„Мојата помош е од Јехова“
Самештво што носи задоволство во службата за Јехова
„МНОГУ од нас сме потполно среќни и покрај тоа што сме немажени“ вели една христијанка од Шпанија. Што ѝ носи задоволство? „Убаво е што имаме помалку грижи па така можеме да дадеме повеќе во службата за нашиот Бог, Јехова.“
Ваквиот начин на размислување е во склад и со она што го вели Божјата Реч за самештвото. Зборувајќи за некои работи околу бракот, апостол Павле под инспирација го кажал следново: „А на оние кои не се во брак и на вдовиците им велам: Добро е за нив да останат како што сум јас“. И Павле не бил женет. Но што рекол, од која причина го препорачува самештвото? Истакнал дека оној што е во брак е поделен, додека немажената или неженетиот „тегобно се грижи за Господовите работи“ (1. Коринќаните 7:8, 32-34). Службата за Јехова е главниот фактор што прави некој да биде среќен и задоволен иако не е во брак.
Самештво од благородни цели
Коментарите на Павле може да ги збунат оние во чија култура им се придава голема важност на бракот и на подигањето семејство. Сепак, Исус Христос — и самиот неженет, но среќен и задоволен — спомнал една благородна цел за христијаните што не се во брак. Рекол: „Има и евнуси кои самите се направиле евнуси поради царството на небесата. Кој може да направи место за тоа, нека му направи место“ (Матеј 19:12).
Како што рекол, многумина навистина увиделе дека самештвото им овозможува да му служат на Бог без пречките што ги наметнува животот во брак (1. Коринќаните 7:35). Илјадници христијани го обожаваат Јехова и се среќни иако не се во брак, и црпат радост од тоа што се ангажирани помагајќи им на другите.a
Многу христијани што не се во брак сфаќаат дека среќата не е повластица само на оние што се во брак и дека сите што не се во брак не мора да се несреќни. Без разлика дали си во брак или не, има моменти кога си среќен и моменти кога не си. Всушност, Библијата реалистично кажува дека бракот донесува ‚неволји во телото‘ (1. Коринќаните 7:28).
Самештво наметнато од околностите
Мнозина не се самци по свој избор туку поради околностите. Тие можеби ги посакуваат топлината, друштвото и љубовта што може да ги има во брачната врска. Но, некои моментално не се во можност да стапат во брак од финансиски или некои други причини. Некои христијани — многу од нив наши драги сестри — останале немажени затоа што се решени да останат послушни на библискиот совет да стапуваат во брак само „во Господ“ (1. Коринќаните 7:39). Од верност кон Бог, можноста да најдат брачен партнер тие ја гледаат само меѓу предадените, крстени обожаватели на Јехова.
Понекогаш, некои што не се во брак се чувствуваат осамено. Откако искрено признала дека се чувствува осамено, една немажена христијанка вели: „Го знаеме Јеховиниот закон и не би сакале со ништо да предизвикаме чувство на незадоволство кај Јехова. Можеби посакуваме да сме во брак, но колку и да се обидуваат световните луѓе да ‚нѐ спојат со некого‘, ние остануваме цврсти. Не сакаме да бидеме дури ни во друштвото на мажи или жени што не ни се соверници“. Ваквите христијани заслужуваат вистинска пофалба, затоа што, и покрај емоционалниот немир што можеби го чувствуваат, ги следат советите од Библијата и задржуваат високи морални мерила за да му угодат на Јехова.
Јехова великодушно помага
Јехова им е верен на оние кои му остануваат верни и одбиваат да стапат во брак со некој кој не е негов слуга. Од лично искуство, Цар Давид можел да каже: „Со милостивиот, Ти си милостив, на чесниот со чесност му враќаш“ (Псалм 18:25). А на оние кои верно му остануваат подложни, Бог им ветува: „Никако нема да те оставам и воопшто нема да те напуштам“ (Евреите 13:5, 6). По примерот на Јехова, и ние можеме великодушно да ги пофалиме христијаните од секоја возраст кои не се во брак а верно се држат за Божјата реч. Можеме и да се молиме Јехова да ги зајакне за да излезат на крај со предизвиците (Судии 11:30-40).
Многумина христијани кои не се во брак увиделе дека тоа што поцелосно се вклучени во образовното дело на темел на Библијата му дава смисла на нивниот живот. Да ја земеме за пример Патриша, немажена христијанка во средината на своите триесетти години која служи како пионер, односно полновремен евангелизатор. Таа вели: „Иако самештвото си има свои предизвици, сепак, ми даде можност да станам општ пионер. Со оглед на тоа што не сум во брак, имам пофлексибилен распоред, што ми остава повеќе време за проучување. И друга работа е што научив повеќе да се потпирам на Јехова, особено кога минувам низ тешки периоди“.
Ваквото гледиште е засновано на сигурното ветување од Библијата: „Предај Му ги на Господа своите патишта, надевај се на Него, и Тој ќе води сѐ“ (Псалм 37:5). Навистина, сите верни обожаватели на Јехова, било да се во брак или не, може да црпат утеха и сила од следниве зборови запишани под инспирација: „Мојата помош е од Јехова“ (Псалм 121:2; NW).
[Фуснота]
a Види го Календарот на Јеховините сведоци за 2005, јули/август.
[Истакната мисла на страница 9]
„Неоженетиот тегобно се грижи за Господовите работи, како да го стекне одобрението на Господ“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 7:32).
[Рамка на страница 8]
НАПРАВИ ГО САМЕШТВОТО ДАР
Исус, кој никогаш не се оженил, рекол: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној кој ме испрати и да го завршам неговото дело“ (Јован 4:34).
Четирите немажени ќерки на Филип биле зафатени со ‚пророкување‘ (Дела 21:8, 9).
Немажените христијанки коишто ја објавуваат пораката за Царството припаѓаат на ‚големото мноштво радосни известители‘ (Псалм 68:11).