Жени, зошто да бидете подложни на поглаварството?
„Глава на жената е мажот“ (1. КОР. 11:3)
1, 2. а) Што напишал апостол Павле во врска со начелата за поглаварство и подложност што ги дал Јехова? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?
ЈЕХОВА е тој што одредил како треба да течат работите во поглед на поглаварството. Во врска со тоа, апостол Павле напишал дека „глава на секој маж е Христос“ и дека „глава на Христос е Бог“ (1. Кор. 11:3). Во претходната статија видовме дека на Исус му било чест и му причинувало радост да му биде подложен на својот Поглавар, Јехова Бог. А видовме и дека Христос е глава на христијанските мажи. Тој бил љубезен, нежен, сочувствителен и несебичен со луѓето. И мажите во собранието треба да постапуваат така со другите, особено со своите жени.
2 Но, што може да се каже за жените? Кој е нивниот поглавар? „Глава на жената е мажот“, напишал Павле. Како треба жените да гледаат на оваа изјава напишана под водство на светиот дух? Дали ова начело важи и кога мажот не е слуга на Јехова? Дали тоа што му е подложна на мажот како на свој поглавар значи дека жената е само безгласна буква во бракот и дека нема право да си го каже мислењето кога се донесуваат одлуки? Со што една жена ќе заслужи фалба?
„Ќе му направам помошничка“
3, 4. Зошто е корисно поглаварството во бракот?
3 Бог е тој што одредил кој ќе биде глава во семејството. Откако го создал Адам, Јехова Бог рекол: „Не е добро човекот да биде сам. Ќе му направам помошничка, како негово дополнение“. Кога била создадена Ева, Адам бил толку радосен што има придружничка и помошничка, што рекол: „Најпосле, еве коска од моите коски и месо од моето месо“ (1. Мој. 2:18-24). Адам и Ева имале прекрасна можност да станат родители на целата човечка раса составена од совршени луѓе кои требало засекогаш да живеат среќно во рај на Земјата.
4 Поради побуната на нашите прародители, совршенството што постоело во Еден било изгубено. (Прочитај Римјаните 5:12.) Но, улогите во бракот не се смениле — Бог сѐ уште го сметал мажот за глава на жената. Кога мажот и жената го почитуваат начелото за поглаварство, тоа придонесува за доброто и среќата во бракот. Тогаш и двајцата го чувствуваат истото што го чувствувал Исус затоа што му бил подложен на својот Поглавар, Јехова. Пред да живее како човек на Земјата, Исус ‚се веселел пред Јехова за сето време‘ (Изр. 8:30). Поради несовршеноста, ниту мажите можат да бидат совршени поглавари ниту, пак, жените можат да бидат совршено подложни. Меѓутоа, кога и едните и другите се трудат да го даваат најдоброто од себе, бракот им е извор на вистинско задоволство и среќа, се разбира, колку што денес тоа е можно.
5. Зошто брачните другари треба сериозно да го сфатат советот запишан во Римјаните 12:10?
5 За да имаат добар брак, неопходно е брачните другари да се држат за овој совет кој им е упатен на сите христијани: „Со братска љубов сакајте се срдечно еден со друг. Предводете во искажувањето почит еден кон друг“ (Рим. 12:10). Исто така, и мажот и жената треба многу да се трудат ‚да бидат милостиви еден спрема друг, да имаат сомилост и спремно да си простуваат еден на друг‘ (Еф. 4:32).
Кога мажот не е слуга на Јехова
6, 7. Каков би можел да биде резултатот ако една христијанка му е подложна на својот маж кој не е слуга на Јехова?
6 Но, што ако твојот брачен другар не му служи на Јехова? Обично мажот е тој што не е Сведок. Во таков случај, како треба жената да се однесува со него? Библијата одговара: „Вие, жени, бидете им подложни на своите мажи, за да ги придобиете без збор, со своето однесување, оние што не ѝ се послушни на Божјата реч, кога ќе ги видат вашето чисто однесување и длабоката почит“ (1. Пет. 3:1, 2).
7 Божјата Реч вели дека жената треба да му биде подложна на мажот кој не ги дели нејзините верувања. Со своето добро однесување, таа може да го поттикне да размисли што е тоа што ја тера да се однесува толку убаво со него. Како резултат на тоа, можеби ќе се заинтересира за верувањата на својата жена, а со текот на времето може дури и да ја прифати вистината.
8, 9. Што може да направи една христијанка ако маж ѝ не реагира позитивно на нејзиното добро однесување?
8 Но, што ако мажот не ја прифати вистината и покрај нејзиното добро однесување? Библијата ги поттикнува христијанките да покажуваат особини како Христовите во секое време, колку и да е тешко тоа. На пример, во 1. Коринќаните 13:4 читаме: „Љубовта е долготрпелива“. Според тоа, жената која е христијанка треба да продолжи да постапува „со сета понизност и благост, со долготрпеливост“ и да ја поднесува ситуацијата со љубов (Еф. 4:2). Со помош на Божјата сила — светиот дух — можно е да се покажуваат христијански особини дури и во тешки околности.
9 Павле напишал: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Фил. 4:13). Божјиот дух му помага на брачниот другар што е христијанин да прави многу работи кои инаку би биле невозможни. На пример, кога сопружникот се однесува лошо, другиот може да се најде на искушение да врати со иста мера. Меѓутоа, Библијата на сите христијани им вели: „Никому не враќајте зло за зло... Зашто напишано е: ‚Одмаздата е моја, јас ќе вратам, вели Јехова‘“ (Рим. 12:17-19). Сличен совет ни е даден и во 1. Солуњаните 5:15, каде се вели: „Гледајте никој никому да не му враќа зло за зло, туку секогаш настојувајте да правите добро еден на друг и на сите останати“. Со помош на Јеховиниот свет дух, станува возможно она што би било невозможно да го направиме со сопствени сили. Затоа, многу е важно да се молиме Божјиот дух да ни го даде она што ни недостига!
10. Како се однесувал Исус кога другите го навредувале или го повредувале?
10 Исус дал одличен пример во начинот на кој постапувал со оние што го навредувале или го повредувале. Во 1. Петрово 2:23 читаме: „Кога го навредуваа, не враќаше со навреди. Кога страдаше, не се закануваше, туку му се препушти на оној што праведно суди“. Поттикнати сме да го следиме неговиот убав пример. Да не дозволиме да нѐ испровоцира лошото однесување на другите. За сите нас, како христијани, важи советот да бидеме ‚сомилосни, понизни и да не враќаме зло за зло, ни навреда за навреда‘ (1. Пет. 3:8, 9).
Безгласна буква?
11. Каква огромна чест ќе имаат некои христијанки?
11 Дали тоа што му е подложна на мажот како на свој поглавар значи дека жената е безгласна буква во бракот и дека нема никакво право на глас во врска со семејните и други работи? Воопшто не. Јехова им дал ценета улога и на мажите и на жените. Помисли само за огромната чест што ја имаат 144.000 луѓе — да служат како небесни цареви и свештеници заедно со Христос кога тој ќе владее над Земјата! Меѓу нив има и многу жени (Гал. 3:26-29). Очигледно, Јехова им дал на жените многу важна улога во својата организација.
12, 13. Наведи пример кој покажува дека жените пророкувале.
12 На пример, во библиски времиња, жените пророкувале. Во Јоил 2:28, 29 е претскажано: „Ќе излеам од својот дух на најразлични луѓе, и вашите синови и ќерки ќе пророкуваат... Дури и на слугите и на слугинките ќе излеам од својот дух во оние денови“.
13 Меѓу 120-ината ученици на Исус што биле собрани во една соба во Ерусалим на Педесетница 33 год. од н.е. имало и мажи и жени. Божјиот дух бил излеан врз целата група. Затоа Петар можел да го цитира и да го примени и на мажите и на жените она што го прорекол Јоил. Петар рекол: „Тоа е она што го рече пророкот Јоил: ‚А во последните денови‘, вели Бог, ‚ќе го излеам својот дух на најразлични луѓе, и вашите синови и вашите ќерки ќе пророкуваат... Дури и на своите робови и на своите робинки ќе го излеам својот дух во тие денови, и тие ќе пророкуваат‘“ (Дела 2:16-18).
14. Каква улога одиграле жените во ширењето на раното христијанство?
14 Во првиот век, жените играле значајна улога во ширењето на христијанството. Им проповедале на другите за Божјето Царство и вршеле разни работи поврзани со проповедањето (Лука 8:1-3). На пример, за Фива апостол Павле рекол дека „служи во собранието во Кенхреја“. А кога им испратил поздрави на своите соверници, спомнал повеќе верни жени, меѓу кои ‚Трифена и Трифоса, кои се труделе во Господарот‘. Ја поздравил и ‚Персида, саканата сестра, зашто многу се трудела во Господарот‘ (Рим. 16:1, 12).
15. Каква улога имаат жените во ширењето на христијанството денес?
15 Во нашево време, над 7 милиони луѓе ја објавуваат добрата вест за Божјето Царство низ целиот свет, а голем број од нив се жени на најразлична возраст (Мат. 24:14). Многу од нив се полновремени слуги, мисионери или членови на бетелското семејство. Псалмистот Давид пеел: „Јехова испраќа збор — жените што ја објавуваат добрата вест се голема војска“ (Пс. 68:11). Овие зборови се покажале вистинити. Јехова го цени она што го прават жените во објавувањето на добрата вест и во исполнувањето на неговите намери. Тоа што бара христијанките да бидат подложни, во никој случај не значи дека очекува да се подложуваат без никакво право на глас.
Две жени што си го кажале мислењето
16, 17. Како примерот на Сара покажува дека жените не треба да бидат безгласна буква во бракот?
16 Ако Јехова им дал толку важна улога на жените, зарем не треба мажите да се посоветуваат со своите жени пред да донесат некоја важна одлука? Би било мудро да го направат тоа. Во Библијата се спомнати неколку случаи кога жените си го кажале мислењето или презеле некои чекори иако нивните мажи не го побарале тоа од нив. Да разгледаме две такви случки.
17 Сара, жената на семејниот поглавар Авраам, му рекла да ги истера втората жена и нејзиниот син затоа што се однесувале без почит. ‚На Авраам му било многу криво‘ поради тоа — но не и на Бог. Јехова му рекол на Авраам: „Нека не ти е криво за она што ти го вели Сара за момчето и за твојата робинка. Послушај го нејзиниот глас“ (1. Мој. 21:8-12). Авраам го послушал Јехова и направил така како што му рекла Сара.
18. Што направила Авигеја?
18 Да го разгледаме и примерот на Авигеја, жената на Навал. Кога Давид бегал од цар Саул, некое време бил улогорен во близина на стадата на Навал. Наместо да земат од она што го имал овој богат човек, Давид и неговите луѓе го штителе неговиот имот. Меѓутоа, Навал бил „груб и зол“ и ‚им се развикал‘. Тој бил „расипан човек“ и ‚безумието било со него‘. Кога луѓето на Давид љубезно го замолиле за малку храна, Навал ги одбил. Што направила Авигеја кога чула што се случило? Без да му каже на Навал, ‚брзо зела двесте леба, два големи ќупа со вино, пет приготвени овци, пет сеи пржени зрна, сто пити суво грозје и двесте пити смокви‘ и им го дала сето тоа на Давид и на неговите луѓе. Дали Авигеја постапила како што треба? Да, тоа што се случило подоцна покажува дека она што го направила било исправно. Библијата вели: „Јехова го удри Навал и тој умре“. Подоцна Давид се оженил со Авигеја (1. Сам. 25:3, 14-19, 23-25, 38-42).
‚Жена која заслужува фалба‘
19, 20. Со што една жена ќе заслужи фалба?
19 Во Светото писмо се зборува пофално за жената која ги прави работите онака како што сака Јехова. Во библиската книга Изреки, за ‚вредната жена‘ се вели: „Таа вреди многу повеќе од бисери. Срцето на мажот нејзин се потпира на неа, и добивка никогаш нема да недостасува. Му возвраќа само со добро, а не со зло, во сите денови од животот свој“. Освен тоа, „устата своја ја отвора мудро и на нејзиниот јазик е законот на добрината. Води грижа за сите свои домашни и не го јаде лебот на мрзливоста. Нејзините синови стануваат и ја нарекуваат среќна, мажот нејзин станува и ја фали“ (Изр. 31:10-12, 26-28).
20 Со што една жена ќе заслужи фалба? Во Изреки 31:30 пишува: „Миловидноста може да биде лажна и убавината суетна, но жена која се бои од Јехова заслужува фалба“. Жената што се бои од Јехова, треба спремно да им биде подложна на оние што Јехова ги поставил за поглавари. „Глава на жената е мажот“, исто како што „глава на секој маж е Христос“, а „глава на Христос е Бог“ (1. Кор. 11:3).
Благодарни за Божјиот дар
21, 22. а) Кои причини ги имаат венчаните христијани да бидат благодарни за бракот како дар од Бог? б) Зошто треба да покажуваме почит кон оние на кои Јехова им дал авторитет и ги поставил за поглавари? (Види ја рамката на 17. страница.)
21 Христијаните што се во брак имаат многу причини да му ја покажат својата благодарност на Бог! Можат заедно да чекорат низ животот соединети во среќен брак. А особено благодарни треба да бидат што овој прекрасен дар од Бог им дава можност да го делат животот и да одат со Јехова (Рут 1:9; Мих. 6:8). Тој — Основачот на бракот — знае што точно е потребно за бракот да биде среќен. Секогаш правете ги работите онака како што кажува тој и ‚Јеховината радост ќе биде ваша тврдина‘, дури и во денешниот немирен свет (Неем. 8:10).
22 Христијанинот кој ја сака својата жена како што се сака себеси ќе биде нежен и обѕирен поглавар. Лесно ќе му биде да ја сака својата побожна жена, зашто таа ќе го поддржува и длабоко ќе го почитува. А што е најважно од сѐ, нивниот примерен брак ќе му донесе чест на нашиот Бог Јехова, кој навистина е достоен за фалба.
Се сеќаваш ли?
• Каква улога им дал Јехова на мажот и на жената во бракот?
• Зошто брачните другари треба да се почитуваат еден со друг?
• Како треба една христијанка да се однесува со својот маж кој не му служи на Јехова?
• Зошто мажите треба да се посоветуваат со своите жени пред да донесат некоја важна одлука?
[Рамка на страница 17]
Зошто да се покажува почит кон авторитетот?
Јехова одредил меѓу неговите интелигентни суштества да постои авторитет и поглаварство. Ова го направил за доброто и на духовните суштества и на луѓето. Тоа им дава можност да ја користат својата слободна волја и да му оддаваат чест на Бог така што ќе му служат обединето и во единство (Пс. 133:1).
Собранието од помазани христијани го признава авторитетот и поглаварството на Исус Христос (Еф. 1:22, 23). Во знак на признание на Јеховиниот авторитет, на крајот „и самиот Син ќе му се подложи на оној што му подложил сѐ, за Бог да им биде сѐ на сите“ (1. Кор. 15:27, 28). Затоа, сосема е на место луѓето што му се оддадени на Бог да го почитуваат поглаварството во собранието и во семејството (1. Кор. 11:3; Евр. 13:17). Кога го правиме тоа, Јехова се радува и нѐ благословува (Иса. 48:17).
[Слика на страница 13]
Молитвата може да ѝ помогне на една христијанка да ги покажува особините што ги има Бог
[Слики на страница 15]
Јехова ја цени улогата што ја имаат жените во проповедањето за Божјето Царство