Улогата на Марија во Божјата намера
ЗА ВРЕМЕ на Исусовата служба, една жена го кренала гласот над вревата од мноштвото и извикала: „Среќна е утробата што те носела и градите што те доеле!“ Ако Исус сакал да ѝ се искажува некаква посебна чест на неговата мајка, ова било идеална прилика да им го каже тоа на луѓето. Но, тој рекол: „Не, туку среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (Лука 11:27, 28).
Исус не ѝ укажал на мајка си некаква посебна почест ниту, пак, им рекол на своите следбеници да го прават тоа. Тогаш, како дошло до тоа многу искрени верници да ѝ оддаваат чест на Марија како да е божество? Да видиме што вели Библијата за некои раширени верувања во врска со Исусовата мајка.
„Со милост обдарена“ и „благословена... меѓу жените“
Ангелот Гавриел ѝ објавил на Марија каква улога ќе одигра во Божјата намера. Во таа прилика ја поздравил со зборовите: „Здраво, со милост обдарена, Јехова е со тебе!“ (Лука 1:28). Кратко потоа, Елисавета ја поздравила со зборовите: „Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба!“ (Лука 1:42). Зар овие зборови не покажуваат дека на Марија треба да ѝ се искажува посебна чест?
Не. Иако истите зборови се вклучени во една молитва што католиците ѝ ја упатуваат на Марија, Библијата со ништо не покажува дека треба да ѝ се молиме нејзе. Гавриел и Елисавета покажале ценење за големата чест што ја имала Марија како жена која ќе го роди Месијата, но во Светото писмо воопшто не се укажува дека луѓето треба да ѝ се молат нејзе. Напротив, кога учениците побарале од Исус да ги научи како да се молат, тој покажал дека молитвите треба да му се упатуваат на неговиот Татко. Всушност, прочуената молитва што Исус ја кажал како пример за тоа како треба да се молиме, започнува со зборовите: „Татко наш, кој си на небесата“ (Матеј 6:9).
Една од оние што ќе владеат
Друго вообичаено учење во врска со Марија е дека сега таа е „Небесна царица“. Но, никаде во Библијата не пишува дека ѝ е припишана една таква титула. Сепак, Светото писмо покажува дека Марија има посебно место во Божјето небесно царство. Какво е тоа место?
Исус кажал дека некои од неговите верни ученици ќе владеат со него во неговото Царство (Лука 22:28-30). Тој ќе ги овласти тие избраници да служат како ‚свештеници на нашиот Бог, [кои] ќе царуваат над земјата‘ (Откровение 5:10). Библијата јасно нѐ води до заклучокот дека и Марија е една од оние што ја добиле оваа голема чест. Од каде знаеме?
Сигурно се сеќаваш дека, по смртта на Исус, Марија ‚истрајувала во молитва‘ заедно со Исусовите ученици и со неговите браќа. Од таа причина, во една прилика се собрале околу 120 души, вклучувајќи и „некои жени“ (Дела 1:12-15). Библијата вели дека на ‚денот на Педесетницата, сите биле заедно на исто место‘ кога врз нив бил излеан Божјиот свет дух, и им дал способност да зборуваат на разни јазици (Дела 2:1-4).
Тоа што Марија била меѓу оние кои го добиле тој благослов покажува дека таа и другите жени што го примиле светиот дух биле избрани да станат дел од Исусовото небесно Царство. Затоа, имаме цврсти причини да веруваме дека Марија сега е заедно со Исус во небесна слава (Римјаните 8:14-17). Да спомнеме која посебна улога ќе ја имаат таа и другите совладетели на Исус во извршувањето на Божјите намери.
Марија и прекрасните благослови за луѓето
Библиската книга Откровение вели дека 144.000 лица ќе бидат воскреснати во небесна слава за да служат заедно со Исус како свештеници, судии и цареви (Откровение 14:1, 4; 20:4, 6). Како свештеници, и тие ќе учествуваат во спроведувањето на придобивките од Исусовата жртва врз сите послушни луѓе, и ќе ги доведат до духовно, морално и телесно совршенство (Откровение 21:1-4). Колку голема чест ќе имаат верните слуги на Јехова кои ќе го дочекаат тоа прекрасно време!a
Марија имала и сѐ уште има удел во исполнувањето на Јеховините намери. За својата понизност, вера, послушност и самопожртвуваност како мајка, како и за својата истрајност во неволјите, таа заслужува да се угледаме на неа. Треба да ја цениме за тоа што го родила Месијата и што има удел во делењето благослови на послушните луѓе.
Меѓутоа, најважното што го учиме од Марија е тоа што таа, заедно со сите други верни слуги на Бог, му служи на Јехова и на ниеден друг бог. Заедно со другите Христови совладетели на небото, и Марија гласно објавува: „На оној што седи на престолот [Јехова Бог] и на Јагнето [Исус Христос] нека биде благословот и честа и славата и моќта во сета вечност!“ (Откровение 5:13; 19:10).
[Фуснота]
a Нешто повеќе во врска со овие благослови можеш да прочиташ во 8. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
[Истакната мисла на страница 10]
Заради нејзината понизност, вера и послушност, Марија заслужува да се угледаме на неа