Зошто да се заблагодаруваме?
„Драга Ракел,
Многу сум ти благодарна што толку ме охрабри. Иако ти не си свесна за тоа, многу ми помагаш со твојата ведрина и со твоите љубезни зборови“ (Џенифер).
ДАЛИ некогаш ти се случило некој да те изненади со писменце во кое ти ја изразува својата благодарност? Сигурно ти било многу мило. Сосема е природно да сакаме другите да нѐ ценат и да нѐ пофалат (Матеј 25:19-23).
Кога се покажува благодарност, се продлабочува врската помеѓу оној што дал и оној што примил. Освен тоа, лицето што покажува благодарност се угледува на примерот на Исус Христос, кој никогаш не ги превидувал убавите постапки на другите (Марко 14:3-9; Лука 21:1-4).
За жал, изгледа дека во денешно време луѓето сѐ поретко се заблагодаруваат, сеедно дали лично или со тоа што ќе напишат неколку реда на картичка. Во Библијата одамна е кажано дека во „последните денови“ луѓето ќе станат „неблагодарни“ (2. Тимотеј 3:1, 2). Ако не внимаваме, таквиот раширен дух на неблагодарност би можел да ја задуши благодарноста што ја чувствуваме во себе.
Што би можеле да направат родителите за да ги поучат своите деца да бидат благодарни и да го покажуваат тоа? Кому треба да му се заблагодариме? И зошто треба да покажуваме благодарност, па дури и кон оние што не ни се заблагодаруваат нам?
Во семејството
Родителите напорно работат за да ги изгледаат своите деца. Но, понекогаш можеби имаат чувство дека она што го прават не се цени. Како би можеле да ја поправат ситуацијата? Потребни се три работи.
1) Пример. Како што е случај и со повеќето аспекти од воспитувањето деца, примерот е одличен учител. Еве што вели Библијата за една вредна и работлива мајка во древниот Израел: „Нејзините синови зборуваат добро за неа“. Каде научиле да покажат благодарност нејзините деца? Останатиот дел од стихот ни го дава одговорот. „И нејзиниот маж ја фали“ (Изреки 31:28, New Century Version). Родителите што си кажуваат „благодарам“ еден на друг им покажуваат на своите деца дека е убаво да се прави тоа, дека така се зацврстуваат семејните врски и се покажува зрелост.
Еден татко по име Стивен вели: „Се трудев да им дадам пример на моите деца со тоа што на жена ми секогаш ѝ кажував ‚фала‘ за вечерата“. Каков бил резултатот? „Моите две ќерки го забележаа тоа и почнаа почесто да се заблагодаруваат“, вели Стивен. Ако си во брак, дали редовно му се заблагодаруваш на својот сопружник за вообичаените, секојдневни работи што ги прави за тебе? Дали им велиш „благодарам“ или „фала“ на своите деца дури и кога ќе направат нешто што и онака се очекува од нив?
2) Воспитување. Благодарноста е како цвеќе. Треба да се одгледува за да успее. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да стекнат и да покажуваат благодарност? Мудриот цар Соломон истакнал еден клучен фактор кога напишал: „Срцето на праведникот промислува што ќе одговори“ (Изреки 15:28).
Родители, можете ли да ги поучите своите деца да мислат на трудот и на великодушноста што стојат зад подарокот што ќе го добијат? Ваквото размислување е како некоја плодна почва врз која може да растат ценењето и благодарноста. Марија, која има три деца, вели: „Треба време за да седнеш со своите деца и да им објасниш што сѐ направил оној што им дал подарок — дека тој мислел на нив и сакал да им покаже колку му значат. Но, мислам дека вредеше трудот што го вложив“. Таквите разговори им помагаат на децата да научат не само што треба да речат кога се заблагодаруваат туку и зошто треба да го речат тоа.
Мудрите родители им помагаат на своите деца да не мислат дека сѐ што добиваат, на некој начин, го заслужуваат.a Опомената од Изреки 29:21 во врска со односот кон слугите подеднакво важи и за децата: „Ако некој го разгалува својот слуга од неговата младост, тој подоцна ќе стане неблагодарен“.
Како може и на најмалите да им се помогне да покажуваат благодарност? Линда, која има три деца, вели: „Маж ми и јас ги учиме и децата да ни се придружат кога сакаме да се заблагодариме некому со картичка. Тие се потпишуваат или цртаат нешто што би можеле да го ставиме во пликот“. Цртежот може да биде едноставен и ракописот нечитлив, но децата ќе научат многу важна лекција.
3) Упорност. Сите имаме вродена склоност да бидеме себични, а таа склоност може да нѐ спречи да покажуваме благодарност (1. Мојсеева 8:21; Матеј 15:19). Сепак, Библијата им го вели следново на Божјите слуги: „Да се обновувате во силата што го задвижува вашиот ум и да ја облечете новата личност, која е создадена по Божја волја“ (Ефешаните 4:23, 24).
Меѓутоа, искусните родители знаат дека не е толку лесно да им се помогне на децата ‚да ја облечат новата личност‘. Стивен вели: „Ми се чинеше дека на нашите ќерки им требаше долго време за да научат да се заблагодаруваат самите, без да ги потсетуваме“. Но, Стивен и жена му не се откажале. „Бевме многу упорни“, продолжува Стивен, „и така девојчињата научија. Сега се гордееме кога ќе најдат начин да им се заблагодарат на другите.“
Кон пријателите и кон соседите
Не значи дека сме неблагодарни секогаш кога ќе пропуштиме да се заблагодариме. Можеби едноставно само забораваме. Дали е навистина толку важно не само да чувствуваме благодарност туку и да ја покажеме? За да одговориме на ова прашање, да разгледаме една случка поврзана со Исус и неколкумина лепрозни луѓе.
Додека одел во Ерусалим, Исус сретнал десет лепрозни луѓе. Во Библијата е раскажана таа случка: „Повикаа: ‚Исусе, Учителе, смилувај ни се!‘ Кога ги здогледа, им рече: ‚Одете и покажете им се на свештениците!‘ И додека заминуваа, се исчистија. А еден од нив, кога виде дека е излекуван, се врати, славејќи го Бога на сиот глас. И падна ничкум пред нозете на Исус и му заблагодари. А беше Самарјанин“ (Лука 17:11-16).
Дали Исус забележал дека другите не му се заблагодариле? Во извештајот понатаму читаме: „А Исус рече: ‚Зарем не се исчистија десетмина? Каде се тогаш останатите деветмина? Зарем не се врати ниту еден од нив за да му оддаде слава на Бог, освен овој човек од друг народ?‘“ (Лука 17:17, 18).
Другите деветмина што имале лепра не биле лоши луѓе. Кратко пред тоа тие отворено изјавиле дека имаат вера во Исус и спремно го послушале она што им го рекол тој — отишле во Ерусалим за да се покажат пред свештениците. Меѓутоа, иако немало никакво сомнение дека чувствувале длабока благодарност за добрината што им ја направил Исус, тие не го покажале тоа. Христос бил разочаран од таа нивна постапка. А ние? Кога некој ќе постапи убаво со нас, дали веднаш му се заблагодаруваме и, кога е на место, го покажуваме тоа и со картичка или писменце?
Библијата вели дека љубовта „не се однесува непристојно, не ја бара својата корист“ (1. Коринќаните 13:5). Според тоа, искрените изрази на ценење не се само знак на пристојност и учтивост туку и доказ за љубов. Како што учиме од случката со лепрозните, оние што сакаат да му угодат на Христос треба да ги сакаат и да им бидат благодарни на сите, без оглед на националноста, расата или религијата.
Запрашај се: ‚Кога за последен пат му се имам заблагодарено на некој сосед, колега, соученик, медицинско лице, продавач или некој друг што ми помогнал?‘ Ден-два би можел да си запишуваш колку пати си рекол „благодарам“ или си напишал картичка или писменце за да се заблагодариш. Тоа може да ти помогне да видиш каде да се подобриш во покажувањето благодарност.
Се разбира, оној што најмногу заслужува да му бидеме благодарни е Јехова Бог. Тој е Дарителот на „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јаков 1:17). Кога за последен пат искрено си му се заблагодарил на Бог за она што го направил за тебе? (1. Солуњаните 5:17, 18).
Зошто да покажуваме благодарност дури и кога другите не го прават тоа?
Другите можеби нема да ни возвратат кога ќе направиме нешто добро за нив. Тогаш, зошто да покажуваме благодарност дури и кога другите не ни се заблагодаруваат нам? Да разгледаме една причина.
Правејќи им добро на оние што не покажуваат доволно ценење и благодарност, ќе бидеме како нашиот милостив Творец, Јехова Бог. Иако многумина не ја ценат и не се благодарни за љубовта што Јехова ја покажува кон нив, тој не престанува да им прави добро (Римјаните 5:8; 1. Јованово 4:9, 10). Бог дава „неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните“. Ако се трудиме да покажуваме ценење и покрај тоа што живееме во еден неблагодарен свет, ќе покажеме дека сме „синови на својот Татко кој е на небесата“ (Матеј 5:45).
[Фуснота]
a Многу родители ја прочитале и разговарале со своите деца за книгата Учи од Големиот Учител, издадена од Јеховините сведоци. Поглавје 18 носи наслов: „Дали не забораваш да кажеш ‚благодарам‘“?
[Истакната мисла на страница 15]
Ден-два запишувај си колку пати си рекол „благодарам“
[Слика на страница 15]
Дури и малите деца може да научат да се заблагодаруваат
[Слика на страница 15]
Дај им пример на своите деца покажувајќи благодарност