Човек не живее само од леб — како ги преживеав нацистичките логори
Раскажал Жозеф Хизигер
„Што читаш?“ — го прашав затвореникот до мене. „Библија“, ми одговори тој, а потоа ми рече: „Ќе ти ја дадам во замена за твојата седмична порција леб“
РОДЕН СУМ на 1 март 1914 год. во областа Мосел, која тогаш ѝ припаѓаше на Германија. Откако заврши Првата светска војна во 1918 год., Мосел ѝ беше вратен на Франција. Во 1940 год. повторно беше припоен кон Германија. А кога заврши Втората светска војна во 1945 год., пак ѝ припадна на Франција. При секоја таква промена се менуваше и моето државјанство, па така научив да зборувам и француски и германски јазик.
Моите родители беа искрени католици. Секоја вечер пред да си легнеме, сите дома клекнувавме да се помолиме. Во неделите и на државните празници одевме в црква. Јас сериозно ја сфатив религијата и одев на часови по веронаука во една католичка група.
Се ангажирам во проповедањето
Во 1935 год. кај моите родители дојдоа две жени што беа Јеховини сведоци. Зборуваа за вмешаноста на религијата во Првата светска војна. Оттогаш повеќе се заинтересирав за Библијата и во 1936 год. побарав од свештеникот да ми даде една. Тој ми рече дека ќе треба да студирам теологија за да ја разберам. Меѓутоа, мене само уште повеќе ми се зголеми желбата да набавам Библија и да ја читам.
Во јануари 1937 год. еден мој колега од работа, Албин Релевиц, кој беше Сведок, почна да ми зборува за Библијата. „Имаш Библија, нели?“ — го прашав. Се разбира дека имаше, и по кратко време ми го покажа Божјето име, Јехова, во еден примерок на германскиот превод Елберфелдер, кој ми го даде. Почнав жедно да ја читам и да одам на состаноците на Сведоците во блиското гратче Тионвил.
Во август 1937 год., отидов со Албин во Париз на еден меѓународен конгрес на Јеховините сведоци. Таму почнав да проповедам од куќа до куќа. Не помина долго време и се крстив, а во почетокот на 1939 год. станав пионер, како што се нарекуваат полновремените христијански проповедници. Добив задача да проповедам во градот Мец. Но, во јули бев повикан да работам во подружницата на Јеховините сведоци во Париз.
Ветришта на војната
Во подружницата служев многу кратко време, бидејќи во август 1939 год. добив покана да служам во француската војска. Совеста не ми дозволуваше да учествувам во војната, па затоа ме ставија во затвор. Во мај следната година, додека бев во затвор, Германија неочекувано ја нападна Франција. Во јуни, Франција беше освоена, и јас повторно станав Германец. Затоа, во јули 1940 год. ме пуштија од затвор и се вратив да живеам со моите родители.
Бидејќи живеевме под нацистички режим, тајно се состанувавме да ја проучуваме Библијата. Добивавме Стражарска кула преку Мариз Аназијак, една храбра христијанка со која се наоѓавме во пекарницата на еден Сведок. До 1941 год. успевав да ги избегнувам неволјите што им се случуваа на Сведоците во Германија.
Еден ден, кај мене дојде Гестапо. Откако офицерот јасно ми рече дека Јеховините сведоци се под забрана, ме праша дали имам намера и понатаму да бидам Сведок. Кога му одговорив со „да“, ми рече да појдам по него. Мајка ми се онесвести од возбуда. Кога го виде тоа, гестаповецот ми рече да останам и да се погрижам за неа.
Еден ден, во фабриката во која работев, не го поздравив управникот со поздравот „Хајл Хитлер!“ Исто така, не сакав да се зачленам во нацистичката партија. Затоа, следниот ден ме уапси Гестапо. На сослушувањата не сакав да ги откријам имињата на другите Сведоци. Војникот што ме испрашуваше силно ме удри по главата со дршката на пиштолот и јас се онесвестив. На 11 септември 1942 год., посебниот суд во Мец ме осуди на три години затвор поради „ширење пропаганда во име на Здружението на Јеховините сведоци и Изучувачите на Библијата“.
По две недели, заминав од затворот во Мец, и откако по патот се задржувавме на неколку места, на крајот стигнав во работниот логор во Цвајбрикен. Таму работев на одржување на железницата. Ги обновувавме пругите — ги зашрафувавме тешките шини и повторно сипувавме камења врз пругата. За храна добивавме само по една шолја кафе и малку леб наутро, а чинија супа за ручек и вечера. Потоа ме префрлија во затворот во едно блиско гратче, каде што работев во еден чевларски дуќан. По неколку месеци ме вратија во Цвајбрикен, овојпат за да работам на полињата.
Не живеам само од леб
Во затворската ќелија ме ставија со еден млад човек од Холандија. Кога малку го поднаучив неговиот јазик, му кажав за моите верувања. Тој толку добро напредуваше духовно што еден ден посака да го крстам во реката. Кога излезе од водата, ме прегрна и ми рече: „Жозеф, сега сме браќа!“ Кога пак ме пратија на работа на железницата, моравме да се разделиме.
Овојпат ќелијата ја делев со еден Германец. Една вечер почна да чита една книгичка — Библијата! Тогаш ми понуди да ми ја даде во замена за мојата седмична порција леб. „Важи!“ — му одговорив. Иако беше вистинска жртва да се откажеш од седмичната порција леб, никогаш не зажалив што го направив тоа. Почнав да сфаќам што значат зборовите на Исус: „Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (Матеј 4:4).
Штом добив Библија, предизвик беше да ја задржам. За разлика од другите затвореници, на Сведоците не им беше дозволено да имаат Библија. Затоа ја читав тајно ноќе, скриен под ќебето. Во текот на денот ја ставав под кошулата и ја носев со мене. Не ја оставав во ќелијата затоа што чуварите вршеа претреси.
Еден ден додека бев на прозивка, сфатив дека сум си ја заборавил Библијата. Таа вечер брзо се вратив во ќелијата, но Библијата ја немаше. Му се помолив на Бог, отидов кај чуварот, му објаснив дека некој ми зел една книга и му побарав да ми ја врати. Тој не обрна големо внимание, и така пак си ја добив мојата Библија. Му се заблагодарив на Јехова од дното на душата!
Другпат, ме пратија на туширање. Кога ги соблекував валканите алишта, претпазливо оставив Библијата да падне на подот. Кога чуварот го сврте погледот, со ногата ја поттурнав Библијата кон тушот. Таму ја скрив на страната додека се капев. Кога излегов од тушот, го повторив истото и ја поттурнав Библијата кон купот чисти алишта.
Згоди и незгоди во затворот
Едно утро во 1943 год., додека затворениците се постројуваа во дворот, го видов Албин! И тој бил уапсен. Ми упати значаен поглед и ја стави раката на срцето за да ми покаже дека ме сака како брат. Потоа со гестови ми покажа дека ќе ми пише. Следниот ден кога помина крај мене, ми фрли едно ливченце. Но чуварот го виде, па и двајцата бевме казнети со две недели во самица. Ни даваа само сув леб и вода и спиевме на дрвени даски без ќебе.
Потоа ме префрлија во затворот во Зигбург, каде што работев во една железарија. Работата ме исцрпуваше, а оброците беа многу скудни. Ноќе сонував вкусни јадења — торти и овошје — а се будев со празен желудник и суво грло. Станав коска и кожа. Но, секој ден си ја читав малата Библија и наоѓав причина да продолжам да живеам.
Конечно слобода!
Неочекувано, едно утро во април 1945 год., чуварите избегаа од затворот и ги оставија капиите отворени. Бев слободен! Но, кога излегов од затворот, најнапред требаше да лежам в болница за да закрепнам. До крајот на мај се вратив дома кај моите родители. Тие престанале да се надеваат дека сѐ уште сум жив. Кога ме видоа, мајка ми почна да плаче од радост. За жал, обајцата умреа недолго потоа.
Повторно се поврзав со собранието Тионвил. Колку се израдував кога пак ги видов моите духовни браќа и сестри! Мило ми беше кога чув дека останале верни и покрај многуте искушенија. Мојот драг пријател Албин умрел во Регенсбург (Германија). Подоцна дознав дека мојот братучед Жан Хизигер станал Сведок и бил погубен затоа што одбил да оди во војска. Жан Керуа, со кого работев во подружницата во Париз, помина пет години во еден германски работнички логор.a
Набрзо почнав пак да проповедам во градот Мец. Во тоа време многу се дружев со фамилијата Минзани. Нивната ќерка, Тина, се крсти на 2 ноември 1946 год. Беше ревносна во службата и многу ми се допадна. Се венчавме на 13 декември 1947 год. Во септември 1967 год., Тина почна со полновремена служба на проповедање и остана во таа служба сѐ до својата смрт во јуни 2003 год., на возраст од 98 години. Многу ми недостасува.
Сега имам над 90 години, и сфаќам дека Божјата реч секогаш ми даваше сила да ги пребродам искушенијата. Понекогаш стомакот ми беше празен, но секогаш ги хранев умот и срцето со Божјата реч. А Јехова ми даде сила. Неговата ‚реч ми го зачува животот‘ (Псалм 119:50).
[Фуснота]
a Животната приказна на Жан Керуа е објавена во англиското издание на Стражарска кула од 1 октомври 1989, страници 22-26.
[Слика на страница 21]
Мојот драг пријател Албин Релевиц
[Слика на страница 21]
Мариз Аназијак
[Слика на страница 22]
Библијата што ја добив во замена за мојата седмична порција леб
[Слика на страница 23]
Со мојата свршеница, Тина, во 1946
[Слика на страница 23]
Жан Керуа со жена му, Титика