„Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“
Давање темелно сведоштво со голема храброст
ЕДНА разјарена толпа е спремна да претепа до смрт еден послушен слуга на Бог. Пред да биде предоцна, римските војници го оттргнуваат човекот од напаѓачите и го ставаат в затвор. Со тоа започнуваат низа настани што продолжуваат да се одвиваат следните пет години. Така, многу високи римски службеници имаат прилика да чујат за Исус Христос.
Жртвата е апостол Павле. Некаде во 34 година од н.е., Исус објавил дека Павле (Савле) ќе го однесе Неговото име пред „царевите“ (Дела 9:15). До 56 година од н.е., тоа сѐ уште не се случило. Но, додека се ближи крајот на третото мисионерско патување на овој апостол, работите ќе се променат.
Толпата му се нафрла, но тој не се плаши
Павле го продолжува своето патување во Ерусалим, и „поттикнати од духот“, некои христијани го предупредуваат дека во тој град го чека големо прогонство. Храбро, Павле вели: „Готов сум не само да бидам окован туку и да умрам во Ерусалим за името на Господарот Исус“ (Дела 21:4-14). Кога Павле оди во храмот во Ерусалим, Евреите од Азија што знаат каков успех постигнал Павле додека проповедал таму, подбуцнуваат една толпа луѓе за да го убие. Римските војници брзо му доаѓаат на помош (Дела 21:27-32). Тоа што го спасиле му дава на Павле ретки прилики да им ја објави вистината за Христос на непријателски настроени луѓе и на лица на високи положби.
Да им се проповеда на луѓе до кои тешко се доаѓа
Павле е одвлечен на безбедно место по скалилата на тврдината позната како кулата Антонија.a Од тие скалила, апостолот им дава силно сведоштво на толпа луѓе што веруваат во Бог (Дела 21:33—22:21). Но, штом спомнува дека има задача да им проповеда на не-Евреите, толпата повторно се разјарува. Воениот заповедник Лисиј наредува Павле да го сослушаат додека го камшикуваат за да се дознае зошто Евреите го обвинуваат. Меѓутоа, камшикувањето е спречено кога Павле кажува дека е римски граѓанин. Следниот ден, Лисиј го носи Павле пред Судскиот совет за да дознае зошто го обвинуваат Евреите (Дела 22:22-30).
Додека стои пред овој висок суд, Павле има уште една убава можност да им сведочи на своите сонародници, Евреите. Овој бестрашен проповедник изјавува дека верува во воскресението (Дела 23:1-8). Убиствената омраза на Евреите не попушта, и Павле е одведен кај војниците. Наредната ноќ го добива следново охрабрувачко уверување од Господарот: „Биди храбар! Зашто, како што во Ерусалим даваше темелно сведоштво за мене така треба да сведочиш и во Рим“ (Дела 23:9-11).
Заговорот да се убие Павле е спречен кога веднаш е тајно одведен во Цезареја, римската административна престолнина на Јудеја (Дела 23:12-24). Во Цезареја се укажуваат и други убави прилики, и Павле им сведочи на ‚цареви‘. Но, овој апостол најнапред му покажува на управителот Феликс дека нема никакви докази што ги поткрепуваат обвиненијата против него. Подоцна, Павле им проповеда нему и на неговата жена Друзила за Исус, за самосовладувањето, за праведноста и за претстојниот суд. Сепак, Павле останува во затвор две години, бидејќи Феликс се надева дека ќе добие поткуп, иако тоа не се случува (Дела 23:33—24:27).
Кога на местото на Феликс станува управител Фест, Евреите повторно се обидуваат да издејствуваат Павле да биде осуден и погубен. Неговиот случај повторно е сослушан во Цезареја, и за да спречи да го префрлат да биде суден во Ерусалим, Павле вели: „Стојам пред цезаревата судиска столица... Ќе се жалам пред цезарот!“ (Дела 25:1-11, 20, 21). По неколку дена, откако апостолот го изнесува својот случај пред царот Ирод Агрипа II, царот вели: „Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин“ (Дела 26:1-28). Некаде во 58 година од н.е., Павле е испратен во Рим. Како затвореник во тој град, снаодливиот апостол продолжува уште две години да наоѓа начини да проповеда за Христос (Дела 28:16-31). Изгледа дека Павле сепак застанал и пред императорот Нерон, бил прогласен за невин, и на крајот можел да продолжи со својата мисионерска активност како слободен човек. Нема извештај дека на некој друг апостол му се укажала прилика да дојде до толку значајни личности со добрата вест.
Како што можеме да видиме, апостол Павле се држел за значајното начело што неговите сохристијани го изнеле пред еврејскиот суд: „Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:29). Колку убав пример ни оставил! И покрај постојаните обиди на луѓето да го запрат, овој апостол бил потполно послушен на заповедта да дава темелно сведоштво. Како резултат од таквата непоколеблива послушност на Бог, Павле ја исполнил својата задача како „избран сад“ да им го носи Исусовото име „на незнабошците, и на царевите и на Израеловите синови“ (Дела 9:15).
[Фуснота]
a Види го Календарот на Јеховините сведоци за 2006 година, ноември/декември.
[Рамка/слики на страница 9]
ДАЛИ ПАВЛЕ МИСЛЕЛ САМО НА ТОА ДА СЕ ОДБРАНИ СЕБЕСИ?
Коментирајќи по ова прашање, авторот Бен Витеринтон III пишува: „Од гледна точка на Павле... најважното не било Павле да се одбрани себеси, туку да им посведочи за евангелието на властите, како на еврејските така и на не-еврејските... Всушност, пред суд било изведено самото евангелие“.