ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w09 15/12 стр. 8-10
  • Зафатени, а сепак радосни во Божјата служба

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Зафатени, а сепак радосни во Божјата служба
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Помагај им на другите и ќе бидеш радосен
  • Радост — особина што ни ја дава Бог
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2018
  • Служи му на Јехова со радосно срце
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Служи му на Јехова со радост
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Биди радосен со среќниот Бог
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
w09 15/12 стр. 8-10

Зафатени, а сепак радосни во Божјата служба

ЈЕХОВА сака да бидеш радосен (Пс. 100:2). Но, како негов слуга, ти сигурно си и многу зафатен. Веројатно не беше толку зафатен кога му го вети својот живот на Бог. Меѓутоа, можеби сега световните и духовните одговорности ти создаваат поголем притисок. Можно е да чувствуваш и грижа на совеста кога не успеваш да направиш сѐ што си планирал. Како можеш да ги урамнотежиш сите активности и да ја зачуваш „Јеховината радост“? (Неем. 8:10).

Бидејќи живееме во тешки времиња и изложени сме на многу притисоци, треба добро да си го планираме времето. Во овој поглед, посебно важи следниов вдахновен совет на апостол Павле: „Добро внимавајте како живеете — не како немудри, туку како мудри. Откупувајте си време, зашто деновите се зли“ (Еф. 5:15, 16).

Имајќи го на ум овој мудар совет, како можеш да си поставиш реални цели и да воспоставиш рамнотежа меѓу личното проучување на Библијата, грижата за семејството, службата на подрачјето, световната работа и другите неопходни активности?

Се сеќаваш ли на радоста што ја чувствуваше кога му се заветува на Бог и се крсти? Таа радост била резултат на тоа што си го запознал Јехова и неговите намери. Веројатно со месеци трудољубиво ја проучуваше Библијата за да стекнеш такво разбирање и да почувствуваш таква радост. Сепак, трудот се исплатеше. Тоа проучување ти го смени животот на подобро.

За да ја зачуваш радоста, треба и понатаму духовно да се храниш. Ако ти е тешко да најдеш време за читање и проучување на Библијата, преиспитај се на што ти оди времето. Доколку проучуваш и размислуваш макар и само неколку минути дневно, ќе станеш поблизок со Јехова, а тоа сигурно ќе ти ја зголеми радоста.

Повеќето Божји слуги можат да си откупат малку време за важните активности ако скратат од времето што го трошат на работи кои не се толку важни. Прашај се: ‚Колку време трошам за да читам световни списанија или весници, да гледам ТВ, да слушам музика или да се занимавам со некое хоби?‘ Овие активности можат да бидат пријатни, но само ако не претеруваме со нив (1. Тим. 4:8). Ако сфатиш дека многу време ти оди на непотребни работи, преземи чекори подобро да си го испланираш времето.

Адам, кој е сопруг, татко на три деца и старешина, објаснува што му помага во тоа: „Се трудам да водам едноставен живот. Не се занимавам со хоби што одзема многу време ниту, пак, купувам работи на кои треба да им се посвети многу внимание. Тоа не значи дека се одрекувам од сѐ, туку само уживам во едноставна рекреација“.

И ако размислуваш за добрите резултати од своите одлуки, полесно ќе ти се обнови радоста и ќе задржиш позитивен став. На пример, Мариуш, старешина кој има три деца, вели: „Кога почнав да ја проучувам Библијата, станав оптимист. Одвреме-навреме сѐ уште наидувам на проблеми, а за многу од нив знае само Јехова. Но, благодарение на неговата помош, радосно ја очекувам иднината“.

Исто како и на Мариуш, позитивниот став нема ни тебе да ти ја отстрани сета загриженост. Но, може да ти помогне да се чувствуваш подобро и да се справиш полесно со проблемите во животот. Во Библијата пишува: „Сите денови на страдалникот се лоши, а кој има весело срце, на гозба е без престан“ (Изр. 15:15). Мисли и на љубовта што Бог ја покажал кон тебе. Таквото размислување ќе ја продлабочи твојата љубов кон него и ќе ти ја зголеми радоста (Мат. 22:37).

Ако сите членови на семејството го стават Јехова и неговата волја на прво место во животот, ќе бидат порадосни. Кога покажуваат христијански особини, има помалку несогласувања и тие стануваат уште поблиски еден со друг, а семејната атмосфера е попријатна. На тој начин, домот станува вистинско засолниште на мир и единство за целото семејство (Пс. 133:1).

Кога сите во семејството заедно учествуваат во духовните активности, чувствуваат вистинска радост. Мариуш објаснува: „Многу ми значи времето што го минуваме заедно како семејство. Жена ми ми дава голема поддршка. Секогаш кога може, таа е крај мене — во служба на проповедање, кога се чисти некој стадион пред да се одржи конгрес или кога треба да изнесам јавно предавање во некое друго собрание. Тоа многу ме охрабрува“.

Библијата им заповеда на христијаните да се грижат за материјалната издршка на своите семејства (1. Тим. 5:8). Но, ако трошиш премногу време и сила на световна работа, би можел да ја изгубиш радоста што ја чувствуваш во Божјата служба. Затоа, зборувај за ова со Јехова во молитва (Пс. 55:22). Некои заклучиле дека мора да најдат друга работа за да можат навистина да го стават Божјето Царство на прво место. Ниту еден христијанин не треба да ги жртвува поважните духовни работи само за да има висока плата на работно место кое, всушност, му ги црпи сето време и сила (Изр. 22:3).

Од помош може да ти биде да си ги запишеш на ливче добрите и лошите страни на работното место што ти се нуди или што веќе го имаш. Се разбира, пожелно е тоа да биде добро платено и да ти се допаѓа. Сепак, дали работата што ја имаш сега ти помага добро да се грижиш за духовноста на твоето семејство? Обиди се да направиш објективна проценка на сите фактори, и донеси одлуки од кои ќе се види дека односот со Јехова ти е најважен од сѐ.

Ако сфатиш дека твоето сегашно вработување те спречува духовно да напредуваш, треба да направиш некои промени. Многу христијани направиле коренити промени за да имаат повеќе време за духовните работи. Еден брат од Полска раскажува: „Еднаш не ми преостана ништо друго освен да излезам од фирмата во која работев, бидејќи често морав да одам на службен пат. Немав време добро да се грижам ни за духовните работи ни за моето семејство“. Сега овој брат го издржува семејството со работа што му одзема многу помалку време и сила.

Помагај им на другите и ќе бидеш радосен

Исус рекол дека „повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Христијаните имаат многу прилики да даваат. Понекогаш, само една искрена насмевка, еден срдечен стисок на раката или едно искрено ‚благодарам‘ за нечиј вложен труд во некоја теократска задача може да биде сѐ што е потребно за да бидете радосни и двајцата.

Апостол Павле ги поттикнал сохристијаните: „Тешете ги потиштените души, помагајте им на слабите“ (1. Сол. 5:14). Оние што се потиштени можеби си мислат дека немаат сила сами да се справат со проблемите. Можеш ли ти да им подадеш рака? Ако забележиш дека некој од твоите браќа ја губи радоста во Јеховината служба, потруди се да го охрабриш. Така и самиот ќе бидеш охрабрен. Има проблеми што не може да ги реши ниту еден човек. Сепак, можеш да покажеш искрено сочувство и да го охрабриш твојот брат да се потпре на Јеховината рака која секогаш ќе го крепи. Оние што се потпираат на Јехова, нема никогаш да се разочараат (Пс. 27:10; Иса. 59:1).

Друг практичен чекор што би можел да го преземеш кога ќе забележиш дека некој ја губи радоста е да го викнеш во служба на проповедање. Кога Исус ги испратил своите 70 ученици да одат и да проповедаат, ги распоредил „двајца по двајца“ (Лука 10:1). Сигурно ќе се сложиш дека ова придонело тие меѓусебно да се храбрат. Можеш ли и ти на сличен начин да му помогнеш некому повторно да си ја врати радоста?

Навистина, денес имаме причина да бидеме загрижени за многу работи. Сепак, Павле нѐ поттикнува: „Секогаш радувајте се во Господарот. И повторно велам: радувајте се!“ (Фил. 4:4). Затоа што го сакаш Бог, го слушаш и ревносно истрајуваш во задачата што ти ја доверил, твојот живот има смисла. Тоа ти носи радост. Освен тоа, Јехова ти помага да ги поднесеш притисоците и проблемите со кои се соочуваш (Рим. 2:6, 7).

Со очите на верата, ние гледаме колку сме близу до новиот свет што ни го ветува Јехова. Колку многу благослови и причини за радост ќе имаме тогаш! (Пс. 37:34). Но, да не забораваме колку Јехова нѐ благословува уште денес! Затоа, можеме да бидеме радосни и да ‚му служиме на Јехова со веселба‘ (Пс. 100:2).

[Графикон на страница 8]

(Види во публикацијата)

За да останеш радосен, можеби ќе треба поинаку да си го испланираш времето

ЗАБАВА и РЕКРЕАЦИЈА

ГРИЖА ЗА ДОМОТ и СЕМЕЈСТВОТО

РАБОТА

ХРИСТИЈАНСКИ СОСТАНОЦИ

ЛИЧНО ПРОУЧУВАЊЕ

СЛУЖБА

[Слики на страница 10]

Дали можеш да им помогнеш на другите повторно да бидат радосни?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели