Дали твоите планови се во склад со Божјата намера?
НИЗ шумите во западниот дел на Северна Америка може да се види како лета една сиво-бела птица песнопојка позната како лешникарка. За да се подготви за студените зимски месеци, таа секоја година собира по околу 33.000 семки и ги закопува на околу 2.500 различни места. Навистина, оваа птица е ‚природно мудра‘ во тој поглед што си складира храна за во иднина (Изреки 30:24).
Луѓето можат да направат нешто уште поизвонредно. Од сите суштества што Јехова ги создал на Земјата, само човекот има способност да учи од минатите искуства и да дозволи тие поуки да влијаат врз неговите планови за иднината. Мудриот цар Соломон напишал: „Во срцето на човекот има многу планови“ (Изреки 19:21, фуснота).
Сепак, своите планови луѓето можат главно да ги темелат на претпоставки за иднината. На пример, активностите за утрешниот ден ги планираш претпоставувајќи дека сонцето ќе изгрее и дека сѐ уште ќе бидеш жив. Првата претпоставка има добра основа, а втората не е толку сигурна. Како што кажал и библискиот писател Јаков: „Не знаете каков ќе ви биде животот утре“ (Јаков 4:13, 14).
Јехова Бог нема такви ограничувања. Тој од почетокот го знае завршетокот. Она што го наумил без сомнение ќе се исполни. Тоа се гледа и од неговите зборови: „Мојата намера ќе се оствари и ќе направам сѐ што сакам“ (Исаија 46:10). Но, што се случува кога плановите на луѓето не се во склад со Божјата намера?
Кога луѓето ја занемаруваат Божјата намера
Пред околу 4.000 години, градителите на Вавилонската кула планирале да ги задржат луѓето да живеат на едно место. Тие рекле: „Да си изградиме град и кула со врв до небото за да си стекнеме славно име и да не се расееме по целата земја!“ (1. Мојсеева 11:4).
Меѓутоа, Божјата намера со Земјата била сосема поинаква. Тој им заповедал на Ное и на неговите синови: „Плодете се, множете се и наполнете ја земјата!“ (1. Мојсеева 9:1). Како Бог се справил со плановите на бунтовниците од Вавилон? Тој им го побркал јазикот за да не можат да се разберат меѓу себе. Кој бил резултатот? ‚Така Јехова ги распрснал по целата земја‘! (1. Мојсеева 11:5-8). Градителите на Вавилон морале да научат една важна лекција — „што ќе науми Јехова, тоа и ќе се оствари“, сеедно какви планови имаат луѓето! (Изреки 19:21). Дали дозволуваш таквите поуки од минатото да влијаат врз твојот живот?
Еден неразумен богат човек
Можеби не планираш да градиш кула, но многумина денес планираат да направат големо конто во банка и да насоберат многу материјални работи за да имаат удобен живот кога ќе одат во пензија. Природно е човек да сака да ужива во плодовите од својата работа. Соломон напишал: „Секој човек да јаде и да пие и да ужива во доброто од сиот свој труд. Тоа е дар Божји“ (Проповедник 3:13).
Ние сме одговорни пред Јехова за начинот на кој го користиме овој дар. Пред речиси 2.000 години, Исус им ја истакнал оваа мисла на своите ученици со една споредба. Тој рекол: „Земјата на еден богат човек роди добро, па размислуваше во себе: ‚Што да направам? Немам каде да ја соберам својата летнина‘. И рече: ‚Вака ќе направам: ќе ги урнам своите амбари и ќе изградам поголеми, па таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра. И ќе си речам себеси: „Имаш насобрано многу добра за многу години. Почивај, јади, пиј и уживај!“‘“ (Лука 12:16-19). Планот на богатиот човек звучи разумно, зар не? Тој, слично на птицата лешникарка која ја спомнавме на почетокот, правел подготовки за иднината.
Сепак, имало нешто погрешно во размислувањето на тој човек. Исус продолжил: „Но Бог му рече: ‚Безумнику, ноќеска ќе ти го побараат животот. Тогаш кој ќе го има она што си го собрал?‘“ (Лука 12:20). Дали Исус ѝ противречел на изјавата на Соломон дека работата и плодовите од неа се дар од Бог? Не. Тогаш што сакал Исус да каже со овие зборови? Тој рекол: „Така бидува со оној што собира богатство за себе, а не е богат пред Бог“ (Лука 12:21).
Исус ги поучувал луѓето дека Јехова сака да го имаме на ум Него кога правиме планови. Богатиот човек можел да биде богат и пред Бог ако се трудел да му биде уште пооддаден и да расте во мудроста и љубовта. Од неговите зборови јасно се гледа дека воопшто не го интересирале такви работи, ниту сакал да остави нешто од родот за да можат сиромашните да доприбираат, а немал намера ниту да даде жртви како дар за Јехова. Таквите духовни цели и несебични постапки не биле дел од неговиот живот. Плановите му се вртеле само околу личните желби и удобности.
Дали си забележал дека и денес многу луѓе имаат слични цели во животот како човекот што го опишал Исус? Без разлика дали сме богати или сиромашни, ако се преокупираме со секојдневните потреби и желби, многу лесно може да паднеме во стапицата на материјализмот и да го запоставиме нашето пријателство со Јехова. Што можеш да сториш за да ја избегнеш таа стапица?
Дали планираш „нормален живот“?
За разлика од богатиот човек од споредбата на Исус, ти можеби имаш финансиски проблеми. Особено ако си во брак, сигурно сакаш на своето семејство да му го обезбедиш најосновното за живот и, ако е можно, на децата да им овозможиш доволно добро образование. Ако си самец, веројатно планираш да се вработиш или да ја задржиш работата што ја имаш за да не им бидеш товар на другите. Тоа се корисни цели (2. Солуњаните 3:10-12; 1. Тимотеј 5:8).
Сепак, може да се случи токму поради работата, јадењето, пиењето, кои се составен дел од еден нормален живот, да дојдеме во судир со Божјата волја. На кој начин? Исус рекол: „Како што беше во деновите на Ное, таква ќе биде и присутноста на Синот човечки. Зашто, како што во тие денови пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа, сѐ до денот кога Ное влезе во арката, и не обрнуваа внимание додека не дојде потопот и ги однесе сите, таква ќе биде и присутноста на Синот човечки“ (Матеј 24:37-39).
Пред Потопот, луѓето главно уживале во она што веројатно го сметале за нормален живот. Но, нивниот проблем бил во тоа што ‚не обрнувале внимание‘ на Божјата намера да го уништи злобниот свет преку еден општ потоп. Тие сигурно си мислеле дека Ное не живеел нормално. Сепак, кога дошол Потопот, се покажало дека Ное и неговото семејство живееле навистина мудро.
Денес, сите докази покажуваат дека живееме во времето на крајот (Матеј 24:3-12; 2. Тимотеј 3:1-5). Наскоро, Божјето Царство ќе го „сотре и ќе [го] уништи“ сегашниот поредок (Даниел 2:44). Потоа, ова Царство ќе ја претвори Земјата во рај. Ќе бидат отстранети болестите и смртта (Исаија 33:24; Откровение 21:3-5). Сите суштества на Земјата ќе живеат во мир едни со други и никогаш нема да гладуваат (Псалм 72:16; Исаија 11:6-9).
Но, пред да дејствува, Јехова има намера добрата вест за Божјето Царство да „биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Матеј 24:14). Во склад со Божјата намера, околу седум милиони Сведоци на Јехова ја проповедаат оваа добра вест во 236 земји, и тоа на преку четиристотини јазици.
Другите можеби си мислат дека начинот на кој живеат Јеховините сведоци е чуден — дури и неразумен (2. Петрово 3:3, 4). Исто како пред Потопот, повеќето луѓе денес се преокупирани со секојдневните работи. Можеби за нив е неурамнотежен секој што не сака да живее на начин што општеството го смета за нормален. Но, оние што веруваат во Божјите ветувања сметаат дека животот е вистински урамнотежен само ако на прво место се стави службата за Бог.
Според тоа, било да си богат било да си сиромашен или, пак, нешто помеѓу, мудро е одвреме-навреме да размислиш за своите планови за блиската иднина. Притоа запрашај се: ‚Дали моите планови се во склад со Божјата намера?‘
[Слика на страница 11]
Што ќе науми Јехова, тоа и ќе се оствари, без оглед на плановите на луѓето
[Слика на страница 12]
Богатиот човек од споредбата на Исус не мислел на Божјата намера кога правел планови