Остарените христијани — благослов за младите
„Не оставај ме ни во староста, кога ќе ми побели косата, о Боже, за да можам да му раскажувам на следното поколение за твојата рака, на сите што ќе дојдат — за твојата моќ“ (ПСАЛМ 71:18).
1, 2. Што треба да сфатат остарените Божји слуги, и за што ќе поразговараме сега?
ЕДЕН христијански старешина од Западна Африка посетил некој стар помазан брат и го прашал: „Како си?“ Братот му одговорил: „Можам да трчам, можам да рипам, можам да скокам“, обидувајќи се и да го прави тоа додека зборувал. „Но“, додал тој, „не можам да летам.“ Јасно било што сакал да каже. ‚Тоа што можам да го правам, го правам со радост, а тоа што не можам да го правам, не го правам‘. Старешината што го посетил тој брат сега има над 80 години, и со симпатии се потсетува на неговата смисла за хумор и верност.
2 Кога некој што е остарен има особини што му се допаѓаат на Бог, може да остави траен впечаток врз другите. Се разбира, мудроста и христијанските особини не доаѓаат автоматски со староста (Проповедник 4:13). Библијата вели: „Седата коса е прекрасна круна кога се наоѓа на патот на праведноста“ (Изреки 16:31). Ако си во поодминати години, дали сфаќаш колкаво позитивно влијание би можеле да имаат врз другите твоите зборови и постапки? Размисли за некои библиски примери што покажуваат колкав благослов за младите претставувале оние што остареле.
Вера со долгорочен учинок
3. Како им користи верноста на Ное на сите луѓе што живеат денес?
3 Од доброто што се постигнало со верата и непоколебливоста на Ное извлекуваме корист дури и ние во денешно време. Ное имал речиси 600 години кога ја градел арката, ги собирал животните и им проповедал на своите соседи (1. Мојсеева 7:6; 2. Петрово 2:5). Бидејќи имал страхопочит кон Бог, заедно со своето семејство го преживеал големиот Потоп и им станал предок на сите луѓе што живеат денес на Земјата. Точно е дека Ное живеел во време кога животниот век на луѓето бил подолг. Сепак, дури и кога остарел, тој останал верен, а од тоа произлегле значајни благослови. Какви благослови?
4. Како им користи непоколебливоста на Ное на Божјите слуги денес?
4 Ное имал речиси 800 години кога Нимрод почнал да ја гради Вавилонската кула за да се осуети Јеховината заповед ‚да се наполни земјата‘ (1. Мојсеева 9:1; 11:1-9). Меѓутоа, Ное не учествувал во побуната на Нимрод. Затоа, сосема е веројатно дека јазикот што го зборувал не се променил кога им биле помешани јазиците на бунтовниците. Ное имал вера и бил непоколеблив, и тоа не само во староста туку и целиот свој долг живот. Ваквиот пример вреди да го следат Божјите слуги на сите возрасти (Евреите 11:7).
Влијание врз семејството
5, 6. а) Што му рекол Јехова на Авраам да направи кога имал 75 години? б) Дали Авраам ја послушал Божјата заповед?
5 Влијанието што постарите можат да го имаат врз верата на членовите на нивното семејство може да се види преку животот на патријарсите што живееле по времето на Ное. Авраам имал околу 75 години кога Бог му рекол: „Оди си од својата земја, откај својот род и од домот на својот татко, па појди во земјата што ќе ти ја покажам. А јас од тебе ќе направам голем народ, ќе те благословам“ (1. Мојсеева 12:1, 2).
6 Замисли си дека ти рекле да си заминеш од дома, да ги оставиш своите пријатели, својата татковина и сите свои роднини за да отидеш во некоја непозната земја. На Авраам му било речено да го направи токму тоа. Тој „појде, токму како што му рече Јехова“, и до крајот на животот живеел во шатори како туѓинец и доселеник во земјата Ханаан (1. Мојсеева 12:4; Евреите 11:8, 9). Иако Јехова рекол дека од Авраам ќе настане „голем народ“, Авраам умрел долго време пред да се намножи неговото потомство. Жена му, Сара, му родила само еден син, Исак, дури откако Авраам живеел во ветената земја 25 години (1. Мојсеева 21:2, 5). Сепак, Авраам не се уморил и не се вратил во градот од кој дошол. Колку убав пример на вера и истрајност!
7. Како влијаела истрајноста на Авраам врз неговиот син Исак, и со каков резултат за целото човештво?
7 Истрајноста на Авраам силно влијаела врз син му Исак, кој целиот свој живот — 180 години — живеел како доселеник во земјата Ханаан. Исак бил истраен затоа што имал цврста вера во она што го ветил Бог, вера што му ја всадиле неговите остарени родители и подоцна му ја зајакнал Јехова со она што му го кажал лично (1. Мојсеева 26:2-5). Тоа што Исак останал непоколеблив одиграло клучна улога во исполнувањето на Јеховиното ветување дека од фамилијата на Авраам ќе се роди „потомок“ што ќе биде благослов за целото човештво. Откако поминале стотици години, Исус Христос, кој бил главниот „потомок“, им овозможил на сите што покажуваат вера во него да се помират со Бог и да добијат вечен живот (Галатите 3:16; Јован 3:16).
8. На кој начин Јаков покажал цврста вера, и со каков резултат?
8 Исак, пак, му помогнал на својот син Јаков да изгради цврста вера што го одржала во староста. Јаков имал 97 години кога се борел со еден ангел цела ноќ за да добие благослов (1. Мојсеева 32:24-28). Пред да умре, на возраст од 147 години, Јаков собрал доволно сили да ги благослови своите 12 синови (1. Мојсеева 47:28). Пророчките зборови што ги кажал, кои сега се запишани во 1. Мојсеева 49:1-28, се исполниле и сѐ уште се исполнуваат и денес.
9. Што може да се каже за влијанието што го имаат духовно зрелите лица врз своето семејство?
9 Јасно, остарените и верни слуги на Бог можат да влијаат позитивно врз членовите на своето семејство. Нивната духовна поука, мудрите совети и примерот на истрајност можат многу да придонесат една млада личност да стекне цврста вера додека расте (Изреки 22:6). Постарите не треба никогаш да го потценат огромното позитивно влијание што можат да го имаат врз своето семејство.
Влијание врз соверниците
10. Што ‚заповедал Јосиф да се направи со неговите коски‘, и како влијаело тоа врз другите?
10 Постарите можат добро да влијаат и врз своите соверници. Кога остарел Јосиф, синот на Јаков, покажал вера преку една едноставна постапка што длабоко влијаела врз милиони слуги на вистинскиот Бог кои живееле по него. Јосиф имал 110 години кога дал ‚заповед што да се направи со неговите коски‘, имено, Израелците да ги понесат со себе и неговите коски кога еден ден ќе заминат од Египет (Евреите 11:22; 1. Мојсеева 50:25). Оваа заповед послужила како уште еден зрак на надеж за Израелците во текот на многуте години тешко ропство што следело по смртта на Јосиф, и им дала гаранција дека еден ден ќе бидат избавени.
11. Како влијаел остарениот Мојсеј врз Исус Навин?
11 Меѓу оние што биле охрабрени од ваквата постапка на Јосиф, со која тој покажал дека има вера, бил и Мојсеј. Кога Мојсеј бил на 80 години, имал чест да ги изнесе од Египет коските на Јосиф (2. Мојсеева 13:19). Некаде во тоа време се запознал со Исус Навин, кој бил многу помлад од него. Следните 40 години, Исус Навин му служел како личен помошник на Мојсеј (4. Мојсеева 11:28). Се качил со него на планината Синај и го пресретнал кога доаѓал од планината носејќи ги плочите на Сведоштвото (2. Мојсеева 24:12-18; 32:15-17). Колку богат извор на зрели совети и мудрост мора да бил остарениот Мојсеј за Исус Навин!
12. На кој начин Исус Навин влијаел позитивно врз израелскиот народ до крајот на својот живот?
12 А Исус Навин, пак, ги храбрел Израелците до крајот на својот живот. Во Судиите 2:7 стои: „Народот му служеше на Јехова во сите денови на Исус Навин и во сите денови на старешините, кои го надживеаја Исус Навин и ги видоа сите големи дела на Јехова, кои тој ги направи за Израел“. Меѓутоа, со смртта на Исус Навин и на другите старешини, започнал еден 300-годишен период на колебање помеѓу обожавањето на вистинскиот Бог и обожавањето на лажни богови, а потоа настапило времето на пророкот Самоил.
Самоил ‚го правел она што е праведно‘
13. На кој начин Самоил ‚го правел она што е праведно‘?
13 Библијата не ни кажува колку бил стар Самоил кога умрел, но настаните што се опишани во книгата Прва Самоилова опфаќаат период од околу 102 години, а Самоил бил сведок на повеќето од нив. Во Евреите 11:32, 33 читаме дека праведните судии и пророци ‚го правеле она што е праведно‘. Значи, Самоил влијаел врз некои луѓе што живееле во негово време да не прават лошо или да престанат да прават лошо (1. Самоилова 7:2-4). Како? Тој му бил верен на Јехова целиот свој живот (1. Самоилова 12:2-5). Не се плашел отворено да му даде совет дури ни на царот (1. Самоилова 15:16-29). Освен тоа, Самоил, бидејќи ‚остарел и оседел‘, дал добар пример со тоа што се молел за другите. Рекол дека ‚во никој случај не сака да му згреши на Јехова и да престане да се моли‘ за другите Израелци (1. Самоилова 12:2, 23).
14, 15. Како можат остарените христијани денес да се угледаат на Самоил во поглед на молитвите?
14 Сево ова истакнува еден многу битен начин на кој остарените можат да влијаат позитивно врз другите што му служат на Јехова. И покрај ограничувањата што ги наметнуваат здравјето или други околности, оние што се во години можат да се молат за другите. Драги постари браќа и сестри, дали сфаќате колку му користат на собранието вашите молитви? Затоа што имате вера во Христовата пролеана крв, Јехова ве признава за свои слуги, а затоа што сте биле истрајни, сте стекнале испитана вера што е многу вредна (Јаков 1:3; 1. Петрово 1:7). Не заборавајте: „Сесрдната молитва на праведникот има голема сила и може да направи многу добра“ (Јаков 5:16).
15 Навистина е потребно да се молите за да напредува делото за Јеховиното Царство. Некои наши браќа се во затвор поради тоа што задржуваат христијанска неутралност. Други се погодени од природни катастрофи, војни или граѓански немири. А трети, можеби токму од нашето собрание, имаат искушенија или се соочуваат со противење (Матеј 10:35, 36). Треба постојано да се молиме и за оние што предводат во проповедничкото дело и што ги надгледуваат собранијата (Ефешаните 6:18, 19; Колошаните 4:2, 3). Многу е убаво да ги спомнувате своите соверници во вашите молитви, како што правел Епафрас! (Колошаните 4:12).
Да се поучи следното поколение
16, 17. Што било проречено во Псалм 71:18, и како се исполнило тоа?
16 Додека соработуваат со верните лица од ‚малото стадо‘, односно со оние што имаат небесен позив, припадниците на ‚другите овци‘, кои имаат надеж да живеат засекогаш на Земјата, добиваат многу важна обука (Лука 12:32; Јован 10:16). Ова било проречено во Псалм 71:18, каде што стои: „Не оставај ме ни во староста, кога ќе ми побели косата, о Боже, за да можам да му раскажувам на следното поколение за твојата рака, на сите што ќе дојдат — за твојата моќ“. Помазаниците спремно ги обучуваат другите овци, кои се нивни придружници, да ги извршуваат сѐ поголемите одговорности пред да заминат и да се прослават заедно со Исус Христос.
17 Во принцип, она што го пишува во Псалм 71:18 за поучувањето на „сите што ќе дојдат“ би можело да се примени и на другите овци, кои добиле поука од Божјите помазаници. Јехова им укажал на постарите чест да им сведочат за него на оние што сега почнуваат да му служат на вистинскиот Бог (Јоил 1:2, 3). Другите овци сметаат дека се благословени со она што го учат од помазаниците и мотивирани се да им го пренесат своето библиско знаење и на други што сакаат да му служат на Јехова (Откровение 7:9, 10).
18, 19. а) Какви скапоцени информации можат да им пренесат на другите голем број остарени слуги на Јехова? б) Во што треба да бидат уверени остарените христијани?
18 Постарите слуги на Јехова, како помазаниците така и припадниците на другите овци, претставуваат жив синџир што нѐ поврзува со важни историски настани. Некои од оние што го гледале првото прикажување на „Фото-драмата на создавањето“ сѐ уште се живи денес. Неколкумина лично ги познавале одговорните браќа што биле затворени во 1918 год. Други учествувале во емитувањето на радиостаницата WBBR. Мнозина можат да зборуваат за времето кога во највисоките судови се воделе битки за верската слобода на Јеховините сведоци. А има и такви што цврсто продолжиле да му служат на вистинскиот Бог иако живееле под диктаторски режими. Да, постарите можат да раскажат како, чекор по чекор, вистината станувала сѐ појасна. Библијата нѐ охрабрува да извлечеме корист од ова огромно искуство (5. Мојсеева 32:7).
19 Остарените христијани се поттикнати да им бидат добар пример на помладите (Тит 2:2-4). Можеби во моментов не гледаш како влијаат врз другите твојата истрајност, твоите молитви и твоите совети. Ное, Авраам, Јосиф, Мојсеј и други не ни помислувале колку многу ќе се одрази нивната верност врз следните генерации. Сепак, нивната вера и лојалност, кои ни ги оставиле како наследство, имале големо позитивно влијание — а исто такво влијание имаат и твоите вера и лојалност.
20. Какви благослови ги очекуваат оние што ќе задржат цврста надеж до крај?
20 Сеедно дали ќе ја доживееш ‚големата неволја‘ или ќе бидеш вратен во живот преку воскресението, ќе биде прекрасно да се искуси „вистинскиот живот“! (Матеј 24:21; 1. Тимотеј 6:19). Замисли си како ќе биде под Илјадагодишното владеење на Христос, кога Јехова ќе ги сврти во обратен правец последиците од староста. Наместо да чувствуваме како опаѓа нашето тело а ние не можеме да направиме ништо против тоа, секој ден ќе се будиме во сѐ подобра физичка кондиција — со поголема енергија, со подобар вид, со поостар слух, сѐ поубави! (Јов 33:25; Исаија 35:5, 6). Оние што ќе живеат во Божјиот нов свет секогаш ќе бидат млади во споредба со вечноста што ќе им претстои (Исаија 65:22). Затоа, сите да задржиме цврста надеж до крајот и да продолжиме да му служиме на Јехова со сета душа. Можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе исполни сѐ што ветил и дека сѐ што ќе направи далеку ќе ги надмине нашите очекувања (Псалм 37:4; 145:16).
Како би одговорил?
• На кој начин било благословено целото човештво благодарение на непоколебливоста на остарениот Ное?
• Како влијаела верата на патријарсите врз нивните потомци?
• Кога остареле, на кој начин Јосиф, Мојсеј, Исус Навин и Самоил ги зајакнале другите што му служеле на Јехова?
• Какво наследство можат да им остават остарените христијани на помладите?
[Слика на страница 26]
Истрајноста на Авраам имала силно влијание врз Исак
[Слика на страница 28]
Зрелите совети на Мојсеј го охрабриле Исус Навин
[Слика на страница 29]
Ќе направиш многу за другите ако се молиш за нив
[Слика на страница 30]
Младите извлекуваат голема корист кога слушаат што имаат да кажат остарените лица што се верни