Постапувај како што ти налага совеста
„На чистите сѐ им е чисто, а на валканите и безверни луѓе ништо не им е чисто“ (ТИТ 1:15).
1. Каква врска имал Павле со собранијата на Крит?
ОТКАКО го завршил своето трето мисионерско патување, апостол Павле бил уапсен и, на крајот, бил одведен во Рим, каде што лежел в затвор две години. Што правел кога излегол на слобода? По извесно време отишол на островот Крит заедно со Тит, на кого подоцна му напишал: „Те оставив на Крит за да го исправиш она што има некаков недостаток и да назначиш старешини“ (Тит 1:5). За да ја изврши оваа задача, Тит требало да соработува со лица чија совест не реагирала на ист начин.
2. Со каков проблем требало да се справи Тит на островот Крит?
2 Откако му дал упатства во врска со условите што требало да ги исполни еден христијанин за да биде назначен за старешина во собранието, Павле го предупредил Тит дека на Крит имало „многу непокорни... што кажуваат бескорисни зборови и... го лажат умот“. Таквите поединци ‚ја поткопувале верата на цели семејства поучувајќи за она што не треба‘, и затоа Тит требало ‚строго да ги укори‘ (Тит 1:10-14; 1. Тимотеј 4:7). Павле рекол дека нивниот ум и совест биле „извалкани“, и притоа употребил еден збор што значи „исфлека“, исто како што, на пример, една убава облека може да се исфлека со боја (Тит 1:15). Веројатно некои од тие луѓе имале еврејско потекло, бидејќи ‚се држеле за обрежувањето‘. Иако денес нема такви лица што би ги поткопале собранијата со истото тоа гледиште, сепак ние можеме многу да научиме за совеста од советите што Павле му ги дал на Тит.
Оние што имаат извалкана совест
3. Што му напишал Павле на Тит во врска со совеста?
3 Забележи во каков контекст Павле ја спомнува совеста. „На чистите сѐ им е чисто, а на валканите и безверни луѓе ништо не им е чисто, туку им се извалкани и умот и совеста. Тие тврдат дека го познаваат Бог, но се одрекуваат од него со своите дела“. Очигледно, некои христијани во тоа време требало да направат промени за „да бидат здрави во верата“ (Тит 1:13, 15, 16). Им било тешко да разликуваат што е чисто а што нечисто, а тоа било поврзано со нивната совест.
4, 5. Каков недостаток имале некои во собранијата, и како ова влијаело врз нив?
4 Повеќе од десет години пред тоа, водечкото тело на христијаните дошло до заклучок дека од слугите на вистинскиот Бог повеќе не се бара да бидат обрежувани, а потоа им ја соопштило оваа одлука на собранијата (Дела 15:1, 2, 19-29). И покрај тоа, меѓу христијаните на Крит имало такви кои сѐ уште ‚се држеле за обрежувањето‘. Тие отворено му се спротивставиле на водечкото тело, „поучувајќи за она што не треба“ (Тит 1:10, 11). Бидејќи не размислувале исправно, можеби барале да се држат и некои одредби од Законот во поврзаност со храната и со ритуалната чистота. Веројатно му додавале и свои правила на Законот исто како што правеле и нивните претходници кои живееле во времето на Исус, а можеби ширеле и еврејски бајки и човечки заповеди (Марко 7:2, 3, 5, 15; 1. Тимотеј 4:3).
5 Ваквото размислување влијаело негативно врз нивното просудување и врз нивното чувство за исправно и погрешно, односно врз нивната совест. Павле напишал: „На валканите и безверни луѓе ништо не им е чисто“. Совеста им станала толку изопачена што повеќе не можеле да се потпрат на неа за да ги води во постапките и просудувањето. Згора на тоа, тие им суделе на сохристијаните за работи од лична природа, односно за работи во кои некој христијанин можеби ќе постапи на еден начин, а друг на сосема поинаков начин. Во врска со оваа работа, тие Криќани го сметале за нечисто она што, всушност, не било нечисто (Римјаните 14:17; Колошаните 2:16). Иако тврделе дека го познаваат Бог, нивните дела откривале дека, всушност, не го познаваат (Тит 1:16).
„На чистите сѐ им е чисто“
6. Кои два типа луѓе ги спомнал Павле?
6 Како може да ни помогне она што Павле му го напишал на Тит? Забележи ги двете спротивности што се истакнати во оваа изјава: „На чистите сѐ им е чисто, а на валканите и безверни луѓе ништо не им е чисто, туку им се извалкани и умот и совеста“ (Тит 1:15). Павле сигурно не сакал да каже дека за еден христијанин кој е морално чист, апсолутно сѐ е чисто и сѐ му е дозволено. Можеме да бидеме сигурни во ова бидејќи во едно друго свое писмо Павле јасно кажал дека оние што вршат блуд, идолопоклонство, спиритизам итн., „нема да го наследат Божјето царство“ (Галатите 5:19-21). Затоа, мора да заклучиме дека во овој стих Павле зборувал дека општо земено постојат два типа луѓе — оние што се морално и духовно чисти и оние што не се.
7. Што е забрането во Евреите 13:4, но кое прашање може да се постави?
7 Ова не значи дека еден искрен христијанин треба да го избегнува само она што е конкретно забрането во Библијата. Да ја земеме за пример оваа отворена изјава: „Бракот нека биде чесен меѓу сите и брачната постела нека биде чиста, зашто Бог ќе им суди на блудниците и на прељубниците“ (Евреите 13:4). Дури и оние што не се христијани и кои воопшто не ја познаваат Библијата ќе дојдат до исправниот заклучок дека со овој стих се забранува прељубата. Одовде, како и од други стихови во Библијата, е јасно дека Бог ги осудува половите односи помеѓу маж или жена кои се во брак и некој друг што не е нивниот законски сопружник. Но, што да се каже за две невенчани лица кои имаат орален секс? Многу тинејџери тврдат дека ова е во ред бидејќи не е полов однос. Дали за еден христијанин оралниот секс треба да е нешто чисто?
8. Како гледаат христијаните на оралниот секс за разлика од многу луѓе во светот?
8 Од Евреите 13:4 и 1. Коринќаните 6:9 јасно се гледа дека Бог ги осудува и прељубата и блудот (грчки: порни́а). На што се однесува зборот „блуд“? Овој грчки збор означува користење на половите органи било на нормален било на изопачен начин за задоволување на нечии расипани полови страсти. Се однесува на сите видови недозволени полови односи надвор од бракот кој е законски склопен според Библијата. Значи, во блуд спаѓа и оралниот секс, иако многу тинејџери низ целиот свет дошле до заклучок или, пак, им било кажано дека оралниот секс не е за осуда. Вистинските христијани не дозволуваат врз нивните постапки и размислување да влијаат мислењата на „оние што кажуваат бескорисни зборови и... што го лажат умот“ (Тит 1:10). Тие се држат за високите мерила што се изнесени во Светото писмо. Наместо да бараат изговор за да имаат орален секс, ним им е многу јасно дека според Библијата тоа е блуд, односно порни́а, и тие ја обликуваат својата совест во склад со оваa (Дела 21:25; 1. Коринќаните 6:18; Ефешаните 5:3).
Различни гласови, различни одлуки
9. Ако ‚сѐ е чисто‘, тогаш каква улога игра совеста?
9 Но, што сакал да каже Павле кога рекол дека „на чистите сѐ им е чисто“? Павле зборувал за оние христијани што го довеле своето размислување и своето чувство за исправно и погрешно во склад со Божјите мерила, кои се наоѓаат во неговата вдахновена Реч. Тие сфаќаат дека Божјите слуги можат да донесат различни одлуки кога станува збор за работи што не се директно осудени во Библијата. Наместо да се поставуваат во улога на судии, тие ги прифаќаат како „чисти“ работите што Бог не ги осудува. Освен тоа, не очекуваат сите други да размислуваат сосема исто како нив за многу работи во животот за кои Библијата не дава конкретни упатства. Да наведеме неколку примери.
10. Како може некоја свадба (или погреб) да доведе до непријатна ситуација?
10 Има многу семејства во кои едниот брачен партнер станал христијанин, а другиот не (1. Петрово 3:1; 4:3). Ова може да доведе до разни непријатни ситуации, на пример, кога ќе има свадба или погреб на некој роднина. Да речеме дека се работи за една христијанка чиј сопруг не е Јеховин сведок. Еден негов роднина се жени и венчавката ќе биде во црква. (Или, пак, му починал некој роднина, можеби родител, и погребната церемонија ќе се одржи во некоја црква.) Оваа брачна двојка е поканета да присуствува на церемонијата и мажот сака жената да појде со него. Што ѝ вели нејзината совест — да оди или да не оди? Што ќе стори таа? Замисли ги следниве две можности.
11. Опиши како можеби размислува една христијанка за тоа дали да оди на венчавка во црква, и до каков заклучок доаѓа.
11 Лидија размислува за важната библиска заповед: ‚Излезете од Големиот Вавилон‘, односно од светското царство на лажната религија (Откровение 18:2, 4). Порано и таа одела во истата црква каде што ќе се одржи венчавката и знае дека таму од сите присутни ќе се бара да учествуваат во некои обреди, како што се молитва, пеење и разни ритуали. Таа е решена да нема ништо заедничко со тоа и не сака ни да биде таму за да не се најде под притисок да попушти во својата верност на Бог. Лидија го почитува својот маж и сака да му биде послушна бидејќи според Библијата тој е нејзин поглавар. Но, во никој случај не сака да ги прекрши библиските начела (Дела 5:29). Затоа, тактично му објаснува дека, дури и тој да реши да оди, таа не може да појде со него. Може да му спомне дека, ако отиде и одбие да направи нешто што ќе се бара од сите присутни, тој може да се најде во незгодна ситуација, па затоа можеби за него најдобро би било таа да не присуствува на венчавката. По оваа одлука, таа има чиста совест.
12. Како би можел да размислува и да постапи некој ако е поканет да присуствува на венчавка во црква?
12 Магдалена стои пред истиот избор. Таа го почитува својот маж, решена е да му остане верна на Бог и сака да постапи како што ѝ налага нејзината совест обликувана според Библијата. Откако низ мислите ѝ поминуваат истите работи на кои мислела и Лидија, Магдалена во молитва размислува за статијата „Прашања од читателите“ што излезе во Стражарска кула од 15 мај 2002 год. Таа си спомнува дека тројцата Евреи ја послушале заповедта да појдат на местото каде што требало да се изврши идолопоклонство, но му останале верни на Бог така што не го направиле тој чин (Даниел 3:15-18). Таа одлучува да појде со својот маж, но да не учествува во ниту еден верски обред, и оваа одлука е во склад со нејзината совест. Тактично, но многу отворено, Магдалена му објаснува на маж ѝ што ѝ дозволува нејзината совест да прави, а што не, надевајќи се дека тој ќе ја види разликата помеѓу вистинската и лажната религија (Дела 24:16).
13. Зошто не треба да се вознемируваме ако двајца христијани дојдат до различен заклучок за една иста работа?
13 Дали тоа што двете христијанки дошле до различен заклучок за една иста работа значи дека не е важно како ќе постапи секоја од нив или дека едната сигурно има слаба совест? Не. Со оглед на тоа што порано и самата учествувала во сите тие церемонии во црквата, Лидија можеби смета дека за неа лично би било особено опасно да присуствува таму. Врз нејзината совест можеби влијае и начинот на кој реагирал нејзиниот сопруг кога порано имале проблем околу слични верски прашања. Затоа, таа е уверена дека нејзината одлука е најдобра за неа.
14. Што треба да имаат на ум христијаните кога се работи за лични одлуки?
14 Според тоа, дали Магдалена донела погрешна одлука? Другите немаат право да ѝ судат. Не треба да ја осудуваат или да ја критикуваат затоа што решила да оди во црква, иако е цврсто решена да не учествува во ниту еден верски обред. Добро е да го имаме на ум советот што го дал Павле кога некој одлучувал дали да јаде или да не јаде извесна храна: „Оној што јаде, нека не го презира оној што не јаде, а тој што не јаде, нека не го осудува оној што јаде... Неговиот господар одлучува дали тој ќе стои или ќе падне. А ќе стои, зашто Јехова може да го поддржи“ (Римјаните 14:3, 4). Сигурно ниту еден вистински христијанин не би сакал да поттикне некого да постапи спротивно на она што му го вели изострената совест бидејќи, ако направи такво нешто, тоа е исто како да го тера да не слуша нечиј глас што можеби му кажува нешто од што му зависи животот.
15. Зошто треба сериозно да се размисли за совеста и за чувствата на другите?
15 Да се вратиме на случајот со двете христијанки. Тие треба да земат предвид уште некои фактори, меѓу кои спаѓа и тоа како нивната одлука ќе влијае врз другите. Павле нѐ советува: „Решете да не ставате пред братот нешто поради кое би можел да се спрепне или да се сопне“ (Римјаните 14:13). Лидија можеби знае дека и порано имало слични ситуации што многу го вознемириле собранието или нејзиното семејство, а она што сега ќе го стори таа може значително да влијае врз нејзините деца. За разлика од неа, Магдалена можеби е свесна дека порано и некои други донеле слична одлука и тоа не предизвикало никаков проблем во собранието или околината. И двете — како и сите ние — треба да сфатат дека исправно обликуваната совест зема во обѕир како нивната одлука ќе влијае врз другите. Исус рекол: „Кој ќе поколеба во верата еден од овие мали кои веруваат во мене, подобро ќе му биде да му обесат околу вратот мелнички камен што го врти магаре и да потоне во морската длабочина“ (Матеј 18:6). Ако некому не му е грижа дали ќе ги спрепне другите, неговата совест може да се извалка, како што била извалкана и совеста на некои христијани на Крит.
16. Какви промени треба да прави еден христијанин со текот на времето?
16 Христијанинот треба постојано духовно да напредува, што значи дека, со текот на времето, треба сѐ повеќе да ја слуша и побрзо да реагира на својата совест. Да го земеме, на пример, Александар, кој е крстен од неодамна. Неговата совест не му дозволува да прави работи што порано ги правел, како што се идолопоклонство или злоупотреба на крв, а кои Библијата ги забранува (Дела 21:25). Всушност, тој сега внимателно избегнува да прави сѐ што макар и малку наликува на она што Бог го забранува. Но, од друга страна, не му е јасно зошто некои други не сакаат да прават работи што за него се во ред, да речеме, не сакаат да гледаат извесни серии или филмови на телевизија.
17. Објасни како времето и духовната зрелост можат да влијаат врз совеста и одлуките на еден христијанин.
17 Како што минува времето, Александар уште подобро го запознава Бог и станува поблизок со него (Колошаните 1:9, 10). Каков е резултатот од ова? Неговиот внатрешен глас, односно неговата совест станува сѐ поостра. Сега на Александар му е полесно да ја слуша својата совест и внимателно размислува за библиските начела. Всушност, сфаќа дека некои работи што тој ги отфрлал затоа што му се чинеле неисправни, всушност не се спротивни на Божјето размислување. Но, бидејќи подлабоко ги разбира библиските начела и е спремен да ја слуша својата изострена совест, Александар совесно избегнува да гледа серии и филмови за кои претходно мислел дека не се лоши. Значи, неговата совест била прочистена (Псалм 37:31).
18. Каква причина за радост имаме?
18 Во повеќето собранија има лица кои се во најразлични фази од христијанската зрелост. Некои се нови во верата. Можеби нивната совест не пушта никаков глас во врска со некои работи, но силно го крева гласот за други работи. На таквите можеби им треба време и помош за да го прифатат Јеховиното водство и да почнат да реагираат на својата изострена совест (Ефешаните 4:14, 15). За среќа, во истите собранија веројатно веќе има мнозина кои подлабоко ги разбираат работите и кои веќе долго време ги применуваат библиските начела во животот и ја довеле својата совест во склад со Божјето размислување. Колкава радост е да се биде во друштво на такви „чисти“ лица за кои е морално и духовно „чисто“ она што му е прифатливо на Господарот! (Ефешаните 5:10). Сите ние да си поставиме за цел да созрееме до тој степен и да ја зачуваме таквата совест која е во склад со доброто познавање на вистината и оддаденоста на Бог (Тит 1:1).
[Фуснота]
a Во Стражарска кула од 1 јули 1983 год., страници 16-18 се изнесени некои информации во врска со брачните двојки.
• Зошто некои христијани на Крит имале извалкана совест?
• Како е можно двајца христијани, чија совест е обликувана според Библијата, да донесат различни одлуки за една иста работа?
• Со текот на времето, што би требало да се случува со нашата совест?
[Прашања]
[Карта на страница 26]
(Види во публикацијата)
Сицилија
ГРЦИЈА
Крит
МАЛА АЗИЈА
Кипар
СРЕДОЗЕМНО МОРЕ
[Слика на страница 28]
Двајца христијани што се наоѓаат во слична ситуација можат да донесат различни одлуки