Поучете ги своите деца
Еремија не се откажал
ДАЛИ некогаш се обесхрабруваш и ти доаѓа да се откажеш?—a Многумина се чувствуваат така. И младиот Еремија имал такви чувства. Меѓутоа, не се откажал заради она што го зборувале или правеле другите. Сега ќе видиме дека, иако Еремија му бил посебно мил на Бог, и тој во еден момент посакал да се откаже.
Пред да се роди Еремија, вистинскиот Бог, Јехова, го избрал за пророк кој ќе ги предупредува луѓето дека прават работи што Бог не ги сака. Знаеш ли што му рекол Еремија на Јехова со години подоцна?— „Еве, јас не знам да зборувам, зашто уште сум дете.“
Што мислиш, како му одговорил Јехова на Еремија?— Љубезно, но цврсто, Бог му рекол: „Не вели: ‚Уште сум дете‘. Туку оди кај сите кај кои ќе те испратам и кажи им сѐ што ќе ти заповедам! Не плаши се.“ Зошто да не се плаши? „Јас сум со тебе за да те избавам“, рекол Јехова (Еремија 1:4-8).
Сепак, како што веќе спомнавме, Еремија подоцна се обесхрабрил. Така се чувствувал затоа што другите му се потсмевале што му служи на Бог. ‚Сите ми се смеат по цел ден и ми се подбиваат‘, рекол тој. Затоа решил да крене раце од сѐ. „Нема повеќе да го спомнувам [Јехова] и нема повеќе да зборувам од негово име“, рекол тој. Но, дали навистина го направил тоа?
‚Во моето срце‘, рекол Еремија, ‚Јеховината реч беше како распламтен оган затворен во моите коски, па не можев повеќе да молчам‘ (Еремија 20:7-9). Иако Еремија понекогаш бил исплашен, љубовта кон Јехова не му давала да се откаже. Да видиме како бил заштитен затоа што не се откажал.
Јехова му рекол на Еремија да ги предупредува луѓето дека, ако не се променат, Ерусалим ќе биде уништен. Кога Еремија ја кажувал таа опомена, луѓето се лутеле и велеле: „Овој човек заслужува смрт“. Меѓутоа, Еремија ги молел: „Послушајте го гласот на Јехова“. Потоа рекол: ‚Знајте дека, ако ме убиете, ќе убиете невин човек, зашто Бог ме испрати за да ви го кажам ова‘. Знаеш ли што се случило потоа?—
Библијата вели: „Кнезовите и сиот народ им рекоа на свештениците и на пророците: ‚Овој човек не заслужува смрт, зашто ни зборуваше во името на Јехова, нашиот Бог‘“. Значи, кога Еремија не дозволил стравот да го натера да се откаже од својата задача, Јехова го заштитил. Да видиме сега што се случило со Урија, еден друг пророк на Јехова, кој постапил сосема поинаку.
‚Урија пророкувал против Ерусалим со истите зборови како и Еремија‘, вели Библијата. Но, кога цар Јоаким му се налутил на Урија, знаеш ли што направил Урија?— Се уплашил, престанал да ја врши Божјата волја и побегнал во Египет. Затоа, царот испратил таму луѓе да го најдат и да го вратат назад. Знаеш ли што направил тогаш овој лош цар?— Го убил Урија со меч! (Еремија 26:8-24).
Што мислиш, зошто Јехова го заштитил Еремија, но не и Урија?— Па, Еремија можеби се плашел исто како Урија, ама не престанал да му служи на Јехова и не избегал. Тој не се откажал. Што можеме да научиме од примерот на Еремија?— Дека понекогаш можеби ќе ни биде тешко да го правиме она што ни го вели Бог, но секогаш треба да имаме доверба во него и да го слушаме.
[Фуснота]
a Ако читаш со деца, долгата црта значи дека треба да запреш и да ги пуштиш децата да одговорат на прашањето.
Прашања:
○ За каква задача Бог го избрал Еремија?
○ Зошто на Еремија му доаѓало да се откаже?
○ Зошто Еремија бил заштитен, а Урија не?
○ Што научи од примерот на Еремија?