Спорно прашање кое важи и за тебе
ДАЛИ имаш пријател или роднина со кого си посебно близок? Што ако некој те обвини дека тоа пријателство го одржуваш само од корист? Зарем нема да бидеш навреден, па дури и лут? Токму за такво нешто ги обвинил Сатана Ѓаволот сите оние што се блиски со Јехова Бог.
Размисли за она што се случило кога Сатана успеал да ги наведе првите маж и жена, Адам и Ева, да го прекршат Божјиот закон и да му се придружат во побуната против Бог. Дали тој настан покажува дека луѓето ќе му останат послушни на Јехова само додека имаат корист од тоа? (1. Мојсеева 3:1-6). Околу 2.500 години по побуната на Адам, Сатана го покренал сосема истото прашање — овојпат во врска со човекот кој се викал Јов. Бидејќи обвинението што Ѓаволот го изнел јасно ни открива кое е тоа спорно прашање, да го разгледаме внимателно тој библиски извештај.
„Нема да отстапам од својата непорочност!“
Јов бил ‚човек беспрекорен и праведен, кој се боел од Бога и го одбегнувал злото‘. Меѓутоа, Сатана ја прикажал праведноста на Јов во сосема поинакво светло. Тој го прашал Јехова: „Зарем Јов залудно се бои од Бог?“ Потоа, Ѓаволот ги оцрнил и Бог и Јов, обвинувајќи го Јехова дека ја купил лојалноста на Јов со тоа што го штител и го благословувал. „Туку, те молам“, рекол Сатана, „пружи ја раката и допри сѐ што има, па види дали нема да те проколне в лице!“ (Јов 1:8-11).
За да одговори на овие тврдења, Јехова му дозволил на Сатана да го искуша Јов. Обидувајќи се да го натера Јов да престане да му служи на Бог, Ѓаволот му нанел на тој верен човек една несреќа по друга. Сета стока на Јов му била или украдена или уништена, неговите слуги биле убиени, а неговите деца загинале (Јов 1:12-19). Но, дали Сатана успеал да ја постигне својата цел? Во никој случај! Иако не бил свесен дека Ѓаволот е причината за неговата несреќа, Јов рекол: „Јехова даде, Јехова и зеде. Нека биде благословено името Јеховино!“ (Јов 1:21).
Потоа Сатана дошол пред Јехова, кој му рекол: „[Јов] уште е постојан во својата непорочност, иако ти ме наведе да се нафрлам на него и да го упропастам без причина“ (Јов 2:1-3). Важното спорно прашање било поврзано со непорочноста на Јов — особина за која е потребна непоколеблива лојалност кон Бог и внимателно постапување според правдата. До тој момент, што се однесува до непорочноста, Јов бил победник. Но, Ѓаволот не се откажал.
Како следно, Сатана рекол нешто што се однесува на сите луѓе. „Кожа за кожа!“ — му рекол тој на Јехова. „Човекот ќе даде сѐ што има за својата душа. Туку, те молам, пружи ја раката и допри ги неговите коски и неговото месо, па види дали нема да те проколне в лице!“ (Јов 2:4, 5). Користејќи го општиот израз „човекот“, наместо името на Јов, Ѓаволот ја довел во прашање непорочноста на сите луѓе. Всушност, тој тврди: ‚Човекот ќе направи сѐ само за да си го спаси животот. Дај ми шанса, и јас ќе ги натерам сите луѓе да престанат да му служат на Бог‘. Зарем ниту еден човек нема да му остане лојален на Бог под секакви околности и во секое време?
Јехова му дозволил на Ѓаволот да предизвика кај Јов една тешка болест. Јов толку многу страдал што се молел да умре (Јов 2:7; 14:13). Сепак, Јов рекол: „Сѐ додека дишам, нема да отстапам од својата непорочност!“ (Јов 27:5). Јов рекол така бидејќи го сакал Бог, и ништо не можело да го промени тоа. Јов докажал дека бил навистина непорочен човек. А Библијата вели: „Јехова ги благослови подоцнежните години од животот на Јов повеќе отколку претходните“ (Јов 42:10-17). Дали постоеле и други луѓе како Јов? Што открило времето?
Како бил решен спорот?
Во 11. поглавје од библиската книга Евреите, апостол Павле спомнал по име повеќе верни мажи и жени од претхристијанските времиња, меѓу кои и Ное, Авраам, Сара и Мојсеј. Потоа апостолот изјавил: „Нема да имам доволно време ако почнам да раскажувам за [другите]“ (Евреите 11:32). Овие верни Божји слуги биле толку многу на број што Павле ги нарекол „голем облак од сведоци“ сличен на огромните облаци што се насобираат на небото (Евреите 12:1). Да, низ изминатите векови, неброени мноштва луѓе ја искористиле својата слободна волја и избрале да му бидат лојални на Јехова Бог (Исус Навин 24:15).
Конечниот одговор на Сатановото тврдење дека може да ги натера сите луѓе да престанат да му служат на Јехова го дал лично Божјиот Син, Исус Христос. Дури ни неподносливата смртна болка што ја доживеал на маченичкиот столб не ја скршила неговата верност кон Бог. Со последниот здив, Исус извикал: „Татко, во твоите раце го доверувам својот дух!“ (Лука 23:46).
Времето јасно покажало дека Ѓаволот не можел да ги натера сите да престанат да му служат на вистинскиот Бог. Безброј луѓе го запознале Јехова и го засакале „со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“ (Матеј 22:37). Нивната непоколеблива лојалност кон Јехова докажала дека Сатана греши што тврди дека луѓето нема да му останат верни на Бог по секоја цена. И ти би можел со својот непорочен живот да докажеш дека Сатана греши.
Што мораш да сториш?
Божја волја е „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тимотеј 2:4). Како да го постигнеш тоа? Одвој време за да ја проучуваш Библијата и ‚добро да го запознаеш единствениот вистински Бог, и оној кого го испратил, Исус Христос‘ (Јован 17:3).
Сатана ја довел во прашање непорочноста на човекот така што фрлил сомнеж врз мотивите од кои тој му служи на Бог. За да може да влијае врз твоите мотиви, знаењето треба да ти допре до срце. А за да се случи тоа, не е доволно само да бараш информации од Библијата. Стекнувај навика длабоко да размислуваш за она што го учиш (Псалм 143:5). Кога ја читаш Библијата или публикациите темелени на неа, потруди се да најдеш време за да размислиш за следниве прашања: ‚Што учам од ова за Јехова? Кои особини на Бог доаѓаат тука до израз? На кои подрачја од мојот живот треба и јас да ги покажам? Што е прифатливо за Бог, а што не е? Како влијае тоа врз моите чувства кон Бог?‘ Таквото длабоко размислување ќе го исполни твоето срце со љубов и благодарност кон Творецот.
Верноста кон Бог не е ограничена само на религиозниот живот (1. Царевите 9:4). За да му останеш верен на Јехова Бог, потребно е да бидеш праведен на секое поле од животот. И ништо нема да изгубиш ако бидеш таков. Јехова е „среќниот Бог“, и тој сака ти да уживаш во животот (1. Тимотеј 1:11). Да разгледаме сега неколку навики и постапки што треба да ги отфрлиш за да останеш морално чист, и така да имаш посреќен живот и Бог да биде задоволен од тебе.
Чувај се од сексуален неморал
Во својата Реч, Библијата, Јехова лично поставил мерило за бракот, кое гласи: „Човек ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и тие двајцата ќе станат едно тело“ (1. Мојсеева 2:21-24). Бидејќи венчаните маж и жена стануваат „едно тело“, тие покажуваат почит кон бракот ако имаат интимни односи само со својот брачен партнер. Апостол Павле рекол: „Бракот нека биде чесен меѓу сите и брачната постела нека биде чиста, зашто Бог ќе им суди на блудниците и на прељубниците“ (Евреите 13:4). Изразот ‚брачна постела‘ укажува на сексуални односи меѓу маж и жена кои се законски регистрирани. Ако некој од нив има сексуални односи со некој друг, тогаш прави прељуба и може да биде осуден од Бог (Малахија 3:5).
А како стојат работите со половите односи пред брак? И тоа е против моралните мерила што ги поставил Јехова. „Божја волја е... да се воздржувате од блуд“, вели Библијата (1. Солуњаните 4:3). Хомосексуалноста, инцестот, односно родосквернавењето, како и половите односи со животни се исто така гревови против Бог (3. Мојсеева 18:6, 23; Римјаните 1:26, 27). Секој што сака да му угоди на Бог и да води навистина среќен живот не смее да си дозволи да изврши сексуален неморал.
А што е со однесувањето што побудува сексуална страст пред брак? Јехова не го одобрува тоа (Галатите 5:19). И умот мора да биде чист од неморални мисли. Исус рекол: „Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5:28). Овие зборови подеднакво важат и за гледање порнографски слики на хартија, на телевизор или на Интернет; за читање текстови со неморална содржина; како и за слушање песни со непристоен текст. Ако избегнуваме таков материјал, Бог ќе биде задоволен со нас, а тоа ќе има и позитивно влијание врз нашиот живот.
Што да се каже за флертувањето? Флертувањето е дефинирано како однесување со кое „без сериозни намери се предизвикува заљубеност и сексуална возбуда“. Ако оженет маж или омажена жена му обрне такво внимание на некое лице, постапува против библиските мерила, а тоа е знак дека не го почитува Јехова (Ефешаните 5:28-33). Колку неумесно би било ако немажени и неженети луѓе си упатуваат романтични изрази на симпатии само заради забава! Што ако некој го сфати сериозно таквото флертување? Само помисли на емоционалната болка што може тој да ја доживее. Отрезнува и фактот дека флертувањето може да доведе и до прељуба и блуд. Од друга страна, пак, тој што се однесува со лицата од спротивниот пол со чистота, ја зголемува својата самопочит (1. Тимотеј 5:1, 2).
Да му угодиме на Бог и на други подрачја од животот
Во многу земји лесно може да се купат алкохолни пијалаци. Дали е погрешно да се пие алкохол? Библијата не забранува умерено да се пие вино, пиво или некој друг алкохолен пијалак (Псалм 104:15; 1. Тимотеј 5:23). Но, претераното пиење и пијанството се погрешни во Божји очи (1. Коринќаните 5:11-13). Ти сигурно не би сакал прекумерното пиење да ти го наруши здравјето и да ти го расипе семејниот живот (Изреки 23:20, 21, 29-35).
Јехова е ‚Бог на вистината‘ (Псалм 31:5). Библијата вели дека „е невозможно Бог да лаже“ (Евреите 6:18). Ако сакаш тој да биде задоволен од тебе, нема да лажеш (Изреки 6:16-19; Колошаните 3:9, 10). Библијата ги советува христијаните да ‚ја зборуваат вистината секој на својот ближен‘ (Ефешаните 4:25).
Тука се и игрите на среќа. Иако се популарни, игрите на среќа се еден вид алчност, бидејќи претставуваат обид да се добијат пари на сметка на другите. Јехова не ги одобрува оние што се „алчни за нечесна добивка“ (1. Тимотеј 3:8). Затоа, ако сакаш да му угодиш на Јехова, нема да учествуваш во никакви игри на среќа, како што се лото, бинго и обложување на спортски настани. Како резултат на тоа, можеби ќе забележиш дека, всушност, имаш повеќе пари на располагање за да ги задоволиш потребите на своето семејство.
Крадењето, кое претставува земање нешто што не ти припаѓа, е уште еден облик на алчност. Библијата вели: „Не кради!“ (2. Мојсеева 20:15). Погрешно е да купуваш предмети за кои знаеш дека се украдени и да земеш нешто без да прашаш. „Кој крадел, повеќе да не краде“, вели Библијата, „туку да работи марливо, правејќи добро со своите раце, за да има да му даде нешто на оној што е во немаштија“ (Ефешаните 4:28). Наместо да крадат време од својот работодавач, оние што го сакаат Јехова чесно работат цел работен ден. Тие сакаат ‚во сѐ да постапуваат чесно‘ (Евреите 13:18). А чистата совест сигурно придонесува за душевен мир.
Како гледа Бог на оние што имаат насилен карактер? Библијата нѐ предупредува: „Не дружи се со оној што е склон кон лутина и не оди со човек кој лесно се разгневува“ (Изреки 22:24). Неконтролираниот гнев често води до насилство (1. Мојсеева 4:5-8). А за одмаздувањето, Библијата вели: „Никому не враќајте зло за зло. Правете го она што сите луѓе го сметаат за добро. Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се, сакани, туку дајте му место на Божјиот гнев, зашто е напишано: ‚Одмаздата е моја, јас ќе вратам, вели Јехова‘“ (Римјаните 12:17-19). Ако постапуваме според тие совети, нашиот живот ќе биде многу помирен — и тоа ќе ја зголеми нашата среќа.
И ти можеш да успееш
Дали можеш да му останеш верен на Бог и покрај притисокот да постапиш сосема спротивно? Да, можеш. Биди свесен дека Бог сака ти да успееш да докажеш дека Сатана греши кога тврди дека нема да останеш непорочен, бидејќи Божјата Реч вели: „Биди мудар, сине мој, и израдувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној што ми се подбива“ (Изреки 27:11).
Можеш да го молиш Јехова да ти даде сила да го правиш она што е исправно во негови очи (Филипјаните 4:6, 7, 13). Затоа, биди решен да вложиш напор за подобро да се запознаеш со Божјата реч, Библијата. Со ценење размислувај за она што си го научил од неа, и тоа ќе ти помогне да ја продлабочиш својата љубов кон Бог и ќе те мотивира да му угодиш. Во 1. Јованово 5:3 стои: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“. Јеховините сведоци во твоето место на живеење со задоволство ќе ти помогнат да ја проучуваш Библијата. Слободно стапи во контакт со нив, или пиши им на издавачите на ова списание.
[Слика на страница 4]
Јов останал верен во искушение
[Слика на страница 7]
Колку подобро ја познаваш Божјата реч толку повеќе ќе бидеш решен да постапуваш исправно