Тој не ги смета за безвредни и не сака ниедна од нив да отплови. Можеш ли да му помогнеш на собранието „цврсто да ги држи“ духовно слабите сѐ додека не станат појаки? (Евреите 2:1).
15 Еден старешина посетил едни маж и жена што биле неактивни шест години. Тој старешина пишува: „Љубовта и грижата што целото собрание ги покажа кон нив влијаеја толку силно што ги поттикнаа да му се вратат на стадото“. Што мислела оваа сестра, која порано била неактивна, за посетите од членовите на собранието? Сега таа вели: „Она што ни помогна повторно да станеме активни беше тоа што ниту браќата што нѐ посетуваа ниту сестрите што ги придружуваа не покажаа осудувачки или критизерски став кон нас. Наместо тоа, покажаа големо разбирање и нѐ охрабрија со помош на Писмото“.
16. Кој е секогаш спремен да им помогне на оние на кои им треба зајакнување?
16 Да, искрениот христијанин се радува што може да биде зајакнувачка помош за другите. А како што се менуваат околностите во животот, можеби еден ден браќата ќе треба да прават нешто што ќе нѐ зајакне нас. Но, реално гледано, голема е веројатноста во некои тешки моменти да не ни е достапна помош од ниеден човек. Сепак, има еден Извор на сила што секогаш ни е достапен, има некој што секогаш е спремен да помогне — Јехова Бог (Псалм 27:10).
Јехова — најголемиот Извор на сила
17, 18. На кои начини Јехова го зајакнал својот Син, Исус Христос?
17 Додека бил прикован на столбот, Исус извикнал: „Татко, во твоите раце го доверувам својот дух“ (Лука 23:46). Потоа умрел. Само неколку часа пред тоа, тој бил уапсен и неговите најблиски пријатели го напуштиле и побегнале од страв (Матеј 26:56). Кога Исус останал сам, имал само еден Извор на сила — неговиот небесен Татко. Сепак, не ја положил залудно својата доверба во Јехова. Лојалноста што ја покажал Исус кон својот Татко била наградена кога и Јехова лојално го поддржал него (Псалм 18:25, NW; Евреите 7:26).
18 Во текот на Исусовата служба на земјата, Јехова му дал на својот Син сѐ што му било потребно за да задржи интегритет до последен здив. На пример, веднаш откако Исус се крстил, со што бил означен почетокот на неговата служба, тој го чул гласот на својот Татко, кој го одобрил и ја потврдил својата љубов кон него. Кога на Исус му била потребна поддршка, Јехова испратил ангели да го зајакнат. Кога Исус се соочил со најголемиот испит на крајот од својата служба на земјата, Јехова ги услишил неговите преколнувања и молби. Без сомнение, сето тоа било зајакнувачка помош за Исус (Марко 1:11, 13; Лука 22:43).
19, 20. Како можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе нѐ зајакне во тешките моменти?
19 Јехова сака и за нас да биде главен Извор на сила (2. Летописи 16:9). Вистинскиот извор на сета голема моќ и сила може да ни биде зајакнувачка помош во тешките моменти (Исаија 40:26, ПСП). Поради војните, сиромаштијата, болестите, смртта или нашите сопствени несовршености можеме да се најдеме под огромен притисок. Кога ни се чини дека неволјите во животот се несовладливи како некој ‚силен непријател‘, Јехова може да биде наша сила и моќ (Псалм 18:17; Излез 15:2). Тој има едно моќно средство со кое може да ни помогне — неговиот свет дух. Преку својот дух, Јехова може ‚на заморениот да му ја врати силата‘ за да се подига со „крилја како на орлите“ (Исаија 40:29, 31).
20 Божјиот дух е најмоќната сила во универзумот. Павле изјавил: „За сѐ имам сила со помош на оној кој ми дава моќ“. Да, нашиот небесен Татко кој многу нѐ сака може да ни влее ‚сила која ја надминува нормалната‘ за да ги поднесеме сите болни проблеми сѐ додека не направи „сѐ ново“ во својот ветен Рај што е толку близу (Филипјаните 4:13; 2. Коринќаните 4:7; Откровение 21:4, 5).
[Фуснота]
a Во Вајновиот комплетен толковен речник на зборови од Стариот и Новиот завет (Vine’s Complete Expository Dictionary of Old and New Testament Words) од В. Е. Вајн стои: „Една глаголска форма на зборот [парегорија] означува лекарства што ја смируваат иритацијата“.
Се сеќаваш ли?
• На кој начин браќата во Рим се покажале како „зајакнувачка помош“ за Павле?
• На кој начин ние можеме да бидеме „зајакнувачка помош“ во собранието?
• Зошто Јехова е нашиот најголем Извор на сила?
[Слика на страница 18]
Браќата се покажале како „зајакнувачка помош“ за Павле давајќи му лојална поддршка, охрабрување и грижејќи се за неговите лични потреби
[Слика на страница 21]
Старешините предводат во зајакнувањето на стадото