„Тие го следат Јагнето“
„Тие го следат Јагнето каде и да појде“ (ОТК. 14:4)
1. Што мислеле вистинските ученици на Исус кога се појавило прашањето дали да го следат или не?
ОКОЛУ две и пол години откако почнал да проповеда, Исус ‚поучувал на еден собир во Капернаум‘. Притоа кажал нешто кое звучело толку шокантно што ‚мнозина од неговите ученици се вратиле на она што го оставиле и не оделе веќе со него‘. Кога Исус ги прашал своите 12 апостоли дали и тие сакаат да си заминат, Симон Петар одговорил: „Господару, кај кого да одиме? Ти ги имаш зборовите на вечниот живот! Ние поверувавме и спознавме дека ти си Божјиот Светец“ (Јован 6:48, 59, 60, 66-69). Вистинските ученици на Исус не сакале да престанат да го следат. Откако биле помазани со свет дух, тие продолжиле да се подложуваат на неговото водство (Дела 16:7-10).
2. а) Кој е „верниот и разборит роб“, односно „верниот и разборит управител“? б) Во која смисла овој роб ‚го следи Јагнето‘ на извонреден начин?
2 Што може да се каже за помазаните христијани во нашево време? Во своето пророштво за „знакот на [својата] присутност и на свршетокот на овој поредок“, Исус ја спомнал и групата од свои следбеници помазани со дух кои ќе служат на Земјата, и ја нарекол свој ‚верен и разборит роб‘, односно ‚верен и разборит управител‘ (Мат. 24:3, 45; Лука 12:42). Овој роб, како група, докажал на извонреден начин дека ‚го следи Јагнето каде и да појде‘. (Прочитај Откровение 14:4, 5.) Неговите членови ја чуваат својата духовна девственост така што не дозволуваат да бидат извалкани од верувањата и обичаите на „Големиот Вавилон“, светското царство на лажната религија (Отк. 17:5). Никакво лажно учење ‚не им се наоѓа во устата‘ и ‚не се извалкани‘ од Сатановиот свет (Јован 15:19). Во иднина, преостанатите помазаници на Земјата ‚ќе појдат‘ по Јагнето на небото за да служат заедно со него (Јован 13:36).
3. Зошто е важно да имаме доверба во робот?
3 Исус го поставил верниот и разборит роб „над своите слуги“, односно над секој поединечен член на оваа група, „за да им дава храна во вистинско време“. Но, тој го поставил робот и „над целиот свој имот“ (Мат. 24:45-47). Во овој „имот“ спаѓа и сѐ побројното „големо мноштво“ од „други овци“ (Отк. 7:9; Јован 10:16). Зар не треба секој помазаник, како и секој поединец од ‚другите овци‘ да има доверба во робот што е поставен над нив? Има многу причини зошто овој роб заслужува да имаме доверба во него. Две посебни причини се следниве: 1) Јехова има доверба во робот. 2) И Исус има доверба во него. Да разгледаме неколку докази кои потврдуваат дека и Јехова Бог и Исус Христос имаат целосна доверба во верниот и разборит роб.
Јехова има доверба во робот
4. Зошто можеме да имаме доверба во духовната храна што ни ја дава верниот и разборит роб?
4 Размисли зошто верниот и разборит роб може да обезбедува навремена и квалитетна духовна храна. „Ќе ти дадам разборитост и ќе те поучам за патот по кој треба да одиш“, вели Јехова. „Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе“ (Пс. 32:8). Значи, Јехова е тој што му дава водство на робот. Затоа можеме да имаме потполна доверба во увидот, разбирањето и водството што овој роб ни го дава на темел на Библијата.
5. Што покажува дека Божјиот дух влијае врз робот?
5 Јехова го благословува овој роб и со тоа што му дава свет дух. Иако Јеховиниот дух е невидлив, резултатите од неговото влијание врз Божјите слуги се видливи. Размисли што успеал да постигне верниот и разборит роб во меѓународното дело на сведочење за Јехова Бог, за неговиот Син и за Царството. Јеховините слуги активно ја објавуваат пораката за Царството во повеќе од 230 земји и острови. Зарем тоа не е непобитен доказ дека Јеховиниот дух влијае врз тој роб? (Прочитај Дела 1:8.) Робот мора да донесува многу важни одлуки додека подготвува и му дели навремена духовна храна на Јеховиниот народ низ целиот свет. Кога ги донесува и ги спроведува тие одлуки, робот покажува љубов, благост, како и други плодови на духот (Гал. 5:22, 23).
6, 7. Колкава доверба има Јехова во верниот роб?
6 За да сфатиш колкава доверба има Јехова во верниот роб, размисли за ветувањето што им го дал на членовите на оваа група. Апостол Павле напишал: „Трубата ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, и ние ќе се преобразиме. Зашто, ова што е распадливо мора да се облече во нераспадливост, и ова што е смртно мора да се облече во бесмртност“ (1. Кор. 15:52, 53). Помазаните следбеници на Христос, кои верно му служеле на Бог и умреле како луѓе со распадливи тела, се воскреснати како духовни суштества. Ним Јехова им дава нешто уште поскапоцено од вечен живот — бесмртност, односно им дава и бесконечен живот и неуништливост. Освен тоа, тие стануваат нераспадливи, бидејќи Јехова им дава тела што не можат да се распаднат и, очигледно, не зависат од друг извор на енергија, како што е случај со другите негови суштества, сеедно дали се материјални или духовни. Откровение 4:4 вели дека овие воскреснати седат на престоли и носат златни круни на главите. Значи, помазаните христијани ќе бидат и славни цареви. Но, тоа не е сѐ.
7 „Дојде свадбата на Јагнето, и неговата жена е подготвена. И дадено ѝ беше да се облече во фин лен, сјаен и чист, зашто финиот лен ги претставува праведните дела на светите“, стои во Откровение 19:7, 8. Јехова ги избрал помазаните христијани да бидат идната невеста на неговиот Син. Нераспадливост, бесмртност, царство, „свадбата на Јагнето“ — какви величествени дарови! Тие се впечатливи докази дека Бог има доверба во помазаните, кои „го следат Јагнето каде и да појде“.
Исус има доверба во робот
8. Како покажал Исус дека има доверба во своите следбеници помазани со дух?
8 Кои докази покажуваат дека Исус има потполна доверба во своите следбеници помазани со дух? Последната вечер од својот живот на Земјата, Исус им дал едно ветување на 11-те верни апостоли. „Вие останавте со мене во моите искушенија“, рекол тој. „Јас склучувам со вас сојуз за царство, како што мојот Татко со мене склучи сојуз, да јадете и да пиете на мојата трпеза во моето царство, и да седите на престоли и да им судите на дванаесетте Израелови племиња“ (Лука 22:28-30). Во сојузот што таа вечер го склучил Исус со 11-те апостоли, на крајот ќе влезат сите 144.000 помазани христијани (Лука 12:32; Отк. 5:9, 10; 14:1). Дали Исус би склучил сојуз за да ја подели својата царска моќ со тие помазаници доколку нема доверба во нив?
9. Што спаѓа во „целиот [Христов] имот“?
9 Освен тоа, Исус Христос го поставил верниот и разборит роб „над целиот свој имот“ — односно, над сите работи на Земјата што се поврзани со Царството (Мат. 24:47). Во овој имот спаѓаат објектите во светското седиште на Јеховините сведоци, подружниците во разни земји, конгресните сали и Салите на Царството низ целиот свет. Во него спаѓа и делото на проповедање и поучување за Царството. Дали би му ги доверил на одржување и користење сите овие скапоцени работи на некој во кого нема доверба?
10. Што покажува дека Исус Христос ги води и ги поддржува своите помазани следбеници?
10 Кратко пред да се вознесе на небото, воскреснатиот Исус им се појавил на своите верни ученици и им ветил: „Еве, јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:20). Дали си го одржал зборот? Во последниве 15 години, бројот на собранија на Јеховините сведоци низ целиот свет порасна од околу 70.000 на повеќе од 100.000 — што претставува пораст од над 40 отсто. А колку луѓе станаа Христови ученици во тој период? За тие 15 години беа крстени речиси 4,5 милиони ученици — значи, во просек, по повеќе од 800 дневно. Овој огромен пораст е јасен доказ дека Христос ги води своите помазани следбеници додека ја планираат и ја реализираат програмата за собраниските состаноци и дека ги поддржува во активностите со кои им помагаат на другите да станат ученици.
Робот е верен и разборит
11, 12. Како робот покажал дека е верен и разборит?
11 Ако Јехова Бог и Исус Христос имаат целосна доверба во верниот и разборит роб, зарем не треба да имаме и ние? На крајот на краиштата, робот покажал дека верно ја извршува задачата која му била дадена. На пример, списанието Стражарска кула излегува веќе 130 години. А состаноците, собирите и конгресите на Јеховините сведоци ни помагаат и понатаму духовно да напредуваме.
12 Верниот роб е разборит во таа смисла што не се однесува нескромно — односно не истрчува пред Јехова — ниту, пак, доцни кога Божјето водство во врска со некоја работа е јасно. На пример, иако водачите на лажната религија отворено ги одобруваат или молчешкум преминуваат преку себичните, безбожни постапки на луѓето во светот, робот нѐ предупредува во врска со замките што ни ги поставува Сатановиот злобен свет. Робот ни обезбедува мудри и навремени предупредувања бидејќи Јехова Бог и Исус Христос го благословуваат. Затоа овој роб заслужува да имаме целосна доверба во него. Но, како можеме да покажеме дека имаме таква доверба?
‚Оди со‘ помазаниците додека тие го следат Јагнето
13. Според пророштвото на Захарија, како можеме да покажеме доверба во верниот и разборит роб?
13 Во библиската книга на Захарија се зборува за „десет луѓе“ кои ќе фатат за скут „еден Евреин“ и ќе речат: „Ќе одиме со вас“. (Прочитај Захарија 8:23.) Бидејќи на ‚Евреинот‘ му се обраќаат со ‚вас‘, тој не означува поединец, туку група луѓе. Во нашево време, овој „Евреин“ го претставува остатокот од христијани помазани со дух, кој е дел од „Израелот Божји“ (Гал. 6:16). ‚Десетте луѓе од сите јазици што ги зборуваат народите‘ го претставуваат големото мноштво од други овци. Како што помазаните христијани го следат Исус каде и да појде така и големото мноштво ‚оди со‘, односно го придружува верниот и разборит роб. Оние што му припаѓаат на големото мноштво не треба никогаш да се срамат да кажат дека им се придружници на ‚учесниците во небесниот позив‘ (Евр. 3:1). Исус не се срами да ги нарекува помазаниците свои „браќа“ (Евр. 2:11).
14. Како можеме верно да им помагаме на Христовите браќа?
14 Исус гледа на лојалната поддршка што им се дава на неговите браќа како да му се дава лично нему. (Прочитај Матеј 25:40.) Според тоа, како можат оние што имаат надеж да живеат на Земјата да ги поддржат Христовите браќа помазани со дух? Најмногу со тоа што ќе им помагаат во делото на проповедање за Царството (Мат. 24:14; Јован 14:12). Иако бројот на помазаници на Земјата се намали низ децениите, бројот на другите овци се зголеми. Кога оние што се надеваат дека ќе живеат вечно на Земјата учествуваат во делото на сведочење, служејќи, по можност, и како полновремени проповедници, тие им помагаат на помазаниците да ги поучуваат луѓето, и така да го исполнат налогот од Исус (Мат. 28:19, 20). Голема поддршка на ова дело му се дава и со различните материјални прилози.
15. Како треба да реагира секој христијанин на навремената духовна храна и на организациските одлуки што ги донесува робот?
15 На кој начин секој од нас како христијанин гледа на навремената духовна храна што верниот роб ја дели преку библиските публикации и христијанските состаноци и собири? Дали со благодарност ја примаме и дали спремно го применуваме она што го учиме? Како реагираме на организациските одлуки што ги донесува робот? Ако спремно ги следиме упатствата што ни ги дава, докажуваме дека имаме вера во сето она што Јехова го прави за да нѐ води преку тој роб (Јак. 3:17).
16. Зошто треба сите христијани да ги слушаат Христовите браќа?
16 „Моите овци го слушаат мојот глас, и јас ги знам, и тие одат по мене“, рекол Исус (Јован 10:27). Ова се однесува на помазаните христијани. А што е со оние кои ‚одат со‘ нив? И тие мора да го слушаат Исус. Мора да ги слушаат и неговите браќа. Впрочем, ним им е доверена главната одговорност да се грижат за духовното добро на Божјиот народ. Но, што значи да се слуша гласот на Христовите браќа?
17. За да покажеме послушност кон робот, со кого треба да соработуваме?
17 Како застапник на верниот и разборит роб денес служи Водечкото тело, кое предводи и го организира делото на проповедање за Царството низ целиот свет. Членовите на Водечкото тело се искусни старешини помазани со дух. Особено за нив може да се рече дека ‚нѐ предводат‘ (Евр. 13:7). Додека се грижат за речиси 7.000.000 објавители на Царството низ целиот свет, кои служат во над 100.000 собранија, овие помазани надгледници се навистина многу „зафатени во делото на Господарот“ (1. Кор. 15:58). Ние го слушаме робот кога во потполност соработуваме со неговото Водечко тело.
Оние што го слушаат робот се благословени
18, 19. а) Со што се благословени оние кои го слушаат верниот и разборит роб? б) На што треба да бидеме решени?
18 Откако бил поставен на својата положба, верниот и разборит роб довел „мнозина до праведност“ (Дан. 12:3). Во нив спаѓаат оние што се надеваат дека ќе го преживеат уништувањето на сегашниов злобен свет. Навистина е голем благослов да бидеме праведни во Божји очи!
19 Што ќе доживеат во иднина оние кои го слушале гласот на робот, кога ‚светиот град, Новиот Ерусалим [кој се состои од 144.000], ќе слезе од небото од Бог, подготвен како невеста украсена за својот маж‘? „Самиот Бог ќе биде со нив“, вели Библијата. „И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Отк. 21:2-4). Затоа, по секоја цена, да бидеме решени да го слушаме Христос и неговите помазани браќа кои навистина се достојни за доверба!
Што научи?
• Кои докази покажуваат дека Јехова има доверба во верниот и разборит роб?
• Што покажува дека Исус Христос има потполна доверба во робот?
• Зошто верниот управител ја заслужува нашата доверба?
• Како покажуваме дека имаме доверба во робот?
[Слика на страница 25]
Дали знаеш кого Јехова го избрал да биде идна невеста на неговиот Син?
[Слики на страница 26]
Исус Христос му го доверил својот „имот“ на верниот и разборит роб
[Слика на страница 27]
Им помагаме на помазаниците кога учествуваме во делото на проповедање