Сиромаштија — состојбата денес
ВИСЕНТЕa честопати влече една натоварена количка низ улиците на Сао Паоло (Бразил). Тој собира картони, старо железо и пластика. Кога се стемнува, става еден слој од картоните под колата и си легнува. Изгледа како да не ја забележува вревата од колите и автобусите што минуваат низ прометната улица покрај која што спие. Порано имал работа, дом и семејство — но загубил сѐ. Сега живее на улица и одвај врзува крај со крај.
За жал, милиони луѓе низ целиот свет, исто како Висенте, живеат во крајна сиромаштија. Во земјите во развој, многумина се принудени да живеат на улица или во сиромашни квартови. Питачите — сакати, слепи, жени што дојат бебиња — се вообичаена глетка. Меѓу застанатите коли на семафорите трчаат деца, обидувајќи се да продадат бонбони со надеж дека ќе заработат некоја паричка.
Тешко може да се објасни зошто е дозволена толкава сиромаштија. Британското списание The Economist наведува: „Човештвото никогаш порано не било побогато, ниту поседувало повеќе знаење од областа на медицината, технолошки вештини и интелигенција што се потребни за да се совлада сиромаштијата“. Секако, на многумина им користело ова знаење. Улиците на големите градови во многу земји во развој се преполни со блескави нови автомобили. Трговските центри се полни со најновите апарати и опрема и секогаш има кандидати за купување. Два трговски центри во Бразил имале рекламна кампања за одредени производи. Тие останале отворени и преку цела ноќ на 23 и 24 декември 2004 година. Едниот од центрите изнајмил танчери на самба за да ги забавуваат купувачите. Настанот привлекол скоро 500.000 купувачи!
Сепак, на огромен број луѓе не им користи богатството што некои го имаат. Големата разлика меѓу богатите и сиромашните наведува многу луѓе на заклучокот дека сиромаштијата мора итно да се отстрани. Бразилското списание Veja наведува: „Оваа година [2005], борбата против сиромаштијата треба да биде главна тема за дискусија на светските лидери“. Ова списание исто така известува дека е предложен нов Маршалов план со цел да им се помогне на најсиромашните земји, особено во Африка.b Меѓутоа, иако тие предлози оставаат впечаток дека се постигнува напредок, списанието додава: „Исто така, постојат многу причини за сомневање дека овие предлози дале добри резултати. Повеќето земји се колебаат да дадат пари за еден таков план затоа што тие средства ретко им се даваат на луѓето за кои се наменети“. За жал, поради корупција и бирократија, голем дел од тие пари, обезбедени од влади, меѓународни организации и поединци, никогаш не стигнуваат до луѓето на кои им се навистина потребни.
Исус знаел дека сиромаштијата ќе остане како траен проблем. Тој рекол: „Сиромасите секогаш ги имате со вас, но мене нема секогаш да ме имате“ (Матеј 26:11). Дали ова значи дека секогаш ќе има сиромаштија на Земјата? Може ли нешто да се стори за да се подобри ситуацијата? Што можат да направат христијаните за да им помогнат на сиромашните?
[Фусноти]
a Името е сменето.
b Маршаловиот план беше програма под покровителство на Соединетите Држави, наменета да помогне Европа економски да закрепне по Втората светска војна.