Објавителите на Царството известуваат
Еден чесен народ му оддава чест на Јехова
НИЗ целиот свет, Јеховините сведоци — и младите и старите — се познати по својата чесност. Да разгледаме неколку примери од три континенти.
Еден ден, кога седумнаесетгодишната Олусола, која живее во Нигерија, се враќала од училиште, на земјата нашла паричник. Му го однела на директорот на училиштето и тој ги преброил парите — имало вкупно 6.200 наири (околу 30 евра). Потоа му го вратил паричникот на професорот што го изгубил. Во знак на благодарност, овој професор ѝ дал на Олусола 1.000 наири (околу 5 евра), и ѝ рекол да си ги плати школските трошоци со тие пари. Кога другите ученици разбрале за ова, ѝ се смееле на Олусола. Но, неколку седмици потоа, еден од учениците пријавил дека му се украдени пари и професорите биле замолени да ги пребараат сите ученици. „Ти стој овде“, ѝ рекол професорот на Олусола. „Знам дека си Јеховин сведок, ти не крадеш.“ Парите биле најдени кај двајца од учениците што ѝ се смееле на Олусола, и тие биле строго казнети. Олусола напишала: „Многу сум среќна што сум Јеховин сведок. Ние никогаш не крадеме и со тоа му оддаваме чест на Јехова“.
Марсело, кој живее во Аргентина, излегол од дома еден ден и нашол актовка на неколку метри од задната врата на својата куќа. Ја внел внатре и внимателно ја отвориле со жена му. На нивно големо изненадување, во актовката имало огромна сума пари во готово, кредитни картички и неколку потпишани чекови. Едниот од чековите гласел на милион пезоси (250.000 евра). На една фактура бил напишан еден телефонски број. Му се јавиле на сопственикот и се договориле тој да дојде и да си ја земе актовката од местото каде што работел Марсело. Кога пристигнал, овој човек изгледал напнато. Шефот на Марсело му рекол дека воопшто нема потреба да се грижи бидејќи Марсело е Јеховин сведок. Како награда што ја нашол актовката, сопственикот му дал на Марсело само 20 пезоси (околу 4 евра). Ова го разбеснило шефот бидејќи тој бил многу импресиониран од чесноста на Марсело. А Марсело, пак, имал прилика да објасни дека, како Јеховин сведок, тој секогаш сака да биде чесен.
Следново искуство доаѓа од Киргистан. Ринат, кој има шест години, го нашол паричникот што го изгубила една жена од соседството. Во паричникот имало 1.100 соми (околу 16 евра). Кога Ринат ѝ го вратил изгубениот паричник на сосетката, таа ги избројала парите и ѝ кажала на мајката на Ринат дека недостасуваат 200 соми. Ринат тврдел дека не ги зел парите. Потоа сите отишле да ги побараат парите и ги нашле останатите пари близу до местото каде што Ринат го нашол паричникот. Жената била вчудовидена. Многу им се заблагодарила на Ринат и на мајка му — и за вратените пари, но и за неговото христијанско воспитание.