‚Внимавај на службата што си ја примил во Господарот‘
„Внимавај да ја извршиш службата што си ја примил во Господарот“ (КОЛ. 4:17).
1, 2. Каква одговорност имаат христијаните кон луѓето?
НИЕ имаме сериозна одговорност кон луѓето што живеат околу нас. Од одлуките што ќе ги донесат денес зависи дали ќе ја преживеат „големата неволја“ или не (Отк. 7:14). Под вдахновение, писателот на библиската книга Изреки изјавил: „Избави ги оние што ги водат во смрт и спаси ги оние што тетеравејќи се одат на погубување“. Навистина силни зборови! Ако пропуштиме да ги предупредиме луѓето за изборот што стои пред нив, може да одговараме за нивниот живот. Всушност, следниот стих вели: „Ако кажеш: ‚Види, не знаевме за тоа‘ — нема ли оној што ги проценува срцата да распознае и нема ли оној што ја набљудува душата твоја да знае и да му плати на човекот според неговите дела?“ Сосема е јасно дека Јеховините слуги не можат да кажат дека ‚не знаат за‘ опасноста што им се заканува на луѓето (Изр. 24:11, 12).
2 За Јехова, животот е скапоцен. Затоа тој ги поттикнува своите слуги да сторат сѐ што можат за да спасат колку што е можно повеќе животи. Секој Божји слуга мора да ја објавува животоспасувачката порака од Божјата реч. Нашата задача е слична на задачата на стражар кој мора да даде сигнал за тревога кога ќе забележи некаква опасност. Не сакаме да падне врз нас крвта на оние што се во опасност да изгинат (Езек. 33:1-7). Значи, од пресудна важност е да продолжиме да ја ‚проповедаме Божјата реч‘! (Прочитај 2. Тимотеј 4:1, 2, 5.)
3. Што ќе разгледаме во оваа и во следните две статии?
3 Во оваа статија ќе видиме како можеш да ги совладаш пречките на кои наидуваш додека ја вршиш животоспасувачката служба, и како да им помогнеш на уште повеќе луѓе. Во следната статија ќе разгледаме како можеш подобро да ги поучуваш другите за животоважните вистини. Во третата статија ќе видиме какви охрабрувачки резултати постигнуваат објавителите на Царството низ целиот свет. Но, пред да ги разгледаме овие работи, добро е да се потсетиме зошто времето во кое живееме е толку тешко.
Зошто многу луѓе немаат никаква надеж
4, 5. Низ што поминува човештвото, и како реагираат многу луѓе?
4 Светските настани се показател дека живееме во времето на „свршетокот на овој поредок“ и дека крајот е многу близу. Луѓето денес ги доживуваат настаните и условите кои Исус и неговите ученици прорекле дека ќе се случуваат во „последните денови“. „Болните неволји“, во кои спаѓаат војните, гладот, земјотресите и други тешкотии, го погодуваат човештвото. Светот врие од беззаконици и од себични и безбожни луѓе. Дури и за оние што се трудат да живеат според библиските мерила, ова се „особено тешки времиња“ (Мат. 24:3, 6-8, 12; 2. Тим. 3:1-5).
5 Но, повеќето луѓе не се свесни за вистинското значење на светските настани. Како резултат на тоа, мнозина се загрижени за својата лична безбедност и за безбедноста на своето семејство. А кога ќе им умре некој близок или ќе доживеат некоја друга лична трагедија, се чувствуваат изгубено и очајно. Бидејќи не знаат зошто се случуваат такви работи и кое е решението, овие луѓе немаат никаква надеж (Еф. 2:12).
6. Зошто „Големиот Вавилон“ не може да им помогне на своите верници?
6 „Големиот Вавилон“ — светското царство на лажната религија — не им донел никаква утеха на луѓето. Напротив, со ‚виното на својот блуд‘, ги опило мноштвата, кои се тетерават и не знаат како да му се приближат на Бог. Освен тоа, како симболична блудница, лажната религија ги заведува и ги контролира „царевите на земјата“, служејќи се со лажни учења и спиритизам за да ги држи масите во слепа подложност на нивните политички господари. На тој начин, таа стекнала голема моќ и влијание, но истовремено потполно ја отфрлила вистината за Бог (Отк. 17:1, 2, 5; 18:23).
7. Што ги очекува повеќето луѓе, но како може да им се помогне на некои од нив?
7 Исус кажал дека повеќето луѓе се наоѓаат на симболичниот широк пат кој води во пропаст (Мат. 7:13, 14). Некои се на тој пат затоа што намерно избрале да го отфрлат она што го учи Библијата, но многу други се на него затоа што се измамени, односно не им е кажано што, всушност, Јехова бара од нив. Можеби некои од нив би го промениле својот живот ако им се објасни со помош на Библијата зошто е добро да го сторат тоа. Но, оние што ќе останат во Големиот Вавилон и ќе продолжат да ги отфрлаат библиските мерила нема да бидат поштедени во „големата неволја“ (Отк. 7:14).
Продолжи да проповедаш „без престан“
8, 9. Како реагирале христијаните во првиот век кога се соочиле со противење, и зошто?
8 Исус рекол дека неговите следбеници ќе ја проповедаат добрата вест за Царството и ќе прават ученици (Мат. 28:19, 20). Затоа, за вистинските христијани проповедањето секогаш било израз на верност кон Бог и основно барање што им го налага нивната вера. Првите следбеници на Исус истрајно проповедале дури и кога се соочиле со противење. Тие се потпирале на Јехова за сила и го молеле да им помогне и понатаму „да ја зборуваат [неговата] реч со сета смелост“. Јехова им одговорил на молитвата со тоа што ги исполнил со свет дух, и тие смело ја проповедале Божјата реч (Дела 4:18, 29, 31).
9 Дали следбениците на Исус престанале да ја проповедаат добрата вест кога противењето станало насилно? Тоа воопшто не им паѓало на ум! Разгневени од проповедањето на апостолите, еврејските верски водачи ги уапсиле, им се заканиле и ги истепале. Сепак, апостолите продолжиле ‚без престан да поучуваат и да ја објавуваат добрата вест за Христос, Исус‘. За нив било јасно како ден дека треба ‚да му се покоруваат на Бог, а не на луѓето‘ (Дела 5:28, 29, 40-42).
10. Со какви проблеми се соочуваат христијаните денес, но каков може да биде резултатот од нивното добро однесување?
10 Повеќето Божји слуги денес не се тепани или затворани затоа што проповедаат. Сепак, сите вистински христијани се соочуваат со некакви испити или искушенија. На пример, твојата совест, обликувана според Библијата, можеби ќе те тера да постапиш на начин кој околината не го одобрува или, пак, те прави „црна овца“ во очите на другите. Можеби колегите, соучениците или соседите мислат дека си чуден затоа што донесуваш одлуки во склад со библиските начела. Но, не треба да дозволиш нивната негативна реакција да те исплаши. Во овој свет кој лежи во духовна темнина, христијаните мора ‚да светат како светлоносци‘ (Фил. 2:15). Можеби некои искрени луѓе што те набљудуваат ќе ги видат и ќе ги ценат твоите добри дела и, како резултат на тоа, ќе го прослават Јехова. (Прочитај Матеј 5:16.)
11. а) Како може некои да реагираат на нашето проповедање? б) На какво противење наишол апостол Павле, и како реагирал?
11 Потребна ни е храброст за да продолжиме да ја проповедаме пораката за Царството. Некои луѓе, па дури и твоите роднини, можеби ќе те исмеваат или ќе се обидат да те обесхрабрат на некој друг начин (Мат. 10:36). Апостол Павле бил тепан повеќепати затоа што верно ја извршувал својата служба. Забележи како реагирал на таквото противење. Тој напишал: „Откако... најпрво пострадавме и бевме малтретирани, собравме смелост со помош на нашиот Бог да ви ја проповедаме Божјата добра вест со голема борба“ (1. Сол. 2:2). Сигурно на Павле не му било лесно да продолжи да зборува за добрата вест откако бил фатен, соблечен, тепан со стапови и фрлен в затвор (Дела 16:19-24). Што му дало смелост да продолжи? Неговата силна желба и понатаму да ја извршува проповедничката задача што му ја дал Бог (1. Кор. 9:16).
12, 13. На какви тешкотии наидуваат некои, и како се обиделе да ги надминат?
12 Не е лесно да ја задржиме ревноста и ако проповедаме на подрачје каде што луѓето речиси никогаш не се дома или, пак, мнозина не се заинтересирани за пораката за Царството. Што можеме да направиме во такви околности? Можеби ќе сфатиме дека е неопходно да собереме поголема храброст за да им зборуваме на луѓето во неформални прилики. Можеби ќе мора да го преправиме распоредот или да се концентрираме на подрачја каде што можеме да најдеме повеќе луѓе. (Спореди Јован 4:7-15; Дела 16:13; 17:17.)
13 Други тешкотии со кои мнозина се борат се староста или слабото здравје, кои можеби толку многу ги ограничуваат што едвај можат да проповедаат. Ако тоа е случај и со тебе, не обесхрабрувај се. Јехова многу добро ги знае твоите ограничувања и го цени она што можеш да го сториш. (Прочитај 2. Коринќаните 8:12.) Сеедно со какви проблеми се соочуваш — противење, рамнодушност или слабо здравје — проповедај им ја добрата вест на другите колку што ти дозволуваат околностите (Изр. 3:27; спореди Мар. 12:41-44).
‚Внимавај на својата служба‘
14. Каков пример им дал апостол Павле на сохристијаните, и кој совет го дал?
14 Апостол Павле ја вршел својата служба многу марливо и ги поттикнал соверниците да го прават истото (Дела 20:20, 21; 1. Кор. 11:1). Но, во врска со службата, Павле особено го охрабрил Архип, еден христијанин што живеел во првиот век. Во своето писмо до Колошаните, Павле напишал: „И кажете му на Архип: ‚Внимавај да ја извршиш службата што си ја примил во Господарот‘“ (Кол. 4:17). Не знаеме кој бил Архип ниту какви биле неговите околности, но очигледно тој ја прифатил задачата да проповеда. Ако си крстен христијанин, и ти си ја прифатил истата задача. Дали внимаваш да ја извршиш таа служба што си ја примил?
15. Што значи тоа што сме му се заветувале на Бог, и кои прашања треба да си ги поставиме?
15 Пред да се крстиме, ние сме му ветиле на Јехова во искрена молитва дека ќе му служиме. Значи, сме биле цврсто решени да ја вршиме неговата волја. Затоа, сега е добро да се прашаме: ‚Дали навистина ми е најважно во животот да ја вршам Божјата волја?‘ Веројатно имаме различни одговорности кои Јехова очекува да ги исполниме — на пример, да се грижиме за семејството во материјален поглед (1. Тим. 5:8). Но, како ги трошиме преостанатото време и сила? Што ни е на прво место во животот? (Прочитај 2. Коринќаните 5:14, 15.)
16, 17. За кои можности можат да размислат младите христијани или оние што имаат релативно малку обврски?
16 Дали си млад крстен христијанин кој завршил или наскоро ќе заврши со задолжителното школување? Тогаш веројатно немаш некои големи обврски во семејството. Што планираш да правиш во животот? Кои одлуки најмногу ќе ти помогнат да го исполниш ветувањето што си му го дал на Јехова дека ќе ја вршиш неговата волја? Мнозина ги средиле работите за да можат да служат како пионери, и како резултат на тоа доживеале голема радост и задоволство (Пс. 110:3; Проп. 12:1).
17 Можеби си млада личност и работиш со цело работно време, но немаш многу други обврски освен да се издржуваш. Сигурно со задоволство учествуваш во собраниските активности онолку колку што ти дозволува временскиот распоред. Но, би можел ли да бидеш уште порадосен? Си размислувал ли да ја зголемиш својата служба? (Пс. 34:8; Изр. 10:22). На некои подрачја има уште многу работа за да им се пренесе на сите луѓе животодавната порака на вистината. Дали би можел да направиш извесни промени во животот за да служиш, да речеме, на подрачје каде што има поголема потреба од објавители на Царството? (Прочитај 1. Тимотеј 6:6-8.)
18. Какви промени направила една млада брачна двојка, и каков бил резултатот од тоа?
18 Размисли, на пример, за Кевин и Елена од САД.a Како што е вообичаено за младите брачни двојки во нивното место, и тие мислеле дека треба да купат куќа. И двајцата работеле со цело работно време за да можат да водат комотен живот. Но, откако ќе се врателе од работа и ќе ги завршеле обврските низ дома, не им останувало многу време за службата на проповедање. Сфатиле дека ги трошат сето свое време и сила на своите поседи. Меѓутоа, откако размислиле за едноставниот живот што го водела една среќна брачна двојка пионери, Кевин и Елена решиле да ги сменат приоритетите во животот. Затоа најпрво барале водство од Јехова во молитва, а потоа ја продале куќата и се преселиле во стан. Елена почнала да работи со скратено работно време и станала пионер. Охрабрен од убавите искуства што жена му ги имала во службата, и Кевин престанал со полновремената работа и почнал со пионерска служба. По некое време се преселиле во Јужна Америка за да служат во земја каде што има поголема потреба од објавители на Царството. Кевин вели: „Уште од почетокот имавме добар брак, но кога си поставивме духовни цели, станавме многу посреќни“. (Прочитај Матеј 6:19-22.)
19, 20. Зошто проповедањето на добрата вест е најважното дело денес?
19 Проповедањето на добрата вест е најважното дело што се врши на Земјата денес (Отк. 14:6, 7). Со него се посветува Јеховиното име (Мат. 6:9). Животот на илјадници луѓе што секоја година ја прифаќаат библиската порака се подобрува, и таа порака за нив може да значи спасение. Но, „како ќе чујат ако никој не проповеда?“ — прашал апостол Павле (Рим. 10:14, 15). Навистина, како? Зошто не решиш да сториш сѐ што можеш да ја извршиш својата служба?
20 Друг начин на кој можеш да им помогнеш на луѓето да го сфатат значењето на овие тешки времиња и на последиците од нивните одлуки е така што ќе станеш подобар како учител. Во следната статија ќе видиме како можеш да го сториш тоа.
[Фуснота]
a Имињата се сменети.
Како би одговорил?
• Каква одговорност имаат христијаните кон сите луѓе?
• Како треба да ги надминеме пречките на кои наидуваме додека проповедаме?
• Како можеме да ја извршиме службата што сме ја прифатиле?
[Слика на страница 5]
Потребна е храброст за да проповедаме кога ќе се соочиме со противење
[Слика на страница 7]
Што можеш да сториш ако проповедаш на подрачје каде што луѓето речиси никогаш не се дома?