ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w10 15/6 стр. 10-14
  • Да го изградуваме собранието

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Да го изградуваме собранието
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • „Го повикаа кај себе“
  • „За него зборуваа добро“
  • „Тешете ги потиштените“
  • „Спремно простете му и утешете го“
  • „Зашто ми е корисен“
  • Собранието и ти
  • Ги зајакнуваа собранијата
    ,Сведочи темелно за Божјето Царство‘
  • Христијаните си требаат еден на друг
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Аполос — речит објавител на христијанската вистина
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Епафродит — пратеник на филипјаните
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
w10 15/6 стр. 10-14

Да го изградуваме собранието

„Тешете се меѓусебно и изградувајте се еден со друг“ (1. СОЛ. 5:11)

1. Какви благослови носи тоа што сме во христијанското собрание, но кои проблеми сепак остануваат?

ГОЛЕМ благослов е да бидеш член на христијанското собрание. Имаш добар однос со Јехова. Се потпираш на неговата Реч за водство и тоа те штити од лошите последици што ги носи нехристијанскиот начин на живот. Имаш многу пријатели кои ти го мислат доброто. Да, има многу благослови. Но, повеќето христијани се борат со најразлични проблеми. На некои можеби им треба помош за да ги разберат подлабоките работи од Божјата Реч. Други се болни или потиштени, а некои ги трпат последиците од своите немудри одлуки. Освен тоа, сите мораме да живееме во овој безбожен свет.

2. Што треба да правиме кога нашите браќа имаат проблеми?

2 Никој од нас не сака да гледа како страдаат или како се мачат нашите браќа. Апостол Павле го споредил собранието со тело и рекол дека, „ако еден дел трпи, сите други делови трпат со него“ (1. Кор. 12:12, 26). Во такви околности, треба да им се најдеме на нашите браќа и сестри. Има многу библиски извештаи за тоа како членовите на собранието им помагале на другите да се справат со притисоците. Додека ги разгледуваме тие извештаи, размисли како би можел ти да помогнеш на сличен начин. Како би можел да им помогнеш на твоите браќа и сестри да продолжат да му служат на Јехова и со тоа да го изградуваш Јеховиното собрание?

„Го повикаа кај себе“

3, 4. Како Акила и Прискила му помогнале на Аполо?

3 Кога се населил во Ефес, Аполо веќе бил ревносен проповедник. За него, во книгата Дела читаме: „Бидејќи духот го поттикнуваше на горливост, точно зборуваше и поучуваше за Исус, но го познаваше само Јовановото крштавање“. Тоа што не бил свесен за крштавањето „во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“ веројатно значи дека му посведочиле учениците на Јован Крстител или следбениците на Христос пред Педесетница 33 год. од н.е. Иако Аполо бил ревносен, имало некои важни работи што не ги разбирал. Како му помогнало тоа што се дружел со соверниците? (Дела 1:4, 5; 18:25; Мат. 28:19).

4 Еден брачен пар христијани, Акила и Прискила, го чуле Аполо како смело зборува во синагогата, го зеле кај себе и го поучиле. (Прочитај Дела 18:24-26.) Тоа било многу убаво од нивна страна. Се разбира, Акила и Прискила му пристапиле на Аполо тактично и со намера да му помогнат, без да му остават чувство дека го осудуваат. Тој едноставно не бил запознат со почетоците на христијанското собрание. Без сомнение бил благодарен што неговите нови пријатели му ги пренеле тие важни детали. Вака поучен, Аполо ‚многу им помогнал‘ на своите браќа во Ахаја и дал силно сведоштво таму (Дела 18:27, 28).

5. Како илјадници објавители на Царството им помагаат на луѓето, и каков е резултатот од тоа?

5 Мнозина во христијанското собрание денес им се многу благодарни на оние што им помогнале да ја разберат Библијата. Склопени се безброј пријателства меѓу оној што поучувал и оној што бил поучуван. Обично, за да им помогнеме на луѓето да ја разберат вистината треба да планираме редовно да ги поучуваме, и тоа во текот на период од неколку месеци. Меѓутоа, објавителите на Царството се спремни да ја направат таа жртва затоа што сфаќаат дека во прашање се животи (Јован 17:3). Неизмерна радост е кога гледаме дека луѓето ја прифаќаат вистината, живеат во склад со неа и го користат својот живот за да ја вршат Јеховината волја!

„За него зборуваа добро“

6, 7. а) Зошто Павле го избрал Тимотеј да патува со него? б) Каков напредок бил очигледен кај Тимотеј?

6 Кога апостолите Павле и Сила ја посетиле Листра за време на своето второ мисионерско патување, таму сретнале еден млад човек, Тимотеј, кој имал 20-ина години. ‚За него добро зборувале браќата во Листра и во Иконија.‘ Мајка му на Тимотеј, Евника, и баба му Лоида биле христијанки, но татко му не ги делел нивните верувања (2. Тим. 1:5). Можно е Павле да се запознал со ова семејство кога првпат бил во тој крај, две години претходно. Но, сега посебно се заинтересирал за Тимотеј затоа што станал извонреден млад човек. Така, со одобрување од локалното старешинство, Тимотеј му станал помошник на Павле во мисионерската служба. (Прочитај Дела 16:1-3.)

7 Тимотеј имал многу да учи од својот постар пријател. И толку научил што, по некое време, Павле можел со доверба да го испрати да ги посетува собранијата како негов претставник. Во текот на 15-те години што ги поминал заедно со Павле, од неискусно и можеби срамежливо момче, Тимотеј напредувал и станал многу добар надгледник (Фил. 2:19-22; 1. Тим. 1:3).

8, 9. Како можат членовите на собранието да ги поттикнуваат младите да напредуваат? Наведи пример.

8 Многу млади во христијанското собрание денес имаат голем потенцијал. Ако духовно зрелите објавители ги поттикнуваат да напредуваат и се грижат за нив, овие млади луѓе ќе сакаат и ќе бидат спремни да прифатат поголеми одговорности во собранието. Разгледај го малку своето собрание. Има ли некои млади кои би можеле да служат во поголема мера, како што служел Тимотеј? Со твоја помош и поттик тие би можеле да станат пионери, бетелски слуги, мисионери или патувачки надгледници. Како би можел да им помогнеш да си постават такви цели?

9 Мартин, кој веќе 20 години служи во Бетел, со благодарност се сеќава на вниманието што му го посветил еден покраински надгледник пред 30 години, кога заедно биле во служба. Надгледникот зборувал одушевено за времето кога, како помлад, служел во Бетел. Го поттикнал Мартин да размисли дали би можел да служи во Јеховината организација на сличен начин. Мартин смета дека овој значаен разговор многу влијаел врз одлуките што ги донел подоцна. Што знаеш, можеби и ти би можел да направиш нешто слично за младите ако разговараш со нив за теократски цели.

„Тешете ги потиштените“

10. Како се чувствувал Епафродит, и зошто?

10 Епафродит тргнал на долго и напорно патување од Филипи до Рим за да го посети апостол Павле, кој бил во затвор поради својата вера. На ова патување бил испратен како претставник на собранието во Филипи. Освен што му донел дар на апостолот, планирал и да остане со него за да му помага во таа тешка ситуација. Но, додека бил во Рим, Епафродит се разболел „речиси до смрт“. Сметајќи дека не успеал да ја изврши својата задача, Епафродит бил многу потиштен (Фил. 2:25-27).

11. а) Зошто не треба да нѐ изненади ако некои во собранието се потиштени? б) Каков совет дал Павле во врска со Епафродит?

11 Денес луѓето можат да бидат потиштени од најразлични причини. Според статистичките податоци на Светската здравствена организација, секој петти човек на Земјата страда од депресија во некој период од својот живот. Јеховините слуги не се исклучок од тоа. Проблемите поврзани со грижата за семејството, лошото здравје, обесхрабрувањето поради сопствените слабости или други фактори можат да придонесат некој да се чувствува потиштено. Што можеле да направат Филипјаните за да му помогнат на Епафродит? Павле им напишал: „Пречекајте го со сета радост како што ги пречекувате сите што се во единство со Господарот. Почитувајте ги таквите како него, бидејќи, поради делото на Господарот, тој беше сосема близу до смртта, изложувајќи го својот живот на опасност, за да го надомести тоа што вие не сте тука за да ми послужите“ (Фил. 2:29, 30).

12. Што би можело да им биде утеха на потиштените?

12 И ние треба да ги храбриме браќата што се обесхрабрени или потиштени. Сигурно има позитивни работи што можеме да ги кажеме за нивната служба за Јехова. Можеби направиле големи промени во животот за да станат христијани или за да служат полновремено. Ние ги цениме тие напори и можеме да ги увериме дека и Јехова ги цени. Иако поради старост или влошено здравје некои верни браќа и сестри не можат да прават онолку колку што правеле претходно, тие сепак ја заслужуваат нашата почит поради годините што ги поминале во службата. Сеедно од која причина се потиштени, советот на Јехова до сите свои верни слуги е: „Тешете ги потиштените души, помагајте им на слабите, бидете долготрпеливи со сите“ (1. Сол. 5:14).

„Спремно простете му и утешете го“

13, 14. а) Каква сериозна мерка презело собранието во Коринт, и зошто? б) Каков бил резултатот од тоа?

13 Во првиот век, еден член на собранието во Коринт вршел блуд и не се каел за тоа. Неговото однесување било закана за чистотата на собранието, а ги шокирало дури и неверниците. Затоа, сосема е разбирливо што Павле советувал тој човек да биде отстранет од собранието (1. Кор. 5:1, 7, 11-13).

14 Таа дисциплинска мерка дала добри резултати. Собранието било заштитено од расипано влијание, а грешникот се вразумил и искрено се покајал. Бидејќи тоа го покажал и со своите постапки, во своето второ писмо Павле му укажал на собранието дека тој човек треба повторно да биде примен. Но, тоа не било сѐ. Павле уште кажал и дека сите во собранието треба ‚спремно да му простат и да го утешат, за да не го скрши преголемата жалост‘. (Прочитај 2. Коринќаните 2:5-8.)

15. Како треба да гледаме на грешникот кој се кае и повторно е примен во собранието?

15 Што учиме од овој извештај? Многу е жално кога некој треба да биде исклучен. Можеби му нанел срам на Божјето име и го извалкал угледот на собранието. Можеби дури ни згрешил и нам лично. Сепак, кога старешините што се назначени да го разгледаат неговиот случај ќе одлучат, во склад со упатствата од Јехова, дека грешникот кој се кае треба повторно да биде примен во собранието, тоа покажува дека Јехова му простил (Мат. 18:17-20). Зарем не треба и ние да го следиме Неговиот пример? Ако сме груби и не сакаме да простиме, тоа би било како да му се противиме на Јехова. За да има мир и единство во Божјето собрание и за да ја имаме наклоноста на Јехова, зарем не треба ‚да му покажеме дека го сакаме‘ на грешникот кој вистински се кае и кој повторно е примен во собранието? (Мат. 6:14, 15; Лука 15:7).

„Зашто ми е корисен“

16. Зошто Павле бил разочаран од Марко?

16 Еден друг библиски извештај покажува дека не треба да држиме негативни чувства кон оние што нѐ разочарале. На пример, Јован Марко многу го разочарал апостол Павле. Како? Кога Павле и Варнава тргнале на своето прво мисионерско патување, Марко пошол со нив за да им помага. Но, по некое време и од непознати причини, Јован Марко ги напуштил и се вратил дома. Павле бил толку разочаран од ваквата негова одлука што, кога го планирал второто патување, се скарал со Варнава околу тоа дали Марко треба пак да појде со нив или не. Земајќи го предвид она што се случило на првото патување, Павле не сакал Марко да оди со нив. (Прочитај Дела 13:1-5, 13; 15:37, 38.)

17, 18. Од каде знаеме дека било решено несогласувањето меѓу Павле и Марко, и што можеме да научиме од тоа?

17 Очигледно, Марко не дозволил претерано да се обесхрабри од реакцијата на Павле, затоа што продолжил со мисионерската служба на друго подрачје заедно со Варнава (Дела 15:39). Дека се покажал верен и достоен за доверба се гледа од она што Павле го напишал за него неколку години подоцна. Павле, кој тогаш бил затвореник во Рим, му напишал писмо на Тимотеј во кое го повикал да дојде во Рим. Во истото тоа писмо, уште напишал: „Земи го Марко и доведи го со себе, зашто ми е корисен за службата“ (2. Тим. 4:11). Да, Павле стекнал добро мислење за Марко.

18 Од овој извештај можеме да научиме нешто. Марко развил особини на добар мисионер. Не се спрепнал од тоа што Павле не сакал да го поведе со себе. И тој и Павле биле духовни мажи, и меѓу нив не останала трајна нетрпеливост. Напротив, подоцна Павле го сметал Марко за драгоцен помошник. Затоа, кога браќата ќе ги надминат несогласувањата и кога проблемите ќе поминат, најдобро е да го остават тоа зад себе и да продолжат да им помагаат на другите да напредуваат духовно. Позитивниот став го изградува собранието.

Собранието и ти

19. Како можат сите во христијанското собрание да си помагаат еден на друг?

19 Во овие „особено тешки времиња“, потребна ти е помошта од твоите браќа и сестри во собранието, а и ним им е потребна твојата помош (2. Тим. 3:1). Понекогаш, некои христијани можеби не знаат како да се справат со одредена ситуација, но Јехова знае. Тој може да користи различни членови на собранието — вклучувајќи те и тебе — за да им помогне на другите да одат по исправниот пат (Иса. 30:20, 21; 32:1, 2). Затоа, сериозно сфати го советот на апостол Павле! Да продолжиме ‚да се тешиме меѓусебно и да се изградуваме еден со друг, како што веќе и правиме‘ (1. Сол. 5:11).

Како ќе одговориш?

• Зошто во христијанското собрание е потребно да ги изградуваме другите?

• Во врска со какви проблеми би можел да им помогнеш на другите?

• Зошто ни е потребна помошта од другите во нашето собрание?

[Слика на страница 11]

Да им се најдеме на нашите браќа и сестри кога им е потребна помош

[Слика на страница 12]

Многу млади во христијанското собрание имаат голем потенцијал

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели