Дали името Јехова треба да стои во Новиот завет?
ВАЖНО ЛИ Е дали Божјето име стои во Библијата? Очигледно за Бог е важно. Неговото име, претставено со четирите хебрејски букви познати како тетраграм, се појавува речиси 7.000 пати во изворниот хебрејски текст познат како Стар завет.a
Библиските изучувачи го прифаќаат фактот дека Божјето лично име стои во Стариот завет, односно во Хебрејските списи. Меѓутоа, многумина сметаат дека не се појавува во изворните грчки ракописи на Новиот завет.
Што прават преведувачите кога некој писател на Новиот завет цитирал стихови од Стариот завет во кои се појавува тетраграмот? Повеќето од нив го користат зборот „Господ“ наместо Божјето лично име. Во Светото писмо — превод Нов свет не се прави тоа. Во овој превод името Јехова се користи 237 пати во Христијанските грчки списи, познати како Нов завет.
Со кои проблеми се соочуваат преведувачите на Библијата кога треба да одлучат дали да го употребат Божјето име во Новиот завет? Која основа постои да се користи Божјето име во овој дел од Светото писмо? И како се одразува на тебе употребата на Божјето име во Библијата?
Проблем за преведувачите
Ракописите од Новиот завет што ги имаме денес не се оригинални. Оригиналите што ги запишале Матеј, Јован, Павле и други веројатно брзо изветвеле од честата употреба. Затоа се правеле преписи, па кога и тие ќе остареле, се правеле нови преписи. Од илјадниците примероци на Новиот завет што постојат денес, повеќето се направени најмалку два века откако биле напишани оригиналните. Изгледа дека дотогаш оние што ги препишувале тие ракописи го имале заменето тетраграмот со грчкиот збор Ки́риос, што се преведува со „Господ“, или, пак, го препишале од примероци каде што тоа веќе било направено.b
Земајќи го сево ова предвид, преведувачот мора да процени дали има логични докази дека тетраграмот навистина стоел во оригиналните грчки ракописи. Постојат ли такви докази? Да ги разгледаме следниве аргументи.
◼ Кога цитирал од Стариот завет или кога читал од него, Исус го користел Божјето име (5. Мојсеева 6:13, 16; 8:3; Псалм 110:1; Исаија 61:1, 2; Матеј 4:4, 7, 10; 22:44; Лука 4:16-21). Во времето на Исус и неговите ученици, тетраграмот се појавувал во хебрејските примероци на она што честопати се нарекува Стар завет, каде што стои и денес. Меѓутоа, изучувачите со векови сметале дека тетраграмот го немало во преписите на грчкиот превод на Стариот завет, наречен Септуагинта, како ни во преписите на Новиот завет. Но, во средината на 20 век, едно многу значајно откритие го привлекло вниманието на научниците — биле пронајдени некои многу стари фрагменти од грчката Септуагинта што се користеле во времето на Исус. Тие фрагменти го содржат Божјето лично име напишано со хебрејски букви.
◼ Исус го користел Божјето име и им го објавувал на другите (Јован 17:6, 11, 12, 26). Исус јасно рекол: „Јас дојдов во името на својот Татко“. Исто така, нагласил дека сѐ што правел било „во името на [неговиот] Татко“. Всушност, и самото име на Исус значи „Јехова е спасение“ (Јован 5:43; 10:25).
◼ Божјето име се појавува во скратен облик во Грчките списи. Во Откровение 19:1, 3, 4, 6, Божјето име е содржано во зборот „Алилуја“. Буквалното значење на овој збор е „Фалете го Јах!“ Јах е скратен облик на името Јехова.
◼ Раните еврејски записи покажуваат дека еврејските христијани го користеле Божјето име во своите текстови. Во Тосефта, пишана збирка на усни закони која била завршена некаде во 300 год. од н.е., го пишува следново во врска со христијанските списи што се палеле во сабота: „Книгите на евангелистите и книгите на минимите [за кои се смета дека се еврејски христијани] не ги штедат од огнот, туку ги палат на самото место... па така горат и страниците каде што се појавува Божјето име“. Во истата публикација се цитира рабинот Јоси Галилеецот, кој живеел во почетокот на 2 век од н.е., кој рекол дека другите денови од седмицата „еден требало да ги отсече местата каде што стоело Божјето име во [христијанските списи] и да ги тргне настрана, а остатокот да го запали“. Значи, постојат цврсти докази дека Евреите што живееле во 2 век од н.е. биле свесни дека христијаните го користеле Јеховиното име во своите записи.
На кој начин преведувачите го решиле проблемот?
Дали преводот Нов свет е единствената Библија во која е вратено Божјето име кога биле преведувани Грчките списи? Не. Врз основа на претходно наведените докази, многу библиски преведувачи сметале дека Божјето име треба да се врати на своето место кога се преведува Новиот завет.
На пример, во многу преводи на Новиот завет на африканските, американските, азиските и пацифичките јазици слободно се користи Божјето име. (Види го списокот на 21. страница.) Некои од овие преводи се издадени во последниве децении, како што е Библијата на јазикот ротуман (1999), во која името Јихова се користи 51 пат во 48 стихови од Новиот завет, како и преводот на индонезискиот јазик батак (1989), каде што името Јахова се користи 110 пати во Новиот завет. Божјето име се појавува и во многу француски, германски и шпански преводи. На пример, во почетокот на 20 век, Пабло Бесон го превел Новиот завет на шпански јазик. Во својот превод го употребил името Хеоба́ во Јуда 14, а речиси 100 фусноти укажуваат на Божјето име како на можен превод.
Божјето име се појавува неколку пати во хрватскиот превод на Новиот завет на римокатоличкиот свештеник Иван Матија Шкариќ, издаден во 1860 год. На македонски се појавува во обликот Јахве во Христијанските свети книги — Новиот завет, издание на ХБЦ „Радосна Вест“ од 1999 год. Во Матеј 22:44 стои: „Му рече Јахве на Мојот Господ: седни од Мојата десна страна, додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои!“ Фуснотата за „Јахве“ гласи: „Јахве = Господ. Во Стариот завет се користат два збора кои кај нас се преведуваат со Господ. Тоа се зборовите Јахве (или Јехова) и Адонај. Стихот е цитат од Пс. 110 (109):1“. Следат и неколку примери на англиски, германски и француски преводи на Новиот завет во кои се користи Божјето име:
Die heilige Schrift des neuen Testaments од Доминик фон Брентано (1791)
A Literal Translation of the New Testament . . . From the Text of the Vatican Manuscript од Херман Хајфетер (1863)
The New Testament Letters од Ј.В.Ц. Ванд, бискуп од Лондон (1946)
Les Evangiles од Клод Тремонтан (1991)
Неодамна, во воведот кон изданието од 2004 год. на еден познат англиски превод, под меѓунасловот „Преведување на Божјето име“, стоеше следниов коментар: „Тетраграмот (ЈХВХ) обично го преведувавме со ‚ГОСПОД‘ и го пишуваме со големи букви, како што е вообичаено во англиските преводи. Овој начин на пишување ќе го разликува од титулата адонај, која ја преведуваме и ја пишуваме како ‚Господ‘“ (New Living Translation). Подоцна, во коментарот за Новиот завет во истиот превод стои: „Грчкиот збор кириос секаде е преведен со ‚Господ‘, но е преведен со ‚ГОСПОД‘ секаде каде што е сосема јасно дека Новиот завет цитира од Стариот завет, и текстот таму е со големи букви“ (нагласено од нас). Значи, преведувачите на Библијата не одрекуваат дека тетраграмот (ЈХВХ) треба да стои во тие стихови на Новиот завет.
Интересно, под меѓунасловот „Тетраграмот во Новиот завет“, во еден речник е даден следниов коментар: „Постојат докази дека тетраграмот, односно Божјето име, Јахве, се појавувал во некои или во сите цитати од С[тариот] З[авет] што стојат во Н[овиот] З[авет] кога НЗ првпат бил напишан“ (The Anchor Bible Dictionary). А изучувачот Џорџ Хауард вели: „Бидејќи тетраграмот сѐ уште се среќавал во преписите на грчкиот превод на Библијата [Септуагинта], која била Библија на раната црква, логично е да се заклучи дека писателите на Н[овиот] З[авет], кога цитирале од Светото писмо, го користеле тетраграмот во библискиот текст“.
Две убедливи причини
На темел на сево ова, јасно е дека преводот Нов свет не е првата Библија што го содржи Божјето име во Новиот завет. Како судија што е повикан да пресуди во некој судски случај за кој нема живи очевидци, Одборот што работеше на библискиот превод Нов свет внимателно ги одмери сите докази. Врз основа на фактите, тие одлучија да го користат името Јехова во својот превод на Христијанските грчки списи. Забележи две убедливи причини зошто го направија тоа.
1) Преведувачите сметаа дека, бидејќи Христијанските грчки списи се вдахновено дополнение на светите Хебрејски списи, ненадејното исчезнување на Јеховиното име од текстот изгледа недоследно.
Зошто е ова логичен заклучок? Кон средината на 1 век од н.е., ученикот Јаков им рекол на старешините во Ерусалим: „Симеон подробно изнесе како Бог за првпат им обрна внимание на незнабошците за да земе од нив народ за своето име“ (Дела 15:14). Мислиш ли дека е логично Јаков да каже такво нешто ако никој во 1 век не го знаел или не го користел Божјето име?
2) Кога биле откриени примероци од Септуагинтата во кои се користи Божјето име наместо титулата Ки́риос (Господ), на преведувачите им станало јасно дека, во времето на Исус, првите примероци на Светото писмо на грчки јазик — а, се разбира, и оние на хебрејски — го содржеле Божјето име.
Изгледа дека богохулниот обичај да се отстранува Божјето име од грчките преписи се појавил подоцна. Што мислиш ти? Дали Исус и неговите апостоли би рашириле еден таков обичај? (Матеј 15:6-9).
Повикувај го „името на Јехова“
Самото Свето писмо служи како убедлива изјава на „очевидец“ дека раните христијани навистина го користеле Јеховиното име во своите списи, особено кога цитирале делови од Стариот завет во кои стоело тоа име. Затоа, нема никакво сомнение дека преводот Нов свет има цврста основа да го врати Божјето име, Јехова, во Христијанските грчки списи.
Што мислиш ти откако ги разгледа сите овие информации? Цитирајќи од Хебрејските списи, апостол Павле ги потсетил христијаните во Рим: „Секој што го повикува името на Јехова, ќе биде спасен“. Потоа прашал: „Но како ќе го повикаат оној во кого не поверувале? А како ќе поверуваат во оној за кого не чуле?“ (Римјаните 10:13, 14; Јоил 2:32). Библиските преводи во кои се користи Божјето име онаму каде што треба да стои, ќе ти помогнат да се зближиш со Бог (Јаков 4:8). Всушност, имаме голема чест што сме го дознале и што можеме да го повикуваме Божјето лично име, Јехова.
[Фусноти]
a Тетраграм се четирите букви, ЈХВХ, со кои Божјето име се запишува на хебрејски јазик. На македонски обично се преведува со Јехова или Јахве.
b Нешто повеќе за тоа како дошло до оваа замена можеш да прочиташ во брошурата Божественото име кое ќе остане засекогаш, страници 23-27, издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка на страница 21]
СПИСОК НА 99 ЈАЗИЦИ ВО КОИ СЕ КОРИСТИ НАРОДЕН ОБЛИК НА ТЕТРАГРАМОТ ВО НОВИОТ ЗАВЕТ
ЗАХОВА: чин (Хака-Лај)
ИА́ВЕ: португалски
ИЕОВА: веда, куануа
ИЕХОВА: гилбертски, керево, киваи, маркиски, моту, паниети (Мисима), раротонга, тахитски, тоурипи, хавајски, хиримоту
ИЕХОВАН: сајбај
ИЕХОУА: мер
ИОВА: малекула (Куливиу), малекула (Панкуму), малекула (Урипив)
ИХВХ: француски
ИХОВА: анитјум
ЈАВЕ: конгоански
ЈАКВЕ: (ки)сукума
ЈАУЕ: бобанги, болиа, долуо, лингала, монго (лоло), (ло)нганду, (ло)нтумба, (ке)сенгили
ЈАХВЕ: ила, унгарски
ЈАХОВА: таи
ЈАХОУА: батак
ЈАХУЕ́: чакобо
ЈЕКОВА: занде
ЈЕОБА: куба (инконго)
ЈЕОВА: кусајски (козрејски)
ЈЕОХОУА: корејски
ЈЕХО́А: авабакал
ЈЕХОБА: кипсигис, ментавај
ЈЕХОВА: (ки)каланга, келе (Габон), (иси)коса, леле (Манус), лого, луба, (чи)лувале, лугбара, (чи)луимби, (чи)лумби, (чи)лунда (Ндембу), нанди, наурски, нукуоро, санто (Хог Харбор), тив, умбунду, холандски, хрватски, чокуе, чуана (Тлапи)
ЈЕХОВА: фанг, цимиети
ЈЕХОВАХ: бубе, мохаук, нгуна (Ефате), нгуна (Тонгоа)
ЈЕХОУА: га, лаошки, (ки)сонги, чилуба
ЈЕХОФА: германски, јужно сото, цвана
ЈИВХЕЈЕВЈЕ: гу (Алада)
ЈИОВА: фиџиски
ЈИОУА: мортлок
ЈИХОВА: нага (Ангами), нага (Коњак), нага (Лота), нага (Мао), нага (Сангтам), ротуман
ЈОУО: ломве
ЈХВХ: хебрејски
СИХОВА: тонгајски
УЈЕХОВА: зулу
ХЕОБА́: шпански
ЧИХОУА: чокто
ЏЕХОВА: англиски, ефик, каленџин, малгашки, наринајри, оџибуа
[Рамка/слики на страница 23]
ПРЕВЕДУВАЧ КОЈ ГО ПОЧИТУВАЛ БОЖЈЕТО ИМЕ
Во ноември 1857 год., Хајрам Бинам II, 26-годишен мисионер, пристигнал на Гилбертовите Острови (денешни Кирибати) заедно со својата жена. Мисионерскиот брод на кој патувале бил финансиран со малите донации од децата на Американското неделно училиште. Со името Morning Star (Ѕвезда Деница) што му го дале неговите покровители, покажале дека веруваат во доаѓањето на Христовото илјадагодишно царство.
„Бинам имал многу слабо здравје“, вели Бари Мекдоналд во својата книга Cinderellas of the Empire. „Често имал стомачни проблеми, хронично го болело грлото, и затоа многупати не можел да зборува пред публика. Имал толку слаб вид што можел да чита само по два-три часа на ден“.
Меѓутоа, Бинам решил да го научи јазикот што се зборувал на Гилбертовите Острови. Тоа не било лесно. За почеток, ќе покажел на некој предмет и ќе прашал како се вика. Откако направил список од околу две илјади зборови, му плаќал на еден свој преобратеник по долар за секои сто нови зборови што ќе ги додадел на списокот.
Неговата упорност дала добар плод. Во 1865 год., кога поради слабото здравје морал да замине од Гилбертовите Острови, не само што зад себе оставил азбука на тој јазик туку ги превел и евангелијата според Марко и Јован. Кога дошол повторно на островите во 1873 год., со себе го донел целосниот превод на Новиот завет на гилбертски јазик. Упорно продолжил со својата работа и следните 17 години, и во 1890 год. завршил со преведување на целата Библија на гилбертски јазик.
Неговиот превод на Библијата и ден-денес се користи на Кирибати. Оние што ја читаат ќе забележат дека го користел Јеховиното име (на гилбертски Иехова) илјадници пати во Стариот завет и повеќе од 50 пати во Новиот завет. Навистина, Хајрам Бинам бил преведувач кој го почитувал Божјето име!
[Слики]
Хајрам Бинам II
Библијата на гилбертски јазик што ја превел Бинам
[Извор на слика]
Горните фотографии се од книгата на Алфред М. Бинам: “The Tiffany Fortune”
[Табела/слики на страници 18 и 19]
(Види во публикацијата)
200
ПАПИРУС „НАШ“
2 или 1 век пр.н.е.
[Слика]
Древен хебрејски текст во кој двапати се појавува Божјето име
100
ФРАГМЕНТ ОД 5. МОЈСЕЕВА 18:15, 16
ПАПИРУС „ФУАД“ INV. 266
1 век пр.н.е.
[Слика]
Грчкиот превод Септуагинта во кој се појавува Божјето име напишано со хебрејски букви
[Извор на слика]
Société Royale de Papyrologie du Caire
↑
ПР.Н.Е.
Н.Е.
↓
100
300
400
АЛЕКСАНДРИСКИ КОДЕКС
5 век од н.е.
[Слика]
Божјето име отстрането и заменето со КЦ и КУ, кои се скратени облици на грчкиот збор Ки́риос („Господ“)
[Извор на слика]
Од The Codex Alexandrinus in Reduced Photographic Facsimile, 1909, со љубезна дозвола на British Library
500
1900
1950
ДЕЛА 3:22, КАДЕ ШТО СЕ ЦИТИРА 5. МОЈСЕЕВА 18:15
ПРЕВОД НОВ СВЕТ
20 век од н.е.
[Слика]
Во преводот „Нов свет“ е вратено Божјето име
2000
[Слики на страница 20]
Божјето име во Римјаните 10:13 во различни преводи
Хутеровата Библија на хебрејски, грчки, латински и германски јазик
Библија на јазикот ротуман
Библија на јазикот батак
Превод Нов свет