ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w09 1/5 стр. 19-21
  • Заштити се од злите духови

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Заштити се од злите духови
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Каква штета нанесуваат злите духови
  • Препознај ги обичаите што се против Божја волја
  • Што мора да направиш?
  • Јехова ќе ти помогне да им се спротивставиш на злите духови
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2019
  • Спротивстави им се на злите духовни сили
    Спознание кое води до вечен живот
  • Духовни суштества — како влијаат врз нас
    Што навистина учи Библијата?
  • Моќта на злите духови
    Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
w09 1/5 стр. 19-21

Заштити се од злите духови

ЏЕЈМС пораснал во едно зафрлено место на островот Малаита, кој припаѓа на Соломоновите Острови. Уште од дете го учеле да ги почитува духовите. „Никогаш не сум помислувал да ги повикам духовите за да им наштетат на другите“, вели тој, „но мислев дека не можеш да бидеш среќен ако не користиш рарафоно [традиционални обичаи со кои се бара помош од духовите] за да се заштитиш од лошото.“

Како што е случај со луѓето во многу други делови од светот, жителите на Соломоновите Острови веруваат дека духовите можат некому да му помогнат или да му наштетат. Всушност, многу жители на Меланезија гледаат со симпатии, а не со страв на таканаречените добри духови.

Верувањето во духови се манифестира на најразлични начини. На пример, кога Џејмс бил мал, жените во неговото село веднаш ги внесувале децата внатре кога ќе ја чуеле птицата корокоро (еден вид кукавица). Зошто? Верувале дека повикот на оваа птица навестува несреќа за некого.

Некои селани ставаат посебен бел камен над надвратникот од своите куќи. Тоа го направил и Џејмс, верувајќи дека каменот ќе го заштити од лошите духови. А додека бил на работа, ги собирал остатоците од ручекот и ги ставал во торба за да ги фрли подоцна. Се плашел дека некој врач ќе ги земе остатоците и ќе ги употреби за да му направи магија и да го разболи.

Иако во твоето место можеби не се прават истите работи, можеби и ти, како Џејмс, некогаш си помислил дека треба да ги држиш обичаите што по традиција се прават во твојот крај за да се заштитиш од злите духови. Можеби веруваш дека мора да се држиш за тие обичаи за да не те снајде нешто лошо.

Ако ја почитуваш Библијата, сигурно сакаш да знаеш што вели таа за следниве прашања: 1) Како можат да ти наштетат злите духови? 2) Можеш ли да потпаднеш под влијание на демоните ако правиш некои традиционални обичаи? 3) Како да најдеш вистинска заштита од злите духови и да бидеш среќен?

Каква штета нанесуваат злите духови

Библијата открива дека злите духови во никој случај не може да бидат духовите на умрените. „Живите се свесни дека ќе умрат“, стои во Божјата реч, „а мртвите не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5). Злите духови се, всушност, бунтовните ангели што му се придружиле на Сатана во обидот да ги заведе луѓето (Откровение 12:9).

Светото писмо отворено вели дека ни е потребна заштита од злите духови. Апостол Павле им напишал на христијаните во Ефес: „Ние не се бориме против крв и месо, туку против... злите духовни сили на небесата“. Апостол Петар го опишал владетелот на сите зли духови, Сатана Ѓаволот, како ‚разрикан лав што бара некого да проголта‘ (Ефешаните 6:12; 1. Петрово 5:8).

Сатана нанесува штета првенствено со тоа што ги заведува луѓето, мамејќи ги или ставајќи ги во искушение да постапуваат онака како што не сака Бог. Библијата вели дека Сатана „се преправа дека е ангел на светлината“ (2. Коринќаните 11:14). Тој се преправа дека е дух-заштитник, но вистината е дека има злобни намери. Сатана им ги заслепува умовите на луѓето во поглед на вистината за него и вистината за Бог (2. Коринќаните 4:4). Со каква цел ги заведува луѓето?

Сатана копнее да биде обожаван и сака луѓето, свесно или несвесно, да го обожаваат него. Кога Божјиот Син, Исус, бил на Земјата, Сатана сакал дури и тој ‚да падне и да му се поклони‘. Исус му рекол: „Бегај, Сатано! Зашто, напишано е: ‚Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му!‘“ (Матеј 4:9, 10). Исус одбил да направи нешто со кое би покажал дека му е подложен и дека му служи на Сатана.

Јехова е најмоќното од сите духовни суштества и нема да дозволи да претрпат никакво трајно зло оние што му се послушни (Псалм 83:18; Римјаните 16:20). Но, ако сакаме да му угодиме на Јехова Бог, како што правел Исус, не смееме да направиме ништо со кое би покажале дека им се потчинуваме на Сатана и на неговите демони. За таа цел, треба да препознаеме кои традиционални обичаи се во чест на злите духови. Како ќе успееме во тоа?

Препознај ги обичаите што се против Божја волја

Јехова Бог го предупредил својот древен народ, Израелците, да не се поведуваат по традиционалните обичаи на околните народи. Тој рекол: „Кај тебе нека не се најде никој... што гата, ни некој што се занимава со магија, ни некој што пророкува според предзнаци, ни маѓепсник, ни некој што фрла уроци“. Во врска со оние што ги правеле тие обичаи, Библијата вели: „Секој што прави такво нешто му е одвратен на Јехова“ (5. Мојсеева 18:10-12).

Затоа, кога ги анализираш обичаите што се прават во твоето место, размисли и за овие прашања: Дали тој обичај го поткрепува верувањето во предзнаци? Дали со него им се припишуваат магични сили на неживи предмети? Дали е поврзан со уроци или со заштита од нив? Дали претставува чин на подложност на некое друго духовно суштество, освен на Јехова или на оној што е поставен од него, Исус? (Римјаните 14:11; Филипјаните 2:9, 10).

Многу е важно да отфрлиш секакви адети што се поврзани со такви верувања. Зошто? Апостол Павле, под водство на светиот дух, напишал: „Не можете да јадете од ‚трпезата на Јехова‘ и од трпезата на демоните“. Тој опоменал дека оние што се обидуваат истовремено да им угодат и на Бог и на други духовни суштества ‚предизвикуваат љубомора кај Јехова‘ (1. Коринќаните 10:20-22). Јехова Бог бара и заслужува да му служиме само нему (2. Мојсеева 20:4, 5).

Размисли и за ова прашање: Дали тој обичај ја поткрепува идејата дека човекот не е одговорен за своите постапки? На пример, на прељубата и предбрачниот секс се гледа со неодобрување во многу места, а ги осудува и Библијата (1. Коринќаните 6:9, 10). Меѓутоа, во некои култури на Пацификот, таквите постапки може да станат прифатливи ако некоја девојка тврди дека била наведена на секс затоа што некој ѝ направил магија.a

Меѓутоа, Библијата учи дека секој од нас е одговорен за своите постапки (Римјаните 14:12; Галатите 6:7). На пример, првата жена, Ева, сметала дека Сатана ја навел да не го послуша Бог, велејќи: „Змијата ме измами, па јадев“. Меѓутоа, во Јеховини очи, Ева била одговорна за она што го направила (1. Мојсеева 3:13, 16, 19). Јехова и нас нѐ смета за одговорни за нашите постапки (Евреите 4:13).

Што мора да направиш?

Ако сакаш да му угодиш на Бог и да живееш според библиските начела, треба да преземеш решителни чекори. Искрените луѓе што живееле во Ефес во 1 век ни дале добар пример за тоа. За да се ослободат од влијанието на злите духови, тие ги собрале сите свои книги поврзани со спиритизам и ‚ги изгореле пред сите‘ (Дела 19:19).

Пред да ги изгорат книгите, тие луѓе ‚доаѓале и јавно ги признавале своите гревови, опишувајќи што правеле‘ (Дела 19:18). Бидејќи длабоко ги трогнало она што им го кажал Павле за Христос, биле мотивирани да ги уништат своите спиритистички книги. Исто така, ги промениле и своите ставови кон традиционалните обичаи.

Точно е дека не е лесно да се расчисти со таквите обичаи. Џејмс, кого го спомнавме претходно, се соочил со овој предизвик. Почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци и многу му се допаднало она што го учел. Меѓутоа, продолжил да прави рарафоно. Откако добро се преиспитал, сфатил дека верува во Јеховините ветувања за иднината, но си мислел дека, за да се заштити од лошото, и понатаму треба да ги држи обичаите.

Што му помогнало на Џејмс да го промени своето гледиште? Тој вели: „Го молев Јехова да ме заштити и да ми помогне да се потпрам на него. Во исто време, прекинав со традиционалните обичаи“. Дали му се случило нешто лошо? „Не“, вели Џејмс, „туку научив да имам доверба во Јехова. Видов колку близок пријател може да ни биде тој.“ Всушност, изминативе седум години Џејмс служи како полновремен проповедник и им помага на другите да дознаат што учи Библијата.

Зошто не се угледаш на Џејмс? Преиспитај ги обичаите во твоето место и користи го „својот разум“ за да видиш дали се во склад со „Божјата волја“ (Римјаните 12:1, 2). Потоа собери храброст да се ослободиш од сите суеверни обичаи. Ако го направиш тоа, можеш да бидеш сигурен дека Јехова ‚ќе те прими‘ во својата закрила и ќе те заштити (2. Коринќаните 6:16-18). Како Џејмс, ќе сфатиш колку е вистинито библиското ветување: „Името на Јехова е цврста кула. Во неа бега праведникот и наоѓа заштита“ (Изреки 18:10).

[Фуснота]

a Ова се однесува на обичајот да се бае над лист од едно посебно растение или над јадење. Потоа ѝ се дава на некоја девојка. Се смета дека тој лист или јадење предизвикуваат во девојката привлечност кон некој маж. Овој обичај не е ист со случаите кога на некоја девојка без да забележи ќе ѝ се даде дрога и потоа ќе се принуди на секс против нејзина волја. Во тој случај, девојката е недолжна жртва.

[Слика на страница 19]

Корокоро

[Извор на слика]

Со љубезна дозвола на Dr. Bakshi Jehangir

[Слика на страница 19]

Една девојка ги собира остатоците од храна за да не ги земе некој и да ѝ направи магија

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели