Христијански погреби — достоинствени, скромни и прифатливи за Бог
ОТСЕКАДЕ се слушаат лелеци. Ужалените, облечени во црнина, тажат и избезумено паѓаат наземи од жал. Друга група луѓе се нишаат во силниот ритам на музиката што го исполнува воздухот. Трети, пак, јадат и слават, гласно смеејќи се и веселејќи се. Неколкумина лежат на земја, пијани од големи количини палмово вино и пиво. По кој повод се собрани? Во некои делови од светот, ова се вообичаени сцени од еден погреб на кој доаѓаат стотици луѓе за да се збогуваат со починатиот.
Голем број Јеховини сведоци живеат во заедници во кои роднините и соседите се претерано суеверни и се плашат од мртвите. Милиони луѓе веруваат дека, кога некој ќе умре, тој станува дух кој може или да им помогне или да им наштети на живите. Ова верување е проследено со голем број погребни обичаи. Се разбира, нормално е да се жали кога ќе почине некој. Во неколку прилики, Исус и неговите ученици тажеле затоа што починале некои нивни блиски (Јован 11:33-35, 38; Дела 8:2; 9:39). Но, кога ја покажувале својата тага, тие никогаш не оделе во крајности како што било вообичаено во тоа време (Лука 23:27, 28; 1. Сол. 4:13). Зошто? Една причина е тоа што ја знаеле вистината за смртта.
Библијата отворено кажува: „Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо... И љубовта нивна, и омразата нивна, и љубомората нивна ја снема... нема ни работа ни размислување, ни знаење, ни мудрост во гробот во кој одиш“ (Проп. 9:5, 6, 10). Овие вдахновени библиски стихови јасно кажуваат дека, кога ќе умре, човекот повеќе не е свесен за ништо. Не може да размислува, да чувствува, да комуницира или да разбере нешто. Како треба оваа важна библиска вистина да влијае врз начинот на кој се одржуваат христијанските погреби?
„Не допирајте ништо што е нечисто“
Без разлика какво етничко и културно потекло имаат, Јеховините сведоци се оградуваат од сите обичаи што се поврзани со верувањето дека мртвите се свесни и дека можат да влијаат врз живите. Обичаите како што се раздавање храна, помени, давање дарови за душата на покојникот и разни обреди поврзани со брачниот другар на починатиот се нечисти и не му се допаѓаат на Бог затоа што се поврзани со небиблиското, демонско учење дека душата или духот не умира (Езек. 18:4). Вистинските христијани ‚не можат да јадат од „трпезата на Јехова“ и од трпезата на демоните‘, и затоа не учествуваат во ваквите обичаи (1. Кор. 10:21). Тие се послушни на заповедта: „Одвојте се... и повеќе не допирајте ништо што е нечисто“ (2. Кор. 6:17). Меѓутоа, тоа не е секогаш лесно.
Во Африка и во некои други делови од светот, повеќето луѓе веруваат дека, ако не прават одредени обичаи, ќе ги навредат духовите на предците. Ако некој не држи такви обичаи, се смета дека прави сериозен престап, кој би можел да ѝ донесе проклетство или несреќа на целата заедница. Бидејќи одбиваат да учествуваат во небиблиски погребни обичаи, голем број Јеховини слуги се критикувани, навредувани и отфрлени од своето пошироко семејство или од другите во заедницата. Некои дури биле обвинети дека немаат почит ниту кон живите ниту кон мртвите. Понекогаш се случува оние што не се Сведоци насила да ги земат во свои раце работите околу погребот на некој што е Сведок. Според тоа, што можеме да направиме за да не дојде до судир со оние што настојуваат да се прават погребни обичаи кои Бог не ги одобрува? Што е уште поважно, што можеме да направиме за да немаме никаква врска со нечистите обреди и обичаи кои можат да ни го нарушат односот со Јехова?
Јасно кажи си го ставот
Во некои делови од светот е вообичаено племенските поглавари и роднините да имаат збор во организирањето на погребот. Затоа, еден верен христијанин мора јасно да стави на знаење дека погребот ќе го организираат и ќе го одржат Јеховините сведоци во согласност со библиските начела (2. Кор. 6:14-16). Она што се случува на христијанските погреби не треба да ја вознемири совеста на соверниците или да ги спрепне оние што знаат кои се нашите верувања и учења во врска со мртвите.
Кога некој ќе изрази желба на погребот да биде одржан библиски говор, именуваните старешини можат да помогнат со корисни предлози и совети за сѐ што ќе се случува на и околу погребот да биде во склад со упатствата од Светото писмо. Ако некои лица што не се Сведоци сакаат да вметнат нечисти обичаи, многу е важно да се биде цврст и смело да им се објасни нашиот христијански став, но тоа треба да се направи љубезно и со почит (1. Пет. 3:15). Сепак, што ако некои од семејството кои не се Сведоци и понатаму инсистираат да има и небиблиски обреди? Тогаш Сведоците во семејството можеби ќе решат да не присуствуваат на погребот и да немаат ништо со подготовките околу него (1. Кор. 10:20). Во таков случај, во Салата на Царството или на некое друго соодветно место може да се одржи едноставен погребен говор за да се сподели „утехата од Писмата“ со оние што вистински се ожалостени поради смртта на блискиот (Рим. 15:4). Иако телото на покојникот не е таму, ваквата служба е достоинствена и сосема прифатлива (5. Мој. 34:5, 6, 8). Нељубезното мешање од страна на неверниците може да ги зголеми стресот и тагата, но можеме да се утешиме со тоа што знаеме дека Бог, кој може да ни даде „сила, која ја надминува нормалната“, ја забележува нашата решеност да го правиме она што е исправно (2. Кор. 4:7).
Изнеси го својот став написмено
Кога некој лично ќе ги стави на хартија упатствата во врска со својот погреб, многу е полесно да се дискутира со членовите на семејството кои не се Сведоци, зашто тие веројатно ќе ги почитуваат желбите на покојникот. Многу важни детали што треба да се запишат се: како и каде треба да се одржи погребот, и кој треба целосно да го организира и да е одговорен за него (1. Мој. 50:5). Најголема тежина има документ кој е потпишан пред сведоци. Оние што мудро планираат однапред, имајќи ги на ум библиските начела, знаат дека не треба да чекаат да остарат или да се разболат од некоја неизлечлива болест за да го направат овој чекор (Изр. 22:3; Проп. 9:12).
На некои им е непријатно да запишат такви упатства. Но, ако го направиме тоа, даваме доказ дека сме зрели христијани и дека се грижиме за другите (Фил. 2:4). Многу е подобро човек сам да се погрижи за овие работи и јасно да го изнесе својот став отколку тоа да се остави на семејството, кое и онака ќе биде вознемирено и можеби изложено на притисок да прави некои нечисти обичаи во кои покојникот ниту верувал ниту ги прифаќал.
Погребот нека биде скромен
Во многу делови од Африка постои верување дека погребот мора да биде голем и импресивен за да не се налутат духовите на предците. Други ги користат погребите како можност ‚да го истакнат‘ својот општествен и економски статус (1. Јов. 2:16). Се вложуваат многу време, труд и пари за да се приреди „достоен“ погреб. За да дојдат што е можно повеќе луѓе, на разни места се закачуваат големи некролози со сликата на покојникот. На тој начин јавно се рекламира погребот. Дури се прават и се делат маици со ликот на починатиот, кои ќе ги носат оние што ќе дојдат на погребот. Се купуваат раскошни, скапи сандаци за да се остави впечаток пред другите. Во една африканска земја, некои одат до таа крајност што прават сандаци што личат на автомобили, авиони, чамци и други работи кои треба да покажат богатство, раскош и луксуз. Покојникот може да биде поставен на посебно украсен кревет. Кога ќе почине некоја жена, може да биде облечена во бел венчален фустан, наредена со многу накит и мониста, и нашминкана. Дали би било во ред еден христијанин да учествува во такво нешто?
Зрелите христијани сфаќаат колку е мудро да се избегнуваат крајностите во кои одат луѓето што ниту ги знаат ниту ги почитуваат Божјите начела. Ние знаеме дека нескромните и небиблиски обичаи ‚не потекнуваат од Бог, туку од светот. А светот поминува‘ (1. Јов. 2:15-17). Мораме многу да внимаваме да не нѐ обземе натпреварувачки дух, па да се трудиме да ги надминеме другите (Гал. 5:26). Искуствата покажуваат дека, кога локалната култура и општествениот живот се проткаени со стравот од мртвите, обично се прават големи погреби кои тешко се држат под контрола. Кога им се оддава преголема чест на мртвите, може лесно да се случи неверниците да почнат да се однесуваат недолично. На таквите погреби може да има гласни и неконтролирани тажачки, некои од присутните може постојано да го прегрнуваат покојникот, директно да му зборуваат како да е жив и да ставаат пари или други предмети на телото. Ако се случи вакво нешто на еден христијански погреб, тоа би донело голем срам врз Јеховиното име и врз неговиот народ (1. Пет. 1:14-16).
Тоа што знаеме во каква состојба се мртвите треба да ни даде храброст да не дозволиме на нашите погреби да се прави каков било световен обичај (Еф. 4:17-19). Иако Исус бил најголемиот и најзначаен човек што некогаш живеел, тој бил погребан на неупадлив и скромен начин (Јован 19:40-42). Оние што го имаат „Христовиот ум“ воопшто не се срамат од таквите погреби (1. Кор. 2:16). Кога христијанските погреби се едноставни и скромни, најлесно може да се избегнат работи што се нечисти според Библијата и да се задржи една мирна атмосфера која е достоинствена, соодветна за приликата и прикладна за оние што го сакаат Бог.
Треба ли да има веселба?
По погребот, можеби е обичај голем број роднини, соседи и други да се соберат на оброк, и притоа да пуштат гласна музика и да танцуваат. На ваквите погребни гозби честопати доаѓа до пијанчење и неморал. Некои тврдат дека на тој начин си ја олеснуваат тагата поради загубата. Други сметаат дека тоа е само дел од нивната култура. Меѓутоа, мнозина веруваат дека таквите разуздани гозби се неопходен обред за премин на душата, кој мора да се изврши за да му се оддаде почит и слава на починатиот и за да може неговата душа слободно да им се придружи на предците.
Вистинските христијани сфаќаат колку е мудар библискиот совет: „Подобра е тагата отколку смеата, зашто од загрижено лице срцето станува подобро“ (Проп. 7:3). Освен тоа, знаат колку помага да се размислува на мир за тоа колку краток е животот и за надежта во воскресение. И навистина, за оние што имаат добар однос со Јехова „смртниот ден е подобар од денот на раѓањето“ (Проп. 7:1). Според тоа, кога знаеме дека погребните веселби се поврзани со спиритистички верувања и со неморал, сфаќаме дека воопшто не е на место вистинските христијани да организираат, па дури и да присуствуваат на такви настани. Во спротивно, со тоа би покажале непочитување кон Бог и кон совеста на нашите соверници.
Нека се види разликата
Многу сме благодарни што сме се ослободиле од болниот страв од мртвите што е толку чест кај оние што живеат во духовен мрак! (Јован 8:32). Како „деца на светлината“, начинот на кој ја искажуваме тагата треба да покажува дека ја разбираме Божјата реч, односно тоа треба да го правиме скромно, достоинствено и контролирано, бидејќи имаме сигурна надеж во воскресението (Еф. 5:8; Јован 5:28, 29). Таа надеж нема да дозволи да нѐ понесе претераното тажење што често се гледа кај оние „кои немаат надеж“ (1. Сол. 4:13). Таа ќе ни даде сила цврсто да се држиме за она што е исправно и да не попуштиме пред стравот од човек (1. Пет. 3:13, 14).
Кога верно се држиме за библиските начела, луѓето околу нас ќе можат да ја видат ‚разликата меѓу оние што му служат на Бог и оние што не му служат‘ (Мал. 3:18). Еден ден, смрт нема да има веќе (Отк. 21:4). Додека чекаме да се исполни тоа прекрасно ветување, да се трудиме Јехова да нѐ најде неизвалкани, неосквернети и потполно одвоени од овој злобен свет и од неговите обичаи што го обесчестуваат Бог (2. Пет. 3:14).
[Слика на страница 30]
Мудро е ако ги ставиме на хартија своите желби во врска со нашиот погреб
[Слика на страница 31]
Христијанските погреби треба да бидат скромни и достоинствени