Животна приказна
Баравме скапоцености и најдовме бесценето богатство
Раскажале Доротеа Смит и Дора Вард
Какви скапоцености баравме? Дора и јас бевме млади и горевме од желба да учествуваме во исполнувањето на Исусовата заповед: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи“ (Матеј 28:19). Да ви раскажеме како најдовме бесценето богатство.
ДОРОТЕА: Родена сум во 1915 год., кратко откако започнала Првата светска војна, како трето дете во нашето семејство. Живеевме блиску до Хаувел (Мичиген, Соединетите Држави). Татко ми не беше религиозен човек, но мајка ми веруваше во Бог. Се трудеше да нѐ научи да ги држиме Десетте заповеди, но ја мачеше тоа што брат ми, Вилис, сестра ми, Виола, и јас, не припаѓавме на ниедна црква.
Кога имав 12 години, мајка ми реши да ме крсти во Презвитеријанската црква. Сѐ уште се сеќавам на денот кога се крстив, заедно со уште две бебиња кои ги донесоа нивните мајки. За мене беше големо понижување што ме крстија заедно со бебиња. Свештеникот ми ја попрска главата со вода и промрмори неколку неразбирливи зборови. Колку што разбраа бебињата од сето тоа, толку разбрав и јас!
Еден ден во 1932 год., во нашиот двор влезе една кола. На вратата ни чукнаа двајца млади луѓе и мајка ми излезе да отвори. Тие ѝ понудија книги со религиозна содржина. Едниот се претстави како Алберт Шредер и ѝ покажа на мајка ми некои од книгите, кои беа издадени од Јеховините сведоци. Мајка ми ги зеде. Тие книги ѝ помогнаа да ја пронајде вистината од Божјата реч.
Почнува потрагата по богатство
По некое време се преселив кај сестра ми, која живееше во Детроит. Таму се запознав со една постара госпоѓа која доаѓаше кај сестра ми за да ја проучуваат Библијата. Нивните разговори ме потсетија на една радио-емисија што секоја седмица ја слушав дома заедно со мајка ми. Ја водеше Џ. Ф. Ратерфорд, кој го организираше делото на Јеховините сведоци. Секој ден тој зборуваше по 15 минути на некоја тема од Библијата. Во 1937 год. јас и сестра ми почнавме да одиме на состаноци во првото собрание на Јеховини сведоци што постоеше во Детроит. Следната година се крстив.
Во почетокот на 1940-тите чув дека Јеховините сведоци ќе отворат школа во Саут Ленсинг (Њујорк), која ќе се вика Гилеад и ќе служи за обука на мисионери. Кога разбрав дека некои што ќе ја завршат оваа школа ќе бидат испратени да служат во друга земја, си помислив: ‚Баш ова го сакам!‘ Си поставив цел да појдам на оваа школа. Каква чест би ми претставувало да отидам во друга земја и да ги барам луѓето што сакаат да станат ученици на Исус Христос — исто како да барам скапоцености! (Агеј 2:6, 7).
Малку по малку стигнувам до целта
Во април 1942 год., дадов отказ од работа и почнав да служам како пионер, или полновремен проповедник, во Финдлеј (Охајо), заедно со уште пет други сестри. Таму каде што проповедавме немаше собрание, па се храбревме едни со други читајќи статии од литературата издадена од нашата организација. Веќе првиот месец 95 луѓе зедоа книга! По околу година и пол добив доделба да служам како специјален пионер во Чемберсбург (Пенсилванија). Таму веќе имаше една група пионери, меѓу кои беше и Дора Вард, една сестра од Ајова. Со неа станавме партнери во пионерската служба. Двете бевме крстени во иста година и сакавме да ја завршиме мисионерската школа Гилеад за да служиме како мисионерки некаде надвор од нашата земја.
Во почетокот на 1944 год. конечно дојде долгоочекуваниот ден! Ѝ двете нѐ поканија во четвртиот клас на Гилеад. Школата започна во август истата година. Но, пред да продолжам, нека ви раскаже Дора како дојде до тоа заедно да тргнеме да бараме скапоцености.
Едвај чекам да почнам со полновремена служба
ДОРА: Мајка ми често го молеше Бог да ѝ помогне да ја разбере Божјата реч. Една недела, додека си седевме дома, на радиото почна да зборува Џ. Ф. Ратерфорд. Тој држеше говор, и кога го заврши мајка ми извика: „Ова е вистината!“ По кратко време ѝ двете ги проучувавме публикациите на Јеховините сведоци. Во 1935 год., кога имав 12 години, слушнав еден говор за крштавање што го одржа еден Јеховин сведок и од сѐ срце посакав и јас да го посветам својот живот на службата на Јехова. По три години се крстив. Тоа што се заветував дека ќе му служам на Јехова и се крстив ми помогна во текот на преостанатите години школување да не заборавам какви цели си имав поставено во животот. Едвај чекав да завршам со школувањето за да почнам да служам како пионер.
Во тоа време припаѓавме на собранието Форт Доч во Ајова. Не беше воопшто лесно да се оди на христијанските состаноци. Во статиите за проучување од Стражарска кула во тоа време не беа вклучени и прашања за секој пасус. Затоа, секој од нас требаше да си напише прашања и да му ги даде на братот што ја водеше дискусијата за темата што се проучуваше. Во понеделник навечер јас и мајка ми ќе напишевме по едно прашање за секој пасус и ќе му ги дадевме на братот за да избере некое што ќе ни го постави.
Одвреме навреме собранието го посетуваше патувачки надгледник. Со еден од нив, Џон Бут, за првпат сведочев од куќа до куќа, кога имав 12 години. На возраст од 17 години го прашав истиот овој брат како се пополнува молба за пионерска служба и тој ми покажа. Воопшто и не помислував дека еден ден животните патишта ќе ни се вкрстат и дека ќе останеме пријатели засекогаш!
Кога служев како пионер често одев во служба со сестра Дороти Аронсон, која беше 15 години постара од мене и беше полновремен проповедник. Бевме партнери во службата сѐ додека, во 1943 год., не ја поканија во првиот клас на Гилеад. Потоа продолжив да служам како пионер сама.
Не запираме и покрај прогонството
Втората светска војна разгоре кај луѓето патриотски чувства кои ни ја отежнаа службата во 1940-тите години. Додека сведочевме од куќа до куќа, често фрлаа по нас расипани јајца или зрели домати, а понекогаш дури и камења! Уште потешко беше кога нудевме Стражарска кула и Утеха (сега Разбудете се!) на аглите од улиците. Полицијата, подбуцната од оние од другите религии што беа против нас, ќе дојдеше и ќе ни се заканеше дека ќе нѐ уапсат ако само уште еднаш нѐ начекаат јавно да проповедаме.
Се разбира, ние не престанавме да проповедаме и наскоро се најдовме во полициската станица да нѐ испрашуваат. Откако нѐ ослободија, се вративме на истото место каде што нѐ уапсија и продолживме да ги нудиме истите списанија. За да го одбраниме својот став го користевме она што го пишува во Исаија 61:1, 2, што ни го препорачаа одговорните браќа. Еднаш ми пријде еден млад полицаец и јас со вознемирен глас му го изрецитирав напамет овој стих. Се изненадив кога одеднаш се сврте и си замина! Ми изгледаше како да нѐ штитат ангели.
Незаборавен ден
Во 1941 год. бев многу среќна што имав можност да појдам на петдневниот конгрес на Јеховините сведоци во Сент Луис (Мисури). На овој конгрес брат Ратерфорд рече сите деца на возраст од 5 до 18 години да се соберат на главната трибина на стадионот. Се насобраа илјадници млади. Брат Ратерфорд ни мафна со шамивчето за да нѐ поздрави. Потоа и ние му мафнавме нему. По говорот што траеше еден час, тој рече: „Децата кои прифатиле да ја вршат волјата на Бог и кои застанале на страната на теократската влада на чело со Исус Христос и со тоа се согласиле да му бидат послушни на Бог и на неговиот Цар, ги молам да станат“. Сите 15.000 деца — меѓу кои бев и јас, станавме во истиот миг! Тогаш ни рече: „Оние од вас што се решени да сторат сѐ што можат за да им кажуваат на другите за Божјето Царство и за благословите што ќе ги донесе тоа, ги молам да речат ‚да‘“. Го сторивме тоа, по што екна громогласен аплауз.
Потоа беше објавено излегувањето на новата книга со наслов Деца,a и секое од нас, децата, чекаше во долга редица за да добие свој примерок од брат Ратерфорд. Тоа беше вистинско доживување! Голем број од тие деца до ден-денес ревносно му служат на Јехова низ целиот свет, кажувајќи им на луѓето за Божјето Царство и за Божјата праведност (Псалм 148:12, 13).
Колку бев среќна кога, откако три години служев сама како пионер, ме доделија да служам како специјален пионер во Чемберсбург! Таму се запознав со Доротеа, и наскоро станавме неразделни пријателки. Бевме полни со младешка жар и со енергија. Од сѐ срце сакавме да дадеме најмногу што можеме во службата на проповедање. Заедно ја започнавме потрагата по скапоцености што ќе ја продолжиме целиот свој живот (Псалм 110:3).
Неколку месеци откако почнавме да служиме како специјални пионерки, се сретнавме со еден од дипломците на првиот клас на Гилеад, Алберт Ман. Наскоро требаше да замине на својата доделба во странство. Тој нѐ поттикна да прифатиме да служиме во странство ако тоа ни го понудат.
Двете во школата
ДОРА и ДОРОТЕА: Можете да си замислите колку бевме среќни кога започна нашата мисионерска обука! На првиот ден од школата, Алберт Шредер, братот што 12 години претходно ѝ го даде комплетот Студии на Писмото (Studies in the Scriptures) на мајка ѝ на Доротеа, нѐ внесе во архивата. Таму беше и Џон Бут. Тогаш служеше на фармата во Бетелот, каде што се наоѓаше и школата. Подоцна и двајцата служеа како членови на Водечкото тело на Јеховините сведоци.
Во Гилеад темелно ја проучувавме Библијата. Школата беше одлична. Во нашиот клас имаше 104 студенти, меѓу кои беше и првиот студент од друга земја, од Мексико. Тој се трудеше да научи подобро да зборува англиски јазик, а ние да научиме малку шпански. Колку бевме возбудени кога брат Натан Х. Нор ни кажа кој каде е доделен да служи! Повеќето беа испратени во Средна и во Јужна Америка, а ние добивме доделба да служиме во Чиле.
Бараме скапоцености во Чиле
За да влеземе во Чиле мораше да извадиме виза, што ни одзеде доста време. Затоа, откако дипломиравме во јануари 1945 год., една и пол година служевме како пионери во Вашингтон (Д.К.). Кога ги добивме визите, тргнавме за Чиле заедно со седум други мисионери од претходните класови на Гилеад.
Кога пристигнавме во Сантјаго, главниот град на Чиле, нѐ пречекаа неколку христијански браќа. Еден од нив беше Алберт Ман, студентот на Гилеад што неколку години претходно ни препорача да прифатиме доделба во странство. Тој дошол во Чиле една година претходно, заедно со Џозеф Ферари од вториот клас на Гилеад. Во тоа време во Чиле имаше помалку од 100 објавители. Со душа чекавме да почнеме да ги бараме скапоценостите заради кои дојдовме — луѓето со добро срце во Чиле.
Бевме испратени да служиме во мисионерскиот дом во Сантјаго. За првпат живеевме заедно со повеќе мисионери. Освен тоа што проповедавме толку колку што се бараше од нас, секој мисионер требаше да приготвува оброци за целото семејство еднаш седмично. Ние двете неколкупати се посрамивме. Еднаш направивме колачиња за појадок и ги ставивме да се печат, но кога ги извадивме од рерната, почувствувавме непријатна миризба. Наместо пециво сме ставиле сода бикарбона! Некој ја наполнил со сода бикарбона празната кутија во која стоеше пециво.
Но, уште поголем срам беа грешките што ги правевме кога зборувавме шпански. Една голема фамилија за малку ќе престанеше да ја проучува Библијата бидејќи не можеа да нѐ разберат што зборуваме. Сепак, со помош на стиховите што ќе ги најдеа во своите Библии, успеаја да увидат дека тоа е вистината и на крајот пет души од нив станаа Јеховини сведоци. Во тоа време не се одржуваше курс по шпански јазик за мисионерите што ќе дојдеа. Веднаш почнувавме со служба на проповедање и се трудевме да го научиме јазикот од луѓето на кои им сведочевме.
Библијата ја проучувавме со мнозина, и некои од нив учеа неверојатно брзо. За други ни беше потребна многу поголема стрпливост. На пример Тереза Тело, една млада жена, нѐ ислуша и ни рече: „Ве молам дојдете пак, сакам да чујам повеќе“. Дванаесет пати ја побаравме и не успеавме да ја најдеме дома. Минаа три години. Тогаш појдовме на еден конгрес кој се одржуваше во театарот во Сантјаго. Беше недела и си заминувавме од конгресот кога некој викна: „Сињорита Дора, сињорита Дора!“ Се обѕрнавме и видовме дека тоа е Тереза. Била кај сестра си, преку улица, па свратила во театарот за да види зошто се собрал толку народ. Колку ни беше мило што се видовме! Се договоривме да ја проучуваме Библијата, и наскоро таа се крсти. Подоцна стана специјален пионер. И по 45 години, Тереза сѐ уште е специјален пионер (Проповедник 11:1).
Скапоцености во „песокта“
Во 1959 год. бевме испратени да служиме во Пунта Аренас, што во превод значи „Песочиште“, а се наоѓа во најјужниот дел на брегот на Чиле, кој е долг 4.300 километри. Пунта Аренас е необично место за живеење. Лете деновите се долги, и надвор е светло сѐ до 23.30 часот. Можевме долго да проповедаме, но не баш без пречки, зашто со летото доаѓаа и дивите антарктички ветрови. Зиме, пак, беше студено, а денот беше краток.
И покрај ова, Пунта Аренас си имаше некоја своја привлечност. Во текот на летото, низ западното небо постојано пловеа дождовни облаци. Одвреме-навреме тие ќе ни се истуреа врз главата, но потоа ќе дувнеше ветер и ќе нѐ исушеше. Потоа сонцето се појавуваше од зад облаците и ја отвораше прекрасната лепеза со боите на виножитото. Виножитата некогаш остануваат и со часови, де појавувајќи се де исчезнувајќи додека сончевите зраци сјаат од зад облаците (Јов 37:14).
Тоа време во Пунта Аренас имаше само неколку објавители. Состаноците моравме да ги водиме ние, сестрите, во малото локално собрание. Јехова го благослови нашиот труд. По триесет и седум години повторно отидовме таму за да се видиме со браќата и сестрите. И имаше што да видиме! Шест собранија кои постојано растеа и три убави Сали на Царството. Колку нѐ радува тоа што Јехова ни дозволи да пронајдеме духовни скапоцености закопани во овие јужни песоци! (Захарија 4:10).
Уште повеќе скапоцености на една „Широка плажа“
По три и пол години служба во Пунта Аренас нѐ испратија да служиме во пристанишниот град Валпараисо. Градот го сочинуваат 41 рид наредени околу еден залив на Тихиот Океан. Ние проповедавме на едниот од овие ридови, наречен Плаја Анча, што значи „Широка плажа“. Во текот на 16-те години колку што бевме таму, видовме како една група млади христијани растеа духовно, така што сега служат како патувачки надгледници и христијански старешини во собранијата низ Чиле.
Следното место каде што служевме како мисионери беше Виња дел Мар. Таму бевме три и пол години, сѐ додека нашиот мисионерски дом не беше оштетен од еден земјотрес. Потоа се вративме во Сантјаго, каде што пред 40 години започнавме со нашата мисионерска служба. Работите беа многу сменети. Беше изграден нов Бетел, а претходниот беше пренаменет во мисионерски дом за сите мисионери што се наоѓаа во земјата. Подоцна овој мисионерски дом почна да се користи како место за да се одржува Школата за организациско оспособување. Тогаш имавме уште една можност да почувствуваме колку е добар Јехова. Пет од нас, мисионерите, кои беа во поодминати години, беа поканети да живеат во Бетел. Во Чиле служевме на 15 различни места. Видовме како делото што го извршуваа помалку од 100 објавители сега го вршат околу 70.000! Колкава радост ни претставуваше што овие 57 години баравме скапоцености во Чиле!
Навистина го сметаме за огромна чест и награда тоа што Јехова дозволи да најдеме толку многу луѓе — бесценето богатство — кои продолжуваат да даваат сѐ од себе за да му служат на Јехова во неговата организација. Сите овие повеќе од 60 години во кои заедно му служиме на Јехова, од сѐ срце се сложувавме со зборовите на цар Давид, кој напишал: „Колку е голема твојата добрина, која ја чуваш за оние што се бојат од тебе“ (Псалм 31:19).
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци, но веќе не се печати.
[Слики на страница 9]
Доротеа во 2002 и додека проповеда во 1943
[Слика на страница 10]
Проповедам на улица во Форт Доџ, во 1942
[Слика на страница 10]
Дора, 2002
[Слика на страница 12]
Доротеа и Дора пред првиот мисионерски дом во Чиле, во 1946