Христијанството се шири во Мала Азија
ВО ПРВИОТ век од н.е., во Мала Азија (чија поголема територија ја зафаќа денешна Турција) цветале многу христијански собранија. Голем број Евреи и не-Евреи се оѕвале на христијанската порака. Во еден библиски речник стои: „Освен во Сирија и Палестина, токму овде, во Мала Азија, христијанското движење почнало да напредува најрано и најмногу“.
Можеме да стекнеме една поцелосна слика за ширењето на христијанството во овој регион ако една по една ги споиме информациите што се добиени од различни извори. Да видиме како може да ни користи разгледувањето на оние информации што ни стојат на располагање.
Првите христијани во Мала Азија
Првиот значаен настан во ширењето на христијанството во Мала Азија датира од Педесетница 33 год. од н.е., кога во Ерусалим се собрало мноштво луѓе што зборувале на многу јазици, меѓу кои имало и Евреи од дијаспората (Евреи што живееле надвор од Палестина) и еврејски прозелити. Исусовите апостоли им ја проповедале добрата вест на овие посетители. Историскиот извештај вели дека доаѓале различни луѓе од Кападокија, Понт, Азија,a Фригија и Памфилија — подрачја што сочинувале голем дел од Мала Азија. Околу 3.000 од луѓето што слушале, ја прифатиле христијанската порака и се крстиле. Кога се вратиле во своите домови, со себе ја донеле и својата нова вера (Дела 2:5-11, 41).
Следната информација ја наоѓаме во библискиот извештај за мисионерските патувања на апостол Павле низ Мала Азија. За време на своето прво патување, некаде во 47/48 год. од н.е., Павле отпловил со своите придружници од Кипар и се упатил кон Мала Азија, и пристигнал во Перга, во областа Памфилија. Во градот Антиохија, кој се наоѓал далеку од морето, во областа Писидија, нивниот успех во проповедањето предизвикал љубомора и противење од страна на Евреите. Кога Павле заминал на југ, во Иконија, и други Евреи се договориле да бидат дрски со мисионерите. Жителите на блискиот град Листра, кои лесно потпаѓале под емоции, во почетокот го прогласиле Павле за бог. Но, откако од Антиохија и Иконија стигнале противнички настроените Евреи, мноштвото мештани го каменувале Павле и го оставиле мислејќи дека е мртов! По тоа искуство, Павле и Варнава продолжиле со својот пат во Дерва, во римската политичка провинција Галатија, подрачје каде што луѓето зборувале ликаонски. Биле организирани собранија и биле именувани старешини. Од ова се гледа дека околу 15 години по Педесетница 33 год. од н.е., христијанството добро се утврдило во Мала Азија (Дела 13:13—14:26).
За време на второто патување на Павле, кое траело некаде од 49 до 52 год. од н.е., оние што биле со него најнапред патувале по копно и стигнале во Листра, веројатно минувајќи и низ неговиот роден град Тарс, во Киликија. Откако повторно ги посетил браќата во Листра и продолжил на север, Павле се обидел ‚да ја проповеда речта‘ во провинциите Витинија и Азија. Меѓутоа, светиот дух не му го дозволил тоа. Во тие места требало да се проповеда подоцна. Наместо тоа, Бог го водел Павле низ северозападните делови на Мала Азија до Троада на морскиот брег. Тогаш Павле во видение добил упатство да оди да ја објавува добрата вест во Европа (Дела 16:1-12; 22:3).
За време на своето трето мисионерско патување, кое траело некаде од 52 до 56 год. од н.е., Павле повторно минувал низ Мала Азија и дошол до Ефес, кој бил едно важно пристаниште во Азија. Тој веќе и претходно имал запрено таму кога се враќал од своето второ патување. Во тој град имало една група христијани, и Павле и неговите придружници останале со нив во текот на околу три години. Тој период бил одбележан со многу тешкотии и опасности, а една од поголемите бил метежот што го предизвикале ефешките сребрари, кои сакале да ја заштитат својата доходовна трговија со религиозни предмети (Дела 18:19-26; 19:1, 8-41; 20:31).
Мисионерското дело со база во Ефес очигледно имало далекосежни ефекти. Во Дела 19:10 стои: „Сите што живееја во Азија, и Евреи и Грци, ја чуја речта на Господарот“.
Настани во Мала Азија
Некаде кон крајот на својот престој во Ефес, Павле им напишал на коринќаните: „Ве поздравуваат собранијата од Азија“ (1. Коринќаните 16:19). На кои собранија мислел Павле? Веројатно ги вклучил собранијата во Колоси, Лаодикија и Хиераполис (Колошаните 4:12-16). Во книгата Животот на Павле (Paul—His Story) стои: „Логично е да се припише создавањето на собранија во Смирна, Пергам, Сард и Филаделфија на мисионерската активност со база во Ефес... Сите се наоѓале во радиус од 120 милји (192 километри) од Ефес и биле поврзани со одлични патишта“.
Значи, некаде околу 20 години по Педесетница 33 год. од н.е., во јужниот и во западниот дел на Мала Азија имало многу христијански собранија. А што е со другите делови од тој регион?
Оние што ги добиле писмата на Петар
Апостол Петар го напишал своето прво инспирирано писмо неколку години подоцна, некаде од 62 до 64 год. од н.е. Им го упатил на христијаните во Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витинија. Писмото на Петар покажува дека во овие места веројатно имало христијански собранија, и на нивните старешини им било речено ‚да го пасат стадото‘. Кога биле основани тие собранија? (1. Петрово 1:1; 5:1-3).
Во некои од местата каде што живееле оние што ги добиле писмата на Петар, како што се Азија и Галатија, добрата вест ја проповедал Павле. Меѓутоа, тој не стигнал до Кападокија или Витинија. Библијата не ни кажува како се раширило христијанството во овие региони, но можно е тоа да се раширило преку Евреите или прозелитите што биле во Ерусалим на Педесетница 33 год. од н.е. и кои подоцна се вратиле дома. Во секој случај, околу 30 години по Педесетница, кога Петар ги напишал своите писма, јасно било дека имало собранија „распрснати низ цела Мала Азија“, како што рекол еден изучувач.
Седумте собранија од Откровението
Бунтот на Евреите против Римјаните довел до уништувањето на Ерусалим во 70 год. од н.е. Тогаш, некои јудејски христијани можеби отишле и во Мала Азија.b
Некаде кон крајот на првиот век од н.е., преку апостол Јован Исус Христос им упатил писма на седум собранија во Мала Азија. Од овие писма, кои им биле испратени на собранијата во Ефес, Смирна, Пергам, Тијатира, Сард, Филаделфија и Лаодикија, се гледа дека христијаните во овој дел од Мала Азија во тоа време се соочувале со различни опасности, како што се неморалот, секташтвото и отпадништвото (Откровение 1:9, 11; 2:14, 15, 20).
Служба со скромност и со сета душа
Јасно е дека ширењето на христијанството во првиот век вклучувало повеќе од она што го читаме во Делата на апостолите. Добро познатите апостоли Петар и Павле биле вклучени во настаните опишани во Дела, но не се знае уште колку други проповедале и на други места. Настаните во Мала Азија потврдуваат дека раните христијани сериозно ја сфатиле Исусовата заповед: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи“ (Матеј 28:19, 20).
Слично и денес, само релативно мал број верни дела на Јеховините сведоци од целиот свет им се познати на сите наши браќа во светот. Како што било случај и со повеќето верни проповедници на добрата вест во првиот век во Мала Азија, повеќето проповедници на добрата вест во денешно време не се многу познати. Сепак, и тие живеат исполнет и радосен живот, и чувствуваат длабоко задоволство што знаат дека послушно се даваат за да ги спасат другите (1. Тимотеј 2:3-6).
[Фусноти]
a Во Христијанските грчки списи и во оваа статија, „Азија“ се однесува на римската провинција што го зафаќала западниот дел од Мала Азија, а не на континентот Азија.
b Историчарот Евзебиј (260-340 од н.е.) вели дека некое време пред 66 год. од н.е., „апостолите, во постојана опасност од убиствени завери, биле принудени да ја напуштат Јудеја. Но, за да ја пренесат својата порака, оделе во секоја земја со моќта на Христос“.
[Рамка на страница 11]
РАНОТО ХРИСТИЈАНСТВО ВО ВИТИНИЈА И ПОНТ
Заедничката провинција Витинија и Понт се наоѓа на брегот на Црното Море во Мала Азија. Многу знаеме за секојдневниот живот во оваа провинција од она што Плиниј Помладиот, кој бил на висока положба во таа провинција, му го напишал на римскиот император Трајан.
Околу 50 години откако писмата на Петар кружеле меѓу собранијата во овие краеви, Плиниј побарал од Трајан совет за тоа што да прави со христијаните. „Никогаш не сум присуствувал на некое сослушување на христијаните. Затоа, не знам какви казни обично им се изрекуваат“, напишал Плиниј. „Многу лица од сите возрасти и сталежи, мажи и жени, се изведувани пред суд, и веројатно така ќе биде и понатаму. Не само градовите, туку и селата и планинските области се заразени преку контактот со овој презрен култ“.
[Графикон/карта на страница 9]
(Види во публикацијата)
ПАТУВАЊАТА НА ПАВЛЕ
Прво мисионерско патување
КИПАР
ПАМФИЛИЈА
Перга
Антиохија (писидиска)
Иконија
Листра
Дерва
Второ мисионерско патување
КИЛИКИЈА
Тарс
Дерва
Листра
Иконија
Антиохија (писидиска)
ФРИГИЈА
ГАЛАТИЈА
Троада
Трето мисионерско патување
КИЛИКИЈА
Тарс
Дерва
Листра
Иконија
Антиохија (писидиска)
Ефес
АЗИЈА
Троада
[Седумте собранија]
Пергам
Тијатира
Сард
Смирна
Ефес
Филаделфија
Лаодикија
[Други места]
Хиераполис
Колоси
ЛИКИЈА
ВИТИНИЈА
ПОНТ
КАПАДОКИЈА
[Слика на страница 9]
Антиохија
[Слика на страница 9]
Троада
[Извор на слика]
© 2003 BiblePlaces.com
[Слика на страница 10]
Театарот во Ефес (Дела 19:29).
[Слика на страница 10]
Основата на жртвеникот на Зевс во Пергам. Христијаните во овој град живееле „таму каде што е престолот на Сатана“ (Откровение 2:13).
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.