Исус — совршен пример
САКАШ ЛИ да бидеш подобар и посреќен човек? Апостол Петар објаснува како можеме да успееме во тоа. Тој пишува: „Христос страдаше за вас и ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки“ (1. Петрово 2:21). Бидејќи животот на Исус Христос бил нешто посебно, можеме да научиме многу од него. Ако дознаеме нешто за Исус и ако се трудиме да живееме како што живеел тој, сигурно ќе станеме подобри и посреќни луѓе. Да разгледаме подетално некои особини што ги имал овој голем човек и да видиме како може да ни користи неговиот пример.
Исус бил урамнотежен. Иако рекол дека „нема каде глава да потпре“, Исус не водел аскетски живот ниту, пак, се залагал за такво нешто (Матеј 8:20). Тој одел на веселби (Лука 5:29). Првото негово чудо кое е запишано во Библијата — кога на една свадба ја претворил водата во вино — покажува дека не бил недруштвена личност ниту, пак, самотник (Јован 2:1-11). Сепак, Исус јасно кажал што му е најважно. Тој рекол: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној што ме испрати и да го довршам неговото дело“ (Јован 4:34).
□ Си го преиспитал ли твојот живот за да видиш што можеш да направиш за да ги урамнотежиш физичките потреби и духовните активности?
Исус бил пристаплив. Библијата го прикажува Исус како човек што бил срдечен и пријатен. Не му сметало кога луѓето доаѓале кај него со своите проблеми или збунувачки прашања. Во една прилика, кога околу него се собрало мноштво луѓе, некоја жена што била тешко болна 12 години му ја допрела облеката со надеж дека ќе оздрави. Тој не одбил да ѝ помогне заради нејзината навидум дрска постапка, туку љубезно ѝ рекол: „Ќерко, твојата вера те оздраве“ (Марко 5:25-34). И децата уживале кога биле со него и воопшто не се плашеле дека ќе ги избрка (Марко 10:13-16). Со своите ученици разговарал отворено и пријателски. Ним не им било тешко да се зближат со него (Марко 6:30-32).
□ Дали другите се чувствуваат слободни да ти пристапат?
Покажувал сочувство и сожалување. Една од најубавите особини на Исус било тоа што знаел да се стави во туѓа кожа, да сфати како се чувствуваат другите и да им помогне. Апостол Јован раскажува дека, кога Исус ја видел Марија како плаче бидејќи умрел брат ѝ Лазар, тој ‚бил длабоко трогнат и потресен‘ и ‚почнал да рони солзи‘. Присутните веднаш можеле да видат колку многу Исус ја сакал таа фамилија и не се срамел отворено да покаже дека е така. А со тоа што го воскреснал својот пријател, покажал огромно сочувство! (Јован 11:33-44).
Во друга прилика, некој човек што имал лепра — ужасна болест поради која морал да живее одвоено од другите — го преколнувал: „Господару, ако сакаш, ти можеш да ме исчистиш“. Исус постапил навистина трогателно: „Ја испружи раката, го допре и рече: ‚Сакам, исчисти се!‘“ (Матеј 8:2, 3). Тој не ги лекувал луѓето само за да ги исполни пророштвата. Исус сакал да престанат да леат солзи. Во сѐ што правел се водел од начелото по кое најмногу го помнат: „Како што сакате луѓето да ви прават вам, така правете им и вие ним“ (Лука 6:31).
□ Може ли од твоите постапки да се види дека си сочувствителен кон другите?
Исус покажувал разбирање за другите. Иако никогаш не направил грев, Исус не очекувал совршенство од другите ниту, пак, ги гледал од високо. Секогаш покажувал разбирање за нивната ситуација. Еднаш, некоја жена што ‚во градот била позната како грешница‘ покажала вера и ценење со тоа што со своите солзи му ги измила нозете. Исус ѝ го дозволил тоа, на изненадување на својот домаќин, кој избрзано донел суд за неа. Кога сфатил колку е искрена, Исус не ја осудил жената за нејзините гревови. Наместо тоа, ѝ рекол: „Твојата вера те спаси. Оди си во мир!“ По оваа сочувствителна постапка на Исус, жената веројатно била мотивирана да прекине со својот дотогашен начин на живот (Лука 7:37-50).
□ Дали си познат по тоа дека брзо ги пофалуваш и бавно ги осудуваш другите?
Бил непристрасен и покажувал почит. Можеби затоа што имале сличен карактер, а биле и роднини, Исус посебно го сакал својот ученик Јован.a Сепак, не покажувал никаква пристрасност ниту, пак, се однесувал со него подобро отколку со другите ученици (Јован 13:23). Всушност, кога Јован и неговиот брат Јаков побарале да добијат повластена положба во Божјето Царство, Исус одговорил: „Да седнете од мојата десна или лева страна, тоа не можам да ви го дадам јас“ (Марко 10:35-40).
Исус секогаш покажувал почит кон другите. Врз него не влијаеле предрасудите што владееле во негово време. На пример, жените обично се сметале за помалку вредни од мажите. Сепак, Исус се однесувал кон нив со почит. Всушност, првпат отворено ѝ кажал дека е Месијата токму на една жена која дури не била ни Еврејка туку Самарјанка. Неа повеќето Евреи би ја презирале и сигурно не би ја ни поздравиле (Јован 4:7-26). Исус им укажал чест на жените и со тоа што некои од нив биле првите кои го виделе откако воскреснал (Матеј 28:9, 10).
□ Дали си непристрасен кон луѓето од друга раса, пол, јазик или националност?
Бил добар син и брат. Изгледа дека Исусовиот очув, Јосиф, умрел кога Исус сѐ уште бил млад. Најверојатно Исус ги прехранувал мајка си и помладите браќа и сестри работејќи како дрводелец (Марко 6:3). Во последните моменти од својот живот, грижата за својата мајка му ја доверил на ученикот Јован (Јован 19:26, 27).
□ Можеш ли да бидеш како Исус со тоа што и ти совесно ќе си ги извршуваш своите семејни обврски?
Исус бил вистински пријател. Исус бил извонреден пријател. Во кој поглед? Не ги отфрлал своите пријатели само затоа што грешеле, па дури и ако неколкупати ги повтореле истите грешки. Неговите ученици не постапувале секогаш онака како што сакал тој. Но, Исус покажал дека им е пријател со тоа што се сосредоточувал на нивните убави особини наместо да им припишува лоши мотиви (Марко 9:33-35; Лука 22:24-27). Иако не им ги наметнувал своите гледишта, ги поттикнувал отворено да си кажат што мислат (Матеј 16:13-15).
Најважно од сѐ, Исус ги сакал своите пријатели (Јован 13:1). Колку ги сакал? Тој рекол: „Никој нема поголема љубов од оваа: да го даде својот живот за своите пријатели“ (Јован 15:13). Може ли некој да им даде на своите пријатели нешто повредно од својот живот?
□ Остануваш ли пријател дури и кога другите те нервираат или те повредуваат?
Бил храбар и решителен. Исус бил многу поинаков од слабиот и пасивен човек што го прикажуваат некои уметници на иконите и киповите. Во евангелијата е прикажан како силен, енергичен човек. Двапати ги истерал од храмот трговците со нивната стока (Марко 11:15-17; Јован 2:14-17). Кога толпа луѓе дошле да го уапсат „Исус Назареќанецот“, тој храбро истапил напред и кажал кој е, а за да ги заштити своите ученици одлучно рекол: „Јас сум тој. Затоа, ако ме барате мене, пуштете ги овие да си одат!“ (Јован 18:4-9). Ништо чудно што, кога Понтиј Пилат видел колкава храброст покажал Исус при апсењето и малтретирањето, рекол: „Еве го човекот!“ (Јован 19:4, 5).
□ Дали постапуваш решително и храбро кога гледаш што треба да правиш?
Поради овие, како и други извонредни особини, Исус е совршен пример за нас. Ако дозволиме да влијае врз нашиот живот, ќе бидеме подобри и посреќни. Затоа, апостол Петар ги поттикнал христијаните во сѐ да одат по Исусовите стапки. Се трудиш ли што подобро да ги следиш неговите стапки?
Не само пример
Меѓутоа, Исус не бил само добар пример на кој треба да се угледаме. Тој рекол: „Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене“ (Јован 14:6). Покрај тоа што ја објавувал вистината за својот Татко и така ни отворил пат да му се приближиме на Бог, Исус им овозможил на верните лица да добијат и живот (Јован 3:16).
Во врска со ова, Исус рекол: „Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Матеј 20:28). Со тоа што го дал својот живот како жртва, Исус поставил темел луѓето да имаат вечен живот. Што мора да прави секој од нас за да ни користи неговата жртва? Исус објаснил: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3).
Значи, за да добиеме вечен живот, треба да го запознаеме Исус, да се трудиме да живееме како него и да покажеме вера во неговата жртвена смрт. Одвој си време да го проучуваш изворот на тоа знаење, Библијата, и труди се да го применуваш она што го вели таа, како што правел и Исус.b
Од животот на Исус учиме какви личности треба да бидеме. Неговата жртвена смрт може да нѐ ослободи од гревот и платата што ја носи тој грев — смртта (Римјаните 6:23). Во колку жалосна положба би биле без сето она што Исус Христос го направил за нас! Никогаш немој да дозволиш обврските и животните грижи да те спречат да го имаш на ум и во сѐ да го следиш примерот на најголемиот човек што некогаш живеел — Исус Христос.
[Фусноти]
a Мајка му на Јован, Салома, веројатно ѝ била родена сестра на Марија, мајка му на Исус. Спореди Матеј 27:55, 56 со Марко 15:40 и Јован 19:25.
b Повеќе детали за Исусовиот живот на Земјата можеш да најдеш во книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел, издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка/слики на страница 7]
◼ Исус бил непристрасен и ги почитувал сите
◼ Бил вистински пријател до самиот крај
◼ Бил храбар
Се трудиш ли што подобро да ги следиш Исусовите стапки?
[Слики на страница 5]
Исус бил урамнотежен...
пристаплив...
сочувствителен