Каде е вистинското просветлување?
БИЛО 18 декември 1810 година. Се спуштала ноќта. На разбрануваното отворено море далеку од југоисточниот брег на Шкотска, фрегатата HMS Pallas на британската морнарица го изгубила правецот на движење. Сѐ поголемата темница и силниот снег му отежнувале на екипажот да одреди каде се светилниците што би им помогнале да го закотват својот брод на безбедно. Замисли си колку им олеснило кога конечно здогледале светла и го управиле бродот кон нив! Но, за жал, тоа не биле светлата што требало да ги одведат на сигурно. Всушност тоа биле огнови што ги палеле работниците во варовникот покрај брегот. Pallas заринкал во карпите и претрпел бродолом. Единаесет морнари се удавиле. Каква трагедија!
Во случајот со Pallas, една грешка предизвикала катастрофа. Меѓутоа, понекогаш морнарите се соочуваат со уште поголема опасност — со лажни светилници. Според книгата Бродоломи, ограбувачи и спасувачи (Wrecks, Wreckers and Rescuers), некои намерно палеле такви светла за да ги намамат бродовите да запловат кон карпестиот брег и да ги ограбат по претрпениот бродолом.
‚Свети Писма кои водат до спасение‘
Во својата потрага по просветлување, ќе наидеш на опасности кои се слични на оние што ги доживеале тие морнари. Можеби ќе тргнеш по некоја лажна информација или дури ќе станеш жртва на нечија намерна измама. И во двата случаја би можел да доживееш трагедија. Што можеш да сториш за да се заштитиш? Провери дали твојот извор на просветлување е вистински и достоен за доверба. Повеќе од 125 години, ова списание ја застапува Божјата вдахновена реч, Библијата, како најсигурен извор на просветлување, бидејќи таа ги содржи „Светите Писма, кои можат да ти ја дадат мудроста која води кон спасение“ (2. Тимотеј 3:15-17, Стандарден Превод).
Се разбира, за да имаш доверба во Библијата како во едно светло кое ти е сигурен водич, разумно е да ја провериш нејзината автентичност (Псалм 119:105; Пословици 14:15). Слободно пиши им на издавачите на ова списание за да добиеш информации што им помогнале на милиони лица да се уверат дека Библијата навистина е вдахновена од Бог. На пример, прочитај ја брошурата Книга за сите луѓе.a Во неа има многу податоци што покажуваат дека Библијата е точна, автентична и вдахновена.
Основни вистини
Кои основни вистини се наоѓаат во „Светите Писма“? Да разгледаме некои од нив.
Има еден Семоќен Бог и Творец кој создал сѐ (Битие 1:1). Ние постоиме само ‚затоа што [Бог] создал сѐ‘ и ни дал живот (Откровение 4:11). Токму затоа треба да му служиме само нему. Впрочем, од Творецот доаѓа секое просветлување (Псалм 36:9; Исаија 30:20, 21; 48:17, 18). Тој има лично име кое сака да го користиме (Излез 3:15). Тоа име, напишано со хебрејски букви и транслитерирано како ЈХВХ, се појавува околу 7.000 пати во Библијата. На македонски јазик обично се користи обликот „Јехова“ или „Јахве“ (Осија 12:5; ПСП; Излез 34:5, 6).
Јехова ги создал мажот и жената за да живеат засекогаш во рајски околности токму овде на Земјата. Тој ги надарил луѓето со особини кои и самиот ги има. Им дал таленти и способности со кои можеле да уживаат во еден бескраен, исполнет живот на Земјата (Битие 1:26-28). Никогаш немал намера Земјата да биде некое место каде мажите и жените ќе бидат тестирани за да види дали ќе заслужат да живеат како духовни суштества на небото, како само таму да можат да бидат пријатели со Бог.
Во луѓето што ги создал Бог немало никаква злоба. Злото се појавило дури откако некои од Божјите творби — и човечки и духовни — ја злоупотребиле својата слобода на избор и се побуниле против Бог (Второзаконие 32:5). Нашите прародители си зеле за право да одлучуваат самите што е добро, а што лошо (Битие 2:17; 3:1-5). Тоа ја донело смртта во човечкото семејство (Битие 3:19; Римјаните 5:12). За да се реши спорното прашање покренато со побуната, Јехова одлучил привремено да дозволи да постои злото. Но, неговата намера со Земјата и со човечкото семејство не се променила (Исаија 45:18). Мажите и жените сепак ќе живеат засекогаш во рајски околности на исчистена Земја (Матеј 6:10; Откровение 21:1-5).
Исус Христос не е Семоќен Бог, туку Божји Син. Самиот Исус Христос ги поучил своите следбеници да се молат вака: „Татко наш, кој си на небесата, нека се свети името твое“ (Матеј 6:9). Тој никогаш не тврдел дека е еднаков со Бог. Напротив, тој рекол: „Таткото е поголем од мене“ (Јован 14:28).
Исус игра важна улога во исполнувањето на Божјата намера. Бог го испратил „како светлина за никој кој верува во [него] да не остане во темнината“ (Јован 12:46). Според апостол Петар, „во никој друг нема спасение“ (Дела 4:12). Ова е вистина бидејќи нашето спасение зависи од скапоцената крв на Христос (1. Петрово 1:18, 19). Исус Христос го дал својот живот како откупна жртва за да го откупи човештвото од гревот што нашите прародители, Адам и Ева, му го пренеле на човечкото семејство (Матеј 20:28; 1. Тимотеј 2:6). Исто така, Бог го употребил Исус за да ја открие својата волја и намера (Јован 8:12, 32, 46, 47; 14:6; Дела 26:23).
Бог воспоставил небесно Царство, или влада, составена од Исус Христос и од оние што се избрани од луѓето. Оваа тема се повторува постојано низ целата Библија. На оваа влада Бог ѝ ја доверил задачата да ја спроведе неговата волја и на Земјата како што е на небото (Матеј 6:10). Во почетокот Бог немал намера некој од луѓето да оди на небото. Земјата требало да биде нивни дом. Но, откако човекот западнал во грев, Бог наумил нешто ново. Тој избрал луѓе ‚од секое племе и јазик и народ и нација... да владеат како цареви‘ со Христос во една небесна влада (Откровение 5:9, 10). Таа влада на Царството наскоро „ќе ги разбие и ќе ги уништи“ сите облици на човечко владеење, кои му нанеле толку маки и болки на човечкото семејство (Даниел 2:44).
Душата умира. Оваа основна библиска вистина ни помага да сфатиме многу работи за човекот и за неговата иднина. Таа ги отстранува недоразбирањата и погрешните сфаќања во врска со состојбата на мртвите, кои ги збунуваат луѓето.
Првата книга од Библијата ни вели: „Господ, Бог, го обликува човекот од земниот прав и му дувна здив на живот во носалките. Така човекот стана жива душа“ (Битие 2:7). Дали разбираш што значи тоа? Душата не е нешто невидливо, нематеријално, што постои внатре во човечкото тело. Човекот нема душа. Тој самиот е душа — комбинација од елементите што ги има во „земниот прав“ и од животната сила што доаѓа од Бог. Душата не е бесмртна. Кога умира човекот, умира душата (Битие 3:19; Проповедник 9:5, 10).
Оние што умреле можат да бидат вратени во живот со воскресение. Кога ќе заврши времето во кое Бог привремено дозволил да постои злото, „сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат [Исусовиот] глас и ќе излезат, оние кои правеле добро, за воскресение на живот, а оние кои практикувале подли работи, за воскресение на суд“ (Јован 5:28, 29; Дела 24:15). Воскресението ќе ги врати луѓето во живот на рајска Земја, да живеат онака како што Бог првобитно имал намера за своето човечко семејство.
Секојдневно и внимателно испитувај го Писмото
Дали сфаќаш колку е корисно ако ги познаваш тие основни вистини? Во овие критични, бурни времиња, таквото знаење може да те заштити од она што ‚лажно е наречено „спознание“‘, кое го шири Сатана Ѓаволот. Тој се преправа дека е „ангел на светлината“, а неговите претставници се преправаат „во слуги на праведноста“ (1. Тимотеј 6:20; 2. Коринќаните 11:13-15, Стандарден Превод). Ако добро ја познаваш Библијата, ќе бидеш заштитен од таканареченото просветлување што се темели на филозофиите на „мудрите и умните“ од светот, кои ‚го презираат Господовото слово‘ (Матеј 11:25; Еремија 8:9).
Бидејќи во времето на апостол Јован имало многу лажни учења и филозофии, тој ги предупредил христијаните од првиот век: „Не верувајте му на секој инспириран израз“. Тој рекол: „Испитувајте ги инспирираните изрази за да видите дали потекнуваат од Бог“ (1. Јованово 4:1). Размисли за следниов пример. Кога би примил некоја порака што може длабоко да влијае врз твојот живот, дали веднаш би ја прифатил само затоа што на прв поглед ти се чини дека можеш да му веруваш на тој што ти ја праќа? Секако дека не. Би проверил кој навистина ти ја праќа и би ја испитал нејзината содржина пред да направиш нешто во врска со неа.
Со тоа што обезбедил еден вдахновен пишан текст, кој содржи некои основни вистини, Бог ти овозможил да го направиш токму тоа — да ‚се увериш‘ дека светлата, или светилниците што ги следиш се вистински (1. Солуњаните 5:21). Некои благородни луѓе од првиот век биле пофалени за тоа што ‚секојдневно го испитувале внимателно Писмото‘ за да се уверат дека она што го учат сигурно е вистината (Дела 17:11). И ти можеш да го направиш истото. Дозволи ѝ на Библијата, „како на светилка која свети на темно место“, да те води на сигурно (2. Петрово 1:19-21). Ако го сториш тоа, „ќе го најдеш знаењето за Бога“, и ќе бидеш вистински просветлен (Пословици 2:5).
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 4]
Божјата реч е како светилка
[Слика на страница 5]
Кое е Божјето име?
[Слика на страница 5]
Каква е иднината на човештвото?
[Слика на страница 6]
Дали Исус е Семоќен Бог?
[Слика на страница 6]
Каде се мртвите?
[Слика на страница 7]
Воскресението на мртвите е една од основните вистини за кои учи Библијата