Можеш ли да се преселиш во место каде што има потреба од повеќе објавители на Царството?
„Имавме убав живот во САД, но се плашевме дека таа средина која е сконцентрирана на материјалните работи може, со текот на времето, да влијае врз нас и врз нашите два сина. Јас и жена ми претходно служевме како мисионери, и сакавме повторно да се радуваме на таквиот едноставен, но среќен и исполнет живот.“
ВОДЕНИ од таа желба, во 1991 год., Ралф и Пем решиле да испратат писмо до неколку подружници за да ги известат дека се ставаат на располагање да служат во место каде што има потреба од повеќе објавители на Царството. Од подружницата во Мексико им одговориле дека итно им требаат објавители на Царството кои ќе им проповедаат на луѓето што зборуваат англиски во таа земја. Всушност, како што било нагласено во одговорот од подружницата, тоа поле било ‚зрело за жетва‘ (Јован 4:35). Набрзо потоа, Ралф и Пем, заедно со своите синови на 8 и 12 години, ја прифатиле поканата и почнале да се подготвуваат за да се преселат.
Огромно подрачје
Ралф раскажува: „Пред да си заминеме од САД, некои добронамерни браќа и сестри ни рекоа: ‚Опасно е да се селите во странство!‘ ‚Што ако се разболите?‘ ‚Зошто да се селите за да им проповедате на луѓе што зборуваат англиски? Нив нема да ги интересира вистината!‘ Меѓутоа, ние бевме решени. Впрочем, одлуката да се преселиме не беше избрзана. Такво нешто планиравме со години. Гледавме да не влегуваме во долгорочни долгови, штедевме пари и многу пати разговаравме како семејство за тоа со какви тешкотии би можеле да се соочиме ако се преселиме“.
Најпрво, Ралф и семејството отишле во подружницата во Мексико. Таму браќата им покажале карта од целата држава и им рекле: „Ова е вашето подрачје!“ Семејството се населило во Сан Мигел де Алјенде, град кој се наоѓа околу 240 километри северозападно од Мексико Сити и во кој живеат прилично голем број доселеници од странство. Три години откако се преселиле, во тој град било основано собрание на англиски со 19 објавители. Тоа било првото собрание на англиски јазик во Мексико. Сепак, имало уште многу работа.
Се проценува дека во Мексико живеат еден милион американски државјани. Освен тоа, има и многу Мексиканци — интелектуалци и студенти — кои знаат англиски. Ралф објаснува: „Се молевме да дојдат уште објавители. Една соба секогаш ни беше слободна за браќа и сестри кои, што би се рекло, доаѓаа ‚да ја извидат земјата‘“ (4. Мој. 13:2).
Поедноставен живот за повеќе да проповедаат
Наскоро во Мексико пристигнале и други браќа и сестри кои сакале да ја зголемат својата служба. Меѓу нив биле и Бил и Кети од САД. Тие веќе служеле 25 години на подрачја каде што има потреба од повеќе објавители. Размислувале да научат шпански, но ги смениле плановите откако се преселиле во гратчето Ахихик, кое се наоѓа на брегот на езерото Чапала и во кое живеат голем број пензионери од САД. Бил објаснува: „Во Ахихик бевме многу зафатени барајќи ги луѓето што зборуваат англиски и што сакаат да ја дознаат вистината“. Две години подоцна, Бил и Кети биле пресреќни кога се основало собрание во тоа место — второто собрание на англиски јазик во Мексико.
Кен и Џоана од Канада сакале да си го поедностават животот и да посветат повеќе време на проповедањето. И тие се преселиле во Мексико. Кен раскажува: „Требаше време да се навикнеме да живееме во место каде што се случува со денови да нема топла вода, струја или телефон“. Но, проповедањето им носело голема радост. По кратко време, Кен бил именуван за слуга-помошник, а две години подоцна и за старешина. Во почетокот, на нивната ќерка Британи не ѝ било лесно во едно мало собрание на англиски јазик во кое имало само неколку млади. Меѓутоа, откако почнала да помага во проекти за изградба на Сали на Царството, си стекнала добри пријатели низ целата земја.
Патрик и Роксана од Тексас (САД) се израдувале кога чуле дека не толку далеку од нив има едно мисионерско подрачје на кое луѓето зборуваат англиски. Патрик вели: „Откако бевме во Монтереј, град во североисточниот дел од Мексико, почувствувавме дека Јехова нѐ води да помогнеме таму“. За пет дена успеале да ја продадат куќата во Тексас и да се преселат во тој град. Иако во Мексико не им било лесно да се издржуваат, сепак биле пресреќни што, за само две години, малата група од 17 Сведоци, прераснала во собрание со 40 објавители.
Џеф и Деб се уште еден брачен пар што си го поедноставиле животот за да учествуваат повеќе во проповедањето. Ја продале својата голема куќа во САД и се преселиле во еден мал стан во Канкун, град на источниот брег во Мексико. Порано биле навикнати да одат на собири во сали со клима-уред близу до дома. Сега морале да патуваат осум часа за да присуствуваат на најблискиот собир на англиски јазик, кој се одржувал на отворен стадион. Но, голема радост им причинува тоа што сега во Канкун има собрание со околу 50 објавители.
Дури и некои браќа и сестри од Мексико почнаа да помагаат на подрачјето на англиски јазик. На пример, кога Рубен и неговото семејство чуле дека во Сан Мигел де Алјенде е формирано првото собрание на англиски и дека подрачјето на тоа собрание го опфаќа цело Мексико, веднаш решиле да помогнат. Тоа значело да научат англиски, да се навикнат на поинаква култура и да патуваат долги релации — 800 километри секоја седмица — за да присуствуваат на состаноците. Рубен раскажува: „Беше многу убаво што можевме да им сведочиме на странци кои со години живеат во Мексико, но кои за првпат ја слушаа добрата вест на својот јазик. На некои им навираа солзи од благодарност“. Откако некое време помагале во собранието во Сан Мигел де Алјенде, Рубен и неговото семејство служеле како општи пионери во градот Гванахуато, во централниот дел на Мексико, каде што помогнале да се основа собрание на англиски јазик со над 30 објавители. Денес служат во група на англиски јазик во Ирапуато, град во близината на Гванахуато.
Оние до кои тешко се доаѓа
Освен странците, и многу Мексиканци зборуваат англиски јазик. Обично не е лесно ним да им се пренесе пораката за Царството затоа што живеат во богати населби и вратата обично ја отвора куќна помошничка. Па дури и ако отворат сопствениците, некогаш не сакаат да слушаат затоа што мислат дека Јеховините сведоци се мала локална секта. Но, кога ќе им пристапи некој Сведок што е дојден од друга земја, некои од нив се спремни да слушаат.
Тоа било случај и со Глорија, која живее во градот Кверетаро, во централниот дел на Мексико. Таа објаснува: „Кај мене имаа дојдено Сведоци што зборуваат шпански, но не ги слушав. Меѓутоа, кога моето семејство и пријателите западнаа во проблеми, паднав во депресија и почнав да му се молам на Бог, преколнувајќи го да ми помогне да најдам излез од ситуацијата. Кратко потоа, дојде една жена што зборуваше англиски. Праша дали некој во семејството зборува англиски. Бев љубопитна затоа што беше од странство и ѝ кажав дека јас зборувам англиски. Додека зборуваше, си мислев: ‚Што бара оваа луда Американка во мојата населба?‘ Но, бидејќи го молев Бог да ми даде некаков знак, си помислив дека можеби оваа жена е одговорот на моите молитви“. Глорија прифатила да ја проучува Библијата и многу брзо напредувала и се крстила, иако семејството ѝ се противело. Сега Глорија служи како општ пионер, а и маж ѝ и син ѝ му служат на Јехова.
Благослови за оние што ја зголемуваат службата
Иако не е лесно да се служи на места каде што има потреба од повеќе објавители на Царството, наградите се големи. Ралф, кој беше спомнат во почетокот, вели: „Ја проучувавме Библијата со луѓе од Британија, Јамајка, Кина, Шведска, па дури и со луѓе од повластената класа од Гана. Некои од нив сега и самите служат полновремено. Во изминативе години, видовме како се основаат седум собранија на англиски. Нашите два сина почнаа да служат како пионери со нас, а сега служат во Бетелот во САД“.
Моментално во Мексико има 88 собранија на англиски јазик, а има и голем број групи. На што се должи ваквиот брз пораст? Многу луѓе во Мексико што зборуваат англиски никогаш немале разговарано со Сведоците. Други ја прифатиле пораката затоа што не чувствувале притисок од околината кој, доколку би биле во својата земја, можеби би ги спречил да проучуваат. Трети, пак, прифатиле да проучуваат зашто како пензионери имаат време за тоа. Освен тоа, над една третина од објавителите во собранијата на англиски јазик служат како пионери, што многу придонесува за ревноста и порастот во овие собранија.
Благослови и за тебе
Нема сомнение дека уште многу луѓе низ целиот свет ќе ја прифатат пораката за Царството кога ќе ја слушнат на својот мајчин јазик. Затоа, големо охрабрување е кога гледаме дека голем број духовни браќа и сестри — млади и стари, самци и брачни парови — се спремни да се преселат во места каде што има потреба од повеќе објавители на Царството. Точно, можеби ќе имаат тешкотии, но тие не се ништо кога ќе се споредат со среќата што ја чувствуваат кога ќе пронајдат искрени лица што ја прифаќаат библиската вистина. Би можел ли да направиш некои промени што ќе ти овозможат да се преселиш на подрачје во твојата земја или во некоја странска земја каде што има потреба од повеќе објавители на Царството?a (Лука 14:28-30; 1. Кор. 16:9). Ако можеш да го направиш тоа, биди сигурен дека те чекаат големи благослови!
[Фуснота]
a Повеќе информации во врска со служење на места каде што има потреба од повеќе објавители, може да се најдат во книгата Организирани за да ја вршиме Јеховината волја, на страници 111, 112.
[Рамка на страница 21]
Среќните пензионери привлекуваат внимание
Берил се преселила од Британија во Канада. Таму работела како директор во неколку меѓународни компании. Освен тоа, била многу добра во коњички спортови, па дури била избрана да ја претставува Канада на Олимпијадата во 1980 год. Откако таа и маж ѝ се пензионирале, се преселиле во Чапала (Мексико) и честопати ручале во некој од локалните ресторани. Кога ќе видела во ресторанот некои пензионери кои зборуваат англиски и кои изгледаат многу среќно, таа обично ќе им пристапела, ќе им се претставела и ќе ги прашала зошто се во Мексико. Речиси секогаш одговорот бил дека се Јеховини сведоци. Така Берил и маж ѝ почнале да си размислуваат дека, ако човек наоѓа среќа и смисла во животот кога ќе го запознае Бог, тогаш и тие треба да го запознаат. Откако неколку месеци одела на христијанските состаноци, Берил прифатила да ја проучува Библијата и станала Сведок. Неколку години била во можност да служи како општ пионер.
[Рамка на страница 22]
„Благослов е што се со нас“
Оние што се преселуваат во земји каде што има потреба од повеќе објавители на Царството се многу ценети од тамошните браќа. Една подружница од Карибите го напиша следново: „Кога би си заминале стотиците странци кои служат овде, тоа би се одразило на стабилноста на собранијата. Благослов е што се со нас“.
Божјата реч вели дека „жените што ја објавуваат добрата вест се голема војска“ (Пс. 68:11). Затоа, не изненадува фактот што меѓу оние кои служат во странство има многу немажени сестри. Тие самопожртвувани сестри се од голема помош. Од подружницата во една источно-европска земја велат: „Во многу наши собранија, голем процент од објавителите — во некои дури и до 70 отсто — се сестри. Повеќето од нив се нови во вистината, но немажените сестри во пионерска служба што се дојдени од други земји се од огромна помош за нив. Овие сестри од странство се вистински дар за нас!“
А што мислат таквите сестри за служењето во друга земја? „Има многу предизвици“, вели Анџелика, сестра на околу 35 години, која, како самица, неколку години служела во странство како пионер. „Во една земја, секој ден одев по калливи патишта и насекаде околу мене гледав луѓе што страдаат. Тоа беа многу депресивни глетки. Но, задоволство ми носеше тоа што им помагав на луѓето во службата. Многу ми значеше и благодарноста на тамошните сестри кои честопати ми се заблагодаруваа што сум дошла да им помогнам. Една сестра ми рече дека тоа што сум дошла оддалеку за да служам како пионер во нејзината земја ја поттикнало и таа да почне со полновремена служба.“
Сју, пионерка на 50-тина години, вели: „Неизбежно ќе се соочиш со предизвици, но тие се ништо во споредба со благословите што ќе ги добиеш. Службата е прекрасна! Бидејќи голем дел од времето го поминувам со млади сестри, им раскажувам што сум научила од Библијата и од нашите публикации за тоа како да се справуваме со тешките ситуации. Тие честопати ми велат дека тоа што јас ги поднесувам и ги решавам проблемите во сите овие години како самица и пионер им помага да сфатат дека и тие можат да се носат со проблемите во животот. Многу ме исполнува тоа што можам да им помагам на овие сестри“.
[Карта на страница 20]
(Види во публикацијата)
МЕКСИКО
Монтереј
Гванахуато
Ирапуато
Ахихик
Чапала
Езеро Чапала
Сан Мигел де Алјенде
Кверетаро
МЕКСИКО СИТИ
Канкун
[Слика на страница 23]
Некои имаат прекрасна можност да им сведочат на странци кои за првпат ја слушаат добрата вест