Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Осија
ВО СЕВЕРНОТО десетплеменско царство Израел речиси никој не му служи на Бог на исправен начин. Додека владее Јеровоам II, материјалната состојба на Израелците многу се подобрува, но по неговата смрт пак се враќа на старо. Следи период на немири и политичка нестабилност. Четири од шесте цареви што доаѓаат на престолот се убиени (2. Царевите 14:29; 15:8-30; 17:1-6). Осија веќе пророкувал 59 години, од 804 год. пр.н.е., и продолжува да пророкува и во овие немирни времиња.
Една живописна слика за она што го чувствува Јехова кон своеглавите Израелци е дадена преку бракот на Осија. Овој пророк треба да ги изнесе на виделина грешките на народот и да прорече каков суд ќе ги снајде и Израел и Јуда. Со нежни и чувствителни зборови, но истовремено цврсто и јасно, Осија го запишува сето ова во книгата што го носи неговото име. Таа е дел од Божјата реч и до ден-денес е жива и делотворна (Евреите 4:12).
„ОЖЕНИ СЕ СО ЖЕНА КОЈА ЌЕ НАПРАВИ БЛУД“
Јехова му вели на Осија: „Оди, ожени се со жена која ќе направи блуд“ (Осија 1:2). Осија е послушен, и ја зема Гомер, која му раѓа син. Следните две деца што ги раѓа се вонбрачни. Нивните имиња, Ло-Рухама и Ло-Амиј, покажуваат дека Јехова нема веќе да покажува милост кон Израелците и дека повеќе нема да бидат негов народ затоа што му се неверни.
Како се чувствува Јехова поради она што го прави неговиот бунтовен народ? Тој му вели на Осија: „Оди и повторно сакај ја жената која друг ја сака и која врши прељуба, како што Јехова ги сака синовите на Израел, додека тие се свртуваат кон други богови“ (Осија 3:1).
Одговорени библиски прашања:
1:1 — Зошто Осија ги спомнува сите четири цареви што владееле над Јуда за време на неговата служба, а само еден цар на Израел? Причината за тоа е што само царевите од семејната лоза на Давид законски имале право да бидат владетели на Божјиот избран народ. Царевите на северното царство не потекнувале од Давидовата лоза, туку само оние на Јуда.
1:2-9 — Дали Осија навистина зел жена која ќе направи блуд? Да, Осија се оженил со жена која подоцна станала прељубница. Овој пророк не кажал ништо по кое би заклучиле дека она што му се случувало на семеен план било сон или визија.
1:7 — Кога Јехова покажал милост кон домот на Јуда и го спасил? Ова се исполнило во 732 год. пр.н.е., во времето на цар Езекија. Тогаш Јехова испратил ангел кој во една ноќ убил 185.000 души од асирската војска, и така ја спречил Асирија да го нападне Израел (2. Царевите 19:34, 35). На тој начин, Јехова ја избавил Јуда, но не „со лак, ниту со меч, ниту со војна, ниту со коњи, ниту со коњаници“, туку со ангел.
1:10, 11 — Со оглед на тоа што северното царство Израел пропаднало во 740 год. пр.н.е., како можело да ‚се соберат синовите на Јуда и синовите на Израел и да се обединат‘? Мнозина од северното царство се преселиле во Јуда пред Јудејците да бидат заробени и одведени во Вавилон во 607 год. пр.н.е. (2. Летописи 11:13-17; 30:6-12, 18-20, 25). Освен тоа, меѓу Евреите што биле ослободени од Вавилон и се вратиле во својата родна земја во 537 год. пр. н.е. имало и некои што потекнувале од северното царство Израел (Езра 2:70).
2:21-23 — Што претскажал Јехова со зборовите: ‚Ќе ја посеам за себе како семе [Језраел] по земјата и ќе бидам милостив кон неа‘? Првиот син на Осија што го родила Гомер се викал Језраел (Осија 1:2-4). Ова име значи „Бог ќе посее семе“, со што Јехова прорекува дека ќе ги собере верните Израелци што преостанале во Вавилон во 537 год. пр. н.е. и ќе ги расее како семе низ Јуда. Земјата што лежела запустена 70 години сега ќе треба повторно да дава жито, вино и масло. Поетски изразено, пророштвото вели дека овие убави работи ќе ја замолат почвата да биде плодна, а таа ќе побара од небесата дожд. Небесата, пак, ќе го замолат Јехова да им даде дождовни облаци. Сето ова ќе се случи за народот што ќе се врати да има во изобилство од сѐ што му треба. Апостолите Павле и Петар го користат Осија 2:23 и за да објаснат дека Бог ќе ги собере преостанатите од духовниот Израел (Римјаните 9:25, 26; 1. Петрово 2:10).
Поуки за нас:
1:2-9; 3:1, 2. Помисли колку многу лични жртви направил Осија со тоа што останал во брак само за да биде послушен на она што го побарал од него Бог! До кој степен сме ние спремни да се откажеме од она што лично би го избрале за да постапиме како што бара Бог?
1:6-9. Јехова ја мрази духовната прељуба исто колку што ја мрази и дословната.
1:7, 10, 11; 2:14-23. Сѐ што прорекол Јехова за Израел и Јуда се исполнило. Тоа што ќе го каже Јехова секогаш се исполнува.
2:16, 19, 21-23; 3:1-4. Јехова е спремен да им прости на оние што искрено се каат (Неемија 9:17). И ние, како Јехова, треба да сме сочувствителни и милостиви кон другите.
„ЈЕХОВА ВОДИ ПАРНИЦА“
„Јехова води парница против жителите на земјата.“ Зошто? „Зашто во земјата нема ни вистина, ни добрина, ниту знаење за Бог“ (Осија 4:1). Израелците станале отпадници кои прават проневери и се виновни за крв, како и за дословен и за духовен блуд. Наместо да бараат помош од Бог, „тие го повикуваат Египет, одат во Асирија“ (Осија 7:11).
Јехова ја објавува пресудата: „Израел ќе биде проголтан“ (Осија 8:8). Ниту царството на Јуда нема да остане неказнето. „Јехова има парница со Јуда и ќе бара сметка од Јаков за неговите патишта, ќе му плати според неговите дела“, пишува во Осија 12:2. Но, Јуда сигурно ќе доживее обнова, зашто Бог ветува: „Од раката на гробот јас ќе ги откупам, од смрт ќе ги избавам“ (Осија 13:14).
Одговорени библиски прашања:
6:1-3 — Кој ги кажува зборовите: „Дојдете, да му се вратиме на Јехова“? Можеби неверните Израелци си зборувале меѓу себе дека треба да му се вратат на Јехова. Ако е така, тогаш тие само се преправале дека се каат. Нивната добрина била толку мала и минлива како „утринските облаци и како росата која рано исчезнува“ (Осија 6:4). Друга можност е овие зборови да ги кажал Осија, преколнувајќи го народот да се врати кај Јехова. Како и да е, своеглавите жители на десетплеменското царство Израел требало искрено да се покаат и вистински да му се вратат на Јехова.
7:4 — Во која смисла Израелците биле како прељубници што ‚се распалиле како распалена печка‘? Оваа споредба добро покажува колку силни биле погрешните желби во срцето на Израелците.
Поуки за нас:
4:1, 6. Ако сакаме да имаме поддршка од Јехова, мораме постојано да учиме за него и да го применуваме во животот тоа што ќе го научиме.
4:9-13. Јехова ќе се пресмета со оние што се неморални и учествуваат во обичаи на лажната религија (Осија 1:4).
5:1. Оние што го преземаат водството меѓу Божјиот народ мора целосно да го отфрлат отпадништвото. Во спротивно, може да се случи да наведат некого неисправно да му служи на Бог, и така да им станат ‚замка и мрежа‘.
6:1-4; 7:14, 16. Залудно и лицемерно е некој да се покае само на зборови. За да добие милост од Бог, оној што грешел мора да покаже дека од срце се кае, што се гледа по тоа дали се враќа кај возвишениот, односно на возвишениот начин на почитување на Бог. Неговите постапки треба да се во согласност со Божјите високи мерила (Осија 7:16, фуснота).
6:6. Оној што прави грев покажува дека не го сака искрено Бог. Овој недостаток не може да се надомести со никакви духовни жртви.
8:7, 13; 10:13. Израелците што станале идолопоклоници ја осетиле на своја кожа вистинитоста на зборовите: „Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“ (Галатите 6:7).
8:8; 9:17; 13:16. Она што било проречено за северното царство се исполнило кога Асирците го зазеле главниот град Самарија (2. Царевите 17:3-6). Тоа ни е гаранција дека сѐ што Бог рекол, ќе го направи, и сѐ што кажал, ќе го исполни (4. Мојсеева 23:19).
8:14. Јехова испратил оган „во неговите градови“, односно во градовите на Јуда, во 607 год. пр.н.е., кога Вавилонците ги опустошиле Ерусалим и земјата на Јуда, како што било проречено (2. Летописи 36:19). Апсолутно е невозможно да не се исполни она што го рекол Бог (Исус Навин 23:14).
9:10. Иако веќе му се заветувале на вистинскиот Бог, Израелците ‚оделе кај Ваал фегорски и му се предавале на тој срамен бог‘. Мудро е да учиме од нивниот лош пример и да се трудиме да го исполниме заветот што му го дадовме на Јехова (1. Коринќаните 10:11).
10:1, 2, 12. Треба да му служиме на Бог искрено, а не лицемерно. Ако ‚си сееме семе во праведност, ќе жнееме Божја милост‘.
10:5. „Вет-Авен“ (што значи „Дом на навредата“) е понижувачко име што му е дадено на Ветил (што значи „Божји дом“). Кога идолското теле од Вет-Авен било запленето од страна на непријателите, жителите на Самарија тагувале што веќе го немаат овој предмет што го обожавале. Колку е бесмислено да се има доверба во безживотен идол што не може дури ни самиот себеси да се заштити! (Псалм 135:15-18; Еремија 10:3-5).
11:1-4. Јехова секогаш со љубов постапува кон својот народ. Никогаш не тера некого сосила да му биде подложен.
11:8-11; 13:14. Јеховината реч дека неговиот народ повторно ќе му служи на исправен начин ‚не се вратила кај него без плод‘ (Исаија 55:11). Кога во 537 год. пр. н.е. завршило нивното ропство во Вавилон, преостанатите Евреи што живееле таму се вратиле во Ерусалим (Езра 2:1; 3:1-3). Ништо од она што го кажал Јехова преку своите пророци не останало неисполнето.
12:6. Треба да сме цврсто решени да покажуваме добрина кон другите, да постапуваме со нив праведно и секогаш да се надеваме на Јехова.
13:6. Израелците ‚се наситиле и нивното срце се вообразило, па го заборавиле‘ Јехова. Мора многу да пазиме да не станеме вообразени.
„ПАТИШТАТА НА ЈЕХОВА СЕ ПРАВИ“
Осија моли: „Врати се, Израеле, кај Јехова, својот Бог, зашто се спрепна во својот престап“. Тој го поттикнува народот да му рече на Јехова: „Прости ни ја вината и прими го она што е добро, а ние ќе ти принесеме за возврат плод од усните свои!“ (Осија 14:1, 2).
Секој што се кае за своите гревови треба да дојде кај Јехова, да тргне по неговите патишта и да му принесе жртви на фалба. Зошто? Затоа што „патиштата на Јехова се прави, и праведни се оние што одат по нив“ (Осија 14:9). Среќни сме што уште многу луѓе „со трепет ќе дојдат кај Јехова и кај неговата доброта во последните денови“ (Осија 3:5).
[Слика на страница 15]
Семејниот живот на Осија живописно покажува што направил Јехова за Израел
[Слика на страница 17]
По падот на Самарија во 740 год. пр.н.е., десетплеменското царство Израел исчезнало