Прашања од читателите
Каде ќе бидат демоните за време на Христовото илјадагодишно владеење?
Библијата не дава конкретен одговор на ова прашање. Меѓутоа, можеме да дојдеме до логичен заклучок во врска со тоа каде ќе бидат демоните за време на Христовото милениумско владеење.
Кога дава претслика на она што ќе се случи на почетокот и на крајот од овој Милениум, апостол Јован вели: „Видов еден ангел како слегува од небото со клучот од бездната и со голем синџир во раката. И го фати змејот, празмијата, кој е Ѓаволот и Сатаната, и го врза на илјада години. И го фрли во бездна, која ја заклучи и ја запечати над него, за повеќе да не ги заведува нациите додека не завршат илјадата години. Потоа мора да биде одврзан на кратко време“ (Откровение 20:1—3). Во овие стихови се зборува дека само Сатана ќе биде фрлен во бездна и дека на крајот ќе биде пуштен на кратко време. Иако демоните не се спомнати, логично е дека кога ангелот со клучот од бездната — прославениот Исус Христос — ќе го фати и ќе го фрли Ѓаволот во бездна, истото ќе го стори и со демоните (Откровение 9:11).
Кога Исус Христос станал Цар на небото во 1914, презел една акција што имала силно влијание врз Сатана и врз демоните. Во Откровение 12:7—9 се вели: „Избувна војна на небото: Михаел и неговите ангели се бореа против змејот, и змејот се бореше заедно со своите ангели [демоните], но не надвладеа ниту, пак, за нив повеќе се најде место на небото. И беше исфрлен долу големиот змеј, празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана, кој ја заведува целата населена земја; беше исфрлен долу на земјата, и неговите ангели беа исфрлени со него“. Оттогаш, Сатана и неговите демони се ограничени во близината на Земјата. Логично можеме да заклучиме дека кога Исус Христос уште повеќе ќе ја ограничи активноста на Сатана за да ја ослободи Земјата од неговото злобно влијание, ќе го стори истото и со демоните.
Да го разгледаме и првото пророштво во Библијата. Таму стои: „Јас [Бог] ќе поставам непријателство помеѓу тебе [Сатана] и жената [Јеховината небесна организација], помеѓу твоето семе [на Сатана] и нејзиното Семе [Исус Христос]: Тој ќе ти ја сотрува главата, а ти ќе Му ја сотруваш петицата“ (Битие 3:15). Во сотрувањето на главата на змијата е вклучено и тоа Сатана да биде фрлен во бездна за време на Илјадагодишното владеење на Христос. Пророштвото понатаму вели дека постои непријателство помеѓу Оној што му ја сотрува главата на Сатана и семето на Сатана. Во ова семе, или организација, е вклучен еден невидлив дел составен од злобни ангели, или демони. Затоа, логично е да заклучиме дека, кога ќе го фрли Сатана во бездна, Исус ќе ги врзе и ќе ги фрли в бездна и демоните. Фактот што злобните духови многу се плашат од бездната покажува дека се свесни дека ги чека темница (Лука 8:31).
Но, можно ли е дека Откровение 20:1—3 не ги спомнува демоните затоа што ќе бидат уништени во Армагедон, заедно со видливиот дел од семето на Сатана? Библијата ни покажува дека тоа баш и не е веројатно. Во врска со конечната судбина на Сатана, во неа читаме: „Ѓаволот, кој ги заведуваше, беше фрлен во езерото огнено и сулфурно, каде што веќе беа и дивиот ѕвер и лажниот пророк; и тие ќе бидат мачени дење и ноќе во сета вечност“ (Откровение 20:10). Дивиот ѕвер и лажниот пророк се политички ентитети и се дел од видливата организација на Сатана (Откровение 13:1, 2, 11—14; 16:13, 14). Тие ќе бидат уништени во Армагедон, кога Божјето Царство ќе ги разбие и ќе ги уништи сите царства во светот (Даниел 2:44). Библијата се осврнува на „вечниот оган подготвен за Ѓаволот и за неговите ангели“ (Матеј 25:41). Како дивиот ѕвер и лажниот пророк, и Сатана и неговите демони ќе бидат фрлени во истото ‚огнено и сулфурно езеро‘ и на тој начин и тие ќе бидат уништени засекогаш. Кога помоќниот, невидлив дел од семето на Сатана би бил уништен во Армагедон, сигурно би било спомнато дека демоните веќе се во тоа симболично езеро заедно со дивиот ѕвер и лажниот пророк. Тоа што не се спомнати во Откровение 20:10 укажува дека демоните нема да бидат уништени во Армагедон.
Бидејќи не е јасно кажано дека демоните ќе бидат фрлени во бездната, не е конкретно кажано ни дека ќе бидат ослободени од неа. Меѓутоа, нивната судбина е иста како и судбината на Сатана. Откако, на крајот од илјадата години, ќе бидат ослободени со Ѓаволот и откако ќе соработуваат со него за време на последниот испит на човештвото, и демоните ќе бидат фрлени во огненото езеро и ќе бидат уништени засекогаш (Откровение 20:7—9).
Според тоа, иако во Откровение 20:1—3 е кажано дека само Сатана ќе биде фатен и фрлен во бездната на неактивност, можеме логично да заклучиме дека и неговите ангели ќе бидат врзани и фрлени во бездната. Во текот на Христовото илјадагодишно владеење, ниту на Сатана ниту на неговите демонски орди нема да им биде дозволено да го спречат Бог да ја исполни својата намера да ја претвори Земјата во рај и повторно да го доведе човештвото до совршенство.