Јеховиниот Слуга — „прободен за нашиот престап“
„Тој беше прободен за нашиот престап, беше здробен за нашите гревови... Поради неговите рани, ние бевме излекувани“ (ИСА. 53:5)
1. Што треба да имаме на ум кога се одржува Спомен-свеченоста, и кое пророштво ќе ни помогне во тоа?
НИЕ ја одржуваме Спомен-свеченоста за да се потсетиме на Христовата смрт и на сето она што се постигнало со неа и со неговото воскресение. Овој настан нѐ потсетува на оправдувањето на Јеховиното право да владее, на посветувањето на Неговото име и на исполнувањето на Неговата намера, во која спаѓа и спасението на луѓето. Веројатно нема друго пророштво во Библијата кое подобро ја објаснува Христовата жртва и она што Исус го постигнал со неа од пророштвото што е запишано во Исаија 53:3-12. Исаија прорекол дека Слугата ќе страда и навел конкретни поединости како за Христовата смрт така и за благословите што ќе им ги донесе таа на неговите помазани браќа и на неговите „други овци“ (Јован 10:16).
2. За што е доказ пророштвото на Исаија, и какво влијание ќе има тоа врз нас?
2 Седум века пред Исус да се роди на Земјата, Јехова го вдахновил Исаија да прорече дека Неговиот избран Слуга ќе остане верен дури и кога ќе биде ставен на најтешкиот можен испит. Ова е доказ дека Јехова имал апсолутна доверба во лојалноста на својот Син. Разгледувањето на ова пророштво ќе ни ги исполни срцата со благодарност и ценење и ќе ни ја зајакне верата.
„Презрен и безвреден“
3. Зошто Евреите требало срдечно да го пречекаат Исус, но како го примиле?
3 Прочитај Исаија 53:3. Замисли само каква огромна промена било за единородниот Божји Син да се откаже од радоста што ја имал додека служел крај својот Татко за да дојде на Земјата и да си го даде животот како жртва и со тоа да ги избави луѓето од грев и смрт! (Фил. 2:5-8). Со неговата жртва требало да се обезбеди вистинско простување на гревовите — нешто што само било навестено со принесувањето на животински жртви пропишани со Мојсеевиот закон (Евр. 10:1-4). Зарем не заслужувал да биде срдечно пречекан и почитуван, барем од Евреите, кои го очекувале ветениот Месија? (Јован 6:14). Наместо тоа, Христос бил „презрен“ од нив, и тие го сметале за „безвреден“, исто како што прорекол Исаија. Апостол Јован напишал: „Дојде кај своите, но тие не го примија“ (Јован 1:11). Апостол Петар им рекол на Евреите: „Богот на нашите прататковци, го прослави својот Слуга, Исус, кого вие го предадовте и од кого се одрековте пред лицето на Пилат, кога тој веќе беше решил да го пушти. Да, вие се одрековте од тој светец и праведник“ (Дела 3:13, 14).
4. Како Исус се запознал со болеста?
4 Исаија прорекол и дека Исус требало да ‚ја запознае болеста‘. Се разбира, во текот на својата служба, Исус понекогаш се уморувал, но ништо не укажува на тоа дека се разболел (Јован 4:6). Сепак, се запознал со болестите на оние на коишто им проповедал. Ги сожалувал, и излекувал мнозина од нив (Мар. 1:32-34). На тој начин, Исус го исполнил пророштвото кое вели: „Навистина, тој ги понесе нашите болести, ги зеде врз себе нашите болки“ (Иса. 53:4а; Мат. 8:16, 17).
Како ‚Бог да го удира‘
5. Како многу Евреи гледале на Исусовата смрт, и зошто страдал уште повеќе поради тоа?
5 Прочитај Исаија 53:4б. Многу од луѓето што живееле во времето на Исус не сфатиле зошто тој страдал и умрел. Тие мислеле дека Бог го казнува (Мат. 27:38-44). Евреите го обвиниле Исус за богохулство (Мар. 14:61-64; Јован 10:33). Се разбира, Исус не бил ниту грешник ниту хулител. Но, со оглед на тоа што толку многу го сакал својот Татко, самата помисла да умре како богохулник сигурно уште повеќе му го зголемила страдањето на овој Јеховин Слуга. И покрај сѐ, тој бил спремен да се подложи на Јеховината волја (Мат. 26:39).
6, 7. Во која смисла Јехова ‚го сотрел‘ својот верен Слуга, и зошто ова му било „по волја“ на Бог?
6 Иако не е чудно што Исаија прорекол дека другите ќе мислат оти ‚Бог го удира‘ Христос, сепак, зачудува тоа што истото пророштво вели: „На Јехова му беше по волја да го сотре“ (Иса. 53:10). Бидејќи Јехова исто така рекол: „Еве го мојот слуга... мојот избраник, кој е по волја на мојата душа“, како можело да му биде „по волја да го сотре“? (Иса. 42:1). Во која смисла може да се каже дека ова му било по волја, односно го радувало Јехова?
7 За да го разбереме овој дел од пророштвото, треба да се сетиме дека, кога го покренал спорното прашање за тоа кој има право да владее, Сатана, всушност, ја довел во прашање верноста на сите Божји слуги на небото и на Земјата (Јов 1:9-11; 2:3-5). Со тоа што останал верен до смрт, Исус дал совршен одговор на Сатановите обвиненија. Затоа Јехова дозволил непријателите да го убијат Христос, но нема никакво сомнение дека многу го болело кога гледал како го убиваат неговиот избран Слуга. Сепак, тоа што видел дека неговиот Син му останува верен по секоја цена, го радувало и му било по волја на Јехова (Изр. 27:11). Освен тоа, Бог многу се радувал бидејќи знаел какви благослови ќе им донесе смртта на неговиот Син на сите луѓе што се каеле (Лука 15:7).
„Прободен за нашиот престап“
8, 9. а) Како Исус бил „прободен за нашиот престап“? б) Како Петар го потврдил ова?
8 Прочитај Исаија 53:6. Како изгубени овци, грешните луѓе талкале барајќи спас од болестите и смртта што ги наследиле од Адам (1. Пет. 2:25). Бидејќи се несовршени, ниеден од потомците на Адам не можел да го врати назад она што го изгубил тој (Пс. 49:7). Но, во својата голема љубов, Јехова направил врз неговиот мил Син и избран Слуга „да падне гревот од сите нас“. Со тоа што се согласил да биде „прободен за нашиот престап“ и „здробен за нашите гревови“, Христос ги понел нашите гревови на маченичкиот столб и умрел наместо нас.
9 Апостол Петар напишал: „На тоа сте и повикани, бидејќи и Христос страдаше за вас и ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки. Тој во своето тело ги понесе нашите гревови на столбот, за да ги оставиме гревовите и да живееме за праведноста“. А потоа, цитирајќи го пророштвото на Исаија, додал: „Преку неговите рани сте излекувани“ (1. Пет. 2:21, 24; Иса. 53:5). Ова им го отворило патот на грешниците да се помират со Бог, како што понатаму вели Петар: „Христос умре еднаш засекогаш за гревовите, праведник за неправедните, за да ве доведе кај Бог“ (1. Пет. 3:18).
„Го одведоа како јагне на колење“
10. а) Како Јован Крстител го нарекол Исус? б) Зошто зборовите на Јован биле соодветни?
10 Прочитај Исаија 53:7, 8. Штом го здогледал Исус како доаѓа кон него, Јован Крстител извикал: „Еве го Божјето Јагне, кое го отстранува гревот на светот!“ (Јован 1:29). Кога го нарекол Исус Јагне, Јован можеби ги имал на ум зборовите што ги запишал Исаија: „Го одведоа како јагне на колење“ (Иса. 53:7). „Ја излеа својата душа во смрт“, прорекол Исаија (Иса. 53:12). Интересно е тоа што, ноќта кога го вовел одбележувањето на својата смрт, Исус им подал чаша со вино на своите 11 верни апостоли и им рекол: „Ова ја претставува мојата ‚крв на сојузот‘, која ќе се пролее за мнозина заради простување на гревовите“ (Мат. 26:28).
11, 12. а) Како спремноста на Исак да биде жртвуван е поврзана со жртвата што ја дал Христос? б) Што не треба да заборавиме во врска со Поголемиот Авраам, Јехова, кога ја одржуваме Спомен-свеченоста?
11 Исто како Исак во старо време, Исус бил спремен да го даде својот живот како жртва (1. Мој. 22:1, 2, 9-13; Евр. 10:5-10). Сепак, иако Исак спремно прифатил да биде жртвуван, Авраам бил тој што ја принесувал жртвата (Евр. 11:17). Слично на Исак, и Исус спремно прифатил да го даде својот живот, но сепак, Јехова е тој што одлучил како ќе се плати откупнината. Со тоа што го жртвувал својот Син, Бог покажал колку многу ги сака луѓето.
12 Самиот Исус рекол: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Апостол Павле напишал: „Бог ни ја покажа својата љубов, така што Христос умре за нас уште додека бевме грешници“ (Рим. 5:8). Според тоа, иако му оддаваме чест на Христос со тоа што ја одбележуваме неговата смрт, никогаш не треба да заборавиме дека оној што одлучил како да се плати откупнината, всушност, е Поголемиот Авраам, Јехова. Ние ја одржуваме Спомен-свеченоста на негова фалба.
Слугата им дава „праведност на мнозина“
13, 14. Како Јеховиниот Слуга им ‚дал праведност на мнозина‘?
13 Прочитај Исаија 53:11, 12. Во врска со својот избран Слуга, Јехова рекол: „Праведникот, мојот слуга, ќе им даде праведност на мнозина“. Во која смисла? Крајот на 12. стих ни го посочува одговорот на ова прашање. Слугата ‚посредувал за престапниците‘. Сите потомци на Адам се родени како грешници, или ‚престапници‘, и затоа ја примаат „платата за гревот“, односно смрт (Рим. 5:12; 6:23). Неопходно е грешниот човек да се помири со Јехова. Поглавје 53 од пророштвото на Исаија на прекрасен начин објаснува како Исус ‚посредувал‘ за грешните луѓе кога вели: „Заради нашиот мир, казната падна врз него, и поради неговите рани, ние бевме излекувани“ (Иса. 53:5).
14 Со тоа што ги понел нашите гревови и умрел за нас, Христос ‚им дал праведност на мнозина‘. Павле напишал: „Божјата волја беше во него [Христос] да живее сета полнота и преку него — откако воспостави мир преку неговата крв пролеана на маченичкиот столб — да помири со себе сѐ, било на земјата било на небесата“ (Кол. 1:19, 20).
15. а) Што е она „на небесата“ кое го спомнува Павле? б) Само кој има право да земе од симболите што се подаваат на Спомен-свеченоста, и зошто?
15 Она „на небесата“, кое се помирува со Јехова преку пролеаната крв на Христос, се помазаните христијани, кои се повикани да владеат со Христос на небото. Христијаните кои се „учесници во небесниот позив“ се „прогласени за праведни и добиваат живот“ (Евр. 3:1; Рим. 5:1, 18). Така Јехова им станува Татко и ги прифаќа како свои духовни синови. Светиот дух им сведочи дека се „сонаследници Христови“, повикани да бидат цареви и свештеници во неговото небесно Царство (Рим. 8:15-17; Отк. 5:9, 10). Тие стануваат дел од духовниот Израел — „Израелот Божји“ — и учесници во ‚новиот сојуз‘ (Ерем. 31:31-34; Гал. 6:16). Како учесници во новиот сојуз, тие имаат право да земат од симболите што се подаваат на Спомен-свеченоста, вклучувајќи ја и чашата црвено вино, за која Исус рекол: „Оваа чаша го претставува новиот сојуз на темел на мојата крв, која ќе се пролее за вас“ (Лука 22:20).
16. Што е она „на земјата“, и во која смисла и нив Јехова ги прогласува за праведни?
16 Она „на земјата“ се Христовите други овци, кои имаат надеж да живеат засекогаш на Земјата. Благодарение на Јеховиниот избран Слуга, и тие можат да бидат праведни во Јеховини очи. Затоа што имаат вера во откупната жртва на Исус и со тоа ‚ги испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘, Јехова ги прогласува за праведни, но не како духовни синови, туку како свои пријатели, и им ја дава прекрасната можност да ја преживеат „големата неволја“ (Отк. 7:9, 10, 14; Јак. 2:23). Бидејќи не се учесници во новиот сојуз и, според тоа, немаат надеж да живеат на небото, овие други овци не земаат од симболите што се подаваат на Спомен-свеченоста, туку присуствуваат на овој настан како набљудувачи полни со почит.
Јехова и неговиот избран Слуга ја заслужуваат сета наша благодарност!
17. Како разгледувањето на пророштвата за Слугата ни помогна да се подготвиме во мислите за Спомен-свеченоста?
17 Ова разгледување на пророштвата на Исаија кои зборуваат за Слугата беше убав начин да се подготвиме во мислите за Спомен-свеченоста со која ќе ја одбележиме Христовата смрт. Ни помогна „да го впериме погледот во Главниот Застапник и Усовршител на нашата вера“ (Евр. 12:2). Дознавме дека Божјиот Син не се бунтува. За разлика од Сатана, на Исус му е задоволство да биде поучуван од Јехова, бидејќи го признава како Севишен Господар. Видовме дека во текот на својата служба на Земјата, Исус покажал сочувство кон луѓето на кои им проповедал, и излекувал мнозина од нив — и во телесна и во духовна смисла. На тој начин покажал што ќе прави како месијански Цар во новиот поредок, кога ќе „воспостави правда на земјата“ (Иса. 42:4). Ревноста со која проповедал за Царството како „светлина на народите“ е потсетување за неговите следбеници дека и тие треба ревносно да ја проповедаат добрата вест по целата Земјина топка (Иса. 42:6).
18. Зошто пророштвото на Исаија ни го исполнува срцето со благодарност кон Јехова и кон неговиот верен Слуга?
18 Пророштвото на Исаија исто така ни помага подобро да ја разбереме големата жртва што ја направил Јехова кога го испратил својот драг Син на Земјата да страда и да умре за нас. На Јехова не му било по волја неговиот Син да страда, но се радувал кога гледал како Исус му останува верен до смрт без оглед на сѐ. И ние треба да се радуваме, исто како Јехова, затоа што сфаќаме дека Исус покажал дека Сатана е лажливец и го посветил Јеховиното име. Така докажал дека само Бог има право да владее како Севишен Господар и дека неговиот начин на владеење е најдобар. Освен тоа, Христос ги понел нашите гревови и умрел за нас. Поради тоа, Јехова ги прогласува за праведни и членовите на малото стадо од Христовите помазани браќа, а и другите овци. Кога ќе се собереме заедно на Спомен-свеченоста, нашите срца нека бидат полни со благодарност кон Јехова и кон неговиот верен Слуга.
За повторување
• Во која смисла на Јехова ‚му било по волја‘ да „го сотре“ својот Син?
• Како Исус бил „прободен за нашиот престап“?
• Како Слугата им ‚дал праведност на мнозина‘?
• Како разгледувањето на пророштвата за Слугата ти помогна да ги подготвиш умот и срцето за Спомен-свеченоста?
[Слика на страница 26]
„За нас беше презрен и безвреден“
[Слика на страница 28]
„Ја излеа својата душа во смрт“
[Слика на страница 29]
‚Другите овци‘ присуствуваат на Спомен-свеченоста како набљудувачи полни со почит