Јеховиниот поглед ги испитува сите
„[Јеховиниот] поглед ги испитува синовите човечки“ (ПС. 11:4).
1. Какви луѓе обично ни се мили?
ШТО мислиш за луѓето кои се искрено заинтересирани за тебе? Кога ќе ги прашаш за нешто, отворено ќе ти кажат што мислат. Кога ти е потребна помош, великодушно ти помагаат. Кога ти треба совет, со љубов ти го даваат (Пс. 141:5; Гал. 6:1). Зарем тие луѓе не ти се мили? Токму такви се Јехова и неговиот Син! Всушност, тие се заинтересирани за тебе повеќе од кој и да е човек, и тоа од потполно несебични мотиви. Тие сакаат да ти помогнат ‚да го освоиш вистинскиот живот‘ (1. Тим. 6:19; Отк. 3:19).
2. До кој степен е Јехова заинтересиран за своите слуги?
2 Псалмистот Давид покажал колку искрено е заинтересиран Јехова за нас кога рекол: „[Јеховините] очи набљудуваат, неговиот поглед ги испитува синовите човечки“ (Пс. 11:4). Значи, Бог не само што нѐ гледа туку и нѐ испитува. Давид, исто така, напишал: „Испитај го моето срце, прегледај го ноќе... ќе видиш дека не смислував зло“ (Пс. 17:3). Јасно, Давид бил свесен колку многу Јехова е заинтересиран за него. Тој знаел дека би го повредил Јехова и би ја изгубил Неговата милост доколку во умот постојано би му се вртеле грешни мисли или би смислувал зло во срцето. Дали Јехова ти е толку реален колку што му бил на Давид?
Јехова го гледа срцето
3. Каква урамнотеженост покажува Јехова во својот став кон нашите грешки и слабости?
3 На Јехова му е најважно какви сме однатре, во срцето (Пс. 19:14; 26:2). Бидејќи многу нѐ сака, тој не се задржува на нашите ситни грешки и слабости. На пример, кога Сара, жена му на Авраам, не му дала сосема искрен одговор на материјализираниот ангел, ангелот очигледно сфатил дека е исплашена и засрамена, па затоа само благо ја прекорил (1. Мој. 18:12-15). Иако семејниот поглавар Јов во еден момент тврдел дека ‚неговата душа е поправедна од Бог‘, Јехова сепак го благословил, свесен дека Сатана му нанел големо страдање на овој човек (Јов 32:2; 42:12). Слично, Јехова не се навредил од зборовите што вдовицата од Сарепта искрено му ги кажала на пророкот Илија, бидејќи бил свесен дека таа длабоко жалела што го изгубила своето единствено дете (1. Цар. 17:8-24).
4, 5. Како Јехова покажал обѕир и милост кон Авимелех?
4 Бидејќи го испитува срцето, Јехова покажува обѕир дури и кон оние што не му служат. Размисли, на пример, како постапил со Авимелех, царот на филистејскиот град Герар. Авимелех, кој не сфатил дека Авраам и Сара се во брак, ја зел Сара за да му стане жена. Но, пред да стори нешто повеќе, Јехова му се јавил на сон и му рекол: „Јас знам дека го стори тоа во чесноста на своето срце. Јас и те задржував да не ми згрешиш. Затоа не ти дозволив да ја допреш. А сега, врати му ја жената на тој човек, зашто тој е пророк и сесрдно ќе се моли за тебе! Така ќе останеш жив“ (1. Мој. 20:1-7).
5 Без сомнение, Јехова можел да постапи грубо со Авимелех, кој им служел на лажни божества. Но, Бог видел дека човекот постапил чесно во оваа ситуација. Јехова милостиво го зел ова предвид и му објаснил што да стори за да добие прошка и да остане жив. Зарем не сакаш да му служиш токму на еден ваков Бог?
6. Во кој поглед Исус го следел примерот на својот Татко?
6 Исус совршено го следел примерот на својот Татко со тоа што се концентрирал на доброто кај своите ученици и спремно им ги простувал грешките (Мар. 10:35-45; 14:66-72; Лука 22:31, 32; Јован 15:15). Ставот што го имал Исус бил во склад со неговите зборови запишани во Јован 3:17: „Бог не го испрати својот Син во светот за тој да го осуди светот, туку светот да се спаси преку него“. Љубовта што Јехова и Исус ја чувствуваат кон нас е силна и постојана. Ова се гледа оттаму што сакаат да добиеме вечен живот (Јов 14:15). Таквата љубов објаснува зошто Јехова нѐ испитува, на кој начин нѐ гледа и како постапува со нас според она што го видел. (Прочитај 1. Јованово 4:8, 19.)
Испитани низ очите на љубовта
7. Зошто нѐ испитува Јехова?
7 Колку е погрешно да си мислиме дека Јехова е небесен полицаец кој нѐ гледа одозгора и едвај чека да згрешиме за да нѐ фати на дело! Сатана е тој што нѐ гледа за да нѐ обвини и тврди дека сме себични (Отк. 12:10). Тој припишува лоши мотиви дури и онаму каде што воопшто ги нема! (Јов 1:9-11; 2:4, 5). Во врска со Бог, псалмистот напишал: „Ако гледаш на престапите, о Јах, о Јехова, кој ќе опстане?“ (Пс. 130:3). Одговорот на ова реторичко прашање е — никој! (Проп. 7:20). Наместо тоа, Јехова нѐ гледа како грижлив родител, со милосрдни и љубезни очи, бидејќи сака да ги заштити од лошо своите сакани деца. Тој честопати ни укажува на нашите пропусти и слабости за да не си нанесеме штета (Пс. 103:10-14; Мат. 26:41).
8. Како Јехова ги поучува и ги опоменува своите слуги?
8 Бог ја покажува својата љубов во поуките и опомените што ни ги дава преку Библијата и преку духовната храна што ја обезбедува „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45; Евр. 12:5, 6). Јехова ни дава помош и преку христијанското собрание и преку старешините што ни ги дал „како дарови“ (Еф. 4:8). Освен тоа, Јехова нѐ набљудува за да види како реагираме на неговите татковски поуки и бара начини и понатаму да ни помага. Псалм 32:8 вели: „Ќе ти дадам разборитост и ќе те поучам за патот по кој треба да одиш. Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе“. Значи, многу е важно секогаш да го слушаме Јехова! Треба да бидеме понизни и да признаеме дека тој е нашиот Учител и Татко кој многу нѐ сака. (Прочитај Матеј 18:4.)
9. Кои црти не треба да ги имаме, и зошто?
9 Никогаш да не дозволиме да станеме закоравени од гордост, од недостиг на вера или од „измамливоста на гревот“ (Евр. 3:13; Јак. 4:6). Честопати овие црти почнуваат да се развиваат кога некој постојано размислува и посакува погрешни работи. Таквиот може да дојде до степен да ги отфрли добрите библиски совети. Што е уште полошо, може толку да закорави во својот погрешен став или постапување што ќе му стане непријател на Бог — а тоа навистина е нешто страшно! (Изр. 1:22-31). Да го разгледаме примерот на Каин, првородениот син на Адам и Ева.
Јехова гледа сѐ и постапува во склад со тоа
10. Зошто Јехова не ја прифатил жртвата на Каин, и како реагирал Каин?
10 Кога Каин и Авел му принеле жртва на Јехова, Нему не му бил важен само нивниот дар туку и нивниот мотив. Поради тоа, Бог покажал дека е задоволен со жртвата на Авел, која тој ја принел со вера, но дека не ја прифаќа жртвата на Каин, со која тој, на некој начин, покажал дека нема доволно вера (1. Мој. 4:4, 5; Евр. 11:4). Наместо да извлече поука и да го промени својот став, Каин многу се разгневил на својот брат (1. Мој. 4:6).
11. Како покажал Каин дека има измамливо срце, и која е поуката за нас?
11 Јехова видел дека ставот на Каин е опасен, и затоа љубезно зборувал со него, нагласувајќи му дека, ако прави добро, ќе му биде мил. За жал, Каин не го прифатил советот од Творецот и го убил брата си. Кога Бог го прашал: „Каде е брат ти Авел?“, Каин дрско одговорил: „Не знам. Зар сум му јас чувар на брат ми?“ (1. Мој. 4:7-9). Ова било уште еден показател дека Каин имал лошо срце. Всушност, одовде јасно гледаме дека срцето може да биде толку измамливо што дури би можело да ги отфрли и директните совети од Бог! (Ерем. 17:9). Затоа, да учиме од ваквите извештаи и брзо да ги отфрламе погрешните мисли и желби. (Прочитај Јаков 1:14, 15.) Ако добиеме библиски совет, да го цениме и да го прифатиме како доказ за Јеховината љубов.
Не постои таен грев
12. Како реагира Јехова на погрешното постапување?
12 Некои можеби си мислат дека, ако никој не ги види како грешат, ќе успеат да се извлечат (Пс. 19:12, фус.). Всушност, таен грев не постои. „Сѐ е голо и откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“ (Евр. 4:13). Јехова е Судија кој ги испитува нашите најдлабоки мотиви, и неговата реакција кон погрешното постапување е совршено праведна. Тој е „Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина“. Но, тој никако ‚не ги ослободува од казна‘ оние што не се каат кога ‚намерно грешат‘ или имаат нечесно и подло срце (2. Мој. 34:6, 7; Евр. 10:26). Ова се гледа од начинот на кој Јехова постапил со Ахан и со Ананија и Сапфира.
13. Како погрешното размислување го навело Ахан на лошата постапка?
13 Прекршувајќи директна Божја заповед, Ахан зел од пленот од Ерихон и го скрил во својот шатор, веројатно со согласност на своето семејство. Кога неговиот грев бил откриен, Ахан покажал дека знаел колку сериозно е тоа што го направил бидејќи рекол: „Му згрешив на Јехова“ (Ис. Нав. 7:20). Исто како кај Каин, и кај Ахан се развило лошо срце. Во случајот со Ахан, алчноста одиграла голема улога и го навела да постапи подло и измамнички. Бидејќи пленот од Ерихон му припаѓал на Јехова, Ахан, всушност, украл од Бог, и скапо платил за тоа заедно со своето семејство (Ис. Нав. 7:25).
14, 15. Зошто Ананија и Сапфира заслужиле казна од Бог, и која е поуката за нас?
14 Ананија и неговата жена, Сапфира, биле членови на првото христијанско собрание во Ерусалим. По Педесетница 33 год. од н.е., бил основан заеднички фонд за да се покријат трошоците на новите верници од далечните земји кои сѐ уште престојувале во Ерусалим. Фондот се темелел на доброволни прилози. Ананија продал една нива и приложил дел од парите во фондот. Но, во договор со жена си, се преправал дека ја приложил целата сума од продадената нива. Без сомнение, овој брачен пар сакал да добие посебна чест од собранието. Но, тоа што го направиле било чиста измама. Преку чудо, Јехова му ја открил измамата на апостол Петар, кој го соочил Ананија со неговиот престап. Во тој момент, Ананија паднал и умрел. Кратко потоа, умрела и Сапфира (Дела 5:1-11).
15 Ананија и Сапфира не биле жртви на моментална слабост. Тие подло ја испланирале таа лага за да ги измамат апостолите. Што е уште полошо, се обиделе ‚да го излажат светиот дух и Бог‘. Она што го сторил Јехова јасно покажува дека тој е спремен да го штити собранието од лицемери. Навистина, „страшно е да се падне во рацете на живиот Бог“ (Евр. 10:31).
Биди верен во секое време
16. а) Како се обидува Сатана да ги расипе Божјите слуги? б) Кои методи ги користи Ѓаволот за да ги расипе луѓето во твоето место?
16 Сатана прави сѐ што може за да нѐ расипе и да ја изгубиме Божјата милост (Отк. 12:12, 17). Злобните намери на Сатана јасно се гледаат во светот, кој е преокупиран со неморален секс и насилство. Порнографијата сега е лесно достапна преку компјутери и други електронски апарати. Никогаш да не потклекнеме под ударите на Сатана! Напротив, да ја имаме истата решеност како псалмистот Давид, кој напишал: „Ќе постапувам разборито и ќе живеам непорочно... Со чисто срце ќе одам во својот дом“ (Пс. 101:2).
17. а) Зошто Јехова на крајот ги изнесува скриените работи на виделина? б) Што треба да бидеме решени?
17 Денес, Јехова не ги открива со чудо тешките гревови и измамничкото однесување како што понекогаш правел во минатото. Сепак, тој гледа сѐ и во свое време и на свој начин ги разоткрива скриените работи. Павле рекол: „Гревовите на некои луѓе се видливи за сите и веднаш водат до осуда, додека гревовите на други се покажуваат подоцна“ (1. Тим. 5:24). Главната причина зошто Јехова ги изнесува лошите дела на виделина е неговата љубов. Тој го сака собранието и сака да ја зачува неговата чистота. Освен тоа, покажува милост кон оние што му подлегнале на гревот, но сега искрено се каат (Изр. 28:13). Затоа, да се трудиме да му служиме со потполно оддадено срце и да не дозволиме да потпаднеме под никакво лошо влијание.
Служи му на Бог со потполно оддадено срце
18. Што сакал цар Давид да чувствува неговиот син кон Бог?
18 Цар Давид му го рекол следново на својот син Соломон: „Запознај го Богот на својот татко и служи му со потполно оддадено срце и со радосна душа, зашто Јехова ги испитува сите срца и ја распознава секоја помисла и желба“ (1. Лет. 28:9). За Давид не било доволно неговиот син само да верува во Бог. Тој сакал Соломон да сфати колку многу е Јехова заинтересиран за своите слуги. Дали и ти си му благодарен на Јехова за тоа?
19, 20. Според Псалм 19:7-11, што му помогнало на Давид да се зближи со Бог, и како можеме и ние да бидеме како Давид?
19 Јехова знае дека искрените луѓе ќе бидат привлечени кон него и дека многу ќе го засакаат кога ќе ги запознаат неговите прекрасни особини. Затоа сака да го запознаеме и да дознаеме каква прекрасна личност е тој. Како го правиме ова? Така што ја проучуваме неговата Реч и го чувствуваме неговиот благослов во својот живот (Изр. 10:22; Јован 14:9).
20 Дали ја читаш Божјата реч секојдневно и со ценење, и дали го молиш Бог да ти помогне да го примениш она што го читаш? Дали сфаќаш колку е добро да се живее според библиските начела? (Прочитај Псалм 19:7-11.) Ако е така, твојата вера во Јехова и твојата љубов и понатаму ќе растат. А тој, за возврат, уште повеќе ќе се зближи со тебе — исто како да чекори покрај тебе држејќи те за рака (Иса. 42:6; Јак. 4:8). Да, Јехова ќе ти докаже дека те сака со тоа што ќе те благословува и ќе те штити во духовен поглед додека чекориш по тесниот пат што води во живот (Пс. 91:1, 2; Мат. 7:13, 14).
Како би одговорил?
• Зошто Јехова нѐ испитува?
• Зошто некои лица му станале непријатели на Бог?
• Како може да покажеме дека Јехова е реален за нас?
• Што ќе ни помогне да му служиме на Јехова со потполно оддадено срце?
[Слика на страница 4]
Во која смисла Јехова нѐ гледа како грижлив родител?
[Слика на страница 5]
Која поука можеме да ја извлечеме од примерот на Ананија?
[Слика на страница 6]
Што ќе ни помогне и понатаму да му служиме на Јехова со потполно оддадено срце?