Јехова нѐ набљудува за наше добро
„Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. ЛЕТ. 16:9).
1. Зошто нѐ испитува Јехова?
ЈЕХОВА е совршен Татко. Тој толку добро нѐ познава што е свесен за „секоја [наша] помисла и желба“ (1. Лет. 28:9). Но, Јехова не нѐ испитува само за да ни наоѓа маани (Пс. 11:4; 130:3). Напротив, тој со љубов сака да нѐ заштити од сѐ што би можело да го загрози нашето пријателство со него или да нѐ доведе во опасност да го изгубиме вечниот живот (Пс. 25:8-10, 12, 13).
2. За кого ја користи Јехова својата сила?
2 Јехова има неспоредлива моќ и гледа сѐ. Од таа причина, може да им помогне на своите лојални слуги секогаш кога тие ќе повикаат кон него, и може да ги поддржува кога доживуваат неволји. „Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“, стои во 2. Летописи 16:9. Забележи дека Јехова ја користи својата сила за да им помага на оние што му се оддадени со цело срце, односно со срце во кое има чисти и искрени мотиви. Тој не покажува таков интерес за оние што мамат или се лицемерни (Ис. Нав. 7:1, 20, 21, 25; Изр. 1:23-33).
Оди со Бог
3, 4. Што значи да се ‚оди со Бог‘, и кои примери од Библијата ни помагаат да го разбереме тоа?
3 За мнозина е незамисливо Творецот на нашата огромна вселена да им дозволи на луѓето да одат со него во симболична смисла. Сепак, Јехова сака да го правиме токму тоа. Во библиски времиња, Енох и Ное ‚оделе со Бог‘ (1. Мој. 5:24; 6:9). Мојсеј ‚останал постојан како да го гледа Невидливиот‘ (Евр. 11:27). И цар Давид понизно одел покрај својот небесен Татко. Тој рекол: „[Јехова] ми е оддесно, затоа нема да се затетеравам“ (Пс. 16:8).
4 Се разбира, не можеме дословно да го фатиме Јехова за рака и да одиме со него. Сепак, можеме симболично да го сториме тоа. Како? Псалмистот Асаф пишува: „Јас сум секогаш со тебе, ти ме фати за десницата. Ќе ме водиш со својот совет“ (Пс. 73:23, 24). Едноставно кажано, одиме со Јехова кога во сѐ ги следиме неговите совети, кои главно ни ги дава преку својата пишана Реч и преку „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45; 2. Тим. 3:16).
5. Како Јехова, нашиот грижлив Татко, ги чува своите лојални слуги, и какви чувства треба да имаме кон него?
5 Бидејќи на Јехова му се многу мили оние што одат со него, тој постојано ги набљудува со своите татковски очи, се грижи за нив, ги штити и ги поучува. „Ќе ти дадам разборитост и ќе те поучам за патот по кој треба да одиш“, вели Бог. „Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе“ (Пс. 32:8). Прашај се: ‚Дали се гледам себеси како одам рака за рака со Јехова така што ја слушам неговата мудрост и знам дека тој ме гледа со љубов? Дали свесноста за неговото присуство влијае врз моите мисли, зборови и дела? Кога грешам, дали сум свесен дека Јехова не е ладен и строг Бог, туку нежен и милосрден Татко кој сака да им помогне на оние што се каат да се вратат во неговата топла прегратка?‘ (Пс. 51:17).
6. Во каква предност е Јехова за разлика од човечките родители?
6 Понекогаш, Јехова може да ни помогне уште пред да тргнеме во погрешен правец. На пример, тој може да види дека во нашето срце — кое знае да нѐ измами — почнува да се раѓа желба за неисправни работи (Ерем. 17:9). Во таков случај, тој може да преземе нешто побрзо отколку човечки родител бидејќи со своите очи гледа длабоко во нас и ги испитува нашите најскриени мисли (Пс. 11:4; 139:4; Ерем. 17:10). Забележи како реагирал Бог во една ситуација во која се нашол Варух, личниот писар и близок пријател на пророкот Еремија.
Вистински Татко на Варух
7, 8. а) Кој бил Варух, и кои погрешни желби можеби се родиле во неговото срце? б) Како ја покажал Јехова својата татковска грижа кон Варух?
7 Варух бил книжник по професија, кој верно служел со Еремија на една прилично тешка задача — требало да им ги објават Јеховините осуди на жителите на Јуда (Ерем. 1:18, 19). Во еден момент, Варух, кој можеби потекнувал од угледно семејство, почнал да бара „големи работи за себе“. Можеби се работело за некои лични амбиции или желба за материјално богатство. Како и да било, Јехова видел дека во срцето на Варух се раѓаат опасни мисли, и затоа веднаш презел нешто. Преку Еремија, Јехова му рекол на Варух: „Ти велиш: ‚Тешко мене, бидејќи Јехова ми додава тага на мојата болка! Премалев од воздивнување, не наоѓам починка‘“. А потоа додал: „Ти бараш големи работи за себе. Не барај го тоа!“ (Ерем. 45:1-5).
8 Иако бил строг со Варух, Јехова не реагирал гневно, туку покажал искрена татковска грижа. Очигледно видел дека желбите на овој човек, всушност, не извираат од злобно или измамничко срце. Исто така знаел дека тоа се последни денови за Ерусалим и Јуда, и не сакал Варух да се спрепне во тоа критично време. За да го врати својот слуга во реалноста, Бог го потсетил дека Тој ‚ќе донесе неволја врз секој човек‘, и додал дека, ако Варух постапи мудро, ќе остане жив (Ерем. 45:5). Со други зборови, Бог рекол: ‚Освести се, Варух! Не заборавај што ќе им се случи наскоро на грешните Јуда и Ерусалим. Остани верен и живеј! Јас ќе те штитам‘. Очигледно, Јехова допрел до срцето на Варух, бидејќи тој го променил својот став и го преживеал уништувањето на Ерусалим, кое настапило по 17 години.
9. Како би одговорил на прашањата од пасусот?
9 Додека размислуваш за извештајот за Варух, обрни внимание на следниве прашања и стихови: Што ти открива за Јехова и за неговите чувства кон своите слуги начинот на кој постапил со Варух? (Прочитај Евреите 12:9.) Со оглед на критичните времиња во кои живееме, што може да научиме од советот што Бог му го дал на Варух и од начинот на кој реагирал тој? (Прочитај Лука 21:34-36.) Следејќи го примерот на Еремија, како можат христијанските старешини да покажат дека се грижат за Јеховините слуги исто како што се грижи самиот Тој? (Прочитај Галатите 6:1.)
Љубовта на Таткото се гледа во Синот
10. Со што е опремен Исус за да може да ја врши својата одговорност како Глава на христијанското собрание?
10 Во претхристијанските времиња, преку своите пророци и преку другите верни слуги, Јехова му откривал на својот народ колку многу го сака. Денес таа љубов, пред сѐ, се гледа во Главата на христијанското собрание, Исус Христос (Еф. 1:22, 23). Во книгата Откровение, Исус е претставен со јагне кое има „седум очи, кои ги претставуваат седумте Божји духови испратени по целата земја“ (Отк. 5:6). Значи, Исус има совршен увид во работите затоа што Јехова му го дава својот свет дух во потполна мера. И тој може да види какви сме однатре, и ништо не може да се скрие од неговиот поглед.
11. Каква улога има Христос, и како неговиот став кон нас е ист како ставот на неговиот Татко?
11 Но, исто како Јехова, ни Исус не е небесен полицаец. Тој нѐ испитува со очите на љубовта. Една од неговите титули, „Вечен Татко“, нѐ потсетува дека тој ќе им даде вечен живот на сите оние што веруваат во него (Иса. 9:6). Освен тоа, како Глава на христијанското собрание, Христос може да ги поттикне спремните, духовно зрели христијани, особено старешините, да им дадат утеха или совет на оние што имаат потреба од помош (1. Сол. 5:14; 2. Тим. 4:1, 2).
12. а) Што откриваат за Исус писмата до седумте собранија во Мала Азија? б) На кој начин старешините покажуваат кон Божјето стадо ист став како Исус?
12 Од писмата до старешините во седумте собранија во Мала Азија се гледа дека Христос е многу заинтересиран за стадото (Отк. 2:1 — 3:22). Во нив Исус покажал и дека е свесен за она што се случува во секое собрание и дека многу се грижи за своите следбеници. Истото важи и денес — но во многу поголема мера — бидејќи виденијата во книгата Откровение се исполнуваат во „денот на Господарот“a (Отк. 1:10). Христос честопати ја покажува својата љубов преку старешините кои служат како духовни пастири во собранието. Тој може да ги поттикне овие „луѓе како дарови“ да дадат утеха, охрабрување или совети кога има потреба (Еф. 4:8; Дела 20:28; прочитај Исаија 32:1, 2). Дали гледаш на нивниот труд како на доказ дека Христос сака да ти биде добро?
Помош во вистинско време
13-15. Како можеби Бог ќе реши да одговори на нашите молитви? Наведи примери.
13 Дали некогаш си се молел горливо за помош и си добил одговор на молитвите преку охрабрувачка посета од духовно зрел христијанин? (Јак. 5:14-16). Или, можеби помошта дошла преку некој говор што си го чул на состанок, или преку некоја информација што си ја прочитал во нашите публикации. Јехова честопати одговара на молитвите на ваков начин. На пример, откако еден старешина завршил со предавањето, му пристапила една сестра на која ѝ била нанесена страшна неправда во седмиците пред тој состанок. Наместо да му се жали за својот проблем, таа изразила голема благодарност за некои библиски мисли што тој ги изнел во предавањето. Тие се однесувале на нејзината ситуација и многу ја утешиле. Колку била среќна што дошла на тој состанок!
14 Друг пример за тоа како Јехова одговара на молитвите се тројца затвореници, кои ја дознале библиската вистина додека издржувале затворска казна и станале некрстени објавители. Поради еден насилен инцидент, врз сите затвореници во затворскиот објект биле спроведени додатни ограничувања. Ова довело до бунт. Затворениците решиле по појадокот следното утро, во знак на протест, да одбијат да ги вратат чиниите. Тројцата некрстени објавители се нашле во недоумица. Ако се придружеле во бунтот, ќе покажеле непослушност кон Јеховиниот совет кој се наоѓа во Римјаните 13:1. Доколку не се придружеле, ги чекала одмазда од гневните затвореници.
15 Бидејќи не можеле да се сретнат за да се договорат, тројцата се молеле за мудрост. Следното утро, сите тројца сфатиле дека донеле потполно иста одлука — едноставно нема да земат појадок. Кога подоцна стражарите дошле да ги соберат чиниите, тројцата немале што да вратат. Колку биле среќни што Бог, кој „ги слуша молитвите“, бил близу до нив! (Пс. 65:2).
Со доверба да гледаме на иднината
16. Како се гледа од проповедничкото дело дека Јехова е заинтересиран за луѓето слични на овци?
16 Проповедничкото дело кое се врши низ целиот свет е уште еден доказ дека Јехова е заинтересиран за искрените лица, сеедно каде живеат (1. Мој. 18:25). Тој може да ги води своите слуги за да ги најдат таквите луѓе слични на овци — дури и да живеат на подрачја каде што сѐ уште не стигнала добрата вест. За таа цел, честопати ги користи своите ангели (Отк. 14:6, 7). На пример, преку еден ангел, Бог го упатил Филип, проповедник во првиот век, да пресретне еден етиопски службеник и да му го објасни Писмото. Каков бил резултатот од ова? Човекот ја прифатил добрата вест и станал крстен следбеник на Исусb (Јован 10:14; Дела 8:26-39).
17. Зошто не треба да бидеме претерано загрижени за иднината?
17 Додека сегашниов поредок се движи кон својот крај, проречените ‚болни неволји‘ ќе продолжат (Мат. 24:8). На пример, цените на храната може прилично да пораснат поради зголемената побарувачка, временските непогоди или економската нестабилност. Можеби ќе стане сѐ потешко да се најде работа, а вработените може да бидат принудени да поминуваат повеќе време на работа. Што и да се случи, сите оние што ја ставаат својата служба за Јехова на прво место и задржуваат ‚бистро око‘ не треба да бидат претерано загрижени. Тие знаат дека Бог ги сака и дека ќе се грижи за нив (Мат. 6:22-34). На пример, размисли како Јехова се грижел за Еремија кога на Ерусалим му се ближел крајот во 607 год. пр.н.е.
18. Како Јехова му покажал на Еремија дека го сака додека траела опсадата на Ерусалим?
18 Во подоцнежниот дел од вавилонската опсада на Ерусалим, Еремија бил затворен во Стражарскиот Двор. Како можел да најде храна? Да бил слободен, можел да бара наоколу. Но, сега бил потполно зависен од тие околу него, а повеќето од нив го мразеле! Сепак, Еремија немал доверба во луѓе, туку во Бог, кој ветил дека ќе се грижи за него. Дали Јехова си стоел на зборот? Апсолутно! Тој се погрижил Еремија секој ден да добива ‚по еден тркалезен леб, сѐ додека не снемало леб во градот‘ (Ерем. 37:21). Еремија, како и Варух, Авде-Мелех и други, го преживеале тој период на глад, болести и смрт (Ерем. 38:2; 39:15-18).
19. Што треба да бидеме решени да правиме, сеедно што ќе се случи?
19 Да, „очите на Јехова ги гледаат праведниците и ушите негови ги слушаат нивните сесрдни молитви“ (1. Пет. 3:12). Дали се радуваш што твојот небесен Татко те набљудува? Дали се чувствуваш безбедно и сигурно знаејќи дека неговите очи се врз тебе за твое добро? Тогаш, биди решен да продолжиш да одиш со Бог — сеедно што ќе се случи. Можеме да бидеме сигурни дека Јехова, со своите татковски очи, секогаш будно ќе ги гледа сите свои лојални слуги (Пс. 32:8; прочитај Исаија 41:13).
[Фусноти]
a Иако писмата главно се наменети за Христовите помазани следбеници, во принцип, важат и за сите Божји слуги.
b Друг пример за небесно водство има во Дела 16:6-10. Таму читаме дека ‚светиот дух им забранил‘ на Павле и на неговите соработници да проповедаат во Азија и Витинија. Наместо тоа, биле испратени да проповедаат во Македонија, каде што многу кротки лица ја прифатиле нивната порака.
Можеш ли да објасниш?
• Како можеме да покажеме дека ‚одиме со Бог‘?
• Како покажал Јехова дека го сака Варух?
• На кој начин Исус, како Глава на христијанското собрание, ги покажува особините на својот Татко?
• Како можеме да покажеме дека имаме доверба во Бог во овие критични времиња?
[Слики на страница 9]
Исто како што Еремија се грижел за Варух, христијанските старешини денес, по примерот на Јехова, се грижат за собранието
[Слика на страница 10]
Како можеби Јехова ќе даде помош во вистинско време?