Приближи му се на Бог
Тој ги знае нашите ограничувања
„ДАВАВ сѐ од себе, но секогаш имав чувство дека тоа што го правам не е доволно.“ Така рече една жена за своите напори да му угоди на Бог. Дали Јехова Бог го прифаќа најдоброто што можат да го направат оние што му служат, дури и ако тоа не е многу? Дали ги зема предвид нивните способности и околности? За да одговориме на овие прашања, ќе биде добро да разгледаме што пишува во Мојсеевиот закон за извесни жртви што се принесувале. За тоа читаме во 3. Мојсеева 5:2-11.
Според Законот, Бог барал да се принесуваат различни жртви за да се добие простување на гревовите. Во случаите што се спомнати во овие стихови, поединецот згрешил ненамерно, без да е свесен за тоа (стихови 2-4). Кога ќе сфател што направил, требало да го признае својот грев и да принесе жртва за вина — „женка од ситната стока, јагне или јаре“ (стихови 5, 6). Но, што ако бил сиромашен и немал да принесе јагне или јаре? Дали Законот барал да позајми такво животинче и да се задолжи? Дали требало да работи сѐ додека не заработи доволно пари за да го купи животното што требало да го принесе како жртва, па така гревовите да му бидат простени подоцна?
Јеховината нежна грижа може да се види од следниве зборови што биле запишани во Законот: „Ако нема пари за да набави грло од ситната стока, тогаш за гревот што го направил нека му донесе на Јехова како жртва за вина две грлици или два млади гулаба“ (стих 7). Фразата „ако нема“ може да се преведе и како „ако... не може да си дозволи“. Ако некој Израелец бил премногу сиромашен за да принесе овца, тогаш Бог прифаќал нешто што таквиот можел да го даде — две грлици или два млади гулаба.
Но, што ако некој немал пари дури ни за две птици? „Тогаш нека донесе како жртва за гревот што го направил десеттина ефа [околу еден килограм] фино брашно, како жртва за грев“, пишува во Законот (стих 11). За оние што биле многу сиромашни, Јехова рекол да се направи исклучок и дозволил да принесат жртва за грев без крв.a Во Израел, сиромаштијата не била причина некој да не добие простување на гревовите или можност да се помири со Бог.
Што учиме за Јехова од законот во врска со жртвите за вина? Дека тој е сочувствителен Бог кој ги разбира и ги зема предвид ограничувањата на оние што му служат (Псалм 103:14). Тој сака да му се приближиме и да имаме добар однос со него дури и во тешки околности, како што се староста, лошото здравје и семејните или други обврски. Може да нѐ утеши мислата дека Јехова Бог се радува кога правиме сѐ што е во наша моќ.
[Фуснота]
a Помирителната вредност на некое жртвувано животно била во крвта, која е света во Божји очи (3. Мојсеева 17:11). Дали тоа значи дека жртвите од брашно што ги принесувале сиромашните немале никаква вредност? Не. Јехова сигурно го ценел понизниот, спремен дух што стоел зад тие жртви. Освен тоа, гревовите на целиот народ — вклучувајќи ги и сиромашните — биле покривани со крвта на животните што му биле принесувани на Бог на годишниот Ден на очистување (3. Мојсеева 16:29, 30).