Родители, воспитувајте ги децата со љубов!
„Сѐ што правите, правете го со љубов!“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 16:14).
1. Што чувствуваат родителите кога ќе им се роди дете?
РЕЧИСИ секој родител ќе се сложи дека најрадосниот ден во животот му бил денот кога му се родило дете. „Кога првпат ја видов мојата ќеркичка, ме облеа чувство на неизмерна среќа. Ми се чинеше дека таа е најубавото дете што сум го видела“, вели Алеа. Но, овој радосен настан донекаде и ги загрижува родителите. Маж ѝ на Алеа вели: „Се прашував дали ќе можам да ја подготвам ќерка ми за проблемите во животот“. И многу други родители си го поставуваат истото прашање и свесни се дека треба да ги воспитуваат своите деца со љубов. Сепак, тоа не е лесно. Христијанските родители што сакаат да го постигнат тоа се соочуваат со притисоци. Да видиме кои се некои од нив.
2. Со какви притисоци се соочуваат родителите?
2 Денес живееме во последните денови од овој поредок. Како што било проречено, многу луѓе денес не се сакаат. Има и такви кои се бесчувствителни дури и кон членовите на сопственото семејство, и станале „неблагодарни, нелојални... без самосовладување, сурови“ (2. Тимотеј 3:1-5). Бидејќи секој ден се со луѓе што имаат такви особини, и христијаните би можеле да почнат да се однесуваат на истиот начин во семејниот круг. Згора на тоа, родителите се борат и со сопствената вродена склоност да избувнат, да кажат работи што не ги мислат и лошо да ги проценат работите (Римјаните 3:23; Јаков 3:2, 8, 9).
3. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да бидат среќни?
3 И покрај ваквите притисоци, родителите можат да им помогнат на децата да го засакаат Бог и да бидат среќни. Како? Така што ќе го послушаат следниов библиски совет: „Сѐ што правите, правете го со љубов“ (1. Коринќаните 16:14). Љубовта навистина ‚совршено поврзува‘ (Колошаните 3:14). Да разгледаме три аспекти на љубовта кои ги спомнал апостол Павле во своето прво писмо до Коринќаните, и да видиме на кои конкретни начини родителите можат да ја покажат оваа особина додека ги воспитуваат своите деца (1. Коринќаните 13:4-8).
Потребна е долготрпеливост
4. Зошто е потребно родителите да бидат долготрпеливи?
4 Павле напишал: „Љубовта е долготрпелива“ (1. Коринќаните 13:4). Грчкиот израз преведен со ‚долготрпелив‘ укажува на некој што е стрплив и не избувнува лесно. Зошто е потребно родителите да бидат долготрпеливи? Без сомнение, повеќето родители знаат дека има многу причини за ова. Да наведеме само неколку. На пример, кога сакаат да добијат нешто, децата ретко прашуваат само еднаш. Дури и ако родителот одлучно го одбие она што го бара детето, тоа може упорно да го моли со надеж дека мама или тато можеби сепак ќе се премислат. Тинејџерите се спремни на секој можен начин да ги убедуваат родителите да им дозволат некоја работа која за возрасните е неразумна (Изреки 22:15). И, како и сите ние, децата честопати повторуваат некои грешки (Псалм 130:3).
5. Што ќе им помогне на родителите да бидат долготрпеливи?
5 Што ќе им помогне на родителите да бидат долготрпеливи и стрпливи со децата? Цар Соломон напишал: „Разбирањето го спречува човекот да се гневи“ (Изреки 19:11). Родителите ќе имаат поголемо разбирање за однесувањето на децата ако си спомнат дека некогаш и тие ‚зборувале како деца, размислувале како деца и расудувале како деца‘ (1. Коринќаните 13:11). Родители, зар не можете да се сетите дека некогаш и вие сте им здодевале на мајка ви или татко ви и сте барале да ви попуштат за некоја детска работа? Дали кога сте биле млади никогаш не сте помислиле дека родителите не можат да ве разберат? Ако е така, тогаш веројатно сфаќате зошто и вашите деца се однесуваат како што се однесуваат, и зошто треба постојано и стрпливо да ги потсетувате на вашите одлуки (Колошаните 4:6). Интересно е тоа што Јехова им рекол на израелските родители да ги ‚всадат‘ неговите закони во своите деца (5. Мојсеева 6:6, 7). Хебрејскиот збор преведен со ‚всадува‘ значи „да повторува“, „да кажува одново и одново“, „да вреже“. Ова покажува дека можеби родителите ќе мора по сто пати да повторат една иста работа пред нивното дете да научи да ги применува Божјите закони. И многу други работи во животот треба да ни се повторуваат сѐ додека не си ја научиме лекцијата.
6. Зошто може да се каже дека долготрпеливиот родител не е и попустлив родител?
6 Но, ако еден родител е долготрпелив, не значи дека е и попустлив. Божјата реч предупредува: „Дете распуштено ја срамоти мајка си“. За да не дојде до тоа, истата поговорка вели: „Прачката и укорот даваат мудрост“ (Изреки 29:15). Понекогаш децата мислат дека родителите немаат право да ги казнуваат. Но, во христијанските семејства не треба да владее демократија — децата не се тие што одредуваат дали родителите можат да им постават одредени правила или не. Напротив, Јехова, кој е главниот Поглавар на семејството, им го дава на родителите правото со љубов да ги воспитуваат и да ги укоруваат своите деца (1. Коринќаните 11:3; Ефешаните 3:15; 6:1-4). Всушност, укорот и опомените се во тесна врска со следниот аспект на љубовта што го спомнал Павле.
Како да се укорат децата со љубов
7. Зошто љубезните родители ги укоруваат и опоменуваат своите деца, и што сѐ е вклучено во тоа?
7 Павле напишал дека „љубовта е... љубезна“ (1. Коринќаните 13:4). Родителите што навистина ги сакаат своите деца ќе ги укоруваат љубезно и доследно. Кога го прават ова, тие го следат примерот на Јехова. Павле напишал: „Кого Јехова го сака, него и го укорува“. Имај на ум дека укорувањето за кое зборува Библијата не значи само казнување. Тоа вклучува воспитување и поука. Која е целта на ваквото укорување? Павле вели: „На оние што преку него се поучени, подоцна им донесува плод полн со мир — праведност“ (Евреите 12:6, 11). Кога родителите љубезно ги воспитуваат своите деца во склад со Божјата волја, тие им помагаат еден ден да станат мирољубиви и чесни луѓе. Ако децата ги прифатат ‚опомените од Јехова‘, ќе стекнат мудрост, знаење и проникливост — работи што се многу повредни од среброто и златото (Изреки 3:11-18).
8. Што обично се случува кога родителите не ги укоруваат децата?
8 Родителот, од друга страна, не постапува љубезно ако не ги укорува или опоменува своите деца. Јехова го водел Соломон со својот дух за да го напише следново: „Кој ја штеди прачката, го мрази својот син, а кој го сака, грижливо го опоменува“ (Изреки 13:24). Децата на кои не им бил даван соодветен укор кога биле мали, обично стануваат себични и несреќни луѓе. За разлика од нив, децата што биле воспитани од родители кои се грижливи, но сепак им поставувале јасни граници, скоро секогаш се подобри ученици, полесно се снаоѓаат во друштво и главно се среќни. Значи, слободно може да се каже дека родителите што ги укоруваат своите деца навистина постапуваат љубезно со нив.
9. За што ги поучуваат христијанските родители своите деца, и како треба децата да гледаат на она што се бара од нив?
9 Што значи да се укоруваат децата љубезно и со љубов? Родителите треба да разговараат со своите деца и јасно да им кажат што точно се очекува од нив. На пример, уште кога децата се многу мали, христијанските родители ги поучуваат за основните библиски начела и за тоа дека треба да имаат удел во различните аспекти од служењето на Бог (2. Мојсеева 20:12-17; Матеј 22:37-40; 28:19; Евреите 10:24, 25). Децата треба да знаат дека овие работи се бараат од нив и не се прашање на избор.
10, 11. Зошто родителите би можеле да ги прашаат децата за мислење кога го одредуваат куќниот ред?
10 Но, родителите понекогаш можат да ги прашаат децата што мислат тие за некои работи како, на пример, за тоа каков треба да биде куќниот ред. Ако и децата се вклучени во ваквите разговори, можеби ќе бидат поспремни да го почитуваат тој ред. Да речеме дека родителите сакаат да одредат до колку часот децата треба да се вратат дома навечер. Иако можат само да им го кажат времето, би можеле да им дозволат и на децата да се изјаснат кога би сакале да се враќаат и да објаснат зошто. Потоа родителите можат да кажат во колку часот тие сметаат дека децата треба да бидат дома, и да објаснат зошто е добро така. Што да се прави ако мислењата на родителите и децата се разидуваат, како што многу веројатно ќе биде случај? Понекогаш, родителите можат да одлучат да го исполнат барањето на децата доколку не се крши некое библиско начело. Дали тоа ќе значи дека родителите не постапуваат со авторитет?
11 За да одговориме на ова прашање, да размислиме како Јехова со љубов го спровел својот авторитет во случајот на Лот и неговото семејство. Откако ги испратиле Лот, жена му и ќерките од Содом, ангелите рекле: „Бегај во планините за да не загинеш!“ Но, Лот одговорил: „Те молам, Јехова, немој така!“ А потоа предложил нешто друго: „Ене, оној град е многу близу за да побегнам во него. Тебе тоа не ти значи многу. Те молам, дозволи ми да побегнам таму!“ Што му рекол Јехова на тоа? „Еве, и во ова ќе имам обѕир кон тебе“ (1. Мојсеева 19:17-22). Дали Јехова не постапил со авторитет во оваа ситуација? Во никој случај! Сепак, го зел предвид она што го барал Лот и решил да му покаже посебен обѕир во оваа работа. Ако си родител, дали има ситуации кога можеш да земеш предвид што мислат децата кога го одредувате куќниот ред?
12. Што ќе му помогне на детето да се чувствува сигурно?
12 Децата треба да го знаат редот во куќата, но треба да знаат и каква казна следува ако го прекршат. Откако со децата ќе се разговара за казните и тие добро ќе ги разберат, куќниот ред треба да се спроведе во домот. Родителите не покажуваат љубов ако постојано ги опоменуваат децата дека ќе ги казнат, а никогаш не ја спроведуваат казната. „Бидејќи пресудата за зло дело не се извршува брзо, срцето на синовите човечки решително прави зло“, вели Библијата (Проповедник 8:11). Се разбира, родителот можеби ќе се воздржи и нема да го казни детето на јавно место или пред неговите другари за да не го засрами пред нив. Сепак, децата се чувствуваат посигурни и повеќе ги почитуваат и ги сакаат своите родители кога знаат дека родителот секогаш си стои на зборот, и дека неговото „Да“ значи „Да“ а неговото „Не“ значи „Не“ — дури и кога станува збор за казна (Матеј 5:37).
13, 14. Како родителите можат да се угледаат на Јехова додека ги воспитуваат своите деца?
13 За да биде дадена со љубов, казната и начинот на кој се дава мора да бидат по мера на детето. „Не можевме да ги казнуваме и двете деца на ист начин“, вели Пем. „Она што имаше ефект кај едната ќерка, немаше ефект кај другата.“ Нејзиниот сопруг, Лари, објаснува: „Поголемата ќерка беше многу своеглава и со неа моравме да бидеме построги. Но, помалата ќерка брзо реагираше дури и само на поостар тон, па дури и на прекорен поглед“. Навистина, родителите што си ги сакаат децата се трудат да видат кои дисциплински мерки се најдобри за секое дете.
14 Јехова е добар пример за родителите, бидејќи ги знае и јаките и слабите страни на секој свој слуга (Евреите 4:13). Освен тоа, кога ги казнува своите слуги, Јехова не е ниту непотребно строг ниту претерано попустлив. Тој секогаш го казнува својот народ „колку што е потребно“ (Еремија 30:11). Родители, дали знаете кои им се јаки, а кои им се слаби страни на вашите деца? Дали можете да го искористите тоа на добар начин додека ги воспитувате нежно и со љубов? Ако го правите тоа, вие навистина покажувате дека ги сакате своите деца.
Помогнете им отворено и искрено да разговараат со вас
15, 16. Како можат родителите да ги поттикнат децата да зборуваат отворено, и кој пристап успешно го користат некои христијански родители?
15 Една друга карактеристика на љубовта е тоа што таа „не ѝ се радува на неправдата, а ѝ се радува на вистината“ (1. Коринќаните 13:6). Како можат родителите да ги поучат децата да го сакаат она што е праведно и вистинито? Еден многу важен чекор е да ги поттикнат искрено да си кажат што мислат дури и кога нема да им биде лесно да го прифатат она што ќе го слушнат. Се разбира, секој родител се радува кога размислувањето и чувствата на детето се во склад со праведните мерила. Но, понекогаш, она што детето искрено ќе го каже може да открие дека срцето му е склоно кон нешто неправедно (1. Мојсеева 8:21). Како треба да реагираат родителите? Можеби прво што ќе им дојде е веднаш да ги казнат децата затоа што кажале такво нешто. Но, ако реагираат на ваков начин, децата наскоро ќе научат да го кажуваат само она што мислат дека родителите сакаат да го чујат. Се разбира, родителот треба веднаш да го исправи детето ако тоа разговара без почит со него. Сепак, едно е да се поучи детето како учтиво да разговара, а сосема друго е родителот да му нареди што да мисли и што да каже.
16 Како можат родителите да ги поттикнат децата отворено да разговараат со нив? Алеа, која беше спомната во почетокот, вели: „Децата се чувствуваат слободни да разговараат со нас за сѐ, затоа што се трудиме да не реагираме претерано кога тие ќе ни кажат работи што нѐ вознемируваат“. Еден татко по име Том, вели: „Ја поттикнувавме нашата ќерка да ни каже што мисли, дури и кога за нешто не се согласуваше со нас. Знаевме дека, ако секогаш ја пресекуваме и ѝ го наметнуваме нашето мислење, со текот на времето ќе се обесхрабри и ќе научи да не ни го кажува она што навистина ѝ лежи на душата. Од друга страна, пак, ѝ помогнавме да нѐ слуша со тоа што и ние секогаш ја сослушувавме“. Се разбира, децата треба да им бидат послушни на своите родители (Изреки 6:20). Но, отворениот разговор им дава на родителите прилика да ги научат децата сами да размислуваат. Винсент, татко на четири деца, вели: „Честопати разговараме и за добрите и за лошите страни на некоја ситуација за децата да можат сами да сфатат кое е најдоброто решение. Ова им помогна да научат да размислуваат со своја глава“ (Изреки 1:1-4).
17. Во што можат да бидат сигурни родителите?
17 Се разбира, ниту еден родител не може совршено да ги примени библиските совети за воспитување на децата. И покрај тоа, биди уверен дека твоите деца многу ќе го ценат тоа што се трудиш да ги воспитуваш долготрпеливо, љубезно и со многу љубов. Јехова сигурно ќе го благослови твојот труд (Изреки 3:33). Целта на сите христијански родители е да им помогнат на своите деца да го засакаат Јехова како што го сакаат и тие. Како можат родителите да ја постигнат оваа благородна цел? Во следната статија ќе разгледаме неколку конкретни методи што ќе им помогнат во тоа.
Дали се сеќаваш?
• Како разбирањето ќе му помогне на родителот да биде долготрпелив?
• Каква е врската меѓу љубезноста и укорувањето?
• Зошто е неопходно родителите и децата отворено да разговараат?
[Слики на страница 23]
Родители, се сеќавате ли на времето кога и вие бевте деца?
[Слика на страница 24]
Дали ги поттикнуваш твоите деца отворено и искрено да разговараат со тебе?