Јехова ќе ‚се погрижи да добиеме правда‘
„Та нема ли Бог да се погрижи да добијат правда неговите избрани, кои викаат кон него ден и ноќ?“ (ЛУКА 18:7).
1. Кои личности ти се извор на охрабрување, и зошто?
ВО ЦЕЛИОТ свет, во редовите на Јеховините сведоци има христијански браќа и сестри што со години верно му служат на Јехова. Познаваш ли некои од тие драги лица? Можеби помислуваш на некоја постара сестра, која е крстена пред многу години и ретко пропушта состанок во Салата на Царството. Или можеби помислуваш на некој остарен брат што со децении лојално соработува со собранието во службата на проповедање секоја седмица. Многу од овие верни лица си мислеле дека досега Армагедон требаше веќе да дојде и да помине. Сепак, тоа што овој неправеден свет сѐ уште постои не ја поткопало нивната доверба во Јеховините ветувања ниту ја ослабнало нивната решеност да ‚истраат до крајот‘ (Матеј 24:13). Силната вера што ја покажуваат таквите лојални слуги на Јехова е вистински извор на охрабрување за целото собрание (Псалм 147:11).
2. Поради која ситуација ни е жал?
2 Но, понекогаш можеби го гледаме токму спротивното. Некои Сведоци со години ја извршувале службата, но со текот на времето нивната вера во Јехова ослабнала и престанале да доаѓаат во христијанското собрание. Жал ни е што некои поранешни соверници го напуштиле Јехова, и од сѐ срце сакаме да ѝ помогнеме на секоја ‚изгубена овца‘ да се врати во стадото (Псалм 119:176; Римјаните 15:1). Сепак, овие две различни ситуации — тоа што некои остануваат верни додека други ја губат верата — покренуваат некои прашања. Што им помага на голем број Сведоци да ја задржат верата во Јеховините ветувања, додека други ја губат? Што може да направи секој од нас за да го зацврсти своето уверување дека „големиот ден на Јехова“ се приближува? (Софонија 1:14). Да разгледаме една споредба што е запишана во евангелието по Лука.
Предупредување за оние што живеат ‚кога е дојден Синот човечки‘
3. Особено кому може да му користи споредбата за вдовицата и судијата, и зошто?
3 Во Лука, 18. поглавје, се наоѓа Исусовата споредба во врска со една вдовица и еден судија. Таа е слична на споредбата за упорниот домаќин, што ја разгледавме во претходната статија (Лука 11:5-13). Меѓутоа, контекстот на библиските стихови во кои е раскажана споредбата за вдовицата и судијата покажува дека таа особено се однесува на оние што живеат ‚кога е дојден Синот човечки‘ да владее како Цар, временски период што започнал во 1914 година (Лука 18:8).a
4. За што зборувал Исус пред да ја раскаже споредбата од Лука, 18. поглавје?
4 Пред да ја каже оваа споредба, Исус рекол дека доказот за неговата присутност, кога тој ќе владее како Цар, ќе биде исто толку видлив насекаде „како што молњата со својот блесок светнува од едниот крај на небото до другиот крај на небото“ (Лука 17:24; 21:10, 29-33). И покрај тоа, повеќето луѓе што живеат во „времето на крајот“ нема да обрнат внимание на тој јасен доказ (Даниел 12:4). Зошто? Од истата причина од која луѓето во времето на Ное и на Лот ги игнорирале Јеховините предупредувања. Во тоа време луѓето ‚јаделе, пиеле, купувале, продавале, саделе и граделе сѐ до денот кога биле уништени‘ (Лука 17:26-29). Тие го изгубиле животот затоа што биле толку внесени во тие вообичаени работи, што не обрнале внимание на Божјата волја (Матеј 24:39). И денес, луѓето општо земено се толку зафатени со секојдневните активности, што не успеваат да го видат доказот дека е близу крајот на овој безбожен свет (Лука 17:30).
5. а) Кому му дал Исус едно предупредување, и зошто? б) Зошто некои ја изгубиле верата?
5 Јасно, Исус бил загрижен дека и неговите следбеници би можеле да бидат одвлечени од светот на Сатана, и тоа до тој степен што би можеле да се ‚вратат назад‘ (Лука 17:22, 31). Токму тоа навистина и се случило со некои христијани. Со години тие копнееле по денот кога Јехова ќе му стави крај на овој злобен свет. Меѓутоа, бидејќи Армагедон не дошол во времето кога очекувале, тие се разочарале. Ослабнала нивната доверба дека е близу Јеховиниот ден на суд. Забавиле во службата и, малку по малку, толку се внеле во световните работи на животот што не им останало многу време за духовните работи (Лука 8:11, 13, 14). Со текот на времето ‚се вратиле назад‘ — колку жалосно!
Потребата ‚секогаш да се молиме‘
6-8. а) Раскажи ја споредбата за вдовицата и судијата. б) Како ја објаснил Исус оваа споредба?
6 Што да направиме за да не ослабне нашата цврста доверба дека Јехова ќе ги исполни своите ветувања? (Евреите 3:14). Исус кажал нешто за тоа веднаш откако ги опоменал учениците да не се враќаат во злобниот свет на Сатана.
7 Лука известува дека Исус ‚им раскажал една споредба за тоа дека секогаш треба да се молат и да не се откажуваат‘. Тој рекол: „Во еден град си беше еден судија, кој не се плашеше од Бог и не му беше грижа за луѓето. А во тој град имаше и една вдовица, која доаѓаше кај него и го молеше: ‚Помогни ми да добијам правда во спорот со оној со кој се судам‘. Некое време тој не сакаше, но на крајот си рече во себе: ‚Не се плашам од Бог и не ми е грижа за луѓето, но оваа вдовица толку ми досадува што сепак ќе ѝ помогнам да добие правда, па повеќе да не доаѓа и да ме измачи докрај‘“.
8 Откако го раскажал ова, Исус го објаснил значењето: „Дали чувте што рекол неправедниот судија? Та нема ли Бог да се погрижи да добијат правда неговите избрани, кои викаат кон него ден и ноќ, иако изгледа дека долго чека за да им помогне? Ви велам, ќе се погрижи брзо да добијат правда. Но Синот човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“ (Лука 18:1-8).
„Помогни ми да добијам правда“
9. Која е главната тема во споредбата за вдовицата и судијата?
9 Јасно може да се види која е главната тема на оваа живописна споредба. Неа ја спомнуваат двата лика во споредбата и самиот Исус. Вдовицата молела: „Помогни ми да добијам правда“. Судијата рекол: „Ќе ѝ помогнам да добие правда“. Исус прашал: „Та нема ли Бог да се погрижи да добијат правда?“ А во врска со Јехова, Исус рекол: „Ќе се погрижи брзо да добијат правда“ (Лука 18:3, 5, 7, 8). Кога точно Бог ќе ‚се погрижи да се добие правда‘?
10. а) Кога била извршена правдата во првиот век? б) Кога и како ќе се изврши правда за Божјите слуги денес?
10 Во првиот век, ‚деновите во кои ќе се изврши правдата‘ (или „дните на одмазда“, Превод на МПЦ) настапиле во 70 година од н.е., кога биле уништени Ерусалим и неговиот храм (Лука 21:22). За Божјиот народ денес, правдата ќе се изврши во „големиот ден на Јехова“ (Софонија 1:14; Матеј 24:21). Тогаш Јехова ќе ‚им ја врати неволјата на оние што му нанесуваат неволја‘ на неговиот народ, „кога [Исус Христос] ќе изврши одмазда над оние што не го познаваат Бог и не ѝ се покоруваат на добрата вест за нашиот Господар Исус“ (2. Солуњаните 1:6-8; Римјаните 12:19).
11. Во кој поглед правдата ќе дојде „брзо“?
11 Но, како треба да го сфатиме Исусовото уверување дека Јехова ќе се погрижи правдата да се изврши „брзо“? Божјата реч покажува дека „иако изгледа дека [Јехова] долго чека“, тој брзо ќе изврши пресуда кога ќе дојде вистинското време за тоа (Лука 18:7, 8; 2. Петрово 3:9, 10). Во времето на Ное, кога дошол Потопот, злобните биле уништени веднаш. Слично, во времето на Лот, кога од небото паѓал оган, злобните изгинале. Исус рекол: „Исто така ќе биде во денот кога ќе се појави Синот човечки“ (Лука 17:27-30). И тогаш злобните „ненадејно ќе ги снајде уништување“ (1. Солуњаните 5:2, 3). Всушност, можеме да бидеме сосема уверени дека Јехова нема да дозволи светот на Сатана да постои ниту еден ден подолго отколку што бара правдата.
‚Бог ќе се погрижи да се добие правда‘
12, 13. а) Што учиме од Исусовата споредба за вдовицата и судијата? б) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ги чуе нашите молитви и ќе се погрижи да добиеме правда?
12 Во Исусовата споредба за вдовицата и судијата се изнесени и други важни вистини. Кога ја објаснувал оваа споредба, Исус рекол: „Дали чувте што рекол неправедниот судија? Та нема ли Бог да се погрижи да добијат правда неговите избрани?“ Се разбира, Исус не го споредил Јехова со тој судија за да покаже дека Бог ќе постапи со верниците на сличен начин. Наместо тоа, Исус им дал на своите следбеници една поука во врска со Јехова на тој начин што истакнал една разлика помеѓу тој судија и Бог. Во кои работи може да се направи разлика помеѓу нив?
13 Судијата од споредбата на Исус бил ‚неправеден‘, додека „Бог е праведен Судија“ (Псалм 7:11; 33:5). Судијата воопшто не бил заинтересиран за вдовицата, но Јехова е заинтересиран за секој човек (2. Летописи 6:29, 30). Судијата не сакал да ѝ помогне на вдовицата, но Јехова сака — да, тој има силна желба — да им помогне на оние што му служат (Исаија 30:18, 19). Што учиме од ова? Штом неправедниот судија ги послушал барањата на вдовицата и ѝ дал правда, тогаш колку повеќе Јехова ќе ги чуе молитвите на своите слуги и сигурно ќе се погрижи тие да добијат правда! (Изреки 15:29).
14. Зошто не треба да изгубиме вера дека ќе дојде Божјиот ден на суд?
14 Според тоа, оние што ја губат верата дека ќе дојде Божјиот ден на суд, прават голема грешка. Зошто? Со тоа што се откажуваат од својата цврста вера дека „големиот ден на Јехова“ е близу, тие покажуваат сомнеж дали можеме да имаме доверба дека Јехова ќе ги одржи своите ветувања. Но, никој не може со право да оспори дека Бог си стои на зборот (Јов 9:12). Едно добро прашање што треба да си го поставиме е: ‚Дали јас лично ќе останам верен?‘ Токму тоа е прашањето што го поставил Исус на крајот од споредбата за вдовицата и судијата.
„Ќе најде ли вера на земјата?“
15. а) Кое прашање го поставил Исус, и зошто? б) Што треба да се запраша секој од нас?
15 Исус го поставил ова интересно прашање: „Синот човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“ (Лука 18:8). Тој не мислел на верата во општа смисла, туку на верата што ја имала таа вдовица. Исус не дал одговор на своето прашање. Тој го поставил за да ги натера учениците да размислат за тоа каква е нивната вера. Дали почнала да слабее, па биле во опасност да се вратат на она што го оставиле зад себе? Или имале вера каква што имала вдовицата? Денес и ние треба да се запрашаме: ‚Каква вера наоѓа „Синот човечки“ во моето срце?‘
16. Каква вера имала вдовицата?
16 За да бидеме меѓу оние што ќе добијат правда од Јехова, треба да го следиме примерот на вдовицата. Каква вера имала таа? Таа ја покажала својата вера со тоа што упорно ‚доаѓала кај судијата и го молела: „Помогни ми да добијам правда“‘. Вдовицата била упорна за да добие правда од еден неправеден човек. Слично на тоа, Божјите слуги денес можат да бидат уверени дека ќе добијат правда од Јехова — дури и ако за тоа треба повеќе време отколку што очекувале. Освен тоа, тие покажуваат дека имаат доверба во Божјите ветувања со тоа што упорно се молат — да, ‚викаат кон Јехова ден и ноќ‘ (Лука 18:7). Всушност, ако еден христијанин престане да се моли да добие правда, покажува дека изгубил доверба дека Јехова ќе дејствува во корист на своите слуги.
17. Какви причини имаме истрајно да се молиме и да задржиме вера дека сигурно ќе дојде Јеховиниот ден на суд?
17 Специфичните околности во кои се наоѓала таа вдовица ни покажуваат дека ние имаме уште повеќе причини истрајно да се молиме. Размисли за некои разлики помеѓу нејзината и нашата ситуација. Вдовицата постојано одела кај судијата иако никој не ја охрабрувал на тоа, но Божјата реч многупати нѐ охрабрува ‚да истраеме во молитвата‘ (Римјаните 12:12). Вдовицата немала гаранција дека ќе го добие она што го бара, но Јехова нѐ уверува дека ние ќе добиеме правда. Преку еден од своите пророци, Јехова рекол: „Дури и да се забави, чекај го, зашто бездруго ќе се исполни. Нема да задоцни“ (Авакум 2:3; Псалм 97:10). На вдовицата немало кој да ѝ помогне за да се сфати сериозно нејзината молба. Но, ние имаме еден моќен помошник, Исус, кој ‚е од десната страна на Бог и се зазема за нас‘ (Римјаните 8:34; Евреите 7:25). Значи, штом вдовицата, иако била во тешка ситуација, постојано го молела судијата со надеж дека ќе добие правда, тогаш колку повеќе треба ние да задржиме вера дека сигурно ќе дојде Јеховиниот ден на суд!
18. Како молитвата ќе ја зајакне нашата вера и ќе ни помогне да добиеме правда?
18 Од споредбата за вдовицата учиме дека молитвата и верата се тесно поврзани и дека со нашите упорни молитви може да се дејствува против влијанијата што би можеле да ни ја ослабнат верата. Се разбира, тоа не значи дека верата ќе ја зачуваме само со тоа што помпезно ќе се молиме (Матеј 6:7, 8). Кога се молиме затоа што сфаќаме дека сме сосема зависни од Бог, тогаш молитвите ќе нѐ зближат со Бог и ќе ја зајакнат нашата вера. А бидејќи за спасение е потребна вера, не е чудо што Исус сметал дека е неопходно да ги охрабри своите ученици ‚секогаш да се молат и да не се откажуваат‘! (Лука 18:1; 2. Солуњаните 3:13). Се разбира, доаѓањето на „големиот ден на Јехова“ не зависи од нашите молитви — тој ќе дојде без оглед на тоа дали се молиме за него или не. Но, дали ние лично ќе добиеме правда и дали ќе ја преживееме Божјата војна или не, сигурно зависи од нашата вера и од тоа дали сме праведни и дали се молиме.
19. Со што докажуваме дека цврсто веруваме дека Бог ќе ‚се погрижи да добиеме правда‘?
19 Како што се сеќаваме, Исус прашал: „Синот човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“ Како гласи одговорот на ова интересно прашање? Колку сме среќни што денес милиони верни слуги на Јехова во светот докажуваат со своите молитви, со својата стрпливост и со својата истрајност дека имаат таква вера! Така, Исусовото прашање може да се одговори потврдно. Да, и покрај неправдите што во моментов ги доживуваме во Сатановиот свет, цврсто веруваме дека Бог ќе „се погрижи да добијат правда неговите избрани“.
[Фуснота]
a За да сфатиш сосема колку е важна оваа споредба, прочитај што пишува во Лука 17:22-33. Забележи како осврнувањето на „Синот човечки“ во Лука 17:22, 24 и 30 ни помага да добиеме одговор на прашањето што е поставено во Лука 18:8.
Се сеќаваш ли?
• Зошто некои христијани ја изгубиле верата?
• Зошто можеме да имаме цврста вера дека ќе дојде Јеховиниот ден на суд?
• Кои причини ги имаме да истраеме во молитвата?
• Како ќе ни помогнат упорните молитви да не ја изгубиме верата?
[Слика на страница 26]
Што е нагласено во споредбата за вдовицата и судијата?
[Слики на страница 29]
Милиони денес цврсто веруваат дека Бог ќе ‚се погрижи да добијат правда‘