Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Песна над песните
„КАКОВ што е кринот меѓу трњето‚ таква е мојата љубена меѓу девојките.“ „Каква што е јаболкницата меѓу шумските дрвја, таков е мојот љубен меѓу момците.“ „Која е оваа, која гледа одозгора како зората, убава како полната месечина, чиста како сонцето што сјае?“ (Песна над песните 2:2, 3; 6:10). Колку се прекрасни овие стихови од библиската книга Песна над песните! Целата оваа книга е песна која има толку длабоко значење и убавина што е наречена и најубава песна (Песна над песните 1:1).
Ја составил цар Соломон од древниот Израел, веројатно некаде околу 1020 година пр.н.е., во почетокот на неговото 40-годишно владеење. Таа претставува љубовна приказна за еден пастир и за една девојка од село, една Суламка. Во неа се спомнати и мајката и браќата на девојката, ‚ќерките ерусалимски [дворските дами]‘ и ‚ќерките сионски [жените од Ерусалим]‘ (Песна над песните 1:5; 3:11). Кога се чита Библијата, не е лесно да се препознаат сите личности што зборуваат во Песната над песните, но тоа е можно ако се земе предвид што велат или што им се вели ним.
Како дел од Божјата реч, пораката од Песна над песните е многу важна од две причини (Евреите 4:12). Прво, таа нѐ учи што значи вистинската љубов помеѓу еден маж и една жена. Второ, оваа песна укажува на тоа каква љубов постои помеѓу Исус Христос и собранието од помазани христијани (2. Коринќаните 11:2; Ефешаните 5:25-31).
НЕ ОБИДУВАЈТЕ СЕ ДА ‚ПОБУДИТЕ ЉУБОВ ВО МЕНЕ‘
„Бакни ме со бакнеж на устата своја! Зашто, твојата љубов е подобра од вино“ (Песна над песните 1:2). Дијалогот во книгата Песна над песните започнува со овие зборови на една понизна селанка која е одведена во царскиот шатор на Соломон. Како се нашла таму?
„Синовите на мајка ми ми се налутија“, вели таа. „Ме поставија да чувам лозја.“ Нејзините браќа ѝ се лутат затоа што пастирот што го сака ја викнал да се прошетаат заедно во еден убав пролетен ден. За да ја спречат да оди, ѝ дале задача да внимава на „лисичињата што ги уништуваат лозјата“. Притоа, таа доаѓа близу до логорот на Соломон. Нејзината убавина е забележана кога оди во „оревовата градина“, и тогаш ја носат во логорот (Песна над песните 1:6; 2:10-15; 6:11).
Додека девојката кажува дека копнее по својот сакан пастир, дворските дами ѝ велат да ‚излезе и да појде по трагите на стадото‘ за да го побара пастирот. Но, Соломон не ѝ дозволува да оди. Восхитувајќи се на нејзината убавина, тој ѝ ветува „златни алки со зрна сребрени“. Сепак, тоа не ја импресионира девојката. Пастирот успева да влезе во логорот на Соломон, ја наоѓа и извикнува: „Колку си убава, о љубена моја! Колку си убава!“ Девојката ги заколнува дворските дами: „Не будете ја, не побудувајте ја љубовта во мене ако самата не се разбудила“ (Песна над песните 1:8-11, 15; 2:7; 3:5).
Одговорени библиски прашања:
1:2, 3 — Зошто помислата на љубовта на пастирот е како вино и неговото име како масло? Исто како што виното го радува срцето на човекот и излевањето на маслото врз главата закрепнува, помислата на љубовта на момчето и на неговото име ја зајакнала и ја поткрепила девојката (Псалм 23:5; 104:15). И вистинските христијани, особено помазаните, се зајакнати и охрабрени кога размислуваат за љубовта што ја покажува кон нив Исус Христос.
1:5 — Зошто селанката го споредува својот црномурен тен со „кидарските шатори“? Козјите влакна, кога ќе се преработат во ткаенина, се употребуваат за најразлични работи (4. Мојсеева 31:20). На пример, „платно од козји влакна“ се користело за да се направи „покров врз шаторот“ (2. Мојсеева 26:7). Како што се прават бедуинските шатори дури и денес, кидарските шатори најверојатно се правеле од црни козји влакна.
1:15 — Што мисли пастирот кога вели: „Имаш очи како гулабица“? Пастирот вели дека очите на неговата девојка се нежни и топли како очите на гулабицата.
2:7; 3:5 — Зошто дворските дами се заколнати „во газелите и во срните полски“? Газелите и срните се познати по својата грациозност и убавина. Всушност, Суламката ги заколнува дворските дами во сѐ што е грациозно и убаво да не се обидуваат да ја разбудат љубовта во неа.
Поуки за нас:
1:2; 2:6. Чистите изрази на љубов може да бидат сосема на место кога двајца млади се запознаваат. Меѓутоа, тие треба да внимаваат тоа да бидат изрази на искрена љубов а не на нечиста страст, која може да води до неморал (Галатите 5:19).
1:6; 2:10-15. Браќата на Суламката не ѝ дозволиле на својата сестра да отиде со својот сакан на осамено место во планините, но не затоа што таа била неморална или затоа што немала исправни мотиви. Напротив, тие само презеле една мерка на претпазливост со цел да спречат таа да се најде во ситуација што би можела да ја наведе на искушение. Поуката за младите двојки што се запознаваат е дека треба да избегнуваат осамени места.
2:1-3, 8, 9. Иако била убава, Суламката скромно сметала дека таа е „само шафран [обичен цвет] од крајбрежната рамница“. Затоа што била убава и му била верна на Јехова, во очите на пастирот таа била како ‚крин меѓу трњето‘. А што може да се каже за него? Затоа што бил убав, нејзе ѝ личел на „газела“. Тој сигурно бил и богобојазлив човек што му бил верен на Јехова. „Каква што е јаболкницата [која дава сенка и плодови] меѓу шумските дрвја“, вели таа, „таков е мојот љубен меѓу момците.“ Зар верата и богобојазливоста не се убави особини што треба да се бараат кај идниот сопружник?
2:7; 3:5. Селанката не чувствувала романтична љубов кон Соломон. Исто така, ги заколнала дворските дами да не се обидуваат да будат во неа љубов кон никого друг освен кон пастирот. Ниту е можно ниту е исправно да се чувствува романтична љубов кон кого и да е. Еден христијанин што не е во брак а сака да стапи во брак треба да размислува само за личност што лојално му служи на Јехова (1. Коринќаните 7:39).
„ШТО ГЛЕДАТЕ НА СУЛАМКАТА?“
Нешто „се крева од пустината како столбови од дим“ (Песна над песните 3:6). Што гледаат жените од Ерусалим кога одат да видат? Соломон и неговата придружба се враќаат во градот! А царот ја повел со себе и Суламката.
Пастирот тргнал по девојката и наскоро наоѓа начин да ја види. Кога ја уверува во својата љубов, таа вели дека сака да си замине од градот: „Пред да задува дневниот ветрец и пред сенките да побегнат, ќе појдам до смирновата гора и до темјановиот рид“. Таа го повикува пастирот да ‚дојде во градината своја и да ги јаде најбираните плодови‘. Тој одговара: „Дојдов во градината своја, сестро моја, невесто моја“. Жените од Ерусалим им велат: „Јадете, пријатели! Пијте и опијте се со љубов!“ (Песна над песните 4:6, 16; 5:1).
Откако на дворските дами им раскажува еден сон, Суламката им вели: „Боледувам од љубов“. Тие прашуваат: „Во што е љубениот твој подобар од другите?“ Таа одговара: „Љубениот мој целиот свети и румен е, меѓу десет илјади се познава“ (Песна над песните 5:2-10). Кога Соломон ја опсипува со фалби, таа понизно одговара: „Што гледате на Суламката?“ (Песна над песните 6:4-13). Гледајќи во ова можност да ја придобие нејзината љубов, царот ѝ дели уште повеќе комплименти. Меѓутоа, девојката останува цврста во својата љубов кон пастирот. На крајот, Соломон ја пушта да си оди дома.
Одговорени библиски прашања:
4:1; 6:5 — Зошто косата на девојката е споредена со „стадо кози“? Оваа споредба укажува дека нејзината коса била блескава и бујна како црните влакна на козите.
4:11 — Што е значајно во врска со тоа што од ‚усните на Суламката капе мед од саќе‘ и ‚под јазикот има мед и млеко‘? Саќето е повкусно и послатко од медот што бил изложен на воздух. Оваа споредба, како и мислата дека медот и млекото се под јазикот на девојката, истакнува колку биле убави и пријатни зборовите што ги кажувала Суламката.
5:12 — Што значи изразот „очите му се како гулаби крај потоци, кои се капат во езерце од млеко“? Девојката зборува за убавите очи на нејзиниот сакан. Можеби таа поетски прави споредба помеѓу темната шареница на неговите очи опкружена со белката на окото и сино-сивите гулаби што се капат во млеко.
5:14, 15 — Зошто се така опишани рацете и нозете на пастирот? Девојката вели дека прстите на пастирот се златни и неговите нокти се како хрисолит. Неговите нозе ги споредува со „мермерни столбови“ затоа што се силни и убави.
6:4, фуснота — Дали „Прекрасниот град“ се однесува на Ерусалим? Не. „Прекрасниот град“ е „Терса“. Овој хананејски град го освоил Исус Навин и по владеењето на Соломон станал првата престолнина на северното десетплеменско царство Израел (Исус Навин 12:7, 24; 1. Царевите 16:5, 6, 8, 15). „Изгледа дека градот бил многу убав“, стои во една книга, „и затоа се спомнува овде“.
6:13, фуснота — Каква е таа „игра на два логора“? Овој израз може да се преведе и како „игра маханаимска“. Градот што го носел тоа име се наоѓал на источната страна на реката Јордан, во близина на потокот Јавок (1. Мојсеева 32:2, 22; 2. Самоилова 2:29). ‚Играта на двата логора‘ можеби се однесува на извесен танц што се танцувал во тој град кога имало некој празник.
7:4 — Зошто Соломон го споредил вратот на Суламката со „кула од слонова коска“? Претходно, девојката го добила следниов комплимент: „Вратот ти е како кулата Давидова“ (Песна над песните 4:4). Кулата е висока и тесна, а слоновата коска е мазна. Соломон е импресиониран од тоа колку е тенок и мазен вратот на девојката.
Поуки за нас:
4:1-7. Со тоа што одолеала на заведувањата на Соломон, Суламката, иако несовршена, покажала дека е морално беспрекорна. Така, нејзината морална цврстина ја направила уште поубава. Тоа треба да биде случај и со христијанските жени.
4:12. Како некоја убава градина опкружена со голем ѕид, кој може да се премине само преку заклучена капија, Суламката си дозволува изрази на нежност само кон својот иден сопруг. Колку убав пример е тоа за немажените христијанки и за неоженетите христијани!
„ПЛАМЕН ШТО ГО ДАВА ЈАХ“
„Која е онаа што се искачува од пустината, потпрена на љубениот свој?“, прашуваат браќата на Суламката кога гледаат дека се враќа дома. Кратко пред тоа, еден од нив рекол: „Ако биде како ѕид, врз него ќе изградиме круниште од сребро, а ако биде како врата, ќе ја затвориме со кедрова штица“. Но, откако била испитана и докажана постојаноста на љубовта на Суламката, таа вели: „Јас сум ѕид и градите мои се како кули. Така во очите негови станав како онаа што нашла мир“ (Песна над песните 8:5, 9, 10).
Вистинската љубов е „пламен што го дава Јах“. Зошто? Затоа што таквата љубов доаѓа од Јехова. Тој е оној што нѐ создал со способност да сакаме. Таа е пламен што не може да се изгасне. Книгата Песна над песните на многу убав начин покажува дека љубовта помеѓу мажот и жената може да биде „силна [постојана] како смртта“ (Песна над песните 8:6).
Оваа прекрасна песна на Соломон фрла светлина и врз врската што постои помеѓу Исус Христос и членовите на небесната „невеста“ (Откровение 21:2, 9). Исусовата љубов кон помазаните христијани ја надминува љубовта помеѓу кои и да се маж и жена. Членовите на класата на невестата се цврсти во својата верност. Исус со љубов го дал својот живот и за ‚другите овци‘ (Јован 10:16). Сите оние што искрено му служат на вистинскиот Бог можат да го следат примерот на Суламката во поглед на непоколебливата љубов и верност.
[Слика на страници 18 и 19]
Како што учиме од Песната над песните, што треба да бараме кај брачниот другар?