Животна приказна
Зошто ми причинува радост да правам ученици
Раскажала Памела Мозли
Во 1941 год., во Англија беснееше војна. Мајка ми ме одведе во Лестер за да присуствуваме на еден конгрес на Јеховините сведоци. Таму го чувме специјалното предавање за децата, кое го одржа Џозеф Ратерфорд. На тој конгрес се крстивме мајка ми и јас, и тогаш забележав дека оние што ни помогнаа духовно да напредуваме беа многу среќни. Во тоа време не сфаќав колкава радост е да се прават ученици на Исус Христос.
ПОЧНАВМЕ да напредуваме до крштавање една година претходно. Сѐ уште се сеќавам на тој страшен септемвриски ден кога, во 1939 год., започна Втората светска војна. Видов како се тркалаа солзи по образите на мајка ми додека постојано го повторуваше прашањето: „Зошто во светот не може да завладее мир?“ Моите родители биле во војската за време на Првата светска војна и доживеале ужасни работи. Мајка ми му го постави своето прашање на англиканскиот свештеник во Бристол. Тој не рече ништо друго освен: „Отсекогаш имало војни, и секогаш ќе има“.
Но, по кратко време, кај нас дојде една постара жена. Таа беше Јеховин сведок. Мајка ми ѝ го постави истото прашање: „Зошто во светот не може да завладее мир?“ Жената ѝ објасни дека војните се дел од знакот што покажува дека живееме на свршетокот на овој насилен свет (Матеј 24:3-14). Наскоро, нејзината ќерка почна да ја проучува Библијата со нас. Двете радосно нѐ гледаа додека се крштававме. Зошто луѓето се толку среќни кога прават ученици? Подоцна сфатив зошто. Да ви раскажам што научив во текот на 65-те години правење ученици.
Открив колку е радосно да ги поучуваш другите
Почнав да проповедам во Бристол, кога имав 11 години. Еден брат ми даде фонограф и картичка со сведоштво и ми рече: „Сега оди во сите куќи од другата страна на улицава“. И така тргнав од куќа до куќа, и тоа сама. Се разбира, имав голема трема. Пуштав едно снимено библиско предавање и потоа му ја покажував на станарот картичката со сведоштво, со која луѓето ги поттикнувавме да земат библиска литература.
Почнувајќи од 1950-тите, поголем акцент се ставаше на тоа да прочитаме нешто од Библијата кога одиме од куќа до куќа. Во почетокот ми беше тешко да разговарам со непознати и да им објаснувам библиски стихови, бидејќи по природа бев срамежлива. Но, со текот на времето стекнав поголема самодоверба. Тогаш вистински почнав да уживам во службата. Некои нѐ сметаа за обични продавачи на книги, но кога ќе им прочитавме и ќе им објасневме некои библиски стихови, сфаќаа дека ги поучуваме луѓето за Божјата реч. Толку уживав во тоа, што сакав уште повеќе да одам во служба. Затоа, во септември 1955 год., почнав со полновремена служба како пионер.
Упорноста дава резултати
Една од првите лекции што ги научив беше дека љубезноста и упорноста даваат добри резултати. Еднаш, на една жена ѝ го оставив списанието Стражарска кула. Таа се викаше Вајолет Морис. Кога повторно појдов кај неа, широко ми ја отвори вратата, ги скрсти рацете и внимателно ме слушаше додека ѝ го објаснував Светото писмо. Секогаш кога ќе појдев кај неа, изгледаше дека е искрено заинтересирана. Меѓутоа, кога ѝ предложив редовно да ја проучуваме Библијата, таа рече: „Не. Ќе проучувам кога ќе ми пораснат децата“. Многу се разочарав! Библијата зборува за „време за барање и време за помирување со загубата“ (Проповедник 3:6). Но, јас одлучив да не се откажувам.
По еден месец, повторно појдов кај Вајолет и поразговаравме за уште неколку библиски стихови. По кратко време, на нејзината врата секоја седмица ја проучувавме Библијата. Конечно, таа рече: „Мислам дека ќе биде подобро да влезеш, нели?“ Колку добар соверник и личен пријател ми стана Вајолет! Да, таа се крсти и стана Јеховин сведок.
Еден ден Вајолет беше шокирана кога дозна дека маж ѝ ја продал куќата без нејзино знаење и дека ја напушта. За среќа, со помош на еден пријател Сведок, истото попладне таа успеа да најде нов дом. Од благодарност кон Јехова, одлучи да биде пионер до крајот на животот. Кога видов како Јеховиниот дух ја исполнува со ревност за обожавањето на вистинскиот Бог, сфатив зошто човек е толку среќен кога прави ученици. Да, на тоа ќе го посветам целиот свој живот!
Во 1957 год., Мери Робинзон и јас добивме задача да служиме како пионерки во индустриското подрачје Ратерглен во Глазгов, Шкотска. Проповедавме по магла, ветар, дожд и снег, но вредеше. Еден ден ја сретнав Џеси. Уживав додека ја проучував Библијата со неа. Нејзиниот сопруг, Вали, беше комунист и во почетокот ме избегнуваше. Кога почна да ја проучува Библијата и сфати дека само Божјето Царство ќе донесе идеални услови меѓу луѓето, беше воодушевен. Со текот на времето, и двајцата почнаа да прават ученици.
Првата реакција може да излаже
Подоцна добивме нова задача да проповедаме во Пејзли, Шкотска. Еден ден, додека проповедав таму, една госпоѓа ми ја тресна вратата пред нос. Но, по кратко време ме побара за да ми се извини. Кога повторно појдов следната седмица, таа ми рече: „Се почувствував како да му ја затворив вратата на Бог. Едноставно морав да појдам и да те побарам“. Таа се викаше Перл. Ми рече дека била толку разочарана од пријателите и од роднините што го молела Бог да ѝ помогне да најде некој вистински пријател. „И тогаш ти се појави на вратата“, рече таа. „Сега сфаќам дека сигурно ти си тој вистински пријател.“
Не беше лесно да се биде пријателка на Перл. Таа живееше на врвот на еден стрмен рид, и јас морав да се качувам по него пеш. Кога појдов да ја земам за да дојде првпат на состанок, ветрот и дождот речиси ме одвеаја. Го фрлив чадорот зашто ми се испокина. Само шест месеци откако Перл ми ја затвори вратата пред нос, се крсти во вода како симбол на тоа дека му го ветила својот живот на Бог.
Наскоро, и нејзиниот сопруг реши да ја проучува Библијата, и за кратко време почна да оди со мене во служба од куќа до куќа. Како и обично, врнеше. „Не грижи се“, ми рече. „Ако можам со часови да стојам на вакво време за да гледам фудбал, сигурно можам да постојам на дождот и за Јехова.“ Секогаш се восхитував на решителноста на Шкотланѓаните.
По неколку децении, кога повторно појдов таму, бев пресреќна кога видов дека повеќето од оние со кои сум проучувала сѐ уште стојат цврсто во верата! Таква радост чувствуваш кога правиш ученици (1. Солуњаните 2:17-20). Во 1966 год., по подолго од осум години пионерска служба во Шкотска, добив покана да одам на мисионерската школа Гилеад.
Проповедам во друга земја
Добив задача да служам во Боливија, во тропскиот град Санта Круз, каде што имаше собрание од околу 50 објавители. Тој град ме потсетуваше на Дивиот Запад од холивудските филмови. Кога ќе размислам за минатото, мислам дека бев сосема обичен мисионер. Никогаш ме немаа нападнато крокодили, никогаш ме немаа опколено насилни толпи луѓе, никогаш не сум се изгубила во пустина, ниту, пак, сум доживеала бродолом на отворено море. Сепак, за мене највозбудливо беше да правам ученици.
Една од првите жени со кои ја проучував Библијата во Санта Круз беше Антонија. Не ми беше лесно да проучувам со некого на шпански јазик. Еднаш, синчето на Антонија рече: „Мамо, намерно ли прави грешки за да нѐ насмее?“ Со текот на времето Антонија стана ученик, а исто така и ќерка ѝ, Јоланда. Јоланда имаше еден пријател, кој студираше право и го викаа Дито, па и тој почна да ја проучува Библијата и да доаѓа на христијанските состаноци. Додека проучував со него, научив уште нешто во врска со начинот на поучување за библиската вистина: понекогаш луѓето треба нежно да ги поттурнеш.
Кога Дито почна да не доаѓа да проучуваме, му реков: „Дито, Јехова не те тера со сила да бидеш на страната на неговото Царство. Ти треба самиот да одлучиш“. Кога ми одговори дека сака да му служи на Бог, му реков: „Гледам дека имаш слики на еден од револуционерните водачи. Дали оние што доаѓаат кај тебе и ги гледаат ќе заклучат дека си одлучил да бидеш на страната на Божјето Царство?“ Тоа беше нежното поттурнување што му требаше.
По две седмици избувна револуција, и започна престрелка помеѓу студентите и полицијата. „Да си одиме одовде!“ — му рекол Дито на својот пријател. „Не! Ова е денот што толку долго го чекавме“, му одговорил пријателот, ја зграпчил пушката и отрчал на покривот на факултетот. Тој беше еден од осумте пријатели на Дито што тој ден го изгубија животот. Можете ли да си замислите колку сум среќна кога ќе го видам овој човек, Дито, кој можеби ќе загинеше ако не одлучеше да стане вистински христијанин?
Гледав како дејствува Јеховиниот дух
Еден ден минував пред една врата, мислејќи дека веќе сме биле таму, кога домаќинката ме викна. Се викаше Игнасија. Таа ги знаеше Јеховините сведоци, но не можела духовно да напредува поради жестокото противење од својот сопруг — еден крупен полицаец по име Адалберто. Не ѝ беа јасни многу основни библиски учења, па почнавме да ја проучуваме Библијата. Иако Адалберто беше решен да нѐ спречи во проучувањето, успеав да разговарам со него прилично долго време на други теми. Така почнавме да се спријателуваме.
Замислете си колку се радував кога Игнасија стана прекрасен член на собранието и се грижеше за духовното и за физичкото добро на многумина на кои им беше потребна утеха. Со текот на времето, маж ѝ и три нивни деца станаа Сведоци. Всушност, кога Адалберто на крајот ја сфати добрата вест, појде во полициската станица и им зборуваше на полицајците толку воодушевено што направи 200 претплати на Стражарска кула и Разбудете се!
Јехова дава да расте
Откако служев шест години во Санта Круз, добив задача да служам во главниот град на Боливија, Ла Паз, каде што ги поминав следните 25 години. Во почетокот на 1970-тите, во подружницата на Јеховините сведоци што беше сместена во Ла Паз работеа само 12 души. Со ширењето на делото на проповедање, се јави потреба од поголеми објекти, и затоа беше изграден нов Бетел во Санта Круз, град што брзо растеше. Подружницата беше преместена таму во 1998 год., и јас добив покана да станам член на персоналот, кој сега се состои од преку 50 членови.
Единственото собрание што постоеше во Санта Круз во 1966 год. сега прерасна во преку 50 собранија. Во тоа време, во цела Боливија имаше 640 Сведоци, но сега има речиси 18.000!
Среќна сум што мојата доделба во Боливија даде богат плод. Меѓутоа, секогаш бев охрабрена од верата на сохристијаните и во другите земји. Сите се радуваме кога гледаме како Јехова го благословува делото на проповедање на Царството. Сигурно се радуваме што учествуваме во делото на правење ученици (Матеј 28:19, 20).
[Слика на страница 13]
Во пионерска служба во Шкотска
[Слики на страница 15]
Служам во подружницата во Боливија; (вметната фотографија) на дипломирањето на 42-от клас на Гилеад