Рана потврда на Библискиот канон
„СЕ ЧИНИ како секој ред да е напишан токму за да ја разгори љубопитноста на оние што се интересираат за историјата на раното христијанство.“ Со овие зборови бил опишан еден древен документ. Можеш ли да претпоставиш кој?
Можеби си чул за него, а можеби и не — Мураториевиот фрагмент. Како и да е, веројатно се прашуваш: „Зошто Мураториевиот фрагмент е толку посебен?“ Па, се работи за најстариот канон, односно веродостоен список на книгите што се дел од Христијанските грчки списи.
Можеби за тебе воопшто не е спорно дека книгите во Библијата навистина се дел од неа. Но, дали би се изненадил кога би чул дека едно време постоеле сомневања околу тоа кои поединечни книги треба навистина да бидат дел од Библијата? Мураториевиот фрагмент, или канон, содржи список на ракописи кои се сметаат за вдахновени. Сигурно сфаќаш колку е важно да се знае точната содржина на Библијата. Тогаш, што открива овој документ за книгите од Христијанските грчки списи? Најпрво, накусо да ја разгледаме историјата на овој документ.
Како бил откриен
Мураториевиот фрагмент е дел од зборникот на ракописи што го сочинуваат 76 листови пергамент, секој со големина од 27 на 17 сантиметри. Лудовико Антонио Муратори (1672-1750), истакнат италијански историчар, го открил во Амброзиската библиотека во Милано (Италија). Муратори го објавил своето откритие во 1740 година, кое го добило името по него — Мураториев фрагмент. Најверојатно зборникот бил изработен во осмиот век, во стариот манастир Бобио, близу Пјаченца, во северна Италија. Во Амброзиската библиотека бил пренесен во почетокот на 17 век.
Мураториевиот фрагмент се состои од 85 редови текст, кој е испишан на листовите од зборникот со редни броеви 10 и 11. Текстот е на латински јазик, а оној што го препишувал очигледно не работел со големо внимание. Сепак, некои од грешките биле исправени кога бил спореден со четири други ракописи кои го содржат истиот текст, а датираат од 11 и 12 век.
Кога е напишан?
Можеби те интересира кога бил напишан Мураториевиот фрагмент. Изгледа дека изворно бил напишан на грчки јазик, и тоа долго пред да биде составен токму овој фрагмент, кој е превод од грчки на латински. Клуч за да се одреди од кога потекнува оригиналот е следново: во фрагментот се спомнува една небиблиска книга со наслов Пастирот, за која се вели дека ја напишал човек по име Хермас, и тоа „неодамна, во наше време, во градот Рим“. Според изучувачите, книгата Пастирот е напишана некаде помеѓу 140 и 155 година од н.е. Оттука можеш да видиш зошто се смета дека оригиналниот примерок на грчки јазик на латинскиот Мураториев фрагмент бил напишан некаде помеѓу 170 и 200 година од н.е.
Директните и индиректните осврти на Рим укажуваат на можноста фрагментот да бил составен во тој град. Околу името на авторот сѐ уште се дебатира. Можно е да се работи за Клемент од Александрија, Мелито од Сардис или Поликрат од Ефес. Но, повеќето изучувачи се на мислење дека автор е Хиполит, плоден писател кој пишувал на грчки и живеел во Рим во времето кога најверојатно била составена содржината на Мураториевиот фрагмент. Ова можеби и не те интересира многу, но веројатно ќе ти биде интересно да дознаеш нешто повеќе за содржината на овој фрагмент поради која е толку скапоцен.
Какви информации содржи
Текстот не е само список на книгите од Христијанските грчки списи. Тој содржи и коментари за книгите, а и за писателите. Ако го читаш текстот, ќе забележиш дека првите редови недостасуваат, а изгледа дека недостасува и крајот. Првото нешто што се спомнува во фрагментот е евангелието по Лука и се вели дека писателот на оваа библиска книга бил лекар (Колошаните 4:14). Ова евангелие е спомнато како трето по ред, што покажува дека во делот што недостасува најверојатно се спомнати евангелијата по Матеј и Марко. Во прилог на истиов заклучок оди и тоа што овој фрагмент го спомнува како четврто евангелието по Јован.
Мураториевиот фрагмент потврдува дека книгата Дела на апостолите ја напишал Лука за ‚најчеститиот Теофил‘ (Лука 1:3; Дела 1:1). Потоа ги набројува писмата на апостол Павле до коринќаните (две), ефешаните, филипјаните, колошаните, Галатите, солуњаните (две), римјаните, Филемон, Тит и до Тимотеј (две). Како вдахновени книги се спомнати и писмото на Јуда и двете писма на Јован. Првото писмо на апостол Јован веќе било спомнато во коментарот за неговото евангелие. Со Апокалипсата, или Откровението, завршува набројувањето на книгите што се сметаат за вдахновени.
Значајно е тоа што фрагментот спомнува и Апокалипса од Петар, но вели дека некои сметаат дека христијаните не треба да ја читаат. Писателот на фрагментот предупредува на лажните книги што веќе кружеле во негово време. Мураториевиот фрагмент објаснува дека тие не треба да се прифатат „зашто не чини да се меша горчливо и слатко“. Документот спомнува и други текстови што не требало да се сметаат за дел од светите списи. Како причина е наведено тоа што се напишани по времето на апостолите, како што е случај со Пастирот од Хермас, или тоа што се напишани за да поткрепат еретички учења.
Од досега кажаното можеби забележа дека во овој каталог на автентични библиски книги не се спомнати писмото до Евреите, двете писма на Петар и писмото на Јаков. Но, откако дал коментар за стручноста на препишувачот на ракописот, д-р Џефри Марк Ханеман истакнал дека е „разумно да се заклучи дека фрагментот можеби содржел и други белешки кои сега се изгубени, и дека книгите Јаков и Евреите (и 1. Петрово) можеби биле спомнати во нив“ (The Muratorian Fragment and the Development of the Canon — Мураториевиот фрагмент и формирањето на канонот).
На овој начин, Мураториевиот фрагмент потврдува дека повеќето книги што денес се дел од Христијанските грчки списи биле сметани за канонски уште во вториот век од н.е. Се разбира, канонството на библиските книги — односно нивното право да бидат дел од Библијата — не зависи од тоа дали се спомнати во некој древен список. Доказ дека библиските книги се дело на светиот дух е нивната содржина. Сите тие даваат потврда дека Јехова Бог е авторот и совршено се во склад една со друга. Складноста и поврзаноста што постојат меѓу сите 66 канонски книги на Библијата се доказ дека сочинуваат една целина и дека ништо не недостасува. Затоа, добро е да ги прифатиш како она што навистина се — Јеховина реч на вдахновена вистина сочувана до наше време (1. Солуњаните 2:13; 2. Тимотеј 3:16, 17).
[Слика на страница 13]
Лудовико Антонио Муратори
[Слика на страница 14]
Амброзиската библиотека
[Слика на страница 15]
Мураториевиот фрагмент
[Извор на слика]
Diritti Biblioteca Ambrosiana. Vietata la riproduzione. Aut. No. F 157 / 05
[Извори на слики на страница 13]
Фрагменти: Diritti Biblioteca Ambrosiana. Vietata la riproduzione. Aut. No. F 157 / 05; Муратори, цртеж: © 2005 Brown Brothers