Дали е погрешно да се користи Божјето име?
ВО Хебрејските списи, кои често се нарекуваат и „Стариот завет“, Божјето име се појавува речиси 7.000 пати запишано со буквите יהוה (се чита оддесно налево). Тоа значи дека Божјето име е претставено со четирите хебрејски букви јуд, хеј, вав и хеј, кои обично се транслитерираат како ЈХВХ.
Во минатото, меѓу Евреите се појавило суеверието дека е погрешно да се користи Божјето име. Затоа, не сакале да го изговараат и во своите текстови почнале да го заменуваат со други називи. Меѓутоа, многу библиски преведувачи го превеле тоа име со „Јахве“ или „Јехова“. Еден од тие преводи е и католичкиот Jerusalem Bible. Според овој превод, кога Мојсеј го прашал Бог што да им одговори на Израелците кога ќе го прашаат кој го испратил кај нив, Бог рекол: „Вака кажи им на синовите на Израел: ‚Јахве, Богот на вашите татковци, Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков, ме испрати кај вас‘. Тоа е моето име довека; со тоа име ќе ме повикуваат сите идни поколенија“ (2. Мојсеева 3:15).
Во една молитва, еве што рекол Исус за Божјето име: „Им го објавив твоето име, а и понатаму ќе им го објавувам“. А во познатата молитва Оченаш, Исус рекол: „Оче наш кој си на небото, нека се свети името твое“ (Јован 17:26; Матеј 6:9, JB).
Затоа, можеби некој ќе се изненади кога ќе чуе дека во својата неодамна објавена книга Исус од Назарет, папата Бенедикт XVI го кажал следново во врска со Божјето име: „Израелците биле... сосема во право што не сакале да го изговараат ова име што Бог сам си го дал себеси, изразено со зборот ЈХВХ, за да не го деградираат до степен на имињата на паганските божества. Според тоа, поновите библиски преводи згрешиле што го користат ова име — за кое Израелците секогаш сметале дека е мистериозно и дека не смее да се изговори — како да е само едно обично старо име“.
Што мислиш ти? Дали е исправно или погрешно да се користи Божјето име? Ако лично Јехова вели: „Тоа е моето име довека; со тоа име ќе ме повикуваат сите идни поколенија“, може ли некој со право да го каже спротивното?
[Слика на страница 30]
Исус го користел Божјето име