ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w09 15/1 стр. 17-20
  • „Тоа е патот, одете по него!“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Тоа е патот, одете по него!“
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Го задоволила својот духовен глад
  • Плодови од службата за Царството
  • Зајакнати од конгресите
  • Гилеад и задачи во странство
  • Семејството го погаѓаат трагедии
  • Нови задачи
  • Тие чекореа по „патот“
  • Наследство од мајка ми
  • Во мир и со Бог и со мајка ми
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2015
  • Родителите нѐ научија да го сакаме Бог
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
  • Стремење кон цел поставена на шестгодишна возраст
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Извонредно христијанско наследство
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
w09 15/1 стр. 17-20

„Тоа е патот, одете по него!“

Животна приказна на Емилија Педерсон

Раскажала Рут Е. Папас

МАЈКА МИ, Емилија Педерсон, се родила во 1878 год. Иако станала учителка, таа најмногу од сѐ во животот сакала да им помага на луѓето да се зближат со Бог. Доказ за оваа нејзина желба беше големиот сандак, кој го чуваше во нашата куќа во гратчето Џаспер (Минесота, САД). Го имаше купено за да ги пренесе своите лични работи во Кина, каде што планирала да се пресели за да служи како мисионер. Но, кога умрела мајка ѝ, морала да се откаже од своите планови и да остане дома за да се грижи за своите помали сестри и за братчето. Во 1907 год. се омажила за Теодор Холиен. Јас сум родена на 2 декември 1925 год., како последно од нивните седум деца.

Мајка ми имала прашања во врска со Библијата и искрено ги барала одговорите. Едно прашање било за учењето дека пеколот е место каде што злобните се мачени во оган. Затоа прашала еден гостувачки надзорник на Лутеранската црква каде во Библијата може да најде потврда за ова учење. Но, тој ѝ одговорил дека не е важно што вели Библијата — едноставно, на луѓето мора да им се кажува дека постои пекол каде што се мачат злобните.

Го задоволила својот духовен глад

Кратко по 1900-та год., Ема, сестра на мајка ми, заминала за Нортфилд (Минесота) за да учи музика. Таму престојувала во куќата на својот учител, Милиус Кристијансон, чија жена беше Истражувач на Библијата, како што тогаш се нарекуваа Јеховините сведоци. Ема им спомнала дека има сестра која многу ја чита Библијата. По кратко време, г-ѓа Кристијансон ѝ испратила писмо на мајка ми во кое ѝ ги напишала одговорите на нејзините библиски прашања.

Еден ден, Лора Оутаут, исто така Истражувач на Библијата, дошла со воз од Сијукс Фолс (Јужна Дакота) за да проповеда во Џаспер. Мајка ми ја проучувала библиската литература што ја добивала, и во 1915 год. почнала да зборува за библиската вистина со другите и да ги дели публикациите што ѝ ги оставала Лора.

Во 1916 год., мама чула дека Чарлс Тејз Расел ќе биде присутен на еден конгрес во Сијукс Сити (Ајова), и сакала да појде таму. Но, до тој момент, веќе имала пет деца, а најмалиот, Марвин, имал само осум месеци. Без оглед на сѐ, таа ги зела сите деца и се качила на воз за Сијукс Сити, пат долг 160 километри, за да присуствува на конгресот. Таму ги чула предавањата на брат Расел, ја гледала „Фотодрамата за создавањето“, и се крстила. Откако се вратила дома, напишала статија за конгресот, која излегла во весникот Jasper Journal.

Во 1922 год., мама била еден од речиси 18.000-те делегати кои присуствувале на конгресот во Седар Поинт (Охајо). По тој конгрес, не престана да го објавува Божјето Царство. Нејзиниот пример нѐ поттикнуваше да го послушаме советот: „Тоа е патот, одете по него!“ (Иса. 30:21).

Плодови од службата за Царството

Во почетокот на 1920-тите, моите родители се преселиле во една куќа надвор од Џаспер. Татко ми имаше успешен бизнис, и се грижеше за нашето големо семејство. Тој не ја проучуваше Библијата толку многу како мама, но со сето срце го поддржуваше проповедањето и го отвори нашиот дом за патувачките надгледници, кои тогаш беа познати како пилгрими. Честопати, кога некој од патувачките браќа изнесуваше говор во нашата куќа, присуствуваа стотина и повеќе лица — стуткани во дневната соба, во трпезаријата и во спалната.

Кога имав околу седум години, на телефон се јави тетка ми Лети и рече дека нејзините соседи, Ед Ларсон и жена му, сакале да ја проучуваат Библијата. Тие спремно ја прифатија библиската вистина, а подоцна ја поканија на нивната студија и сосетката Марта ван Дален, мајка на осум деца. Марта и целото нејзино семејство исто така станаа Истражувачи на Библијата.a

Некаде во тоа време, Гордон Кемерад, младич кој живееше на неколку километри од нас, почна да работи со тато. Но, бил предупреден: „Пази се од ќерките на газдата. Тие се во некоја чудна вера“. И покрај тоа, Гордон почна да ја проучува Библијата и наскоро се увери дека ја пронашол вистината. Се крсти по три месеци. И неговите родители ја прифатија вистината. Така, нашите семејства — Холиен, Кемерад и Ван Дален — станаа блиски пријатели.

Зајакнати од конгресите

Мама беше толку охрабрена од конгресот во Седар Поинт што оттогаш не сакаше да пропушти ниту еден конгрес. Затоа, меѓу најраните сеќавања ми се долгите патувања до тие собири. Оној во Колумбо (Охајо), во 1931 год., беше многу значаен бидејќи тогаш го прифативме името Јеховини сведоци (Иса. 43:10-12). Добро се сеќавам и на конгресот во Вашингтон (Д.К.) во 1935 год., кога во еден историски говор беше откриено кое е ‚големото мноштво‘ за кое се зборува во Откровението (Отк. 7:9). Моите сестри Лилиен и Јунис се крстија на овој конгрес заедно со повеќе од 800 други лица.

Како семејство, патувавме на конгресите во Колумбо (Охајо) во 1937 год., во Сиетл (Вашингтон) во 1938 год. и во Њујорк Сити во 1939 год. Со нас беа и семејствата Ван Дален и Кемерад, а имаше и други со кои кампувавме по патот до конгресните градови. Во 1940 год., Јунис се омажи за Лео ван Дален и тие станаа пионери. Истата година, Лилиен се омажи за Гордон Кемерад, па и тие станаа пионери.

Конгресот што во 1941 год. се одржа во Сент Луис (Мисури) беше нешто посебно. Таму илјадници млади ја добија книгата Деца (Children). Тој конгрес беше пресвртница за мене. Кратко потоа, на 1 септември 1941 год., заедно со брат ми Марвин и жена му Џојс, станавме пионери. Тогаш имав 15 години.

Бидејќи повеќето луѓе во нашиот крај се занимаваа со земјоделство, беше тешко сите браќа да присуствуваат на конгресите, кои честопати се одржуваа за време на жетвата. Затоа, кога ќе се вратевме од конгрес, заеднички ја повторувавме програмата во дворот за да извлечат корист и оние што не можеа да дојдат. Ова беа навистина убави собири.

Гилеад и задачи во странство

Во февруари 1943 год., беше основана Школата Гилеад за да се обучуваат пионери за мисионерска служба. Шест члена на семејството Ван Дален беа во првиот клас — браќата Емил, Артур, Хомер и Лео; нивниот братучед Доналд; и жена му на Лео, мојата сестра Јунис. Се збогувавме со измешани чувства бидејќи не знаевме кога пак ќе ги видиме. Откако дипломираа, сите шестмина беа испратени во Порторико, каде што тогаш немаше ни десетина Сведоци.

Следната година, Лилиен и Гордон, како и Марвин и Џојс, беа во третиот клас на Гилеад. И тие беа испратени во Порторико. Потоа, во септември 1944 год., на 18 години, јас присуствував во четвртиот клас на Гилеад. По дипломирањето во февруари 1945 год., и јас им се придружив на моите две сестри и брат ми во Порторико. Пред мене се отвори еден сосема нов свет! Иако не беше лесно да се учи шпански, наскоро некои од нас водеа по повеќе од 20 библиски студии. Јехова го благослови нашиот труд. Денес во Порторико има околу од 25.000 Сведоци!

Семејството го погаѓаат трагедии

Лео и Јунис останаа во Порторико и по раѓањето на нивниот син, Марк, во 1950 год. Во 1952 год. планираа да појдат на одмор дома во САД за да посетат некои роднини. Нивниот авион полета на 11 април. За жал, кратко по полетувањето, авионот се урна во океанот. Лео и Јунис загинаа. Но, еден од преживеаните го видел двегодишниот Марк на површината од водата, па го извадил, го ставил на сплавот за спасување и му дал вештачко дишење. Марк ја преживеа несреќата.b

Пет години подоцна, на 7 март 1957 год., кога мама и тато биле на пат кон Салата на Царството, им пукнала гума. Тато излегол да ја смени гумата, но додека стоел крај патот го удрила кола и починал на самото место. Околу 600 лица присуствуваа на говорот што се одржа на погребот, и тоа беше убаво сведоштво за луѓето од нашиот крај, каде што татко ми важеше за угледен човек.

Нови задачи

Само кратко пред да загине тато, јас добив задача да служам во Аргентина. Во август 1957 год., пристигнав во градот Мендоза во подножјето на Андите. Во 1958 год., Џорџ Папас, кој дипломира во 30-тиот клас на Гилеад, исто така беше доделен во Аргентина. Станавме добри пријатели, и се зедовме во април 1960 год. Мама умре во 1961 год., на 83 години. Таа верно чекореше по патот на вистинскиот Бог и им помогна на многу, многу други да го сторат истото.

Десет години, јас и Џорџ служевме со други мисионери, и живеевме во различни мисионерски домови. Потоа служевме седум години во покраинското дело. Во 1975 год. се вративме во САД за да се грижиме за некои болни членови на семејството. Во 1980 год. бевме повикани да служиме во покраинското дело на шпанското подрачје. Тогаш имаше околу 600 собранија на шпански јазик во САД. За 26 години, посетивме многу од нив и видовме како бројот на собранијата порасна на повеќе од 3.000.

Тие чекореа по „патот“

Мама беше пресреќна што можеше да види како помлади членови од нејзиното семејство стапуваат во полновремена служба. На пример, Керол, ќерка на мојата најстара сестра, Естер, стана пионерка во 1953 год. Таа се омажи за Денис Трамбор, и оттогаш служат заедно како полновремени слуги. Лоис, другата ќерка на Естер, се омажи за Вендел Џенсен. Тие присуствуваа на 41-от клас на Гилеад и служеа 15 години како мисионери во Нигерија. Марк, чии родители загинаа во авионската несреќа, го посвоија и го одгледаа сестра му на Лео, Рут ла Лонд, и нејзиниот сопруг, Кертис. Марк и жена му, Лавон, со години служеа како пионери и ги одгледаа своите четири деца воспитувајќи ги да чекорат по „патот“ (Иса. 30:21).

Орлен, единствениот од моите браќа и сестри кој е жив, сега е во средината на своите 90-ти години. Тој сѐ уште му служи верно на Јехова. Јас и Џорџ радосно продолжуваме со полновремената служба.

Наследство од мајка ми

Кај мене остана една од најскапоцените работи на мајка ми — нејзиното биро. Тоа ѝ беше свадбен подарок од татко ми. Во една од фиоките стои нејзиниот стар бележник во кој се наоѓаат писма и исечоци со новински статии што таа ги имаше напишано и што послужија да се даде убаво сведоштво за Царството. Некои од нив се објавени уште во почетокот на минатиот век. Во бирото се наоѓаат и скапоцените писма што мајка ми ги добиваше од своите деца кои служеа како мисионери. Уживам да ги читам одново и одново! А писмата што таа ни ги праќаше беа секогаш полни со охрабрување и со позитивни мисли. На мајка ми никогаш не ѝ се исполни желбата да биде мисионер. Но, таа имаше толку голем жар за таа служба што ги поттикна срцата на другите од следните неколку генерации. Со нетрпение го очекувам денот кога сите повторно ќе се сретнеме како големо семејство, заедно со мама и тато, во Рајот на Земјата! (Отк. 21:3, 4).

[Фусноти]

a Види го англиското издание на Стражарска кула од 15 јуни 1983 год., страници 27-30, каде што излезе животната приказна на Емил Х. ван Дален, син на Марта.

b Види го англиското издание на Разбудете се! од 22 јуни 1952 год., страници 3, 4.

[Слика на страница 17]

Емилија Педерсон

[Слика на страница 18]

1916: мама и тато (го држи Марвин); долу, од лево на десно: Орлен, Естер, Лилиен и Милдред

[Слика на страница 19]

Лео и Јунис, кратко пред да загинат

[Слика на страница 20]

1950: Од лево на десно, горе: Естер, Милдред, Лилиен, Јунис, Рут; долу: Орлен, мама, тато и Марвин

[Слика на страница 20]

Џорџ и Рут Папас во покраинската служба (2001)

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели