Го цениш ли она што го сторил Јехова за да те избави?
„Нека е благословен Јехова, Богот на Израел, зашто му се смилува на својот народ и го избави!“ (ЛУКА 1:68)
1, 2. Со што може да се спореди тешката ситуација во која се наоѓаме, и кои прашања ќе ги разгледаме?
ЗАМИСЛИ СИ дека се наоѓаш на болничка постела. Сите пациенти што лежат на тоа одделение се болни од истата смртоносна болест за која сѐ уште не е пронајден лек. Кога дознаваш дека еден лекар прави сѐ што може за да го открие, ти се враќа надежта. Со нетрпение чекаш да чуеш нешто ново во врска со неговото истражување. И, еден ден, дознаваш дека лекот е најден! Лекарот што се трудел да го пронајде направил огромни жртви за да успее во тоа. Како ќе се чувствуваш? Без сомнение, твоето срце ќе се прелева од благодарност и почит кон тој човек што ќе ти помогне тебе, како и на многу други да бидете спасени од сигурна смрт.
2 Можеби ова ти изгледа како измислено сценарио, но, всушност, одговара на реалноста со која се соочуваме сите ние. Секој од нас се наоѓа во многу потешка ситуација од таа што ја опишавме сега. Сите имаме огромна потреба од избавител. (Прочитај Римјаните 7:24.) Јехова направил многу жртви за да нѐ избави. И неговиот Син направил огромни жртви. Затоа, да го разгледаме одговорот на четири основни прашања. Зошто ни е потребно избавување? Што платил Исус за да нѐ избави? Колку го чинело тоа Јехова? И како може да покажеме дека го цениме ова избавување што ни го обезбедува Бог?
Зошто ни е потребно избавување
3. Во кој поглед гревот е како епидемија?
3 Според една понова проценка, меѓу најстрашните епидемии во човечката историја бил шпанскиот грип, кој се појавил во 1918 год. и покосил десетици милиони луѓе. Во извесна смисла, некои други болести се уште посмртоносни. Иако можеби со нив се заразуваат помалку луѓе, стапката на смртност кај заразените е многу повисока.a Меѓутоа, што може да се каже за гревот, ако го споредиме со епидемија? Сети се на зборовите од Римјаните 5:12: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“. Значи, со него се заразени 100 отсто од луѓето, бидејќи сите несовршени луѓе се грешни. (Прочитај Римјаните 3:23.) А колкава е стапката на смртност? Павле напишал дека гревот им носи смрт „на сите луѓе“.
4. Како гледа Јехова на нашиот животен век, и како неговото гледиште се разликува од гледиштето на мнозина денес?
4 Мнозина денес мислат дека гревот и смртта се нешто сосема нормално. Загрижени се за она што го нарекуваат предвремена смрт, но ја сметаат за „природна“ смртта која е резултат на процесот на стареење. Луѓето заборавиле како гледа Творецот на оваа работа. Нашиот животен век е бесконечно пократок од она што било Негова намера во почетокот. Всушност, од Јеховина гледна точка, ниту еден човек на Земјата не живеел дури ни „еден ден“ (2. Пет. 3:8). Затоа Божјата реч вели дека нашиот живот е минлив како краткотрајната трева или како еден здив (Пс. 39:5; 1. Пет. 1:24). Не треба никогаш да го заборавиме ова. Зошто? Затоа што, ако сме свесни колку е страшна „болеста“ која ја имаме, повеќе ќе го цениме и „лекот“ за неа, односно нашето избавување.
5. Што не сме имале никогаш поради гревот?
5 За да разбереме колку, всушност, е страшен гревот и неговите последици, мора да се обидеме да разбереме што сѐ сме изгубиле поради него. Ова можеби нема да биде толку лесно бидејќи, поради гревот, никогаш не сме го ни имале она што го имале првите луѓе. Во почетокот, Адам и Ева биле совршени луѓе. Затоа што имале совршен ум и тело, можеле да ги контролираат своите мисли, чувства и постапки. Затоа можеле да продолжат да развиваат прекрасни особини како слуги на Јехова Бог. Но, тие го отфрлиле тој скапоцен дар. Кога избрале да му згрешат на Јехова, тие го изгубиле и за себеси и за своите потомци животот што Јехова го наумил за нив (1. Мој. 3:16-19). Истовремено, се заразиле самите, а и нас, со смртоносната „болест“ за која зборуваме. Јехова со право ги осудил. Но, нам ни нуди можност за избавување (Пс. 103:10).
Што платил Исус за да нѐ избави
6, 7. а) Како Јехова покажал во почетокот дека ќе треба да се плати висока цена за да бидеме избавени? б) Што учиме од жртвите кои ги принеле Авел и семејните поглавари кои живееле пред да биде даден Законот?
6 Јехова знаел дека ќе треба да плати висока цена за да ги избави потомците на Адам и Ева. Од пророштвото запишано во 1. Мојсеева 3:15 дознаваме нешто во врска со цената за избавувањето. Јехова ветил дека ќе обезбеди „потомство“, односно избавител, кој еден ден ќе го уништи Сатана. Меѓутоа, тој избавител требало да пострада и, во симболична смисла, да биде ранет во петицата. Знаеме дека една дословна рана во петицата може многу да боли и привремено да ограничи нечија активност, но кое е значењето на ова пророштво? Што сѐ ќе мора да претрпи Јеховиниот Избраник?
7 За да го избави човештвото од гревот, избавителот ќе морал да им овозможи на луѓето да се помират со Бог така што ќе ги поништел последиците од гревот. Што било вклучено во ова? Уште во почетокот имало показатели дека ќе биде потребна жртва. Кога првиот верен човек, Авел, му принел животинска жртва, Јехова бил задоволен. Подоцна, богобојазливите семејни поглавари, како што биле Ное, Авраам, Јаков и Јов, принесувале слични жртви, со кои му угодувале на Бог (1. Мој. 4:4; 8:20, 21; 22:13; 31:54; Јов 1:5). Со векови подоцна, Мојсеевиот закон им помогнал на луѓето уште подобро да разберат зошто било потребно да се принесуваат жртви.
8. Што правел првосвештеникот на денот на очистувањето?
8 Меѓу најважните жртви што се барале според Законот биле оние што се принесувале на годишниот ден на очистување. Тој ден, првосвештеникот извршувал повеќе работи кои имале симболично значење. Му принесувал на Јехова жртви за очистување од гревовите — прво за свештениците, а потоа и за припадниците на несвештеничките племиња. Првосвештеникот влегувал во Светињата над Светињите во светиот шатор или во храмот, каде што можел да влезе само тој, и тоа само на тој ден во годината. Таму попрскувал со крвта од жртвите пред ковчегот на Сојузот. Над тој свет ковчег, можел да види еден светол, сјаен облак, кој го претставувал Јеховиното присуство (2. Мој. 25:22; 3. Мој. 16:1-30).
9. а) Кого го претставувал првосвештеникот на денот на очистувањето, и што претставувале жртвите кои ги принесувал? б) Што предочувало влегувањето на првосвештеникот во Светињата над Светињите?
9 Под водство на светиот дух, апостол Павле го открил значењето на овие симболични постапки. Тој покажал дека првосвештеникот го претставувал Месијата, Исус Христос, а принесувањето на жртвите ја претставувало Христовата жртвена смрт (Евр. 9:11-14). Таа совршена жртва обезбедила вистинско очистување од гревот за две групи луѓе — за свештеничката класа, која се состои од 144.000 Христови браќа помазани со дух, и за ‚другите овци‘ (Јован 10:16). Влегувањето на првосвештеникот во Светињата над Светињите го предочувало влегувањето на Исус во самото небо каде што му ја претставил на Јехова Бог вредноста на својата откупна жртва (Евр. 9:24, 25).
10. Според библиските пророштва, што требало да му се случи на Месијата?
10 Јасно е дека требало скапо да се плати за да бидат избавени потомците на Адам и Ева. Месијата требало да го жртвува својот живот! Пророците чии зборови се запишани во Хебрејските списи дале уште повеќе детали во врска со оваа вистина. На пример, пророкот Даниел директно кажал дека „Месијанскиот Водач“ ќе „биде погубен“ за „да се исчисти грешката“ (Дан. 9:24-26). Исаија прорекол дека Месијата ќе биде отфрлен, прогонуван и прободен, односно убиен, за да ги понесе гревовите на несовршените луѓе (Иса. 53:4, 5, 7).
11. Како покажал Јеховиниот Син дека е спремен да се жртвува за да нѐ избави?
11 Пред да дојде на Земјата, Божјиот единороден Син бил свесен што сѐ ќе се бара од него за да нѐ избави. Требало многу да пострада и потоа да биде убиен. Кога неговиот Татко го поучил за овие вистини, дали Исус се повлекол или се побунил? Напротив, спремно се подложил на упатствата што ги добил од својот Татко (Иса. 50:4-6). И додека бил на Земјата, тој послушно ја извршил Неговата волја. Зошто? Самиот дал одговор кога рекол: „Го сакам Таткото“. Другата причина ја навел во следниве зборови: „Никој нема поголема љубов од оваа: да го даде својот живот за своите пријатели“ (Јован 14:31; 15:13). Значи, нашето избавување во голема мера се должи на љубовта на Јеховиниот Син. Иако морал да плати со својот совршен човечки живот, тој спремно го направил тоа за да нѐ избави.
Колку платил Јехова за да нѐ избави
12. На чија волја е одраз откупнината, и зошто тој ја обезбедил?
12 Исус не бил тој што одредил да се плати откупнина ниту, пак, го одредил начинот на кој таа требало да се плати. Напротив, Јехова сакал тоа да биде така. Од зборовите на апостол Павле се гледа дека храмскиот жртвеник, на кој биле принесувани жртвите, ја претставувал Јеховината волја (Евр. 10:10). Според тоа, избавувањето што ќе го добиеме благодарение на Христовата жртва, пред сѐ, му го должиме на Јехова (Лука 1:68). Тоа е израз на неговата совршена волја и на неговата огромна љубов кон луѓето. (Прочитај Јован 3:16.)
13, 14. Како примерот на Авраам може да ни помогне да го разбереме и повеќе да го цениме она што го направил Јехова за нас?
13 Колкава цена платил Јехова за да ни ја покаже својата љубов на ваков начин? Тешко е и да си замислиме. Сепак, еден извештај од Библијата може да ни помогне подобро да разбереме. Јехова побарал од својот верен слуга Авраам да направи нешто што било многу тешко — да го принесе својот син Исак како жртва. Авраам бил многу добар татко и многу го сакал Исак. Кога зборувал со него за Исак, Јехова го нарекол синот единец „кого толку го сакаш“ (1. Мој. 22:2). Сепак, Авраам сфатил дека вршењето на Јеховината волја е поважно дури и од неговата љубов кон Исак. Затоа го послушал Бог. Но, Јехова не му дозволил да го направи она што самиот Тој подоцна го направил. Бог испратил ангел да го спречи Авраам во намерата токму пред да го заколе својот син како жртва. Овој човек бил толку решен да го послуша својот Бог во овој тежок испит што бил сигурен дека единствената надеж да го види повторно е само ако син му воскресне. И, тој имал непоколеблива вера дека Бог навистина ќе го врати од мртвите. Павле рекол дека Авраам, всушност, го добил Исак преку воскресение кое „служи како споредба“ (Евр. 11:19).
14 Можеш ли воопшто да си ја замислиш болката што ја чувствувал Авраам додека се подготвувал да го жртвува својот син? Во некоја смисла, она што се случило со Авраам ни помага да разбереме како му било на Јехова кога го жртвувал својот „сакан Син“ (Мат. 3:17). Но, не заборавај дека Јехова веројатно чувствувал многу посилна болка. Тој и неговиот Син биле заедно безброј милиони, па дури и милијарди години. Синот радосно работел со својот Татко како негов сакан „вешт градител“ и како негов Гласноговорник, „Речта“ (Изр. 8:22, 30, 31; Јован 1:1). Не можеме воопшто да сфатиме колку страдал Јехова додека неговиот Син го мачеле, го исмејувале и потоа го погубиле како злосторник. Навистина, Јехова платил многу висока цена за да нѐ избави! Тогаш, како можеме да покажеме дека го цениме тоа избавување?
Како можеш да покажеш дека го цениш избавувањето?
15. Како Исус го довршил величественото очистување, и што овозможил со тоа?
15 Исус го довршил ова величествено очистување откако бил воскреснат и отишол на небото. Кога повторно се вратил кај својот сакан Татко, му ја принел вредноста на својата жртва. Потоа следеле големи благослови. Било овозможено потполно простување — најпрвин на гревовите на Христовите помазани браќа, а потоа и на гревовите „на целиот свет“. Поради таа жртва, сите што искрено се каат за своите гревови и стануваат вистински следбеници на Христос можат да имаат близок однос со Јехова Бог (1. Јов. 2:2). Каде си ти во сето ова?
16. Кој пример може да ни помогне да сфатиме зошто треба да го цениме избавувањето кое ни го овозможил Јехова?
16 Да се вратиме на примерот што го наведовме во почетокот. Замисли си дека лекарот кој го пронашол лекот за болеста доаѓа кај сите пациенти на твоето одделение и им вели дека секој од нив што ќе го прифати лекувањето и ќе се држи за пропишаната терапија сигурно ќе оздрави. Што ако повеќето пациенти одбиваат да ги следат упатствата на лекарот велејќи дека им е претешко да го земаат лекот според пропишаната терапија? Ќе постапиш ли како нив, иако имаш убедливи докази дека лекот навистина е ефикасен? Се разбира дека не! Сигурно ќе му се заблагодариш за лекот и потоа внимателно ќе ги следиш неговите упатства, а можеби и ќе им кажуваш на другите за твојата одлука. Секој од нас треба да биде далеку поспремен да му покаже на Јехова колку многу го цени избавувањето што ни го овозможил преку откупната жртва на својот Син. (Прочитај Римјаните 6:17, 18.)
17. Како можеш да покажеш дека си благодарен за она што го сторил Јехова за да те избави?
17 Ако сме благодарни за она што Јехова и неговиот Син го направиле за да нѐ избават од гревот и смртта, ние ќе го покажеме тоа (1. Јов. 5:3). Ќе се бориме против нашата склоност да грешиме. Никогаш нема намерно да правиме грев и да водиме лицемерен двоен живот, како што честопати е случај со оние што намерно грешат. Во спротивно, би било исто како да велиме дека воопшто не ја цениме или не сме благодарни за откупнината. Наместо тоа, ќе ја покажеме својата благодарност така што многу ќе се трудиме да задржиме добар однос со Јехова (2. Пет. 3:14). Ќе покажеме дека сме благодарни така што ќе зборуваме со другите за прекрасната надеж за избавување, за да можат и тие да стекнат добар однос со Јехова и да добијат надеж за вечен живот во иднина (1. Тим. 4:16). Јехова и неговиот Син сигурно го заслужуваат сето време и сила што можеме да го посветиме за да ги фалиме! (Мар. 12:28-30). Замисли си! Можеме со радост да го очекуваме времето кога ќе бидеме потполно излекувани од гревот. Ќе можеме да го живееме животот како што го замислил Јехова, во совршенство и засекогаш — и сето тоа благодарение на она што го сторил Тој за да нѐ избави! (Рим. 8:21).
[Фуснота]
a Се смета дека од шпански грип била заразена од една петтина до повеќе од половина од тогашното светско население. Можно е од вирусот да умреле некаде меѓу 1 и 10 отсто од заразените лица. Во споредба со овој грип, вирусот на ебола се јавува многу поретко, но во неколку наврати умреле речиси 90 отсто од оние што биле заразени со овој вирус.
Како би одговорил?
• Зошто имаме итна потреба од избавување?
• Што значи за тебе тоа што Исус се жртвувал себеси?
• Што мислиш за откупнината како дар од Јехова?
• На што те поттикнува сето она што го сторил Јехова за да те избави?
[Слика на страница 27]
На денот на очистувањето, првосвештеникот во Израел го претставувал Месијата
[Слика на страница 28]
Од спремноста на Авраам да го жртвува својот син учиме многу за далеку поголемата жртва што ја направил Јехова