Следи ја светлината
БЛАГОДАРЕНИЕ на светилниците, безброј луѓе биле спасени од сигурна смрт. Но, светлината што во далечина ќе ја види еден уморен морепловец не е само предупредување дека во близина има опасни морски гребени. Таа е и знак дека неговото патување е при крај. Слично на тоа, и христијаните денес се при крај на своето долго патување низ овој мрачен, духовно опасен свет. Во Библијата, човештвото општо земено — луѓето што се отуѓени од Бог — се споредени со „разбранувано море кое не може да се смири и чии води исфрлаат морска трева и кал“ (Исаија 57:20). Божјите слуги живеат токму во една таква средина. Сепак, тие имаат светла надеж за спасение, која за нив е како некоја симболична, сигурна светлина (Михеј 7:8). Преку својата пишана Реч Јехова пуштил ‚светлината да засветили за праведникот и радоста за оние што имаат справедливо срце‘ (Псалм 97:11).a
Но, некои христијани дозволиле извесни работи да им го одвлечат вниманието и да ги оддалечат од Јеховината светлина. Нивната вера доживеала бродолом поради исто толку измамливи работи како подводните гребени — материјализмот, неморалот, па дури и отпадништвото. Да, како што било во првиот век, и денес некои ‚доживеале бродолом во верата‘ (1. Тимотеј 1:19; 2. Петрово 2:13-15, 20-22). Новиот свет би можел да се спореди со пристаниште кон кое патуваме. Бидејќи сега сме толку близу до него, би било вистинска трагедија да ја изгубиме Јеховината милост!
Не дозволувај да доживееш „бродолом во верата“
Во минатите векови се случувало некој брод безбедно да плови по отворено море, но да доживее бродолом во близина на пристаништето. Честопати, најопасен дел од патувањето било кога бродот се приближувал кон копното. Слично, за многумина најопасен период од човечката историја се „последните денови“ на овој поредок. Библијата точно ги опишува како „особено тешки времиња“, посебно за христијаните (2. Тимотеј 3:1-5).
Зошто овие последни денови се толку тешки? Па, Сатана знае дека му преостанува само уште „кратко време“ за да се бори против Божјиот народ. Затоа, ги засилил своите злобни напади за да ја уништи нивната вера (Откровение 12:12, 17). Сепак, ние не сме оставени без помош и водство. Јехова и понатаму им е прибежиште на оние што ги слушаат неговите совети (2. Самоилова 22:31). Ни дал примери што ни служат како предупредување и ги разоткриваат Сатановите итри и злобни намери. Сега ќе разгледаме два такви примера, во кои станува збор за Израелците во времето кога наближувале кон Ветената земја (1. Коринќаните 10:11; 2. Коринќаните 2:11).
Во близина на Ветената земја
Под водство на Мојсеј, Израелците успеале да избегаат од Египет. Наскоро биле во близина на јужната граница на Ветената земја. Тогаш Мојсеј испратил 12 мажи за да ја извидат земјата. Десет извидувачи кои немале доволно вера донеле обесхрабрувачки извештај, велејќи дека Израелците нема да успеат во борбата против Ханаанците затоа што тие биле „со необично крупна става“ и биле многу силни во воен поглед. Како влијаело тоа врз Израелците? Извештајот ни кажува дека почнале да мрморат против Мојсеј и Арон, велејќи: „Зошто нѐ води Јехова во таа земја да паднеме од меч? Нашите жени и деца ќе станат плен... Да си поставиме водач и да се вратиме во Египет!“ (4. Мојсеева 13:1, 2, 28-32; 14:1-4).
Замисли си! Истите тие луѓе виделе како Јехова го понижува моќниот Египет — кој во тоа време бил светска сила — со десет страшни неволји и со едно неверојатно чудо кај Црвеното Море. А Ветената земја лежела токму пред нив, и тие требало само да се упатат кон неа исто како што еден брод оди кон светлината што го означува неговото одредиште. Сепак, поверувале дека Јехова не може да ги порази безначајните, поделени градови-царства на Ханаан. Ваквата реакција, од која се видело дека немале вера, сигурно многу ги разочарала Бог и двајцата верни извидувачи, Исус Навин и Халев, во чии очи Ханаан бил лесно залче за Израелците! Тие од прва рака знаеле како стојат работите, бидејќи лично биле во Ханаан. Кога народот не влегол во Ветената земја, и Исус Навин и Халев морале да талкаат низ пустината со децении, но не умреле таму како другите неверни луѓе. Всушност, Исус Навин и Халев му помагале на Мојсеј да ја води следната генерација за да излезе од пустината и да влезе во Ветената земја (4. Мојсеева 14:9, 30). Сега, кога вторпат наближувале кон неа, Израелците се наоѓале пред еден поинаков испит. Како го поминале?
Моавскиот цар Валак се обидел да го проколне Израел користејќи го лажниот пророк Валаам. Меѓутоа, Јехова ја осуетил оваа завера со тоа што направил Валаам да каже благослови наместо проклетства (4. Мојсеева 22:1-7; 24:10). Без да се обесхрабри, Валаам скроил уште еден злобен план за да спречи Божјиот народ да ја добие Ветената земја. Како? Со тоа што ги навел да направат неморал и да почнат да го обожаваат Ваал. Иако општо земено оваа тактика не успеала, сепак биле заведени 24.000 Израелци. Тие имале неморални односи со Моавките и се приклониле кон Ваал фегорски (4. Мојсеева 25:1-9).
Замисли си! Многумина од тие Израелци виделе како Јехова безбедно ги води низ „онаа голема и застрашувачка пустина“ (5. Мојсеева 1:19). Сепак, на прагот на земјата што требало да ја добијат како наследство, 24.000 души од Божјиот народ потклекнале на телесните желби и умреле од Јеховината рака. Ова претставува сериозно предупредување за Божјите слуги денес, кои наскоро треба да добијат едно многу поголемо наследство!
Во својот последен обид да ги спречи денешните слуги на Јехова да ја добијат својата награда, на Сатана не му требаат нови тактики. Користејќи тактика која е слична на онаа што ја употребил првиот пат кога Израелците се приближиле кон Ветената земја, Сатана честопати се обидува да влее страв и сомнеж, сеедно дали преку закани, прогонство или исмејување. Некои христијани потклекнале на таквите заплашувања (Матеј 13:20, 21). Една друга добро проверена тактика му е морално да ги расипе луѓето. Понекогаш, некои што се вовлекле во христијанското собрание се обиделе да ги расипат оние што се духовно слаби и што не чекорат со сигурни чекори во светлината што ни ја дава Бог (Јуда 8, 12-16).
За духовно зрелите и будни христијани, тоа што светот брзо тоне во морална расипаност е силен доказ дека Сатана е западнат во очај. Да, Сатана знае дека наскоро нема да им може ништо на Божјите верни слуги. Затоа, сега сигурно е време да останеме духовно будни за да не подлегнеме на обидите на Сатана.
Што ќе ни помогне да останеме духовно будни
Апостол Петар рекол дека Божјата пророчка реч е како „светилка која свети на темно место“, бидејќи им помага на христијаните јасно да видат како се исполнува Божјата намера (2. Петрово 1:19-21). Оние што стекнуваат љубов кон Божјата реч и што оставаат и понатаму да ги води таа, утврдиле дека Јехова ги исправа нивните патишта (Изреки 3:5, 6). Исполнети со надеж, тие благодарни лица „воскликнуваат од радост во срцето“, додека оние што не го познаваат Јехова или што го напуштаат, на крајот чувствуваат „болка во срцето“ и ‚скршен дух‘ (Исаија 65:13, 14). Затоа, ако внимателно ја проучуваме Библијата и го применуваме она што го учиме, ќе можеме да го впериме погледот на нашата сигурна надеж наместо на минливите задоволства што ги нуди сегашниов свет.
Многу е важна и молитвата за да останеме духовно будни. Кога зборувал за крајот на сегашниов свет, Исус рекол: „Затоа бидете будни, сесрдно молејќи се за сето време, за да успеете да го избегнете сето ова што треба да се случи и да застанете пред Синот човечки“ (Лука 21:34-36). Забележи дека Исус го употребува зборот ‚сесрдно молење‘, што значи дека треба да се молиме горливо и искрено. Тој знаел дека во овие критични времиња, во прашање ќе биде вечниот живот на луѓето. Дали од твоите молитви се гледа дека многу сакаш да останеш сосема буден духовно?
Да не заборавиме дека најопасниот дел од патувањето до нашето наследство може да биде последниот дел од патот. Затоа, многу е важно да не ја изгубиме од вид светлината што може да ни помогне да преживееме.
Чувај се од лажните светилки
Во старите времиња, кога низ морињата пловеле кораби ‚ особена опасност претставувале злобните луѓе кои многу ги сакале ноќите без месечина, кога на морнарите им било тешко да го здогледаат брегот. Таквите пакосници поставувале светилки по должината на опасните делови од брегот за да ги наведат бродските капетани да го сменат курсот. А што можело да им се случи на измамените морепловци? Да доживеат бродолом, да им биде опљачкан товарот и да го изгубат животот.
Слично на тоа, и Сатана, кој е измамник што се преправа во „ангел на светлината“, сака да им го уништи на Божјите слуги добриот однос со Бог. За да ги измами невнимателните, Ѓаволот користи „лажни апостоли“ и отпаднички „слуги на праведноста“ (2. Коринќаните 11:13-15). Но, исто како што еден буден, искусен капетан и неговата посада не може да бидат толку лесно измамени со лажни светилки, и христијаните „чија моќ на согледување преку искуство им е извежбана да разликува добро и зло“ не се заведени од оние што шират лажни учења и штетни филозофии (Евреите 5:14; Откровение 2:2).
Морнарите носеле список на светилниците на кои требало да наидат по патот. На тој список биле наведени карактеристиките на секој светилник, а било опишано и каков сигнал давал секој од нив. Во The World Book Encyclopedia стои: „Морнарите препознаваат кој светилник го гледаат — а според тоа и каде се наоѓаат — набљудувајќи ги карактеристиките на светилникот и споредувајќи ги со списокот на светилници“. Слично, Божјата реч им помага на искрените луѓе да препознаат која е вистинската религија, особено во овие последни денови, кога Јехова ја возвишил високо над лажната религија (Исаија 2:2, 3; Малахија 3:18). Сликовито прикажувајќи ја огромната разлика помеѓу вистинската и лажната религија, во Исаија 60:2, 3 стои: „Мрак ќе ја покрие земјата и густа темнина народите, а над тебе ќе блесне Јехова, и неговата слава ќе се види над тебе. Народи ќе одат кон твојата светлина и цареви кон сјајот со кој блескаш“.
Додека милиони луѓе од сите народи и понатаму се водат според Јеховината светлина, нивната вера нема да доживее бродолом во последната етапа од нивното патување. Напротив, ќе патуваат безбедно во преостанатите денови на сегашниов свет и ќе влезат во мирното пристаниште на новиот свет.
[Фуснота]
a Во Светото писмо, зборот „светлина“ се користи на неколку симболични начини. На пример, во Библијата Бог е поврзан со светлината (Псалм 104:1, 2; 1. Јованово 1:5). Духовното просветлување од Божјата реч исто така е споредено со светлина (Исаија 2:3-5; 2. Коринќаните 4:6). Додека ја извршувал својата служба на Земјата, Исус бил светлина (Јован 8:12; 9:5; 12:35). А на Исусовите следбеници им било заповедано да пуштат нивната светлина да свети (Матеј 5:14, 16).
[Слика на страница 15]
Како морепловци, христијаните внимаваат да не бидат измамени од лажни светилки