ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w04 1/10 стр. 14-19
  • „Имајте нежна наклоност еден кон друг“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Имајте нежна наклоност еден кон друг“
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Нежна наклоност и љубов
  • „Поучени од Бог да се љубите еден со друг“
  • Дали треба да ‚се рашириш‘?
  • Отвори си го срцето!
  • „Јас те одобрив“
  • „Јехова е многу нежен во наклоноста“
  • Да се сакаме силно и од срце
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2021
  • Пронаоѓање на клучот за братска наклоност
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • „Имајте нежна наклоност“
    Пејте му фалби на Јехова
  • Како да покажуваш љубов во бракот
    Совети за семејствата
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
w04 1/10 стр. 14-19

„Имајте нежна наклоност еден кон друг“

„Во братската љубов имајте нежна наклоност еден кон друг“ (РИМЈАНИТЕ 12:10).

1, 2. Каков однос имале еден мисионер и Павле со своите браќа?

ВО ТЕКОТ на 43⁠-те години мисионерска служба на Далечниот Исток, Дон бил познат по наклоноста што ја чувствувал кон оние на кои им служел. Сега, додека ја водеше последната битка со болеста, некои од неговите поранешни студенти пропатуваа илјадници километри за да му речат: „Kamsahamnida, kamsahamnida!“ — „Фала, фала!“ на корејски. Нежната наклоност на Дон ги допрела до срце.

2 Примерот на Дон не е единствен. Во првиот век, апостол Павле изразил длабока наклоност кон оние на коишто служел. Тој се давал себеси. Иако бил човек со силни убедувања, исто така бил и нежен и грижлив, „како кога една мајка доилка ги негува своите деца“. На собранието во Солун му напишал: „Имајќи нежна наклоност кон вас, ни беше многу угодно да ви ја дадеме не само Божјата добра вест туку и нашите души, бидејќи ни станавте мили“ (1. Солуњаните 2:7, 8). Подоцна, кога Павле им рекол на ефешките браќа дека нема да го видат повторно, ‚меѓу сите нив настанал голем плач, и му паднале околу вратот на Павле и нежно го бакнувале‘ (Дела 20:25, 37). Очигледно, односот помеѓу Павле и неговите браќа бил подлабок отколку само да имаат иста вера. Тие имале нежна наклоност еден кон друг.

Нежна наклоност и љубов

3. Како се поврзани библиските изрази за наклоност и љубов?

3 Во Писмото, нежната наклоност, сочувството и сомилоста се тесно поврзани со најблагородната христијанска особина — љубовта (1. Солуњаните 2:8; 2. Петрово 1:7). Како фасетите на еден убав дијамант, сите овие побожни особини се во рамнотежа и се надополнуваат една со друга. Тие не ги зближуваат христијаните само еден со друг туку и со нивниот небесен Татко. Затоа, апостол Павле ги поттикнал соверниците: „Вашата љубов нека биде без лицемерство . . . Во братската наклоност имајте нежна наклоност еден кон друг“ (Римјаните 12:9, 10).

4. Што се мисли со изразот „нежна наклоност“?

4 Грчкиот збор што Павле го употребил за „нежна наклоност“ е составен од два дела, едниот значи пријателство а другиот природна наклоност. Како што објаснува еден библиски изучувач, ова значи дека христијаните „треба да се одликуваат со оддаденост што е карактеристична за едно тесно поврзано семејство во кое владеат љубов и заемна поддршка“. Дали го чувствуваш и ти тоа за твоите христијански браќа и сестри? Во христијанското собрание треба да преовладува топла атмосфера — чувство на крвна врска (Галатите 6:10). Затоа, преводот Радосна вест, Римјаните 12:10 го преведува: „Сакајте се срдечно како браќа“. А преводот The Jerusalem Bible вели: „Сакајте се онака како што треба да се сакаат браќа“. Да, љубовта меѓу христијаните вклучува повеќе отколку само логика и должност. Со „нелицемерна братска наклоност“ треба ‚да се љубиме еден со друг горливо од срце‘ (1. Петрово 1:22).

„Поучени од Бог да се љубите еден со друг“

5, 6. а) Како ги користи Јехова меѓународните конгреси за да го поучи својот народ на христијанска наклоност? б) Како врската меѓу браќата станува појака со тек на времето?

5 Иако во овој свет „љубовта на повеќето“ оладила, Јехова го поучува својот денешен народ ‚да се љубат еден со друг‘ (Матеј 24:12; 1. Солуњаните 4:9). Меѓународните конгреси на Јеховините сведоци се извонредни прилики за оваа поука. На овие конгреси, локалните Сведоци среќаваат браќа од далечни земји и мнозина ги отвораат своите домови за странските делегати. На еден недамнешен конгрес, некои дојдоа од земји каде што луѓето се порезервирани кога ги изразуваат своите чувства. „Кога пристигнаа овие делегати, имаа многу трема и беа срамежливи“, раскажува еден христијанин кој помагал околу сместувањето. „Но само шест дена подоцна, кога се збогуваа, тие и нивните домаќини се прегрнуваа и липаа. Сите беа облеани со христијанска љубов што никогаш нема да ја заборават.“ Кога им се укажува гостољубивост на нашите браќа, без разлика на нивното потекло, тоа може да го извлече најдоброто и од гостинот и од домаќинот (Римјаните 12:13).

6 Колку и да се возбудливи ваквите искуства од конгресите, уште поблизок однос се развива кога христијаните подолго време му служат заедно на Јехова. Кога добро ги познаваме нашите браќа, можеме попотполно да ги цениме нивните привлечни особини — нивната вистинољубивост, доверливост, лојалност, љубезност, великодушност, обѕирност, сочувство и несебичност (Псалм 15:3—5; Пословици 19:22). Марк, кој служел како мисионер во Источна Африка, рекол: „Кога се работи рамо до рамо со нашите браќа, се создава нераскинлива врска“.

7. Што се бара од нас за да имаме христијанска наклоност во собранието?

7 За да стекнат и да задржат такви врски во собранието, членовите мораат да се зближат. Со редовното присуство на христијанските состаноци, ја зајакнуваме нашата приврзаност со браќата и сестрите. Со тоа што ќе бидеме присутни и вклучени пред, за време на и по состаноците, се охрабруваме и се поттикнуваме еден со друг „на љубов и на добри дела“ (Евреите 10:24, 25). „Убаво ми е кога ќе се сетам“, раскажува еден старешина од Соединетите Држави, „дека кога бев дете, моето семејство секогаш беше меѓу последните што си одеа од Салата на Царството, за да уживаме во пријателските и длабоки разговори колку што е можно подолго“.

Дали треба да ‚се рашириш‘?

8. а) Што мислел Павле кога ги поттикнал Коринќаните да ‚се рашират‘? б) Што можеме да правиме за да ја зголемиме наклоноста во собранието?

8 За потполно да покажуваме таква наклоност, можеби ќе треба да ‚се рашириме‘ во нашите срца. На собранието во Коринт, апостол Павле му напишал: „Нашето срце е раширено. Вам не ви е тесно во нас“. Павле ги поттикнал и тие да ‚се рашират‘ за возврат (2. Коринќаните 6:11—13). Можеш ли и ти да ‚се рашириш‘ во твојата наклоност? Не мора да чекаш другите да го направат првиот чекор. Во своето писмо до Римјаните, Павле ја поврзал потребата да имаме нежна наклоност со овој совет: „Предводете во искажувањето чест еден на друг“ (Римјаните 12:10). За да им искажеш чест на другите, можеш да го преземеш првиот чекор така што ќе се поздравиш со нив на состаноците. Исто така, можеш да ги поканиш да одите во служба на теренот или да се подготвите за некој состанок. Тоа го подготвува теренот за нежната наклоност да расте.

9. Какви чекори презеле некои за да станат поблиски пријатели со сохристијаните? (Вклучи и некои локални примери.)

9 Семејствата и поединците во собранието можат да ‚се рашират‘ така што ќе се посетуваат, можеби ќе се соберат заедно за некој едноставен оброк и заедно ќе учествуваат во здрави активности (Лука 10:42; 14:12—14). Хакоп одвреме навреме организира пикници за мали групи. „Има луѓе од сите возрасти, како и самохрани родители“, раскажува тој. „Секој си оди дома со среќни спомени и сите се чувствуваат поблиски.“ Како христијани, не треба да се трудиме да бидеме само соверници туку и вистински пријатели (3. Јованово 14).

10. Што можеме да направиме кога односите се затегнати?

10 Меѓутоа, понекогаш несовршеностите можат да претставуваат пречка за да се негува пријателство и наклоност. Што можеме да направиме? Прво, можеме да се молиме да имаме добри односи со нашите браќа. Божја волја е неговите слуги добро да се согласуваат и тој ќе одговори на таквите молитви (1. Јованово 4:20, 21; 5:14, 15). Исто така, треба да преземеме чекори во склад со нашите молитви. Рик, патувачки слуга од Источна Африка, се сеќава на еден брат кој бил многу крут, поради што му било тешко да се сложува со него. „Наместо да го избегнувам братот, решив подобро да го запознаам“, објаснува Рик. „На крајот излезе дека таткото на братот многу строго го воспитувал. Кога сфатив колку силно мора да се бори братот за да го победи ова воспитание и колку многу напредувал, му се восхитував. Станавме добри пријатели“ (1. Петрово 4:8).

Отвори си го срцето!

11. а) Што е потребно за да расте наклоноста во собранието? б) Зошто може да биде штетно по духовноста ако не си ги покажуваме чувствата?

11 Денес, многу луѓе го минуваат животот без да стекнат блиско пријателство со кого и да било. Колку жално! Ова не треба — и не смее — да биде случај во христијанското собрание. Искрената братска љубов не е само учтив разговор и пристојни манири; ниту ‚пак, ги преплавува другите со претерани изливи на чувства. Наместо тоа, треба да бидеме спремни да си го отвориме срцето, како што си го отворил Павле со Коринќаните, и да им покажеме на нашите соверници дека навистина сме заинтересирани за нивното добро. Иако не се сите по природа друштвени или зборливи, може да биде штетно да се биде претерано повлечен. „Кој се изолира, оди по своите себични желби“, предупредува Библијата. „Се спротивставува на секоја мудрост“ (Пословици 18:1, NW).

12. Зошто добрата комуникација е неопходна за да има блиски односи во собранието?

12 Искрената комуникација е од основна важност за вистинското пријателство (Јован 15:15). На сите ни требаат пријатели на кои можеме да им ги довериме нашите најдлабоки мисли и чувства. Освен тоа, колку подобро се познаваме толку полесно ќе биде да си ги задоволиме потребите еден на друг. Кога на ваков начин се грижиме за интересите на другите, помагаме да расте нежната наклоност и ќе ја искусиме вистинитоста на Исусовите зборови: „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35; Филипјаните 2:1—4).

13. Што можеме да направиме за да покажеме дека имаме вистинска наклоност кон нашите браќа?

13 За да има наклоноста најдобар можен ефект, мораме да ја покажуваме (Пословици 27:5). Кога нашата наклоност е вистинска, тоа веројатно ќе се види на нашето лице и може да допре до срцето на другите и да ги поттикне да возвратат. „Бистриот поглед го развеселува срцето“, напишал мудриот човек (Пословици 15:30). И обѕирните постапки придонесуваат за нежна наклоност. Иако никој не може да си купи вистинска наклоност, еден подарок даден од срце може многу да значи. Една картичка, едно писмо и „зборови кажани во право време“ — сето ова може да покаже длабока наклоност (Пословици 25:11; 27:9). Кога ќе стекнеме нечие пријателство, мораме да го задржиме така што ќе продолжиме да покажуваме несебична наклоност. Сакаме да им се најдеме на нашите пријатели особено во време на неволја. Библијата вели: „Пријателот љуби во секое време, а во неволја станува и брат“ (Пословици 17:17).

14. Што можеме да сториме ако ни изгледа дека некој не возвраќа на нашата наклоност?

14 Реално гледано, не можеме да очекуваме да бидеме блиски со сите во собранието. Нормално дека ќе има некои со кои ќе се чувствуваме поблиски отколку со другите. Затоа, ако ти изгледа дека некој не се спријателил со тебе онака како што ти би сакал, немој веднаш да заклучиш дека нешто не е во ред со тебе или со него. И не се обидувај да го присилиш тоа лице да бидете блиски. Ако едноставно бидете пријатели онолку колку што лицето ти дозволува, ќе оставиш простор за поблизок однос во иднина.

„Јас те одобрив“

15. Какво влијание има врз другите пофалбата, или недостигот од неа?

15 Колку мора да се радувал Исус кога при неговото крштавање ги чул од небото зборовите: „Јас те одобрив!“ (Марко 1:11). Овој израз на прифаќање мора уште повеќе да го уверил Исус дека Татко му има наклоност кон него (Јован 5:20). За жал, некои никогаш не слушаат таква пофалба од оние што ги почитуваат и сакаат. „Мнозина млади како мене немаат членови од семејството кои ги делат нивните христијански верувања“, забележува Ана. „Дома слушаме само критики. Тоа многу нѐ жалости.“ Меѓутоа, кога ќе станат дел од собранието, ја чувствуваат срдечноста на едно грижливо духовно семејство што ги поддржува — татковци и мајки, и браќа и сестри во верата (Марко 10:29, 30; Галатите 6:10).

16. Зошто не е корисно да се има критизерски став кон другите?

16 Во некои култури родителите, постарите и наставниците ретко им оддаваат признание од срце на помладите, мислејќи дека поради таквата пофалба може да станат самобендисани или горди. Ваквото размислување може да влијае дури и врз христијанските семејства и врз собранието. Коментирајќи за некој говор или за некој друг вложен труд, постарите можеби ќе речат: „Добро беше, ама можеш и подобро!“ Или на некој друг начин, можеби дури и ќе го покажат своето незадоволство од младите. Кога го прават тоа, мнозина веруваат дека ги мотивираат помладите да ги развијат потполно своите способности. Но, овој пристап честопати има спротивен ефект, зашто младите може да се повлечат или да мислат дека не се доволно добри.

17. Зошто треба да бараме прилики да ги пофалиме другите?

17 Меѓутоа, пофалбата не треба да се каже само како увод за некој совет. Искрената пофалба помага да има нежна наклоност во семејството и во собранието, и на тој начин ги поттикнува младите да побараат совет од поискусните браќа и сестри. Затоа, наместо да дозволиме културата да ни диктира како ќе се однесуваме со другите, да ‚ја облечеме новата личност која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и лојалност‘. Пофалувај, како што пофалува и Јехова (Ефешаните 4:24).

18. а) Млади, како треба да гледате на советот од постарите? б) Зошто постарите внимаваат како ќе дадат совет?

18 Од друга страна, пак, млади, немојте да заклучите дека ако постарите ве искараат или ви дадат совет, значи дека не ве сакаат (Проповедник 7:9). Напротив! Веројатно се поттикнати да го направат тоа затоа што се заинтересирани за вас и затоа што имаат длабока наклоност кон вас. Инаку, зошто воопшто би се мачеле да разговараат со вас за тоа? Знаејќи какво влијание можат да имаат зборовите, постарите — особено собраниските старешини — честопати посветуваат многу време за да размислат и да се молат пред да дадат совет, зашто сакаат да прават само добро (1. Петрово 5:5).

„Јехова е многу нежен во наклоноста“

19. Зошто оние што доживеале разочарувања можат да му се обратат на Јехова за поддршка?

19 Можеби поради непријатните искуства некои имаат чувство дека ако покажуваат нежна наклоност само уште повеќе ќе се разочараат. Потребна им е храброст и силна вера за повторно да си го отворат срцето за другите. Но, никогаш не треба да заборават дека Јехова „не е далеку од никого од нас“. Тој нѐ поканува да му се приближиме (Дела 17:27; Јаков 4:8). Исто така, тој нѐ разбира дека се плашиме да не бидеме повредени, и ветува дека ќе биде покрај нас и дека ќе ни помага. Псалмистот Давид нѐ уверува: „Господ е близу до оние што се со скрушени срца, и ги спасува оние што се со покајнички дух“ (Псалм 34:18).

20, 21. а) Од каде знаеме дека можеме да имаме близок однос со Јехова? б) Што се бара за да бидеме блиски со Јехова?

20 Блиското пријателство со Јехова е најважниот однос што можеме да го негуваме. Но, дали е возможна таква врска? Да. Библијата открива колку многу некои праведни мажи и жени се чувствувале блиски со нашиот небесен Татко. Нивните срдечни изрази се зачувани за да ни влеат доверба дека и ние можеме да му се приближиме на Јехова (Псалм 23, 34, 139; Јован 16:27; Римјаните 15:4).

21 Она што Јехова го бара за да бидеме блиски со него е достижно за секого. „Господи, кој може да живее во Твојот шатор?“, прашал Давид. „Оној кој оди непорочно, кој твори правда и зборува вистина од своето срце“ (Псалм 15:1, 2; 25:14). Кога гледаме дека тоа што му служиме на Бог раѓа добри плодови во нас и ни носи водство и заштита од него, сфаќаме дека „Јехова е многу нежен во наклоноста“ (Јаков 5:11).

22. Каков однос сака Јехова да има неговиот народ?

22 Колку само сме благословени што Јехова сака да има таков личен однос со несовршените луѓе! Тогаш, зарем не треба и ние да покажуваме нежна наклоност еден кон друг? Со помош од Јехова, секој од нас може да го даде својот дел во покажувањето нежна наклоност која е карактеристична за нашето христијанско братство. Под Божјето Царство, секој на Земјата ќе ја чувствува оваа наклоност засекогаш.

Можеш ли да објасниш?

• Каква атмосфера треба да има во христијанското собрание?

• Како може секој од нас да придонесе за да има нежна наклоност во собранието?

• На кој начин искрената пофалба помага да расте христијанската наклоност?

• Како нѐ поддржува и нѐ поткрепува Јеховината нежна наклоност?

[Слика на страница 15]

Љубовта меѓу христијаните одразува повеќе отколку само должност

[Слики на страници 16 и 17]

Можеш ли да ‚се рашириш‘ во твојата наклоност?

[Слика на страница 18]

Дали критикуваш или охрабруваш?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели