Христовата љубов нѐ тера да покажуваме љубов
„Бидејќи ги сакаше своите кои беа во светот, [Исус] им покажуваше љубов до крај“ (ЈОВАН 13:1)
1, 2. а) Што е толку значајно во врска со љубовта што ја покажал Исус? б) Кои аспекти на љубовта ќе ги разгледаме во оваа статија?
ИСУС го дал совршениот пример на љубов. Тој покажал љубов во сѐ — со своите зборови и постапки, со своето поучување и со својата жртвена смрт. До самиот крај на својот живот на Земјата, Исус покажувал љубов кон сите што ги среќавал, а особено кон своите ученици.
2 Со својот извонреден пример на љубов што го дал, Исус поставил едно високо мерило за кое треба да се држат неговите ученици. Неговиот пример нѐ поттикнува да покажуваме слична љубов кон нашите духовни браќа и сестри, но и кон сите други луѓе. Во оваа статија ќе видиме што можат собраниските старешини да научат од Исус за тоа како да покажуваат љубов кон оние што згрешиле, па дури и кон оние што направиле тешки гревови. Исто така, ќе видиме како љубовта на Исус ги тера христијаните да помагаат во време на неволји, природни катастрофи и болести.
3. Како постапил Исус со Петар, и покрај тоа што Петар сериозно згрешил?
3 Ноќта пред да биде убиен Исус, Петар, неговиот апостол, трипати се одрекол од него (Мар. 14:66-72). Сепак, кога се покајал и се вратил — како што прорекол Исус — Исус му простил, а потоа му дал големи одговорности (Лука 22:32; Дела 2:14; 8:14-17; 10:44, 45). Што учиме од ставот кој го имал Исус кон оние што направиле сериозни грешки?
Размислувај како Христос во врска со оние што грешат
4. Особено во која ситуација треба да покажеме дека размислуваме како Христос?
4 Една од многуте ситуации во кои треба да размислуваме како Христос, а која може да биде посебно болна, е кога некој од семејството или од собранието ќе направи тежок грев. За жал, како што се приближуваме кон крајот на последните денови од Сатановиот поредок, духот на светот сѐ повеќе ги расипува луѓето во морален поглед. Рамнодушноста и неисправните ставови на светот во врска со моралот можат да влијаат и врз нас, сеедно дали сме млади или постари, и постепено да ни ја ослабнат решеноста да го правиме она што е исправно. Во првиот век, некои морале да бидат исклучени од христијанското собрание, а други биле укорени. Слично е и денес (1. Кор. 5:11-13; 1. Тим. 5:20). Сепак, кога старешините кои ги решаваат ваквите случаи постапуваат со љубов како Христовата, ова може силно да влијае врз оној што згрешил.
5. На кој начин старешините треба да размислуваат како Христос во врска со оние што згрешиле?
5 Исто како Исус, старешините мора секогаш да се држат за Јеховините праведни мерила. Кога го прават тоа, тие покажуваат благост, љубезност и љубов како што покажува Јехова. Ако некој навистина се кае, ако е ‚скршен во срцето‘ и со „скршен дух“ поради својот грев, на старешините можеби не им е тешко ‚да го исправат таквиот во дух на благост‘ (Пс. 34:18; Гал. 6:1). Но, што ако станува збор за некој што упорно се инаети и покажува дека речиси воопшто не се кае?
6. Што мора да избегнуваат старешините кога се работи за некој што направил грев, и зошто?
6 Кога некој што згрешил ги отфрла библиските совети или се обидува да ја префрли вината за она што го сторил врз други, старешините и другите што се вклучени можеби ќе се изнервираат. Бидејќи се свесни за штетата што тоа лице веќе ја направило, можеби ќе бидат во искушение да му кажат в лице што мислат за неговите постапки и ставови. Но, гневот обично има лоши последици, и оние што се гневат не го одразуваат „Христовиот ум“ (1. Кор. 2:16; прочитај Јаков 1:19, 20). Исус јасно опоменал некои поединци во своето време, но никогаш не кажал нешто со омраза или со цел некого да повреди (1. Пет. 2:23). Напротив, со своите зборови и постапки, тој им покажал на оние што згрешиле дека можат да се покаат и да му се вратат на Јехова. Всушност, една од главните причини зошто Исус дошол во светот била „да ги спаси грешниците“ (1. Тим. 1:15).
7, 8. Што треба да ги води старешините кога има правен случај?
7 Како треба примерот на Исус да влијае врз нашиот став кон оние против кои собранието мора да преземе мерки? Сети се дека библиските упатства за поведување правна постапка во собранието го штитат стадото и можат да го наведат грешникот да се покае (2. Кор. 2:6-8). Жалосно е што некои не се каат и мора да бидат исклучени, но охрабрува тоа што знаеме дека голем број од нив подоцна се враќаат кај Јехова и во неговото собрание. Кога старешините гледаат на работите како Христос, тие му олеснуваат на тоа лице да се покае и, на крајот, да се врати. Откако ќе помине сето тоа, некои од овие лица што порано направиле грев можеби нема да се сеќаваат на сите библиски совети што им ги дале старешините, но сигурно нема да заборават дека го почитувале нивното достоинство и покажале љубов кон нив.
8 Според тоа, старешините мора да ги покажуваат „плодовите на духот“, особено љубов како Христовата, дури и кога тоа не е баш лесно (Гал. 5:22, 23). Никогаш не треба да остават впечаток дека едвај чекаат да го исклучат од собранието оној што згрешил. Напротив, треба да покажат дека сакаат оние што згрешиле да му се вратат на Јехова. Така, кога грешникот подоцна ќе се покае, како што е случај со мнозина, веројатно ќе им биде многу благодарен и на Јехова и на ‚луѓето дадени како дарови‘ што му олесниле да се врати во собранието (Еф. 4:8, 11, 12).
Покажувај љубов како Христовата во времето на крајот
9. Наведи пример како Исус покажал љубов на дело кон своите ученици.
9 Лука пишува за една прилика кога Исус на посебен начин покажал љубов на дело. Христос знаел дека ќе дојде ден кога римските војници ќе го опколат Ерусалим и ќе ги попречат сите излези од градот. Тој со љубов ги предупредил своите ученици: „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од улогорени војски, тогаш знајте дека се приближило неговото опустошување“. Што требало да прават кога ќе го виделе тоа? Исус предвреме им дал јасни и конкретни упатства. „Тогаш оние што ќе бидат во Јудеја, нека бегаат во планините! Оние што ќе бидат во градот, нека го напуштат, а оние што ќе бидат во селата, нека не влегуваат во градот! Зашто, тоа се денови во кои ќе се изврши правдата, за да се исполни сето она што е напишано“ (Лука 21:20-22). Откако римските војски го опколиле Ерусалим во 66 год. од н.е., послушните христијани постапиле во склад со овие упатства.
10, 11. Како може да се подготвиме за ‚големата неволја‘ ако размислуваме за бегството на првите христијани од Ерусалим?
10 Кога бегале од Ерусалим, христијаните требало да покажуваат љубов еден кон друг, исто како што и Христос покажал кон нив. Сигурно морале да го делат меѓу себе она што го имале. Но, пророштвото што го дал Исус не се однесувало само на уништувањето на овој древен град. Тој прорекол: „Ќе има голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега, ниту повеќе ќе има“ (Мат. 24:17, 18, 21). Пред и во текот на таа „голема неволја“ која ни претстои, и ние можеби ќе се соочиме со тешкотии и оскудица. Но, ако размислуваме како Христос, ќе можеме да ги пребродиме.
11 Во тоа време, ќе треба да го следиме примерот на Исус и да покажуваме несебична љубов. Во врска со ова, Павле го дал следниов совет: „Секој од нас нека му угодува на својот ближен во она што е добро за изградување. Зашто, ниту Христос не си угодуваше себеси... А Бог, кој дава истрајност и утеха, нека ви овозможи во однесувањето еден кон друг да размислувате како Христос Исус“ (Рим. 15:2, 3, 5).
12. Каква љубов треба да развиваме уште сега, и зошто?
12 Петар, кој лично ја чувствувал љубовта на Исус, на сличен начин ги поттикнал христијаните да покажуваат „нелицемерна братска љубов“ и да ѝ бидат ‚послушни на вистината‘. Тие треба да ‚се сакаат еден со друг силно и од срце‘ (1. Пет. 1:22). Денес е потребно повеќе од кога и да било порано да ги покажуваме особините што ги имал Христос. Притисоците врз сите Божји слуги сѐ повеќе се зголемуваат. Никој од нас не треба да има доверба во ниту еден дел од овој стар свет, како што јасно покажува метежот кој во последно време владее во сферата на светската економија. (Прочитај 1. Јованово 2:15-17.) Наместо тоа, како што крајот на овој поредок сѐ повеќе се приближува, треба да стануваме сѐ поблиски со Јехова и еден со друг — односно, да бидеме блиски пријатели со браќата и сестрите во собранието. Павле советувал: „Со братска љубов сакајте се срдечно еден со друг. Предводете во искажувањето почит еден кон друг“ (Рим. 12:10). А Петар уште повеќе ја нагласил оваа мисла, велејќи: „Пред сѐ, горливо сакајте се еден со друг, зашто љубовта покрива мноштво гревови“ (1. Пет. 4:8).
13-15. Како некои браќа покажале љубов како Христовата откако се случиле природни катастрофи?
13 Низ целиот свет, Јеховините сведоци се познати по искрената љубов што ја покажуваат на дело. Размисли, на пример, за Сведоците кои го прифатија повикот да им помогнат на жртвите од бурите и ураганите, кои уништија големи подрачја во јужниот дел на Соединетите Држави во 2005 год. Поттикнати од примерот на Исус, се пријавија повеќе од 20.000 доброволци. Мнозина од нив ги оставија своите удобни домови и сигурната работа за да им помогнат на погодените браќа.
14 Во една област, морската вода навлезе 80 километри во внатрешноста на копното, а брановите достигнаа височина и до 10 метри. Кога водата се повлече, една третина од куќите и од другите згради беа целосно уништени. Јеховини сведоци од неколку земји, кои се пријавија како доброволци, донесоа во погоденото подрачје алат и градежни материјали, и беа спремни да ги користат своите вештини за да ја завршат сета неопходна работа. Две телесни сестри, вдовици, ги спакувале своите работи и ги ставиле во комбе, па возеле повеќе од 3.000 километри за да помогнат. Едната од нив остана во таа област, и сѐ уште му помага на локалниот Одбор за помош и служи како општ пионер.
15 Повеќе од 5.600 домови на Сведоците и на други лица во тоа подрачје беа повторно изградени или поправени. Што мислат тамошните Сведоци за тој огромен израз на љубов? Една сестра, чиј дом беше уништен, се пресели во мала камп-приколка. Шпоретот во приколката беше расипан, а покривот протекуваше. Браќата ѝ изградија скромна, но удобна куќичка. Стоејќи пред својот убав нов дом, таа лееше солзи од благодарност кон Јехова и кон своите браќа. Во голем број други случаи, раселените тамошни Сведоци останаа во своите привремени домови година или повеќе, иако нивните куќи веќе беа изградени. Зошто? За да можат доброволците во акцијата да престојуваат во нив. Колку убав пример за покажување љубов како Христовата!
Да размислуваме како Христос во врска со болните
16, 17. На кои начини можеме да размислуваме како Христос во врска со болните?
16 Релативно малкумина од нас морале да се справуваат со некоја голема природна катастрофа. Но, речиси секој ќе се соочи некогаш со здравствени проблеми, или лично или, пак, со болест на некој од семејството. Ставот што Исус го имал кон болните е добар пример за нас. Поттикнат од љубов, тој се сожалил на нив. Кога мноштвата му ги донесувале своите болни, ‚тој ги излекувал сите‘ (Мат. 8:16; 14:14).
17 Денес, христијаните не можат да лекуваат со чуда како што правел Исус, но имаат исто сочувство кон болните како што имал и тој. Од каде знаеме? На пример, старешините покажуваат дека размислуваат како Исус така што прават подготовки да им се помогне на болните во собранието. Освен тоа, водат сметка болните навистина да ја добијат таа помош, со што, во принцип, постапуваат така како што се вели во Матеј 25:39, 40.a (Прочитај.)
18. Како две сестри покажале искрена љубов кон една болна сестра, и со каков резултат?
18 Се разбира, не мора да бидеме старешини за да им правиме добро на другите. Размисли за 44-годишната Шарлин, која имала рак и ѝ било кажано дека ѝ преостануваат уште само десет дена живот. Увидувајќи ги нејзините потреби и гледајќи колку е исцрпен нејзиниот верен сопруг од грижата околу неа, две духовни сестри, Шерон и Николет, се ставиле цело време на располагање за да бидат со Шарлин во тие последни денови. Шарлин живеела уште месец и пол, но овие две сестри ѝ покажувале љубов до крај. „Многу е болно кога знаеш дека некој нема да закрепне“, вели Шерон. „Сепак, Јехова ни даде сила. Тоа што го поминавме заедно нѐ зближи со него и еден со друг.“ Мажот на Шарлин вели: „Никогаш нема да ја заборавам љубезната и практична помош што ни ја пружија овие две мили сестри. Нивните чисти мотиви и позитивниот став ѝ ги олеснија последните маки на мојата драга Шарлин, а и мене ме поткрепија физички и душевно во време кога тоа најмногу ми беше потребно. Ќе им бидам вечно благодарен. Нивната самопожртвуваност ми ја зајакна верата во Јехова и љубовта кон сите браќа“.
19, 20. а) Кои особини на Христос ги разгледавме? б) Што си решен да правиш?
19 Во овие три статии, разгледавме како размислувал Исус и некои од особините што ги покажал, а видовме и како можеме и ние да размислуваме и да постапуваме како него. Затоа, да бидеме ‚благи и со понизно срце‘, исто како што бил Исус (Мат. 11:29). Исто така, да се трудиме да постапуваме љубезно со другите, дури и тогаш кога нивните несовршености и слабости ќе излезат на површина. Храбро да ги слушаме сите Јеховини барања, дури и кога се соочуваме со неволји.
20 На крајот, да покажуваме љубов кон сите наши браќа, исто како што покажувал Христос — „до крај“. Таа љубов е знак дека сме вистински следбеници на Исус (Јован 13:1, 34, 35). Затоа, „братската љубов и понатаму нека владее меѓу вас“ (Евр. 13:1). Не воздржувај се да ја покажуваш! Користи го својот живот да го фалиш Јехова и да им помагаш на другите! Јехова сигурно ќе ги благослови твоите искрени напори.
[Фуснота]
a Види ја статијата „Немој само да речеш: ‚Грејте се и добро хранете се‘“, во Стражарска кула од 1 март 1987 год.
Можеш ли да објасниш?
• Како старешините можат да покажат дека размислуваат како Христос во врска со оние што направиле грев?
• Зошто е особено важно во ова време на крајот да покажуваме љубов како Христовата?
• Како можеме да покажеме дека размислуваме како Христос во врска со болните?
[Слика на страница 17]
Старешините сакаат оние што грешат да му се вратат на Јехова
[Слика на страница 18]
Како христијаните што излегле од Ерусалим покажале дека размислуваат како Христос?
[Слика на страница 19]
Јеховините сведоци се познати по тоа што покажуваат на дело љубов како Христовата