Кој може да ни ја каже иднината?
„Јас сум Бог... Јас од почетокот го јавувам завршетокот, од дамнина го јавувам она што уште не било“ (Исаија 46:9, 10)
ВО ОВИЕ нестабилни времиња, политичките, финансиските и социјалните аналитичари ја изучуваат историјата и современите текови на настаните во обид да ја предвидат иднината. Други, пак, од силна желба да дознаат што им носи иднината, го бараат одговорот во астрологијата или во спиритизмот — но честопати се разочарани од резултатот. Дали е сосема невозможно да се дознае што ќе се случи со овој свет, со нашите фамилии и со нас лично? И, постои ли некој што може навистина да ја предвиди иднината?
Со она што му го рекол на пророкот Исаија, како што е цитирано погоре, Семоќниот Бог, Јехова, покажал дека Тој може да ја предвиди иднината. Преку Исаија, Бог прорекол дека древните Израелци ќе бидат ослободени од вавилонското ропство и дека потоа ќе се вратат за да ги обноват Ерусалим и храмот. Колку прецизно било ова пророштво? Околу 200 години однапред, Исаија прецизно го кажал името на идниот освојувач на Вавилон, Кир. Освен тоа, точно ја опишал стратегијата што ја употребил Кир — дека ќе го промени текот на реката Еуфрат, која служела како заштита на градот. Тој дури и прорекол дека Кир ќе ги најде отворени масивните двокрилни порти на градот, па затоа лесно ќе го освои (Исаија 44:24 — 45:7).
За разлика од Бог, човекот не може да ја дознае иднината. „Не фали се со утрешниот ден“, напишал мудриот цар Соломон, „зашто не знаеш што ќе донесе денот“ (Изреки 27:1). Овие зборови важат и денес. Ниеден човек не може да си ја предвиди дури ни сопствената иднина. А дали е така и со Бог? Тој добро го познава секое свое создание, вклучувајќи ја и човековата природа и склоностите на човекот. Кога ќе реши да го направи тоа, Бог може точно да предвиди што ќе направат поединци и цели народи. Освен тоа, Бог има неограничена способност да го контролира исходот на настаните. Кога ќе прорече преку своите пророци дека нешто ќе се случи, тој станува Оној што ‚ги исполнува зборовите на својот слуга и ги остварува објавите на своите гласници‘ (Исаија 44:26). Само Јехова Бог може со право да даде ваква изјава.
Исаија живеел повеќе од 700 години пред Исус, Месијата. Сепак, тој запишал пророштва во врска со доаѓањето на Месијата. Меѓутоа, критичарите на Библијата, особено од 18 век наваму, ја напаѓаат автентичноста на книгата Исаија. Тие тврдат дека пророштвата на Исаија не се вистински пророштва, туку дека биле напишани отпосле, односно некој писател подоцна само го запишал она што веќе се случило. Дали е тоа точно? Во 1947 год., во една пештера во близина на Мртвото Море беше пронајден еден примерок од книгата Исаија, како и други древни свитоци. Стручњаците утврдиле дека овој примерок датира над сто години пред раѓањето на проречениот Месија, односно Христос. Да, Библијата ја открила иднината!
Исаија и другите библиски писатели не можеле да ги проречат идните настани само врз основа на она што го знаеле. Наместо тоа, тие ‚кажувале зборови што доаѓале од Бог така како што ги водел светиот дух‘ (2. Петрово 1:21). Во следните статии ќе се задржиме на некои детали од Исусовиот живот, кои биле проречени преку Исаија. Потоа ќе обрнеме внимание на настаните што Исус и неговите ученици ги прорекле за нашево време и за иднината.