Приближи му се на Бог
Јехова ни дава избор
„ОТСЕКОГАШ имав неразумен страв дека ќе му бидам неверна на Јехова.“ Ова го рекла една христијанка што сметала дека нема да успее во животот затоа што имала многу лошо детство. Но, дали е така? Дали сме навистина беспомошни жртви на околностите? Не. Јехова Бог ни дал слободна волја, па затоа можеме сами да избереме како ќе живееме. Тој сака да избереме исправно, а неговата Реч, Библијата, ни кажува како да успееме во тоа. Размисли за зборовите на Мојсеј запишани во 5. Мојсеева, 30. поглавје.
Дали е тешко да дознаеме што бара Бог од нас и потоа да го правиме тоа?a Мојсеј рекол: „Оваа заповед што ти ја давам денес не е претешка за тебе и не е предалеку од тебе“ (11. стих). Јехова не бара нешто невозможно. Неговите барања се разумни и можеме да ги исполниме. Исто така, можеме да ги дознаеме. Не мора да се качиме „на небото“ ниту да одиме „преку морето“ за да дознаеме што очекува Бог од нас (стихови 12 и 13). Библијата јасно ни кажува како треба да живееме (Михеј 6:8).
Меѓутоа, Јехова не нѐ присилува да му бидеме послушни. Мојсеј рекол: „Денес пред тебе ставам живот и добро, смрт и зло“ (15. стих). Имаме слобода да избереме живот или смрт, добро или зло. Можеме да избереме да му служиме на Бог и да го слушаме, и тогаш ќе добиеме благослови, или можеме да избереме да не го слушаме и да трпиме последици. Како и да е, изборот е наш (стихови 16-18; Галатите 6:7, 8).
Дали на Јехова му е важно што ќе избереме? Се разбира дека му е важно! Под водство на светиот дух, Мојсеј рекол: „Избери го животот“ (19. стих). Но, како ќе покажеме дека сме избрале живот? Мојсеј објаснил: „Така што ќе го сакаш Јехова, својот Бог, ќе го слушаш неговиот глас и ќе се држиш за него“ (20. стих). Ако го сакаме Јехова, ќе го слушаме и ќе му бидеме верни, што и да се случи. На тој начин ќе избереме живот — најдобриот живот сега и можност да живееме вечно во Божјиот нов свет што доаѓа (2. Петрово 3:11-13; 1. Јованово 5:3).
Зборовите на Мојсеј ни кажуваат една утешна вистина. Што и да си доживеал во овој злобен свет, ти не си беспомошна жртва и не си осуден на неуспех. Јехова ти дал прекрасен дар — слободна волја. Да, можеш да избереш да го сакаш Јехова, да го слушаш и да му бидеш верен. Ако го избереш тоа, Јехова ќе ги благослови твоите напори.
Оваа вистина — дека имаме слобода сами да избереме дали ќе го сакаме Јехова и дали ќе му служиме — ја утешила жената што ја спомнавме на почетокот. Таа рекла: „Многу го сакам Јехова. Понекогаш заборавам дека токму тоа е најважното нешто. Значи, јас можам да бидам верна“. Со Јеховина помош, можеш да бидеш верен и ти.
[Фуснота]
a Види ја статијата „Приближи му се на Бог — што бара Јехова од нас?“, во Стражарска кула од 1 октомври 2009 год.