Раскошот на Јеховиното творештво
„Колку се бројни Твоите дела, о Господи!“
СЕЕДНО дали живееме на село или во град, во високите планини или долу крај морето, опкружени сме со раскошни созданија што влеваат страхопочит. Затоа, пригодно е што во Календарот на Јеховините сведоци за 2004 се прикажани некои восхитувачки творби на Јехова Бог.
Благодарните луѓе од секогаш се интересирале за Божјите дела. На пример, размисли за Соломон, чијашто мудрост била „поголема од мудроста на сите Израелеви синови [синови на Исток, ПСП]“. Библијата вели: „Зборуваше за дрвата: од кедарот што е на Ливан па до ленот што дртее на ѕид; расправаше за животните, за птиците, за лазачите и за рибите“ (1. Цареви 4:30, 33). Таткото на Соломон, цар Давид, честопати размислувал за Божјите ремек-дела. Тој бил поттикнат да извика кон својот Создател: „Колку се бројни Твоите дела, о Господи! Со мудрост направи сѐ: земјата е полна со Твои созданија“ (Псалм 104:24).a
И ние треба да ги набљудуваме и да ги проучуваме созданијата. На пример, можеме да ‚ги кренеме очите‘ и да прашаме: „Кој ги создал?“ Па, Јехова Бог, кој има „голема моќ“ и кој навистина е со „голема сила“! (Исаија 40:26, ПСП).
Како треба да влијае на нас тоа што ќе размислуваме за Јеховините дела на создавање? Најмалку на три начини. Тие можат 1) да нѐ потсетат да си го цениме животот, 2) да нѐ поттикнат да им помогнеме на другите да учат од творештвото и 3) да нѐ поттикнат уште повеќе да го запознаеме и да го цениме нашиот Творец.
Нашиот живот, кој е далеку посупериорен од оној на ‚неразумните животни‘, ни овозможува да ги набљудуваме и да ги цениме чудата на созданието (2. Петрово 2:12). Нашите очи можат да ги видат прекрасните пејзажи. Нашите уши можат да ги чујат милозвучните песни на птиците. А нашето чувство за време и место ни дава темел на кој можеме да градиме драги спомени. Иако нашиот живот сега не е совршен, дефинитивно вреди да се живее!
Родителите можат да уживаат во природната фасцинираност на децата со созданијата. Колку само сакаат децата да бараат школки на морскиот брег, да галат некое животно, да се качат на некое дрво! Родителите треба да им помогнат на своите деца да сфатат како созданијата се поврзани со Творецот. Страхопочитта и ценењето што децата ќе ги стекнат за Јеховините созданија, може да ги задржат во текот на целиот нивен живот (Псалм 111:2, 10).
Би биле крајно непромислени ако им се восхитуваме на созданијата а не му ја припишеме заслугата за нив на Творецот. Пророштвото на Исаија ни помага да размислиме токму за ова, кога вели: „Зар не знаеш? Зар не си чул? Господ [Јехова, NW] е вечен Бог, Творец на земните краишта. Тој не се заморува, не постанува, и Неговиот ум е неизмерлив“ (Исаија 40:28).
Да, Јеховините дела даваат доказ за неговата неспоредлива мудрост, за неговата ненадминлива моќ и за неговата длабока љубов кон нас. Кога ја гледаме убавината околу нас и ги увидуваме особините на Оној што ја создал, да бидеме поттикнати и ние, како Давид, да речеме: „Ти нема рамен . . . Господи, нема дела какви што се Твоите“ (Псалм 86:8).
Можеме да бидеме сигурни дека послушните луѓе и понатаму ќе бидат фасцинирани од Јеховините дела на создавање. Во целата вечност ќе имаме безброј прилики да учиме уште повеќе за Јехова (Проповедник 3:11). А колку повеќе учиме за нашиот Творец, толку повеќе го сакаме.
[Фуснота]
a Види го Календарот на Јеховините сведоци за 2004, ноември/декември.
[Рамка на страница 9]
Фалба за Творецот
Голем број благодарни научници ја увидуваат раката на Бог во творештвото. Еве некои примери:
„Мојата наука ми дава смисла и радост во моментите кога ќе откријам нешто ново и кога ќе си речам: ‚Значи вака Бог го направил ова‘. Моја цел е да сфатам едно мало делче од планот на Бог“ (Хенри Шејфер, професор по хемија).
„Кога станува збор за ширењето на универзумот, останува читателот сам да ја најде причината, но сликата не е комплетна без Него [Бог]“ (Едвард Милн, британски космолог).
„Знаеме дека природата се опишува со најдобрата математика што постои, зашто Бог ја создал“ (Александар Полјаков, руски математичар).
„Кога ги проучуваме работите во природата, навлегуваме во мислите на Творецот, ги запознаваме неговите мисли, толкуваме систем што е Негов, а не наш“ (Луис Агасиз, американски биолог).
[Слика на страници 8 и 9]
Папуански пингвини, Антарктички Полуостров
[Слика на страница 9]
Национален парк Гранд Тетон, Вајоминг (САД)
[Извор на слика]
Jack Hoehn/Index Stock Photography