Обрни внимание како поучуваш
„Проповедај ја Божјата реч... укорувај, прекорувај, опоменувај, а притоа биди многу стрплив и вешт во поучувањето“ (2. ТИМ. 4:2).
1. Која заповед им ја дал Исус на своите ученици, и каков пример им оставил?
ДОДЕКА ја извршувал својата служба на Земјата, Исус правел чуда и со нив излекувал многу луѓе. Сепак, тој главно не бил познат како исцелител или чудотворец, туку како учител (Мар. 12:19; 13:1). За него било најважно да ја објавува добрата вест за Божјето Царство. Истото е случај и со неговите следбеници денес. Христијаните имаат налог да продолжат да прават ученици учејќи ги луѓето да држат сѐ што заповедал Исус (Мат. 28:19, 20).
2. Како можеме успешно да ја извршиме нашата проповедничка задача?
2 За да го исполниме налогот да правиме ученици, ние постојано се трудиме да се подобриме како учители. Апостол Павле нагласил колку е важно да бидеме добри учители во едно писмо до Тимотеј, кој проповедал заедно со него. Тој му го дал следниов совет: „Добро внимавај како живееш и како поучуваш. Истрај во тоа, зашто, правејќи го тоа ќе се спасиш и себеси и оние што те слушаат“ (1. Тим. 4:16). Поучувањето за кое зборувал Павле не значи само да им се пренесува знаење на другите. Христијаните што поучуваат на делотворен начин допираат до срцето на луѓето и ги мотивираат да прават промени во животот. Тоа е вештина. Тогаш, како може да станеме ‚вешти во поучувањето‘ кога им ја пренесуваме на другите добрата вест за Божјето Царство (2. Тим. 4:2).
Да научиме ‚вешто да поучуваме‘
3, 4. а) Како може да станеме ‚вешти во поучувањето‘? б) Како Теократската школа за служба ни помага да станеме вешти учители?
3 Според еден речник, „вештина“ е способност што се стекнува со проучување, пракса или со набљудување. За да можеме делотворно да ги поучуваме луѓето за добрата вест, мора да обрнеме внимание на сите овие три аспекти. Можеме точно да разбереме одредена тема само ако ја проучуваме под молитва. (Прочитај Псалм 119:27, 34.) Ако гледаме како поучуваат други успешни слуги на Јехова, ќе можеме да ги научиме нивните методи, а потоа и самите да ги користиме. И, ако се трудиме редовно да го применуваме она што го учиме, ќе станеме уште повешти учители (Лука 6:40; 1. Тим. 4:13-15).
4 Јехова е нашиот Голем Учител. Преку видливиот дел од својата организација, тој им дава упатства на своите слуги на Земјата како да го исполнат налогот да проповедаат (Иса. 30:20, 21). Од оваа причина, секое собрание еднаш седмично одржува Теократска школа за служба, која има за цел да им помогне на учесниците делотворно да го објавуваат Божјето Царство. Главниот учебник што се користи во оваа Школа е Библијата. Јеховината вдахновена реч ни кажува за што треба да ги поучуваме луѓето. Освен тоа, таа ни покажува кои методи на поучување се соодветни и делотворни. На Теократската школа за служба редовно сме потсетени дека ќе станеме повешти учители ако ја користиме Божјата реч, ако поставуваме делотворни прашања, ако поучуваме на едноставен начин и ако искрено се интересираме за другите. Да ги разгледаме овие точки една по една. Потоа ќе видиме како можеме да допреме до срцето на оној што го поучуваме.
Поучувај користејќи ја Божјата реч
5. На што треба да го темелиме нашето поучување, и зошто?
5 Исус, најголемиот од сите човечки учители, поучувал на темел на Библијата (Мат. 21:13; Јован 6:45; 8:17). Тој не зборувал во свое име, туку во името на Оној што го испратил (Јован 7:16-18). И ние треба да го следиме неговиот пример. Затоа, кога одиме во служба од врата до врата или кога ги поучуваме заинтересираните, вниманието треба да го насочиме на Божјата реч (2. Тим. 3:16, 17). Светото писмо, кое е вдахновено од Бог, остава многу посилен впечаток врз луѓето и има многу поголема моќ од секое наше мудрување. Библијата има авторитет. Сеедно која мисла сакаме да ја разбере оној што го поучуваме, најдобриот метод што може да го искористиме е да му дадеме самиот да прочита што вели таа. (Прочитај Евреите 4:12.)
6. Како може оној што го поучува интересентот да се увери дека тој добро го разбира она што го учи?
6 Се разбира, ова не значи дека христијанинот не треба да се подготвува пред да проучува со интересентот. Напротив, треба внимателно да размисли кои наведени стихови од Библијата ќе ги прочитаат во текот на проучувањето. Обично е добро да се прочитаат оние стихови врз кои се темелат нашите верувања. Освен тоа, неопходно е да му се помогне на интересентот да ја сфати смислата на стихот што ќе го прочита (1. Кор. 14:8, 9).
Делотворно користење на прашања
7. Зошто е добро да се поучува со прашања?
7 Вештото користење на прашања поттикнува на размислување и му помага на учителот да допре до срцето на интересентот. Затоа, наместо ти да му ги објаснуваш стиховите на оној со кого проучуваш, замоли го тој да ти ги објасни тебе. Понекогаш ќе треба да му поставиш некое потпрашање за да може исправно да разбере некоја работа. Кога на ваков начин ќе го вклучиш интересентот во процесот на учење, ти, всушност, му помагаш да ги разбере причините за некој наведен заклучок, но му помагаш и самиот да се увери и да се согласи со она што е кажано (Мат. 17:24-26; Лука 10:36, 37).
8. Како можеме да дознаеме што има во срцето на интересентот?
8 Методата за проучување што се користи во нашите публикации е со прашања и одговори. Нема сомнение, повеќето од оние со кои ја проучуваш Библијата лесно ќе можат да одговорат на отпечатеното прашање според она што стои во пасусот. Сепак, на оној што сака да допре до срцето на заинтересираното лице нема да му биде важно само да го слушне точниот одговор. На пример, можеби некој интересент може точно да објасни што вели Библијата за блудот (1. Кор. 6:18). Но, со тактични потпрашања можеме да дознаеме што мисли тој лично за она што го учи во врска со таа тема. На пример, учителот може да праша: „Зошто Библијата ги осудува половите односи меѓу лица што не се во брак? Што мислиш за ова ограничување што го дава Бог? Што би рекол ти, добро ли е да се живее во склад со Божјите морални мерила?“ Одговорот што ќе го даде ќе покаже што му е во срцето. (Прочитај Матеј 16:13-17.)
Поучувај на едноставен начин
9. Што треба да имаме на ум кога зборуваме за Библијата?
9 Повеќето вистини во Божјата реч се прилично едноставни сами по себе. Но, можеби луѓето со кои ја проучуваме Библијата се збунети од учењата на лажната религија. Како учители, ние треба да им помогнеме полесно да ја разберат Библијата. Вештите учители ги пренесуваат информациите јасно, едноставно и прецизно. Ако го следиме ова упатство, нема да им ја направиме на луѓето вистината потешка отколку што е. Немој да им изнесуваш непотребни детали. Не мора да го прокоментираме секој дел на стихот што го читаме. Едноставно, насочи го вниманието на она што најмногу може да ја разјасни темата што ја разгледувате. Со текот на времето, како што ќе напредува со проучувањето, интересентот постепено ќе почне да ги разбира и подлабоките библиски вистини (Евр. 5:13, 14).
10. Кои фактори треба да ги земеме предвид кога одлучуваме колку материјал ќе поминеме?
10 Колку материјал треба да поминеме секојпат кога ќе проучуваме? Ова треба внимателно да го процениме. Способностите и околностите и на интересентот и на учителот се различни, но секогаш треба да имаме на ум дека нашата цел како учители е да му помогнеме на оној што го поучуваме да изгради цврста вера. Затоа треба да му дадеме доволно време да ги прочита, да ги разбере и да ги прифати учењата што ги содржи Божјата реч. Нема да поминеме повеќе материјал од она што може да го разбере. Но сепак, постојано напредуваме со проучувањето. Штом интересентот ќе разбере една мисла, преминуваме на следната (Кол. 2:6, 7).
11. Која поука во врска со поучувањето можеме да ја извлечеме од апостол Павле?
11 Кога зборувал со новите, апостол Павле им ја пренесувал добрата вест на едноставен начин. Иако бил високо образован, не користел високопарни зборови. (Прочитај 1. Коринќаните 2:1, 2.) Едноставноста на библиските вистини ги привлекува искрените луѓе, и тие се задоволни со она што го учат. Нема потреба човек да има високо образование за да ги разбере (Мат. 11:25; Дела 4:13; 1. Кор. 1:26, 27).
Помогни им на заинтересираните да го ценат она што го учат
12, 13. Што може да го поттикне интересентот да го примени она што го учи? Наведи пример.
12 За да бидеме делотворни учители, нашето поучување мора да допре до срцето на интересентот. Тој треба да разбере како тие информации се однесуваат на него лично, како му користат и како неговиот живот ќе се подобри ако ги слуша советите од Библијата (Иса. 48:17, 18).
13 На пример, можеби ги разгледуваме стиховите од Евреите 10:24, 25, кои ги поттикнуваат христијаните да се собираат со соверниците за да се охрабрат со библиски мисли и со пријатно дружење. Ако интересентот сѐ уште не доаѓа на собраниските состаноци, би можеле да му објасниме накратко како течат и за што се дискутира на нив. Можеме да спомнеме дека овие состаноци се дел од нашето обожавање и да му објасниме како ни користат нам. Потоа би можеле да го поканиме да дојде. Сепак, тој треба да биде мотивиран да ги слуша библиските заповеди затоа што сака да му биде послушен на Јехова, а не за да му угоди на оној што проучува со него (Гал. 6:4, 5).
14, 15. а) Што може да научи еден интересент за Јехова? б) Каква корист може да има тој од тоа што ќе ги запознае Божјите особини?
14 Главна корист што ја имаат оние кои ја проучуваат Библијата и ги применуваат начелата изложени во неа е тоа што го запознаваат Јехова како личност и почнуваат да го сакаат (Иса. 42:8). Јехова е Татко полн со љубов, Творец и Сопственик на вселената, но тој им ги открива и своите особини и способности на оние што го сакаат и му служат. (Прочитај 2. Мојсеева 34:6, 7.) Кога Мојсеј требало да го изведе израелскиот народ од ропството во Египет, Јехова за себеси рекол: „Ќе станам сѐ што ќе посакам да станам“ (2. Мој. 3:13-15). Ова значело дека Јехова ќе стане сѐ што е потребно да стане за да ги исполни своите намери во врска со својот избран народ. Така Израелците го запознале Јехова како Спасител и Воин, како Бог што се грижи за нив, ги исполнува своите ветувања и им помага на многу други начини (2. Мој. 15:2, 3; 16:2-5; Ис. Нав. 23:14).
15 Оние со кои ја проучуваме Библијата веројатно нема да добијат помош од Јехова со чудо, како што било случај со Мојсеј. Сепак, како што нивната вера станува сѐ поцврста, а нивното ценење за она што го учат се зголемува и тие почнуваат да го применуваат во животот, сигурно ќе сфатат дека треба да бараат храброст, мудрост и водство од Јехова. Додека го прават тоа, самите ќе го запознаат Јехова како мудар и доверлив Советник и Заштитник, и како Бог кој ги задоволува сите нивни потреби (Пс. 55:22; 63:7; Изр. 3:5, 6).
Покажи интерес од срце
16. Зошто природната дарба не е пресудна за да бидеме добри учители?
16 Не обесхрабрувај се ако мислиш дека не можеш да поучуваш толку вешто колку што би сакал. Јехова и Исус ја надгледуваат образовната програма што денес се спроведува низ целиот свет (Дела 1:7, 8; Отк. 14:6). Тие можат да го наградат нашиот труд и да помогнат нашите зборови да имаат силно влијание врз некое искрено лице (Јован 6:44). Дури и ако учителот нема којзнае каква дарба да поучува, ќе постигне многу ако искрено го сака интересентот. Апостол Павле покажал дека сфаќа колку е важно да ги сакаме оние што ги поучуваме. (Прочитај 1. Солуњаните 2:7, 8.)
17. Како можеме да покажеме искрен интерес за секој интересент?
17 Можеме да покажеме искрен интерес за оној со кого проучуваме и така што ќе одвоиме време да го запознаеме. Кога ќе разговараме со него за библиските начела, веројатно ќе паднеме на муабет и за неговите околности. Можеби забележуваме дека веќе живее во склад со некои од начелата што ги научил од Библијата. Но, веројатно на други полиња сѐ уште има потреба од промени. Ако му помогнеме да види како информациите што ги проучува се однесуваат на него лично, тогаш со љубов му помагаме еден ден да стане вистински ученик на Христос.
18. Зошто е важно да се молиме со интересентот и да се молиме за него?
18 Најважно од сѐ е да се молиме со интересентот и да се молиме за него. Мора да му биде сосема јасно дека нашата цел е да му помогнеме подобро да го запознае својот Творец, да се зближи со Него и да извлече корист од Неговото водство. (Прочитај Псалм 25:4, 5.) Кога се молиме Јехова да го благослови додека се труди да го применува она што го учи, интересентот ќе сфати колку е важно ,да ја извршува речта‘ (Јак. 1:22). Освен тоа, кога слуша како искрено му се молиме на Јехова, и тој ќе научи да се моли. Колкава радост е да им се помага на заинтересираните лица да изградат личен однос со Јехова!
19. Што ќе разгледаме во следната статија?
19 Многу охрабрува тоа што знаеме дека повеќе од шест и пол милиони Сведоци низ целиот свет се трудат ‚вешто да ги поучуваат‘ искрените лица со цел да им помогнат да држат сѐ што заповедал Исус. Кој е резултатот од нашето проповедање? Во следната статија ќе го разгледаме одговорот на ова прашање.
Дали се сеќаваш?
• Зошто христијаните треба да научат ‚вешто да поучуваат‘?
• Кои методи можат да ни помогнат поделотворно да поучуваме?
• Што друго е потребно освен природна дарба да поучуваме?
[Слика на страница 9]
Дали си запишан во Теократската школа за служба?
[Слика на страница 10]
Зошто е важно да му дадеш на интересентот да чита од Библијата?
[Слика на страница 12]
Моли се заедно со оној што го поучуваш и моли се за него