Зачувај ја „својата прва љубов“
„Држи се цврсто за она што го имаш“ (ОТК. 3:11).
1, 2. Како се чувствуваше кога се увери дека она што го учиш за Јехова е вистината?
СЕ СЕЌАВАШ ЛИ кога за првпат дозна каква прекрасна иднина им подготвува Јехова на послушните луѓе? Доколку претходно си бил во друга вера, како се чувствуваше кога ти ги објаснија Божјите намери со помош на Библијата или кога ти станаа јасни некои учења што порано не си ги разбирал? Можеби сфати дека не ти била кажана вистината за Бог. Но, колку си среќен сега кога конечно ја знаеш вистината! Ако твоите родители се христијани, дали се сеќаваш како се чувствуваше кога лично се увери дека она што го учиш за Јехова е вистината и кога реши да живееш во склад со тоа? (Рим. 12:2).
2 Многу твои духовни браќа ќе ти кажат дека биле восхитени, дека се чувствувале блиски со Јехова и му биле благодарни што ги привлекол кон себе (Јован 6:44). Среќата ги поттикнала да учествуваат во христијанските активности. Толку биле радосни што сакале на сите да им раскажат како се чувствуваат. Дали и ти си имал слични чувства?
3. Каква била ситуацијата во собранието во Ефес кога Исус им испратил порака?
3 Кога му се обратил на христијанското собрание во Ефес, во првиот век, Исус ја спомнал нивната ‚прва љубов‘. Ефешаните имале многу добри особини, но љубовта што порано ја покажувале кон Јехова постепено гаснела. Затоа, Исус им рекол: „Ги знам твоите дела, и твојот труд и истрајноста, и дека не можеш да поднесуваш зли луѓе, и дека ги испита оние што велат дека се апостоли, а не се, и утврди дека се лажливци. Истраен си и трпеше поради моето име и не се умори. Сепак, ова го имам против тебе: ја остави својата прва љубов“ (Отк. 2:2-4).
4. Зошто пораката што Исус им ја испратил на Ефешаните е важна и денес?
4 Советот што Исус им го дал на Ефешаните и на другите собранија на кои им се обратил во книгата Откровение бил соодветен и за помазаните христијани од 1914 год. наваму со оглед на околностите што едно време постоеле меѓу нив (Отк. 1:10). Но, можно е дури и денес некои христијани да ја изгубат „својата прва љубов“ кон Јехова и кон библиската вистина. Имајќи го ова на ум, да се сетиме и да размислиме за своето лично искуство со Бог бидејќи тоа може да ни помогне да ги одржиме, да ги обновиме и да ги разгориме љубовта и жарот што во почетокот сме ги имале кон Бог и кон вистината.
Што те увери дека си ја нашол вистината?
5, 6. а) Што мора да утврди секој христијанин? б) Што те увери тебе дека Јеховините сведоци ги поучуваат другите за вистината? в) Што може да му помогне некому да ја разгори својата прва љубов кон Бог?
5 Секој што му го заветува својот живот на Јехова мора прво лично ‚да утврди која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено‘ (Рим. 12:1, 2). За да го стори тоа, меѓу другото, треба да дознае која е библиската вистина. Некого една работа ќе го увери дека Јеховините сведоци ја кажуваат вистината, друг друга. За некои било пресвртница кога го прочитале Божјето име во Библијата или кога разбрале што, всушност, се случува со мртвите (Пс. 83:18; Проп. 9:5, 10). Други биле восхитени од љубовта што ја виделе кај Јеховиниот народ (Јован 13:34, 35). Трети, пак, ги допрело тоа што сфатиле што значи да не се биде дел од светот. Тие заклучиле дека вистинските христијани не треба да се мешаат во политичките несогласувања или во војните на која и да било земја (Иса. 2:4; Јован 6:15; 17:14-16).
6 Овие и други причини кај мнозина ја запалиле искрата на нивната прва љубов кон Бог. Одвој си време да се потсетиш што било тоа што тебе те уверило во вистината. Ти си личност со уникатни особини и твоите околности се исто така посебни. Според тоа, и главните причини зошто ти го сакаш Јехова и зошто веруваш во неговите ветувања веројатно се разликуваат од причините на другите. Сепак, голема е веројатноста истите тие причини да ти се многу важни и денес, исто како што ти биле важни кога првпат си чул за нив. Вистината не се променила. Значи, ако повторно се присетиш на мислите и чувствата што ти ги предизвикале, тие можат на некој начин да ја обноват и да ја разгорат твојата прва љубов кон вистината. (Прочитај Псалм 119:151, 152; 143:5.)
Продлабочи ја својата „прва љубов“
7. Зошто треба да ја продлабочуваме нашата прва љубов кон вистината, и како можеме да го правиме тоа?
7 Можеби многу работи во твојот живот се промениле откако си му се заветувал на Јехова. Твојата прва љубов кон вистината била важна но, со текот на времето, таа требало да се продлабочи за да се соочиш со новите ситуации кои ја ставиле на испит твојата вера. Во секој случај, Јехова ти помагал (1. Кор. 10:13). Низ годините, тој бил со тебе и во добро и во лошо, и ова сигурно многу ти значи. Тоа уште повеќе ја продлабочува твојата прва љубов, а ти помага и да утврдиш која е Божјата волја, односно што е добро, прифатливо и совршено за него (Ис. Нав. 23:14; Пс. 34:8).
8. Како Јехова му се претставил на Мојсеј, и како Израелците подобро го запознале Бог?
8 На пример, размисли за ситуацијата во која се наоѓале Израелците кога Јехова кажал дека има намера да ги избави од ропството во Египет. Бог му се претставил на Мојсеј со зборовите: „Ќе станам сѐ што ќе посакам да станам“ (2. Мој. 3:7, 8, 13, 14). Всушност, со ова Јехова сакал да каже дека ќе стане сѐ што е потребно за да го ослободи својот народ. Во настаните што следеле и во склад со околностите, Израелците виделе како Јехова открива различни карактеристики на својата личност — Тој покажал што значи да е Семоќен, да е Судија, Водач, Избавител, Воин и Бог кој се грижи за сите нивни потреби (2. Мој. 12:12; 13:21; 14:24-31; 16:4; Неем. 9:9-15).
9, 10. Кои ситуации можат да ти помогнат да го запознаеш Бог, и зошто е добро да се потсетуваш на нив?
9 Ти си во поинаква ситуација од Израелците. Сепак, од лично искуство веројатно си се уверил дека Бог е заинтересиран за тебе, и тоа ја зајакнало твојата вера. Можеби на некој начин Јехова и за тебе се покажал како грижлив Бог, Утешител или Учител. (Прочитај Исаија 30:20б, 21.) Или, пак, си почувствувал како Јехова ти дава јасен одговор на некоја молитва. Можеби си имал некаков проблем, и некој сохристијанин ти помогнал или ти паднале во очи токму стиховите што се однесувале на тој проблем додека лично си ја проучувал Библијата.
10 Кога би им раскажувал за тие работи на други, можеби ним нема многу да им значат. На крајот на краиштата, факт е дека она што ти се случило не може да се рамни со чудо. Сепак, таквите искуства многу ти значат, бидејќи во тие ситуации Јехова секогаш ти го давал токму она што ти било потребно тебе. Размисли за годините што си ги поминал во вистината. Можеш ли да се сетиш на повеќе од една ситуација кога си почувствувал како Јехова се грижи за тебе лично? Ако да, размислувај за тие настани и за чувството што си го имал кога си ги доживеал бидејќи така повторно ќе се распламти во твоето срце истата љубов кон Јехова што си ја чувствувал и тогаш. Никогаш не заборавај ги тие искуства. Длабоко размислувај за нив. Тие се доказ дека Јехова е заинтересиран за тебе лично, и никој не може да те убеди дека не е така!
Преиспитај се
11, 12. Од која причина може љубовта кон вистината полека да згаснува, и каков совет дал Исус?
11 Ако веќе не ја чувствуваш истата љубов кон Бог и кон вистината што си ја чувствувал порано, ова во никој случај не е затоа што нешто се сменило од Божја страна. Јехова никогаш не се менува (Мал. 3:6; Јак. 1:17). Тој бил заинтересиран за тебе во почетокот, и исто толку е заинтересиран и сега. Тогаш, што се променило во твојот однос со Јехова? Можно ли е сега да чувствуваш поголем притисок, да си позагрижен за некои работи? Можеби порано повеќе си се молел, си проучувал подлабоко и редовно или, пак, почесто си размислувал за Бог. Дали си бил поревносен во службата и поредовен на собраниските состаноци отколку сега? (2. Кор. 13:5).
12 Ако се преиспиташ, можеби кај себе нема да видиш промена во овие работи. Но, ако видиш дека нешто се сменило, добро е да се прашаш зошто дошло до тоа. Дали оправданата загриженост, на пример, за издршката на семејството или за некоја болест или за нешто слично го затапиле твоето чувство на итност, па ти се чини дека Јеховиниот ден е далеку? Исус им рекол на своите апостоли: „Внимавајте на себе вашите срца да не бидат оптоварени со прекумерно јадење и со опивање и да не се оптоварат со животните грижи, па тој ден да ве затече и да ве изненади како замка. Зашто, ќе дојде врз сите што живеат по целата земја. Затоа бидете будни, сесрдно молејќи се за сето време, за да успеете да го избегнете сето ова што треба да се случи“ (Лука 21:34-36).
13. Со што ја споредил Јаков Божјата реч?
13 Под водство на светиот дух, библискиот писател Јаков ги поттикнал соверниците искрено да се преиспитаат со помош на Божјата реч. Тој напишал: „Немојте само да ја слушате речта, туку и извршувајте ја, за да не се залажувате самите себе. Зашто, ако некој ја слуша речта, а не ја извршува, тој е како човек кој го гледа своето лице во огледало, но откако ќе се погледне, си оди и веднаш заборава каков е. А оној што ќе се задлабочи во совршениот закон на слободата и ќе се прилепи до него, и не е заборавлив слушател, туку извршител на речта, ќе биде среќен што ја врши“ (Јак. 1:22-25).
14, 15. а) Како може Библијата да ни помогне да ја подобриме својата духовност? б) За кои прашања би можел да размислуваш?
14 На сите нас обично ни е потребно огледало за да провериме дали е сѐ во ред со нашиот изглед. На пример, ако човек види дека вратоврската му е накриво, може да ја поправи. Ако една жена види дека косата ѝ е неуредна, може да ја потсреди. Библијата на сличен начин ни помага да провериме какви сме. Кога се споредуваме себеси со она што се бара од нас во Библијата, тогаш ја користиме како огледало. Но, дали би имало смисла да се гледаме во огледало ако не го поправиме она што го гледаме? Мудри сме ако го извршуваме она што го гледаме во Божјиот „совршен закон“ и ако на тој начин станеме негови „извршители“. Значи, секој што ќе забележи дека неговата прва љубов кон Јехова и кон вистината полека почнува да гасне, би било добро да се праша: ‚Со какви притисоци се соочувам во животот, и како реагирам на нив? Како реагирав во минатото? Дали нешто се промени?‘ Доколку при таквото преиспитување излезат на површина некои слабости, немој да ги сметаш за неважни. Ако се потребни промени, направи ги по секоја цена, и тоа веднаш! (Евр. 12:12, 13).
15 Ваквото размислување ќе ти помогне и да си поставиш разумни цели за да напредуваш духовно. Под водство на светиот дух, апостол Павле го советувал својот соработник Тимотеј да си ја подобри службата. Павле го поттикнал младиот човек со следниве зборови: „Размислувај за тоа, сиот посвети се на тоа, за твојот напредок да им биде видлив на сите“. Би било добро и ние да размислуваме, под водство на Божјата реч, за начините на кои би можеле да напредуваме (1. Тим. 4:15).
16. За која опасност треба да си свесен кога се преиспитуваш со помош на Библијата?
16 Секое искрено самоиспитување ќе ти открие некои слабости. Тоа може да те обесхрабри. Не дозволувај да ти се случи такво нешто! На крајот на краиштата, целта на самоиспитувањето е да се види каде можеме да се подобриме. Се разбира, Сатана сака христијаните да се чувствуваат безвредни поради своите маани. Всушност, тој тврди дека Бог ги презира сите напори на оние што се трудат да му служат (Јов 15:15, 16; 22:3). Тоа е лага што Исус енергично ја отфрлил — секој од нас е скапоцен за Бог. (Прочитај Матеј 10:29-31.) Всушност, свесноста за сопствените слабости треба да ти помогне понизно да решиш да се подобриш, се разбира, со Јеховина помош (2. Кор. 12:7-10). Ако болеста или староста те ограничуваат во она што можеш да го направиш, тогаш постави си разумни цели, но не предавај се и не дозволувај љубовта да ти згасне.
Благодарни за многу работи
17, 18. Какви благослови ќе имаш ако ја продлабочуваш својата прва љубов?
17 Ако продолжиш да ја продлабочуваш првата љубов, ќе имаш големи благослови. Можеш уште подобро да го запознаеш Бог и да стекнеш уште поголемо ценење за водството што тој со љубов ни го дава. (Прочитај Изреки 2:1-9; 3:5, 6.) Псалмистот рекол: „Оној што се држи за [Јеховините закони], прима голема награда“. „Опомената од Јехова е веродостојна, му дава мудрост на неискусниот.“ Освен тоа, „среќни се оние што се непорочни на својот пат, оние што живеат според Јеховиниот закон“ (Пс. 19:7, 11; 119:1).
18 Сигурно ќе се согласиш дека има многу добри работи за кои треба да си благодарен. Ти разбираш зошто се случуваат работите во светот. Извлекуваш корист од духовната грижа и од вниманието што Бог му го посветува на својот народ денес. Сигурно си благодарен и што Јехова те привлекол кон своето меѓународно собрание и те удостоил да бидеш негов Сведок. Цени ги тие благослови! Кога би ги запишал на лист хартија, списокот сигурно би бил многу долг. Ако често правиш така, без сомнение ќе ти биде полесно да го примениш советот: „Држи се цврсто за она што го имаш“ (Отк. 3:11).
19. Освен што треба да размислуваме за својот однос со Бог, што друго е неопходно за да останеме духовно здрави?
19 Тоа што ќе размислуваш како твојата вера станувала сѐ поцврста низ годините е само еден чекор што ќе ти помогне цврсто да се држиш за она што го имаш. Ова списание постојано ги истакнува и другите работи што се неопходни за да останеме духовно здрави. Во нив спаѓаат молитвата, присуството и учеството на христијанските состаноци и ревносното учество во проповедничкото дело. Овие работи ќе ти помогнат и понатаму да ја обновуваш, да ја разгоруваш и да ја продлабочуваш својата прва љубов (Еф. 5:10; 1. Пет. 3:15; Јуда 20, 21).
Како би одговорил?
• Како можат и денес да те охрабрат причините од кои си го засакал Јехова?
• Во што ќе се увериш ако размислуваш за она што си го доживеал низ годините?
• Зошто треба да ја преиспиташ својата љубов кон Бог?
[Слика на страница 23]
Кој аспект на вистината те привлекол и те уверил дека тоа е тоа?
[Слика на страница 25]
Гледаш ли кај себе работи кои би требало да ги промениш?